Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

17.11.2009
Метамфетамините „чекаат“ жртви

Дневник

 

Метамфетамините „чекаат“ жртви

 

Полицајците од Единицата за борба против недозволената трговија со дрога и оружје запленија досега рекордно количество од синтетичката дрога метамфетамин, една од најопасните дроги воопшто

Синтетичката дрога метамфетамин во Македонија се продава како да е екстази, иако станува збор за една од најопасните дроги воопшто која го разорува нервниот систем, предупредуваат од Единицата за борба против недозволената трговија со дрога и оружје.

Според полицајците, ниту дилерите ниту зависниците знаат што продаваат или купуваат кога станува збор за синтетичките дроги.

Полицајците од оваа Единица од година во година откриваат се' поголемо количество синтетички дроги, а неделава запленија и рекордно количество метамфетамин. Оваа дрога првпат била запленета од македонската полиција во 2007 година.

Според официјалните податоци на МВР, освен 2.263 таблети метамфетамин одземени пред неколку дена од скопски дилер, полицијата годинава расветлила повеќе случаи на шверц на синтетички дроги, а запленила и 2.493 таблети екстази, 248 таблети и 10 грама амфетамини.

Пазарот со синтетички дроги, односно дрогите од типот амфетамински стимуланси - екстази, амфетамини и метамфетамин, вртоглаво расте во светски рамки и се заканува да го преземе приматот од кокаинот и од хероинот како најтргувани дроги во светот, предупредува Канцеларијата за дроги и криминал на ООН (УНОДЦ) во својот последен извештај. Бројот на корисниците на овие дроги е околу 51 милион лица, од кои 24 милиони користат екстази. Во источна и југоисточна Азија најмногу употребуваат метамфетамини, а на Средниот и на Блискиот Исток, исто како и во Европа, најмногу се користат амфетамините и тоа таблетите „каптагон“. Во САД речиси половина од зависниците од синтетики дроги користат метамфетамини.

Отров за мозокот

Метамфетамините, исто како и амфетамините и екстазито, се стимуланси, кои имаат разорно дејство врз централниот нервен систем. Заедничко за сите е дека се подготвуваат едноставно, од состојки што се евтини и лесно се набавуваат. Метамфетамините имаат сличен хемиски состав со амфетамините, а за разлика од екстазито, тие побрзо создаваат зависност и ја зголемуваат агресивноста кај корисниците.

Во Единицата за борба против недозволената трговија со дрога и оружје сметаат дека е особено опасно што најголемиот број дилери во земјава не ги распознаваат синтетичките дроги и сите ги третираат и продаваат како екстази.

Една таблета екстази се продава по релативно ниска цена по која зависниците купуваат и амфетамини или метамфетамини, кои се далеку поопасни.

- Корисникот купува таблети со одредено лого мислејќи дека е екстази, а како такво му го продава дилерот, па откако ќе го консумира очекува и ефектот да биде ист. Бидејќи дејството на метемфетаминот почнува подоцна, а трае подолго, корисникот најчесто зема уште една таблета мислејќи дека станува збор за екстази и се предозира - велат инспекторите.

Метамфетаминот предизвикува забрзано чукање на срцето и зголемен притисок, што може да доведе до непоправливи оштетувања на крвните садови во мозокот и да предизвика мозочен удар.

Во почетокот метамфетаминот ослободува големи количества на невротрансмитерот допамин, што ги поттикнува мозочните ќелии и на корисникот му го зголемува расположението и го прави хиперактивен. Меѓутоа, по долго консумирање на оваа дрога опаѓа нивото на допаминот, што предизвикува симптоми слични на тие кај Паркинсоновата болест.

Поевтин и поопасен од кокаинот

Лаборатории за производство на метамфетамини во Европа има во Чешка, Молдавија и во Словачка, а на амфетамини има низ цела Европа. Екстазито најмногу се произведува во Холандија.

Во Македонија се продава тоа што останало, а поради тоа дилерите ја намалуваат цената на овие дроги. Инспекторите предупредуваат дека поради релативно евтината цена, метамфетамините и амфетамините лесно би станале достапни за голем број млади луѓе, што би било погубно за нив. По падот на цената следува и пад на квалитетот, што исто така се одразува врз здравјето на корисниците.

Според полицијата, метамфетамините и амфетамините најчесто ги користат студентите кога учат, бидејќи дејството им е долго и трае до 12 часа, па не мора да спијат. Најзагрозени се лицата под 18 години, бидејќи тие полесно губат контрола и побрзо се навлекуваат на метамфетаминот.

Оваа дрога во сленг се нарекува „мет“ и е бел кристален прав без мирис, со горчлив вкус, лесно растоплив во вода или во алкохол. Метамфетамините се појавуваат во две форми, првата наречена „ајс“ односно во форма на кристали од мраз, а втората е позната како „кранк“, односно бело-кафеав прашок.

Дрогата може да се зема орално во вид на таблети, исто како екстази, да се вшмркува или да се зема интравенозно. Дрогата го менува расположението во зависност од начинот на кој се користи. Метамфетаминот, исто како и амфетаминот, е психостимулансна дрога каква што е и кокаинот, но е многу поевтина и има поразорно дејство врз мозокот.

За разлика од кокаинот, кој побрзо исчезнува и речиси во целост се метаболизира во телото, метамфетаминот подолго дејствува и поголем процент од дрогата останува непроменет во телото и во мозокот.

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk