Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

16.11.2009 Расте бројот на сообраќајните незгоди во земјава, покажува статистиката на МВР
Во првите девет месеци во сообраќајки загинале 120 лица

Утрински весник

Во првите девет месеци во сообраќајки загинале 120 лица

 

Расте бројот на сообраќајните незгоди во земјава, покажува статистиката на МВР

 

Расте бројот на сообраќајните несреќи во кои има загинати или повредени лица. Статистиката на МВР за првите девет месеци од годинава покажува дека 120 лица ги загубиле животите во 3.247 тешки сообраќајки, што е за 25 проценти повеќе од истиот период лани, а со повреди се здобиле околу 5.000 лица. Логички, најголемиот дел од несреќите се случиле во Скопје (43 загинати), по што на црната листа следуваат Прилеп (9), Битола и Куманово со по седум, Тетово и Струмица со пет, Охрид со тројца загинати итн.

Околу 70 проценти од несреќите се случиле во населени места, а најмногу се судираат возила во движење. Според статистиката, најмногу незгоди со настрадани лица се случиле во јули - 471 незгоди, во август - 436 незгоди, во јуни - 433 незгоди... По денови, најцрни се петоците, четвртоците и вторниците. По часови, најмногу жртви има во периодот од 16 до 19 часот.

Дури 93 проценти од сообраќајките биле предизикани од возачите и тоа поради брзо возење, непочитување на правилата за првенство на минување, непрописни движења и свртувања, како и правец на движење, непрописно престигнување, возење под дејство на алкохол...

Техничката неисправност на возилата била причина за случување на 14 сообраќајни незгоди со настрадани лица. Најмногу страдаат возачите и пешаците.

Во МВР напоменуваат дека поради спречување на сообраќајната деликвенција, во деветте месеци од 2009 година биле напишани 256.167 репресивни мерки против прекршителите на сообраќајните правила и биле одземени 3.754 возачки дозволи.

Скопје вчера го одбележа Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, кон кој Македонија се приклучи за првпат. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) на плоштадот „Македонија“, во соработка со повеќе институции, делеше едукативен и информативен материјал од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата, а практично беа демонстрирани мерки за заштита и помош при сообраќајна незгода. Беше извршена презентација на едно од шесте таканаречените возила „ловци“ кои на самото место го фотодокументираат сторениот прекршок. Претседателот на РСБСП, Никола Ангеловски оцени дека македонските патишта се безбедни, но голем дел од незгодите настануваат поради непочитување на пропишаната брзина на движење.

Сообраќајните незгоди се причина за смрт на 1,3 милиони луѓе годишно во светот и за повреди на најмалку 50 милиони.

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk