Нова Македонија
Лисици и фотографии за страв!
Јасно е дека публицитетот на јавното приведување во земја како Македонија е многу битна работа и не може да се заобиколи. Искуството и практиката покажуваат дека во земјите на ЕУ, но и во светот, се применуваат исти аршини при апсењата и ретко се запазуваат пресумцијата на невиност и човековите права
Спектакуларните полициски апсења на партиски функционери, директори и јавни личности, нивното спроведување пред истражен судија со лисици на рацете и во присуство на голем број новинарски екипи дополнително редовно ги бранува домашната јавност и експертите, кои имаат поделени мислења околу исправноста на постапките на МВР. Проблемот лежи во дилемата дали воопшто е потребно лицата уапсени за криминал што не содржи насилство да бидат врзани со лисици.
Едни сметаат дека со тоа се нарушуваат основните човекови права, а други дека тоа е настан од јавен карактер и оти останува на медиумите да одлучат и да проценат дали ќе го обелоденат.
Засега, јасно е дека публицитетот на јавното приведување во земја како Македонија е многу битна работа и не може да се заобиколи.
Искуството и практиката покажуваат дека во земјите на ЕУ, но и во светот, се применуваат исти аршини при апсењата и ретко се запазуваат пресумцијата на невиност и човековите права.
Сепак, кога станува збор за јавна личност, без разлика дали е политичар, директор, спортист, актер или пејач, јасно е дека тој со стекнувањето на „славата“, намерно или не, се откажал од правото на приватност.
Како за пример може да се наведат Велика Британија, Франција и САД, па и Италија, каде што апсењата на јавни и важни личности најчесто ги има на сите телевизии и во сите печатени медиуми. Сепак, во Британија ретко се случува лица уапсени за криминал што не содржи насилство да бидат спроведувани со лисици, а понекогаш апсењата се вршат во договор со адвокатите на обвинетиот, односно се врши апсење „со закажување“. Спротивно на овој начин е во САД, каде што неизбежно сите уапсени се со лисици на рацете, а неретко и со синџири на нозете. Во Италија во живо беа пренесувани спектакуларните апсења на високи функционери на неколку фудбалски клуба, но и на десетици криминални боса, кои јавно беа носени пред истражните судии со лисици на рацете. Како пример може да се наведе и случајот со австрискиот монструм Јозеф Фрицл, чија слика само неколку часа по приведувањето го обиколи светот.
Тука доаѓаме до прашањето за медиумите и човековите права. Повеќето експерти сметаат дека јавноста при апсењето е многу важна за безбедноста на обвинетиот. Според нив, медиумите треба да објават за апсењето на такви лица и со самото тоа е заштитен, бидејќи не ретко се случува, особено во некои тоталитарни земји, уапсените да исчезнат.
На ваквата ситуација, од МВР велат дека во целост ги почитуваат со Устав загарантираните човекови права и оти не се точни обвинувањата за смислени медиумски приведувања на јавни личности од страна на опозицијата. Оттаму велат дека приведувањата се вршат крајно професионално и според прописите предвидени во Законот за полиција. Според МВР, во ниту еден случај Министерството не тврдело дека станува збор за обвинето лице, туку само за осомничено, поткрепувајќи ги официјалните изјави со делови од истрагата.
Во врска со прикажувањето на осомничените со лисици на рацете, во Законот за полиција јасно и недвосмислено стои дека лисиците се користат по процена на полицајците, односно поради можноста и ризикот за бегство. Овој сегмент од спектакуларните приведувања стана практика и досега секогаш се применуваше, како што беше пример во случаите на Заев, Ќука и Заревски.
Спротивно од практиката на МВР, членот 29 од Законот за полиција вели дека овластените службени лица не треба приведените да ги изложуваат на јавна љубопитност.
Исход или публицитет?
Според професорката Слаѓана Тасева, кај нас се злоупотребува целиот тек на постапката за градење на случајот и приведувањето, со самото тоа што добиваат огромен публицитет уште пред случајот да има судски почеток или завршница.
- Во земјите од ЕУ најбитно е постапката за собирање докази и обезбедувањето сведоци да биде завршена пред осомниченото лице да биде приведено, што не е случај и кај нас. Во тие земји многу ретко се случува да падне случајот на суд. Во земјава, пак, лицата се приведуваат уште пред да бидат обезбедени сите неопходни докази и изјави. Исто така, кај нас е многу побитен публицитетот отколку исходот на случајот. Со самиот публицитет се нарушуваат основните човекови права. Во ред е доколку медиумите имале информација дека некој ќе биде изведен пред истражен судија, но не е во ред тој човек да биде држен неколку часа во комби, со цел да се соберат што повеќе медиуми пред судот - вели Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспарентност - нулта корупција“.
Медиумите нека бојкотираат!
Проблемот може да се лоцира и кај самите медиуми, бидејќи без нивното присуство и пренесување, приведените никогаш не би биле покажани во јавноста.
Ова е ставот на поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Михајловски-Џанго, според кого МВР ги врши приведувањата крајно професионално и според процедурите предвидени во Законот. Според Михајловски, проблемот е во односот меѓу МВР и медиумските куќи.
- Самиот чин на приведување на осомничено лице е регулиран со закон и е крајно испочитуван од полициските службеници. Проблемот што се јавува кај нас, а е во врска со јавното откривање на идентитетот, резултира со политиката на медиумските куќи. Од една страна, тие го критикуваат односот на МВР кон осомничениот, а од друга страна, по секоја добиена информација за таков настан, испраќаат екипи да известуваат - вели Михајловски.
На ова мора да се додаде дека со самото изведување пред истражен судија не завршува медиумското покривање на случаите, бидејќи Врховниот суд во најголемиот број случаи дозволува медиумско следење на судскиот процес. Така во јавноста беа прикажани обвинетите од Бродец, бандитите на Агим Красниќи, градоначалникот на општината Аеродром Кирил Тодоровски, но и многу други тешки криминалци и убијци.
Распит на сведоци околу набавките на лекови
Петнаесетдневен притвор за Ѓорѓи Тренкоски и за Весна Огненовска е одлуката на истражниот судија во скопскиот Основен суд 1. Одлуката за притвор е базирана врз фактот што двајцата обвинети можат да влијаат врз сведоците во процесот. Веднаш по распитот Тренкоски и Огненовска беа спроведени во истражниот затвор „Скопје“ во населбата Шутка.
Во текот на вчерашниот ден во скопската единица беа сослушувани сведоците во присуство на обвинител и адвокатите на обвинетите.
- Одлуката за притвор е поради опасноста од влијаење врз сведоци. Денеска се врши распит на сведоците. Во интерес на истрагата за детали не можам да ве информирам - изјави Ненад Јанаќиевиќ, адвокат на Тренкоски.
Од „Фармакорп“, еден од сопствениците на „Градска аптека“ вчера не сакаа да зборуваат за случајот. Без коментар беа и од „Алкалоид“, кои имаа дел од сопственоста на „Градска аптека“.
- Има законски институции на системот, кои ќе го решат случајот. Верувам во нив. Сопствениците не одговараат. Аптеките си имале управител - изјави Благоја Механџиски, сопственик на „Зегин“, која има удел во „Градски аптеки“.
Истрагата за случајот почна по бранувањата во јавноста околу приватизацијата на „Градска аптека“ и штрајкот на вработените. Таа била водена од финансиската полиција на која и асистирале УЈП и МВР.
Како што веќе информиравме, според кривичните пријави Тренкоски, поранешен директор на Фондот за здравство, и Огненовска поранеше управител на „Градска аптека“ се товарат за финансиски малверзации поврзани со набавка на лекови тешки околу 27 милиони денари.
Според кривичната пријава, финансиските малверзации биле изведени во почетокот на 2007 година, кога Фондот за здравство двапати платил набавка на едни исти лекови. Првиот пат парите легнале на сметка на доставувачите на лековите, а вториот пат идентичната сума на пари била исплатена на „Градска аптека“. Токму во тој период „Градска аптека“ се трансформира од јавна во приватна здравствена установа, а нејзин управител беше Огненовска. Тренкоски не склучил спогодба со која резервите со лекови од јавната здравствена организација биле пренесени како резерва на лекови на приватизираната установа и потоа ги платил повторно.
О.Ч.- Н.Б.
Како работи лондонската полиција
Лондонската полиција во своето работење избегнува да ги објавува идентитетот и фотографиите на осомничените, но сепак не ги спречува новинарите да си ја вршат својата должност пред судовите, бидејќи тоа се јавни места и снимањето е дозволено. Лондонските полицајци често ги снимаат своите акции, но снимките што потоа се даваат на јавноста се со заматени ликови. Лисиците ги користат кога е неопходно.
Разликата меѓу нив и МВР е тоа што тие никогаш не организираат прес-конференции за нивните акции и приведувања.
- Што се однесува до нас, не именуваме никој што не е обвинет. Ако некој е уапсен за потребите на сослушување, името не се соопштува. Ако потоа биде пуштен без обвинение, името не се соопштува. Идентитетот се соопштува само кога личноста е обвинета. Обично ние не приложуваме фотографија од обвинетиот заедно со обвинението. Во практика, не би одржале прес-конференција, или, пак, не би помогнале при организирањето на конференција за нечие апсење. Во некои случаи носиме камери при апсење, се снима акцијата, и ако снимката потоа биде емитувана, тоа обично се прави со пикселизирани, скриени ликови. Има случаи на фотографирање при апсење и објавување на нивните фотографии, тоа не е невозможно, но од наша страна тоа се прави само ако бидат обвинети. При спроведување во суд веројатно е дека обвинетиот ќе го фотографираат со полициска придружба. Ние не би повикале новинари на спроведувањето, но воедно не би ги ни избркале, односно не би поставиле ограден коридор околу судот за да спречиме фотографирање, бидејќи за нас судот е јавно место. Што се однесува до лисиците, нивната употреба зависи од случај до случај. Обично во случаи на обична измама не ги користиме, но сепак зависи од поединците. Можно е и лица што се обвинети за ненасилно злосторство да се обидат да побегнат од рацете на полицијата. Мора да се процени ризикот и зависи од човек до човек - велат од лондонската Метрополитен полиција.
Медиумите со дистанца од политичката пропаганда
Боб Сачвел, извршен директор на „Здружението на уредниците“ на Британија, организација со 400 члена од разни медиуми, која се бори за заштита на слободата на медиумите, слободата на изразот и постигнувањето на високи уреднички стандарди, смета дека најбитно е коректното известување и учество во целокупната кампања насочена кон сузбивањето на криминалните појави.
- Важно е медиумите да не бидат дел од политичката пропагандна машина, да се поставуваат прашања до властите дали јавните апсења имаат за цел да се постигне пропаганден ефект, или, пак, има и суштинска потреба од тоа. Новинарите природно треба да се скептични кон секој потег на Владата и на полицијата, да бидат подготвени да ги критикуваат и да прашуваат зошто некој безопасен доктор, на пример, мора да биде во лисици. Јасно е дека медиумите треба да бидат дел од пропагандната кампања, ако нејзина цел е да се испрати порака до криминалците. Притоа тие мора да ги поставуваат и незгодните прашања до властите, а политичарите мораат да ги оправдуваат своите постапки - вели Сачвел.
Искуствата од Велика Британија покажуваат дека дел медиуми би ги критикувале ваквите апсења, а други би ги поздравиле, што е знак на здраво општество и на вистински медиуми.
- Ако е иста состојбата и кај вас, мислам дека тоа е показател дека медиумите се развиваат на здрав начин. Повеќе би сакал да видам медиуми во кои има разни и спротивставени мислења, отколку ситуација во која сите медиуми се согласуваат - додава Сачвел.