Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

04.11.2009
Концепт на партнерство меѓу полицијата и заедницата

МИА

 

Концепт на партнерство меѓу полицијата и заедницата

 

Скопје, 3 ноември (МИА) - Справување со зависностите од дрога, алкохолизам кај малолетници, малолетничка деликвенција, безбедност на училиштата и други јавни објекти, како и безбедност на патиштата во општините, се само дел од темите кои се во доменот на работата на Советодавните групи на граѓани (СГГ) и на Локалните совети за превенција (ЛСП).

Овие два механизма покрај нововоспоставената структура - Одделнието за превенција при МВР, се темелите на концептот на соработка на полицијата со заедницата познат како „Community policing“, кој бележи една година како е воведен во Македонија со последните измени во Законот за полиција. Негова основна цел е градење на имиџот на полицијата преку работење во согласност со демократските стандарди во оваа област и во соработка со локалната самоуправа и граѓаните. Советодавните групи на граѓани, се клучната алатка на непосредната комуникација на граѓаните со полицијата.

Воведени се прв пат во кризните региони по 2001 гиодина, но поради добрите резултати, тие се проширени на целата држвата и во моментов на територијата на Македонија функционираат 140 вакви групи. На нивните состаноци присуствуваат претставници од засегнати страни, граѓани и претставници од локалната самоуправа на кои се дебатира за безбедносни или други прашања, се анализираат и се утврдуваат мерки за нивно разрешување, вели Славе Витанов началник на Одделението за превенција при Бирото за јавна безбедност на МВР. Иницирани се главно од полициски службеници, односно полицајците за превенција и инспектори за превенција при единиците за превенција кои согласно новиот систем на организација од јули 2008 година се координираат од централата на МВР, а се присутни во сите полициски станици.

- Идејата и замислата ни е да го вратиме стариот имиџ на маалскиот позорникар кој што покрај сите обврски, едно од задолженијата ќе му биде да соработува со градинките, школите, со средните улилишта и факултети на своето подрачје, со владини и невладини институции и со претставници на локалната самоуправа на секојдневна основа со цел да ги осознае нивните проблеми и заедно со инспекторот за превенција да бараат начини и форми на решвање на тие проблеми. Не станува збор за нов концепт, туку за идеја која се надоградува и прилагодува на постојните општествени услови, рече Витанов.

Тој посочи и на низата успешно спроведените кампањи за превенција организирани од Одделението за превенција при СВР Скопје, но и во другите СВР-а меѓу кои и за заштита на шумите од пожари, за заштита на граѓаните од провални кражби., за насилството во школите со мешан етнички состав, за борба против сексуалната злоупотреба на деца и други.

- По спроведувањето на кампањата против насилство на меѓунаципнална основа во Гази Баба и Карпош, тепачките во училиштата во тие општини драстично се намалија. Ако во претходната година имавме 15 такви инциденти, тие се сведоа на еден, два, рече Витанов. Ваквите кампањи засега се финасирани од локалната самоуправа и станува збор за минимални средства за изработка на флаери, за трибини и други материјали со кои граѓаните се информираат за превенирање на одредени прашања .

Според началникот на оделението за превенција во СВР Битола Магдалена Димитровска, на подрачјето на Секторот со 250.000 жители, именувани се инспектори за превенција во сите полициски станици на тоа подрачје, во тек е обуката на полицајците за превенција, а имаат вкупно 24 советодавни групи и една тематска со ромските граѓани. Контакти и соработка се воспоставени со општината и училиштата каде главно активностите се во форма на предавања и проекти како „Безбедно училиште безбедно во домот“ за сообраќајно воспитување и предупредување од опасноста на дрогата, алкохолот и останатите пороци, а особен успех имаат во воведувањето во матичната евиденција на непријавените ромски деца .

- Имаме многу работа. Од почетокот не бевме сериозно сфатени, но упорни сме, истакнува Димитровска.

Правната рамка за воспоставување на Локален совет за превенција ја дава Законот за локална самоуправа и Законот за полиција, но се формира доброволно, односно на иницијативноста на градоначалниците, а негови членови по функција се командирот на полициската станица и заменикот јавен обвинител. Акцентот во неговото постоење е ставен на новата улога на општините и на градоначалникот со децентралициајта, кои се смета дека не можат да функционираат без поддршка и кординација со државните тела и граѓаните. Концептот е изграден на искуствата од повеќе западноевропски земји и е креиран во соработка со МВР и ЗЕЛС, а значи градење партнерство, координација, и да се биде на услуга на граѓаните, да се одговори на нивните потреби, вели Роберт Пазос раководител на Одделението за развој на заедници - соработка меѓу полицијата и заедницата при ОБСЕ која го помага проектот на „Community policing“. Тој смета дека имплементацијата на локалните совети за превенција се одвива добро бидејќи се основани во 77 од вкупно 84 општини, од кои повеќето го имале својот прв или втор состанок и се обиделе да решат некои локални проблеми.

- Во моментов се концентрираме на преостанатите седум општини да ја прифатат идејата, како и на тоа проектот да биде долгорочно одржлив, вели Пазос.

Токму тоа, додава, е целта и на серијата работилници што ОБСЕ ги почна во октовмри, на кои во следните два месеца до декември, треба да се обучат околу 800 градоначалници, припадници на оделенијата за превенција во полицијата, но и граѓани во сите осум сектори на МВР.

- Главната порака е дека сите страни треба да соработуваат бидејќи има безбедносни проблеми кои ги засегаат сите, како дрогата, малолетничка деликвенција, алкохолизмот, проблеми во сообраќајот, а една институција сама не може да го реши проблемот. Потребна е заедничка работа оти само така ќе можат значајно да ги редуцираат проблемите или да ги превенираат, се согласуваат учесниците на работилницата што се одржува во Битола.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk