Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

03.11.2009
Се намалува црниот арсенал во Македонија

Нова Македонија

 

Се намалува црниот арсенал во Македонија

 

Најголемиот дел притворени трговци и поседувачи на нелегално оружје биле на возраст меѓу 26 и 35 години Пиштолите и автоматските пушки сé уште се најзастапени во црните арсенали на криминалните групи, но и на обичните граѓани на државата.

Ова го покажуваат анализите на МВР за изминатите девет месеци од годината, според кои од вкупно 213 парчиња запленето нелегално оружје, 94 се пиштоли, а 37 отпаѓаат на автоматски пушки. На црниот список на запленет арсенал се ловните пушки - 23, потоа 17 рачни бомби, 14 револвери, а во судските и полициски депоа завршиле и четири парчиња, рачно изработени пушки и пиштоли, по три полуавтоматски пушки и гасни пиштоли, два автомати и еден пушкомитралез. Оружје не оди без муниција, па така во овој период биле запленети и над 12.000 парчиња муниција, 193 детонаторски каписли, 37 ракети и едно парче експлозив.

Убиства, оружени грабежи, пукање на свадби се само дел од случаите во кои кумувало нелегалното оружје запленето во текот на оваа година.

Полицијата во овој период привела вкупно 193 лица кај кои било најдено нелегално оружје и против нив биле поднесени точно 172 кривични пријави, што е за дваесетина помалку во однос на деветте месеци од минатата година. Според статистките на МВР, лани нивните екипи имале поголем успех и заплениле 63 парчиња оружје повеќе.

Најголем дел од оружјето бил запленет во организирани акции при претреси на домовите на осомничените. Така, за девет месеци полицајците извршиле над шеесет претреси во куќи и станови, а во 35 наврати оружје било најдено во рутински контроли на возила, менувачници и канцеларии на фирми и институции.

Една од поголемите акции на МВР беше изведена во мај, кај скопското село Студеничани, кога полициските екипи разбија петчлена организирана група. Во акција беа приведени двајца од групата, а при претрес на нивното возило полицијата заплени осум автоматски пушки, пушкомитралез и 79 парчиња муниција.

Според МВР, дел од запленетото оружје било употребено и како доказен материјал во судските процеси, оти вештачењата на крим-техничарите на МВР покажале дека тоа било употребено во три убиства, два обиди за убиство и 23 разбојништва.

Загрижува податокот што во полициските акции биле уапсени девет малолетници, кај кои бил најден црн арсенал. Инаку анализите велат дека најголемиот дел притворени трговци со оружје биле на возраст меѓу 26 и 35 години. Над половина, или точно 117 сопственици на нелегален арсенал, биле вработени.

Она што веќе неколку години останува непроменето во откривањето нелегално оружје е тоа што пиштоли, пушки, рачни бомби и муниција биле најмногу запленети во Скопје, точно 58 парчиња, потоа Тетово со 20 и трет на црниот список е Гостивар, од каде што во полициските депоа завршиле 19 парчиња.

Покрај кривичните пријави, во изминатите девет месеци, МВР поднела точно 302 барања за прекршочна постапка против 320 граѓани што нелегално поседувале и носеле оружје. Во овие случаи, пак, биле запленети 205 паричиња разновидно оружје, од кое, како по правило, најмногу пиштоли, 106 стартни пиштоли, 27 воздушни пушки, 26 гасни пиштоли, 23 пиштоли и 16 ловни пушки, ловни карабини и над 650 куршуми и околу 13.000 петарди.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk