Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

28.10.2009
Традицијата на семејното насилство е вкоренета во Македонија

Нова Македонија


Традицијата на семејното насилство е вкоренета во Македонија

 

Половина од жртвите на семејно насилство сметаат дека нивниот партнер или сопруг има право да ги истепа во одредени околности

Ја претепал сопругата оти го разбудила рано наутро за да одат да работат на имотот, со години психички и физички го малтретирал својот брачен партнер, посегнувал по чашката, а потоа и по ременот, ја грабнал и ја натепал сопругата бидејќи сакала да се разведе од него, побегнала од сопругот-насилник и живее на улица, љубоморен маж ја застрелал својата жена, го убила мажот оти не можела да ги истрпи неговите тортури. Ова е само мал дел од случаите на семејно насилство регистрирани последниве неколку месеци во Македонија.

Најчести жртви, според неколку домашни и странски организации што се занимаваат со оваа проблематика, се брачните другари и децата..

Така, нивните анализи покажуваат дека секоја петта жена во Македонија е жртва на семејно насилство, најчесто токму од оној што треба да ја заштити - сопругот.

Според деталните полициски анализи, семејното насилство годинава бележи намалување од околу десет отсто. Парадоксот во овие статистики е тоа што семејното насилство бележи огромно намалување за околу 70 отсто само во Скопје, каде што се регистрирани најголем број случаи, додека ова зло четирикратно е зголемено во Штип, и во уште неколку града во земјава како Велес, Куманово, Битола, Струмица и во Кочани.

Константата што провејува низ овие анализи е тоа што и годинава најчести жртви на семејно насилство биле жените. Од траумите на семејното насилство не биле поштедени ниту постарите лица. Дури 43 од нив биле жртви на бесот на своите деца. Мажите се на дното на листата на жртвите, но затоа убедливо се на врвот како извршители на малтретирањата во дури 93,5 отсто од случаите. Според извештаите на полицијата и на центрите за социјални работи, насилниците најчесто дивееле во семејството, кога биле под дејство на алкохол.

Проблемот со откривањето на семејното насилство, според експертите, е сложен пред сé поради традицијата и обичаите, но и средината и околината во која живеат жртвите. Половина од жртвите на семејно насилство сметаат дека нивниот партнер или сопруг има право да ја истепа во одредени околности.

Во соработка со неколку агенции на Обединетите нации Македонија подготви национална стратегија за заштита од семејно насилство. Неодамна локалните центри за социјални работи добија одврзани раце при постапување во вакви случаи, а Министерството за труд и социјална политика формираше служби за работа со жртвите и како и засолништа за нивна заштита и згрижување.

Завчера и официјално беше промовирана кампањата „Вистинскиот маж не удира жена“ изработена од МТСП и Обединетите нации, а финансирана од амбасадата на Кралството Холандија, чија цел е едукација на населението за штетните последици од насилството во кругот на семејството. За таа цел изработени се и три промотивни видеозаписи со македонските спортски асови Кире Лазаров, Артим Шакири и Примислав Димовски.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk