Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди до Основното јавно обвинителство во Штип поднесе кривична пријава против лицата С.В. (25), главен инспектор- раководител на Отсек за недозволена трговија со дрога во СВР Штип, В.Г. (30), полицаец во ПС Штип и А.Н. (28) полицаец во ПС Штип, а поради постоење основани сомнение дека сториле кривични дела – “злоупотреба на службената положба и овластување“, “противправно лишување од слобода“, како и кривичното дело – “разбојништво“.
Пријавените минатата недела, поточно на 23.10., околу 03,15 часот, во својство на службени лица, ја злоупотребиле својата службена положба, и пречекорувајќи ги своите службени овластувања, со употреба на сила, противправно го лишиле од слобода лицето Г. К. (40) од Велес, а со намера да му земат 8.000 евра.
Имено, откако пријавените претходно дознале дека во посоченото време на патниот правец од Велес кон Кочани треба да помине оштетениот со ПМВ „Шевролет Авео“ со скопски регистарски таблички а притоа со себе да носи дрога, како и поголема сума на евра, меѓусебно се договориле така што првопријавениот С.В. и второпријавениот В.Г. со службено возило марка “Поло“ се поставиле на магистралниот пат кај Овче Поле на раскрсницата кај Свети Николе, додека третопријавениот А.Н., според меѓусебниот договор, со приватното возило марка „Мазда“, инаку сопственост на С.В. се поставил на магистралниот пат Велес-Свети Николе кај селото Сарамзалино. Неговата цел била благовремено да ги извести прво и второ пријвените за времето на минување на оштетениот со намера навремено да го сопрат.
Откако, А.Н. им дојавил дека возилото “Шевролет“ се упатило во правец на двете службени лица, С.В. и В.Г. коишто биле облечени во цивилна облека а со службени елеци со ознаки “Полиција“ на грбот, го сопреле “шевролетот“. По ова В.Г. од оштетениот ги побарал неговите возачки исправи. Истовремено, додека В.Г. му објаснувал на оштетениот дека сторил сообраќаен прекршок (не бил врзан со сигурносниот појас) и му ги запишувал лични податоци, првопријавениот С.В. го распрашувал оштетениот – “каде оди и со која намера“. Оштетениот појаснил дека патува за Бугарија со намера да купи автомобил, по што С.В. му рекол дека е сомнителен и дека ќе треба да му се изврши претрес на возилото, а на второпријавениот му “наредил“ да му ги врзе рацете со лисици зад грб, што било и сторено. По ова, С.В. го прашал оштетениот што има да пријави, и откако оштетениот одговорил дека носи 9500 евра, првопријавениот му ги извадил парите од џебот на елекот, а потоа седнал во “шевролетот“ на совозачкото седиште и од торбичката која му била во возилото ги истурил сите предмети на возачкото седиште. Во тој момент, оштетениот забележал дека меѓу предметите од неговата торбичка имало и две кесички обвиткани со целофан во кои имало некакви опаковки (едното паковање имало 6-7 пакетчиња), и веднаш почнал да реагира дека е наместен, а пронајдените предмети не се негови.
По кратката вербална расправија, двајцата пријавени го ставиле оштетениот во службеното возило, упатувајќи се во правец на Штип. Во возилото од страна на пријавените полициски службеници оштетениот бил заплашуван дека за ова ќе заглави во затвор од 3-5 години, а ако го однесат во станица ќе остане и без пари. Во еден момент, со возилото застанале на паркинг простор, при што му рекле дека ќе му вратат 1500 евра и ќе го ослободат да си оди. Така и направиле - првопријавениот му вратил 1500 евра, а 8000 евра (сите во апоени од по 500 евра), ги задржал кај себе, по што го вратиле кај неговото возило и си заминале.
По пријавувањето на случајот од страна на оштетениот СВКПС превзеде низа мерки и активности за целосно расчистување на истиот.
Од извршените проверки во СВР Штип и извршените разговори со пријавените и нивните непосредни старешини, констатирано е дека пријавените делата ги сториле по завршувањето на работното време, притоа од дежурниот полициски службеник во ПС Штип зеле светлечка стоп палка и батериска лампа, и без да ги известат старешините во СВР Штип за целите и нивните намери.
Врз основа на кривичната пријава, Јавниот обвинител од Штип покрена обвинителен акт против тројцата кривично пријавени полициски службеници, а истражен судија им изрече мерка притвор во траење од 30 дена.
Покрај кривичната пријава, од страна на СВКПС против сите тројца пријавени ќе биде изречена и задолжителна мерка до непосредниот старешина, согласно одредбите од Колективниот договор на МВР да покрене постапка за утврдување на одговорност пред надлежната Комисија за отказ, а до донесување на одлуката на Комисијата за отказ, истите со писмена одлука да бидат оддалечени од работните места.