Министерката Јанкуловска во посета на СВР Велес, каде е пуштена во употреба сала за сослушување на деца- жртви на семејно насилство Велес, 22 октомври (МИА) - Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска попладнево беше во посета на СВР Велес, каде беше пуштена во употреба нова сала за сослушување деца - жртви на сексуално насилство.
Пуштањето во употреба на салата, прва од ваков вид во земјава, е во рамки на трета фаза од проектот кој го реализира Француската амбасада во Македонија. Во првите две фази беа извршени обуки на инструктори и обучувачи од МВР, а кои работат со деца - жртви на сексуална злоупотреба.
Министерката Јанкулоска во оваа прилика изјави дека децата-жртви на сексуалната злоупотреба, како појава, се повеќе го привлекува вниманието на јавноста и затоа се делува со заедничка акција која подразбира не само репресивна борба, туку и работа за подигање на свеста за превентивно делување во сите сфери на општетственото живеење.
- Делуваме и во насока на тоа како да им се помогне на жртвите на ваков вид сурово насилство, за откривање на сторителите, а потоа за нивна ресоцијализација во општетството бидејќи ваквиот вид кривични дела оставаат трајни последици на личноста на детето, изјави министерката Јанкуловска.
Вршителот на должноста на амбасадорот на Франција во Македонија Изабел Гинел изразувајќи огромно задоволство од досегашната соработка со македонската полиција потенцира дека овој проект за нив, како што подвлече, ги поминува димензиите на салата која ја опремиле и претставува надоврзување на двата проекти од обуката која тие ја спровеле со МВР.
Министерката Јанкулоска меѓу другото информира дека во оваа година има зголемен број на случаи за расчистување на сексуална злопупотреба на деца во земјава односно 73 случаи, во кои жртви биле 82 деца. При тоа кривично биле пријавени 79 сторители, а во 43 случаи децата-жртви на сексуално насилство биле под 14 годишна возраст. Најмалото дете имало само пет години.
Нашата работа пред се, нагласи министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, е превентивно да делуваме за да се спознае и одбегне сексуалната злоупотреба на децата, што според нас и е од особено значење затоа што на овој начин потенцијалните жртви навреме ќе ги заштитиме од нивните напаѓачи.