Крајна цел на овој Проект е воспоставување и консолидирање на Меѓународни координативни единици на органите надлежни за спроведување на законот за подобрување на оперативна и стратешка полициска соработка.
Постоечките механизми за соработка ќе бидат усогласени со европските стандарди и легислатива, најдобрите пракси на земјите членки на ЕУ и релевантните меѓународни прописи и стандарди. Една од најважните цели е групирањето на меѓународните контакт точки во организациска смисла, но и во смисла на географската близина.
Целни земји, кои се опфатени со овој Проект се :
Република Македонија
Босна и Херцеговина
Албанија
Хрватска
Црна Гора
Србија
За крајни корисници од резултатите на проектот се сметаат граѓаните на наведените држави, граѓаните на соседните региони и граѓаните на ЕУ.
Овој Проект беше инициран од EUROPOL и INTERPOL. Австриското Министерство за внатрешни работи/Службата за криминалистичко разузнавање е одговорна за спроведувањето на договорот со Европската комисија за воспоставување на Меѓународни координативни единици на органите надлежни за спроведување на законот (ILECU`s).
Партнери во спроведувањето на проектот на Австриското Министерство за внатрешни работи се Романија (Министерство за внатрешни работи и административна реформа), Словенија (Министерство за внатрешни работи - Полиција), EUROPOL и INTERPOL. Следните организации даваат поддршка за воспоставувањето на ILECU`s и активно придонесуваат за таа цел:
Eurojust
EUROPOL
FRONTEX
Германското BKA
INTERPOL
OLAF
SECI
Глобалните цели во смисла на развивање на организациска структура се :
Подобрување на преку-граничната соработка и борбата против организираниот криминал
Продолжување на напорите во регионалната борба против организираниот криминал
Унапредување на соработката помеѓу Јавното обвинителство и полицијата
Во организациска смисла целта на овој Проект е воспоставување на Национални Контакт Точки во сите шест целни држави во однос на:
Контакт точки за Europol;
НЦБ Interpol;
Контакт точки за SECI;
Контакт точки за странските офицери за врски;
Контакт точки за Schengen;
Канцеларија за SIRENE;
Контакт точки за Царинска Управа;
Контакт точки за Европска судска мрежа;
Контакт точки за гранична полиција;
Соработка со FRONTEX и OLAF.
Се очекува севкупно подобрување на концептот “Меѓународна полиција” преку истовремено насочен напредок во процесите на прилагодување кон Европските стандарди за 6 држави кориснички. Ова подразбира:
Подобрување на меѓународната размена на информации при спроведување на меѓународни истраги;
Олеснување на соработката на контакт точките на оперативно ниво
подобрување на состојбата во однос на човековите права;
зајакнување на одредбите за заштита на лични податоци;
IT центри. Овие центри ќе треба да овозможат техничка достапност 24/7 и ќе ги координираат на национално ниво сите технички аспекти поврзани со работата на Меѓународни координативни единици на органите надлежни за спроведување на законот;
Подобрување на капацитетите на органите надлежни за спроведување на законот на државите кориснички преку забрзување на постапките и квалитетот на истрагите;
јакнење на поефикасно постапување во смисла на ефикасни судски постапки.
Главните активности на проектот збирно можат да бидат прикажани на следниот начин:
I Фаза
Компонента 1: Подготовка и иницирање на Проект
Компонента 2: Подигање на свесност за Проектот
Компонента 3: Анализи на лице место
Компонента 4: Студиски престои, Обуки
Компонента 5: 6 посебни Акциски планови (за секоја држава корисник)
II Фаза:
Компонента 6: Регионална конференција во Словенија
Компонента 7: Започнување со мерки за промени во целните држави – Обука за спроведување
Компонента 8: Надзор за време на спроведувањето
Компонента 9: Стратешки план за понатамошни активности (дополнителни активности и предлози за последователни Проекти кои ќе се достават до ЕК)
Компонента 10: Завршување на Проектот
АКТИВНОСТИ ВО МАКЕДОНИЈА
Во периодот 09-10.12.2008 година во Виена, Австрија во организација на Сојузното Министерство за внатрешни работи на Р. Австрија се одржа воведната Конференција на Проектот „Воспоставување на меѓународни координативни единици на органите надлежни за спроведување на Законот на која учествуваше Заменик министерот за внатрешни работи, како и Националниот координатор за имплементација на Проектот;
На 18.02.2009 година беше одржана еднодневна посета на подпроектниот тим на МВР на Словенија на Р.Македонија во рамки на која на претставниците на стратешкото ниво од МВР, Министерство за правда и Царинска управа им беше презентиран проектот и значењето од неговата успешна реализација, а воедно официјално беше доставен прашалник заради скенирање на состојбата .
Во текот на февруари 2009 година заради анализа на недостатоци беа доставени Одговори на Прашалник на подпроектниот тим во кој беа опфатени прашања за сите сегменти на меѓународната размена на информации на органите надлежни за спроведување на законот во РМакедонија ;
Во периодот 03-06.03.2009 година, во рамки на Проектот се реализираше посета заради анализа на постоечките капацитети (on the spot analysis). По однос на посетата беше изготвен Извештај во кој беше констатирана фактичката состојба на организациската поставеност, законската уреденост и меѓународната соработка на органите надлежни за спроведување на законот во Република Македонија. Извештајот претставуваше основа за подготовка на Документот насловен како Упатство за ILECU`s;
Во периодот 22-24.04.2009 година се реализираше посета на Тимот за мониторинг за Западен Балкан и Турција на тековни проекти финансирани од Европската Комисија, помеѓу кои е и горенаведениот Проект ILECU’s. Целта на посетата беше согледување на досегашниот напредок на Проектот и потврдување дека истиот ги исполнува предвидените цели, преку интервјуа со проектниот Координатор и сите партнери, вклучени во неговата инмплементација;
На 03.06.2009 година од страна на Владата на Република Македонија усвоена е Информација во врска со Проектот на ЕУ за воспоставување на меѓународни координативни единици на органите надлежни за спроведување на законот (ILECU’s), со која е усвоен заклучок за формирање на меѓуресорска Работна група за имплементација на Проектот;
Во периодот од 08-10.06.2009 во Љубљана, Р.Словенија, беше одржана Работилница во рамки на ILECU`s на која покрај претставници на носителот на проектот (BKA) и имплементациските партнери (Австрија, Словенија и Романија) учествуваа и регионалните Проект - лидери на целните земји опфатени со Проектот.Целта на Работилницата беше преоѓање од фазата на подготовка во фаза на имплементација, при што беа испланирани следните чекори со цел изготвување на Акциски план за имплементација,
На 18.06.2009 во Виена, Австрија, беше одржан работен состанок во рамки ILECU’s кој беше организиран како продолжение на работилницата која се одржа во Љубљана од 08-10.06.2009 година,
Во периодот од 08-10.07.2009 година се одржа Работен состанок, на кој присуствуваа членовите на меѓуресорската Работна група[1] за имплементација на наведениот Проект, како и Раководителот на Потпроектниот тим за имплементација од Словенија. Целта на работниот состанок беше реализација на Фаза I Компонента 5 - Подготовка на Акциски план за реализација на мерките и активностите во рамки на Проектот ILECU`s, со конкретни носители и утврдени временски рокови за реализација, како основа за понатамошна имплементација на Проектот.
Во периодот 17-20.08.2009 година во Љубљана, Словенија во рамки на Активност 5 – Стратегија за планирање и имплементација за воспоставување на ILECU`s во соработка со Потпроектниот партнер за имплементација - Република Словенија реализирана е работна посета, со цел подготовка на Акциски план, кој беше финализиран за време на следната активност во Скопје.
Во периодот 25-27.08.2009 година во Министерството за внатрешни работи се одржа Семинар на тема “Раководење со процес на работење и квалитет”, којшто беше реализиран во соработка со Потпроектниот тим од Словенија и експерти од Европол и OLAF, ангажирани во рамки на наведениот Проект. На семинарот учествуваа претставници од сите институции надлежни за спроведување на законот во Република Македонија, кои се воедно членови на Меѓуресорската работна група за имплементација на Проектот во Р.Македонија. Целта на семинарот беше развивање основно разбирање за менаџирањето на квалитет и неговиот процес, идентификување на релевантни процеси според примери на случаи во делот на размена на информации, визуелизирање на процесот и опис на основните елементи на истиот, како што се почетни работи, завршни резултати, цел, корисник, интерфејс и елаборирање на македонскиот концепт на процесот в рамките на идната ILECU единица.
Во периодот 02-03.09.2009 година во просториите на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, се реализираше дводневен Работен состанок, на кој присуствува претставници од меѓуресорската Работна група за имплементација на Проектот, како и претставници од Потпроектниот партнер за имплементација на Проектот од МВР на Република Словенија. Целта на состанокот беше реализација на Фаза I Компонента 5 - Подготовка на Акциски план за реализација на Проектот ILECU`s, во кој се содржани сите идни мерки и активности што се планира да бидат реализирани до средината на 2011 година, што е поставен како краен рок за реализација на Проектот.
На 09.09.2009 година за време на регионалната Министерска конференција на министрите за правда и внатрешни работи во Брдо, Словенија од страна на Министерот за внатрешни работи на Република Македонија беше потпишан Меморандум за разбирање за учество во Проектот ILECU`s за што претходно беше добиена согласност од Владата на Република Македонија;
На 24/25.09.2009 во Брдо кај Крањ, Р.Словенија беше одржана регионална конференција, на која учествуваа претставници на потпроектните тимови на имплементационите партнери , како и претставници од регионалните тимови на сите шест целни земји. Во текот на конференцијата беа презентирани акциските планови на сите земји, односно идните планирани активности за имплементација на проектот.
На 29.09.2009 година Владата на Р.Македонија ја усвои информацијата за Акциониот план за ILECU’s, го прифати акциониот план за имплементација на проектот и ги задолжи надлежните институции (МВР, Царинска Управа, Управата за финансиска полиција, Министерството за правда) и работната група да го имплементираат проектот, а на Јавното Обвинителство и Дирекцијата за заштита на лични податоци им препорача да ги преземат потребните мерки за реализација на активностите од Акцискиот план, со цел имплементација на проектот ILECU’s.
Во периодот 15-16.10.2009 година во Министерството за внатрешни работи се одржа курс за пренос на знаење (know-how transfer) на тема “Маркетинг заради јакнење на меѓународната полициска соработка”. Цели на курсот беа создавање предуслови за непречено планирање и спроведување на Проектот ILECUs; создавање предуслови за идно повисоко ниво на меѓународна полициска соработка; и вклучување во подготовка План за финални активности за спроведување на ILECUs .
Во наредниот период следи реализација на активностите предвидени со Акциониот план за ILECU’s.