Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

10.10.2009
Случајот Митрова во рацете на судот и дипломатијата

10.10.2009 Утрински Весник




ГЕВГЕЛИЈА - На гевгеличани веќе како да им е преку глава од нивната сограѓанка Спаска Митрова, која од неодамна е декларирана „благонадежна Б’лгарка“.Нејзиното завчерашно предвремено излегување од скопскиот затвор „Идризово“, навидум, го проследија со рамнодушност. Некои одмавнуваат со глава, други ќе ви речат дека тоа е „политички проблем“, а некои, пак, сосема отворено ќе кажат „ако не и' се допаѓа овде на спомената и се чувствува дискриминирано, слободно може да се отсели во Бугарија“.

Во секој случај, заедничко на сите оние што живеат во овој мирен и симпатичен град на југот на земјава е што не им е сеедно тоа што со еден помалку бизарен судски случај за старателство, нивниот град стаса директно до портите на Брисел. Зашто во европската престолнина на ЕУ, токму овие денови, бугарските европарламентарци од петни жили се трудат, токму преку случајот со гевгеличанката Спаска Митрова, да ја оцрнат македонската држава. Тврдат дека нивната државјанка Митрова (која патем доби државјанство кон крајот на април оваа година кога стана јасно дека поради прекршувањето на законот ќе мора да оди во затвор) е малтретирана од македонските институции само затоа што е Бугарка. Се оди дотаму што се кажува дека 23-годишната жена била брутално малтретирана од гевгелиската полиција на денот на нејзиното приведување. Поради тоа, бараат тоа да биде внесено во извештајот за напредокот на Македонија како пример на кршење на човековите права и слободи.

Околу ваквите сериозни наводи вчера побаравме коментар од командирот на гевгелиската полиција, Раде Лазовски. Но, тој не' упати на СВР - Струмица, или на централата во Скопје.

„Во ниту еден момент немало ниту давање отпор ниту потреба од употреба на сила“, категоричен е Иво Котевски, помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавност. Тој нагласува дека за конкретниот случај ниту имало некакво барање ниту, пак, поплака до МВР. „Доколку европратениците имаат некакви докази, слободно нека ни ги достават“, вели Котевски.

И за време на нашата вчерашна посета на Гевгелија можевме да забележиме екипи на бугарски медиуми. Гевгеличани велат дека во последно време тие зачестија во нивниот град. Додека една екипа на бугарската национална телевизија чекаше прием во Центарот на социјални работи, на нивната телевизија се емитуваше изјава од Спаска во „живо“, во која таа кажува како се чувствувала за тие три нецели месеци во скопскиот затвор. Изјавува дека се чувствува добро, но нејзиното здравје не е баш најдобро. Но, најинтригантен дел во телефонскиот разговор е оној во кој таа ја поделува со бугарската јавност својата загриженост дека стравувала да не биде отруена во затвор. Притоа, уште кажува и дека имала закани и притисоци. Вчера ја побаравме во нејзиниот дом на улица „Кукушка“ број 13. Во дворот го сретнавме нејзиниот чичко, кој сосема кусо ни рече дека нема никој дома и оти сите заминале уште утрото. „Спаска ја видов синоќа и само се поздравивме“, рече тој.

Околу ослободувањето на Спаска Митрова вчера повторно се огласи и министерот без ресор, Божидар Димитров. Тој во интервју за телевизијата БТВ соопшти дека околу Спаска се водела тивка дипломатија во чии рамки беше вршен сериозен притисок од бугарскиот премиер врз неговиот македонски колега. Димитров изјави дека премиерот Бојко Борисов неколку пати со категоричен тон побарал во разговор со македонскиот колега Никола Груевски таа да биде ослободена. Министерот Димитров, кој е познат по своите контроверзни изјави за бугарско-македонските односи, наведе дека Спаска Митрова, за жал, не е ниту првиот ниту последен случај на бугарски државјанин осудуван поради националното чувство. На ова експресно реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи го бугарскиот министер „несериозен и човек од минатото“, кој и' прави контра услуга на бугарската држава. Во реакцијата на генералниот секретар Мартин Протуѓер се нагласува дека не е точно оти имало сериозен притисок врз македонскиот премиер и се потсетува дека овој случај не е во надлежност на премиерот и Владата.

Тоа дека случајот „Спаска Митрова“ е во рацете на гевгелискиот суд вчера ни потврдија и од Центарот за социјални работи. Директорката Стана Петрова вели дека веќе доставиле и мислење до судот околу барањето за промена на старателството, кое е закажано за 30 октомври.

„Ние ги исцрпивме сите можности. Трите последни покани што ги доставивме по пошта на адреса на Спаска ни се вратени.Од страната на таткото на Спаска беше нападната со погрдни зборови и курирката која лично отиде да го однесе писмото“, нагласува Петрова. Таа вели дека како институција, биле премногу коректни, а се' во функција на детето. Минатиот месец излегле во пресрет по барањето на Спаска телефонски од нивните простории да се чуе со две и полгодишната ќеркичка Сузана. Но, малечката по кусиот разговор си заминала расплакана.

Бившиот сопруг на Спаска, Воислав Савиќ, вели дека единствено што го интересира е конечно да заврши оваа судска битка. Тој вели дека бил свесен оти еден ден Спаска ќе излезе од затвор и оти мора да се одлучи за иднината на нивното дете.

„Немам ништо против мајката да го гледа детето, но кој ми дава мене гаранции дека нема да ја однесе во Бугарија или на друго место. Затоа, инсистирам во законита процедура и со посредство на надлежните органи да се регулираат меѓусебните односи“, додава Савиќ.

Што ќе се случува со малечката Сузана сега кога Спаска Митрова е на слобода? Девојченцето од 29 јуни се наоѓа во станот на својот татко и, како што велат многумина, е сосема нормално и весело дете, кое неодамна научило и да брои. Од Центарот за социјални работи велат дека тоа ќе остане таму се' до донесувањето на судската одлука околу старателството.

Сите очи сега се вперени во судот. Таму во тек се три постапки поврзани со Спаска Митрова. Покрај постапката која се однесува на старателството закажана за крајот на овој месец, во која треба да се одлучи дали ќе му припадне на таткото или ќе остане кај мајката, се водат уште две други постапки. За 16 октомври ќе се расправа по иницијативата за отповикување на условната казна од шест месеци со рок на проверка од една година. А, ќе следува и судски процес во кој Спаска е тужена од неколку судии за навреда и клевети.

Во однос на судскиот процес околу доделувањето на старателството, претседателката на гевгелискиот суд, Марица Аврамчева-Зафировска, не ја исклучува можноста да биде побарано вештачење за здравствено-психичката состојба на мајката, бидејќи досега таа одбива да се направи такво нешто, а судот поседува мислење од стручни лица само за таткото.

Го прашавме за став околу овој случај и градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов. Сосема разбирливо, тој се оградува од целиот случај, со објаснување дека се' е во рацете на судските институции и оти како прв човек на градот нема надлежности во овој дел. Сепак, не' информираше дека на 28 мај оваа година се сретнал со мајката на Спаска по нејзино барање. „Побара помош од мене и јас и' кажав дека не можам да се мешам во работата на судот. Но, во ниту еден момент таа не спомна дека нејзината ќерка е дискриминирана поради тоа што е странски државјанин и се декларира како Бугарка“, вели Франгов.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk