Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

09.10.2009
Казна од 300 евра за непропуштање пешак
ДНЕВНИК

Казната за возачите што не пуштаат пешаци на премин не е новина во Законот за безбедност во сообраќајот, но наместо како досега со опомена, од 15 октомври полицијата ќе наплаќа глоба

Глоба од 300 евра и забрана за управување со моторно возило од три месеци до една година е казната за возачите што нема да пропуштат пешаци на пешачки премин.

Оваа казнена мерка не е новина во Законот за безбедност во сообраќајот, но од 15 октомври полицијата наместо како досега само со опомени, ќе пишува и казни. Од идната недела се најавени засилени контроли на сообраќајниците во Скопје. Казни нема да има само за возачите, туку и за пешаците што минуваат на необележен премин. Тие како и до сега ќе се казнуваат со глоба од 25 евра, а ако поминат на црвеното светло на семафорот за пешаци ќе бидат казнети со 35 евра.

Засилените контроли се прават со цел да се зајакне безбедноста во сообраќајот. Минатиот месец е „црн септември“ за Скопје. На сообраќајниците во главниот град се случиле 181 сообраќајна несреќа. Животот го загубиле девет учесници во сообраќајот од кои еден бил пешак, тројца мотоциклисти, а другите возачи.

Само во првите шест месеци од годинава во Скопје загинале 21 лице, од кои 11 биле пешаци. Во првите девет месеци во главниот град се случиле вкупно 1.581 тешка сообраќајка, во кои загинале 41 лице. Само за споредба, лани се случиле 1.920 тешки сообраќајки со 50 загинати, од кои 27 пешаци.

Најголема причина за сообраќајките е брзото возење. На второ место е неконтролираното движење на пешаците, како и недавањето предност на пешаците од страна на возачите. Поради зголемениот број на сообраќајни несреќи со трагичен крај предизвикани од агресивното управување на моторни возила и невниманието на пешаците, СВР Скопје ги засилува контролите во сообраќајот.

ПЕШАЦИТЕ НАЈНЕДИСЦИПЛИНИРАНИ

- Пешаците се најзагрозени, но истовремено и најнедисциплинирани учесници во сообраќајот. Нема меѓусебна толеранција меѓу возачите и пешаците. Поради ова, СВР Скопје со полициските станици во градот поддржани од мисијата на ОБСЕ, почнавме да го реализираме проектот „Акција за поголема безбедност на пешаците во сообраќајот“- вели Благоја Котев, самостоен инспектор во патниот сообраќај во одделението за превенција во СВР Скопје.

Проектот се реализира во две фази. Во првата фаза, која почна на средината од минатиот месец бил поделен пропаганден материјал на несовесните пешаци и на возачите, кои не отстапуваа предност на пешаци на обележан премин. Во втората фаза која ќе почне идниот четврток ќе има нулта толеранција. Тоа значи дека ќе се казнуваат сите возачи и пешаци што не го почитуваат законот.

- Ако булеварот Партизански одреди, Првомајска и Илинденска порано важеа за најнебезбедни сообраќајници во Скопје, сега целиот град е црна точка. Мора да воведеме дисциплина кај сите учесници во сообраќајот и да го намалиме бројот на сообраќајните несреќи. Поради ова, законска обврска на секој возач е да го сопре возилото штом пешакот ќе стапне на коловоз на обележан пешачки премин. Поради ова, сообраќајната полиција ќе ги засили контролите на булеварите Крсте Мисирков, Александар Македонски, Мито Хаџи Василев-Јасмин, Партизански одреди и улицата Ѓорче Петров - вели Котев.

Возачите реагираат дека сообраќајната полиција е многу построга со нив отколку со пешаците. Велат дека на полицајците полесно им е да казнат возач што минал на црвено, за разлика од минувач.

- Нив многу почесто им се прогледува низ прсти. А прекршокот е ист. Пешаците се најмногубројни учесници во сообраќајот, но и најнедисциплинирани. Многу ретко поминуваат улица на пешачки премин и не чекаат да се запали зелено светло. Особено невнимателни се велосипедистите и децата на ролерки. Возат кај ќе им текне. И ако настане несреќа, речиси секогаш е виновен возачот - вели скопјанецот Бобан Петревски.

ПОТРЕБНИ СЕ НАДЗЕМНИ ПРЕМИНИ

Пешаците ги напаѓаат возачите дека се невнимателни и многу ретко водат сметка за лицата што преминуваат улица.

- Многупати ми се случило да стигнам до средината на пешачкиот премин, а ниту едно возило да не застане за да преминам докрај. Најлоша е ситуацијата на премините каде што нема семафор. Тогаш чекам и по пет до десет минути некој возач да се смилува и да застане пред преминот. Возачите не сфаќаат дека понекогаш сме принудени да се движиме по коловозот бидејќи тротоарите низ градот се окупирани од паркирани автомобили - вели скопјанката Маја Китановска.

Иако за скопските сообраќајници е карактеристично тоа што пешаците не можат да поминат преку улица поради метежот од автомобили, на Бит-пазар се случува спротивното - возилата не можат да поминат од пешаците. Поради големата фреквенција на граѓани, кои секојдневно го посетуваат пазарот или таму работат, булеварот Крсте Мисирков на овој потег е претворен во „џиновски“ пешачки премин долг еден километар. Покрај тоа што „зебри“ се нацртани на секои стотина метри, пазарџии и велосипедисти ја преминуваат улицата каде што ќе им текне, попречувајќи го сообраќајот. Долги колони автомобили кај Бит-пазар возат „тргни-застани“ на секои пет метри, а најмногу проблеми имаат возачите на автобуси од јавниот градски превоз.

- Секојдневно со автобусот неколкупати го поминувам Бит-пазар и буквално во текот на целиот ден на булеварот владее хаос. Пешаците преоѓаат од едната на другата страна без да погледнат дали има возила и воопшто не чекаат. Јас разбирам дека луѓето имаат предност на пешачки премин, но не може постојано да поминуваат пешаци, а возилата да стојат во место. Надлежните треба да го решат проблемот со изградба на надземен премин или да се постават семафори за пешаци какви што има на Илинденска. Вака само ни се зголемуваат трошоците за гориво, а за трошењето на нервите воопшто и да не зборуваме - вели приватен превозник на автобус.

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk