Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

01.010.2009 Неформален министерски состанок во Хаг
Европска соработка во областа ан спроведување на законот

 

На 01.10.2009 година во Хаг, Холандија, се одржа неформален состанок на Министрите за правда и внатрешни работи на земјите членки на ЕУ посветен на иднината на Европската соработка во областа на спроведување на законот, на која по покана на Шведското Претседателство и Европол присуствуваа Министри и високи претставници од 27 земји членки на ЕУ, претставници од земјите кандидати за членство во ЕУ и претставници од  Eurojust, Frontex, Cepol, како институции на ЕУ за спроведување на законот.

 

На еминентниот настан присуствуваа Заменик министерот за внатрешни работи на Република Македонија и  Началникот на Одделението за Европол при Секторот за меѓународна полициска соработка.

 

Воведни поздравни обраќања на Министерскиот состанок имаа  Министерот за правда на Шведска, г-ѓа Beatrice Ask, Заменик претседателот на Европската комисија, г. Jacques Barrot и Директорот на Европол, г. Rob Wainwright.

 

Првата работна сесија се однесуваше на темата „Улогата на Европол во Европа„. Оваа година Европол прославува 10 години од своето постоење, а со новоусвоената Одлука на Советот за основање на Европол, која ќе стапи на сила од 01.10.2010 Европол ќе прерасне во Агенција на ЕУ. Промените на правниот основ за постоење на Европол влијаат на неговата позиција во институциите на ЕУ, надлежни за спроведување на законот. Имено, основањето на Европол беше предвидено со Договорот од Мастрихт за основање на Европската унија од 7 февруари 1992 година, и уредено во Конвенцијата за основање на Европска полициска служба (Конвенција за ЕВРОПОЛ), која е ратификувана од сите земји членки на ЕУ во 1999 година. Конвенцијата за Европол беше предмет бројни измени утврдени во Три протоколи, што влегоа во сила по долготраен процес на ратификација. Од страна на Европската Комисија беше поднесен предлог за измена на правната основа на Европол, односно Конвенцијата за Европол со Трите протоколи со Одлука на Советот (Council Decision). Со Одлуката на Советот, Европол се трансформира во Агенција на Европската Унија, што ќе резултира со предности за земјите на ЕУ, во областа на стратешкиот дел и управувањето, и во областа на оперативната соработка.

 

Од страна на новиот Директор на Европол беше извршена воведна презентација за начинот на организација и  делување на Европол, по што од страна на Заменик претседателот на Европската комисија и присутните Министри и високи преставници од земјите членки на ЕУ се разви дискусија во однос на првиот работен документ. Во овој дел беше дискутирано дека:

 

-Европол е потребно да се користи како прв канал и платформа за размена на информации на земјите членки на ЕУ, а доколку се разменуваат информации преку Интерпол за тоа да биде запознаен и Европол.

 -Доставените информации до Европол од земјите членки неопходно е да бидат селектирани според квалитетот и истите да се ажурирани, со цел да придонесат како поддршка на тековните истраги во областа на организираниот криминал и тероризам, особено во борбата против фалсификување на еврото, финансиски и компјутерски  криминал.

-Квалитетот на изработка на продуктот ОСТА на Европол треба да продолжи да се развива со оглед на фактот дека преку оваа проценка на ризик во земјите членки се поставуваат приоритети за постапување во борбата против организираниот криминал.

-Од страна на Словенечкиот претставник беше укажано на потребата од соработка и со трети земји и намалување на траењето на долгите процедури за склучување на договори помеѓу Европол и трети земји.

 

Во текот на паузите помеѓу работните сесии беше организиран т.н. саем на продукти на Европол, со цел на Министрите да им се претстават специфичните активности и организација на  Европол.

 

 

Втората работна сесија “Здружувањето на напорите за оперативна имплементација на приоритетите на органите на ЕУ надлежни за спроведување на законот” ја отвори Директорот на Frontex, г. Ilkka Laitinen, кој се осврна на делот на стратешката соработка помеѓу Европол и Фронтекс и учеството во заеднички операции.

 

Во текот на дискусиите по овој Работен документ беше потенцирана потребата од избегнување на дуплирање на напорите и активностите на различните институции на ЕУ надлежни за спроведување на законот. Од исклучителна важност е да се дефинираат и прецизираат надлежностите на секој инволвиран субјект одделно. За тоа, потребно е да се конкретизира јасната цел и мисијата на секој вклучен субјект, како и подобрување на меѓуинституционалната соработка. Покрај дефинирање на конкретните мисиии, мандати и надлежности,  потребно е и да се дефинира приоритет на активностите во случај на преклопување на одредени надлежности. Се работи за конкретни дефинирани приоритети и надлежности на секој субјект, секоја агенција на ЕУ, како Europol, Frontex, Eurojust и Cepol. Заклучено е дека е потребна натамошна поинтензивна соработка, координација и интеракција на институциите на ЕУ надлежни за спроведување на законот при нивното постапување, одржување на заеднички состаноци и изработка на заеднички Извештај за реализираните заеднички активности, одржување на заеднички обуки и семинари со цел преставување на нивните надлежности и мандати.

 

Третата работна сесија се однесуваше на темата “Развој на синергии помеѓу внатрешната и надворешна безбедност на ЕУ”, на која вовед беше даден од Командирот за цивилни операции, г. Kees Klompenhouwer. Целта на дискусиите беше да се разгледаат мерките за зајакнување на соработката помеѓу областа на Правда и внатрешни работи - Justice and Home Affairs (JHA) и Заедничката надворешна и безбедносна политика - European Security and Defence Policy (ESDP),  со цел да се обезбеди целосно искористување на ресурсите на ЕУ во борбата против организираниот криминал, што ќе придонесе за зголемување на внатрешната безбедност. Земјите членки на ЕУ придонесуваат во превенцијата на конфликти и изградба на земјите во конфликт во рамки на Заедничката надворешна и безбедносна политика, а евидентна е и потребата од поблиска соработка и размена на информации помеѓу вториот и третиот столб на ЕУ. Дискутирано е за можноста во иднина да се инволвираат учесниците во мисиите на ЕУ во Косово, БиХ, Конго, Авганистан во размена и на оперативни информации за специфични видови криминал како воени кривични дела, миграција, трговја со луѓе, дрога и истите да ги доставуваат до Европол. Но, предложено е и да се разгледа можноста и Европол да учествува со свои преставници во мисиите на ЕУ и да помага со опертивна екпертиза. Потребна е изградба на подолгорочна стратегија за регрутирање и преземање на активности од учесниците во мисиите, која ќе биде правно поткерпена и содржана во програмите на ЕУ.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk