02.10.2009
Албанци мирно против Енциклопедијата
Наместо протестен марш низ Скопје, вчера се одржаа два мини-протеста за повлекување на Македонската енциклопедија, организирани од две вонпарламентарни партии на Албанците во Македонија. Организаторот ја обвини полицијата дека ги оневозможила демонстрантите да дојдат на зборното место, а МВР, демантирајќи, му се заблагодари на организаторот зашто немаше инциденти и провокации.
Откако на зборното место пред трговскиот центар „Чаирчанка“ се собраа помала група луѓе, организаторите, меѓу кои членови на партијата НДУ на Хисни Шаќири, го сменија планот и го откажаа протестниот марш до Владата.
- Имајќи го предвид притисокот од Владата, која ги користеше безбедносните органи и праќаше емисари за да го спречи протестот, ние како организатори, за да не ги изложиме граѓаните на ризик, бевме принудени да го смениме првичниот концепт и пред Владата дојдовме само ние за да ги претставиме нашите барања - изјави Наим Синани, член на организацискиот одбор.
Тие бараат да се повлече Енциклопедијата и со службен акт да се прогласи за ништовна, нов редакциски одбор да подготви нова енциклопедија, со посебна редакција за делот за Албанците, да се реформира МАНУ и да се побара одговорност од авторите на Енциклопедијата. Организаторите на протестот побараа од политичките партии од албанскиот блок да не учествуваат во работата на државните институции ако не се реализираат овие барања.
Група млади Албанци вчера попладне се собраа пред Владата за да го искажат својот протест против енциклопедијата. Таа група, според нејзините припадници, се собрала спонтано и набрзо се разотиде.
МВР вчера демантира дека ги блокирало сите пристапи кон Скопје со што ги спречила демонстрантите од другите градови да дојдат на протестот, како што тврдеа организаторите.
„Бројноста на протестот и поддршката што ја доби организаторот воопшто не е предмет на интерес на полицијата. Полицијата единствено има ингеренции за обезбедувањето на јавниот ред и мир при протестите и со задоволство може да соопштиме дека истите поминаа без никакви инциденти, провокации или какви било посериозни проблеми. Заслуга за ваквиот исход има организаторот, но и целиот тим кој учествуваше во подготвување на оперативниот план и процените за ангажирање на соодветен број полициски службеници“, соопшти МВР. (И.К.И)
Назад