Полицајците од станицата „Центар“, засилени со министерката Гордана Јанкулоска, вчера одиграа ревијален фудбалски меч против претставниците на навивачката група „Комити“, како дел од проектот „Да навиваме заедно“. Министерката го изведе почетниот удар со шут во аут, што многу добро ја отслика задоцнетата реализација на овој проект, чија цел треба да биде подигнување на општата сигурност и безбедност на граѓаните и подобрување на комуникацијата и соработката меѓу спортските клубови, навивачите и полицијата.
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска го изведе почетниот удар.
- Овој натпревар е чекор напред кон остварување подобра комуникација, работа на планот на превенција, а воедно и зголемување на безбедноста на фудбалските натпревари. Нашата идеја е акцијата да продолжи по другите сектори за внатрешни работи со други навивачки групи, а воедно ќе биде проширена преку интензивна комуникација и дискусии. Сево ова ќе има цел да се подобрат условите за играње на спортските натпревари на терените во Македонија - рече таа.
Јанкулоска се обиде да одговори и на прашањето зошто не беше побарана одговорност од началникот на полициската станица „Карпош“ за инцидентот во Нерези, иако МВР при расчистување на овој настан поднесе осум кривични и 18 прекршочни пријави.
- Врз основа на обезбедени докази, од кои јасно се гледа кои се учесниците и во зависност од степенот на нивната инволвираност во нарушувањето на јавниот ред и мир, поднесени се соодветни пријави - додаде Јанкулоска.
Точно еден месец претходно, на 23 август, Фудбалската федерација на Македонија по налог на МВР одложи два натпревари од фудбалското првенство на Македонија, затоа што не можеше да гарантира безбедност на гледачите и актерите на теренот. Беа одложени натпреварите Ренова - Вардар и Слога ј. - Тетекс, поради нарушени меѓуетнички односи и зголемените тензии. Се почна на 16 август, во пресрет на фудбалскиот натпревар Македонија ЃП - Вардар, кога се случи инцидент меѓу членовите на навивачката група „Комити“ и локалните жители на с. Долно Нерези. Имаше повредени лица, неколкумина беа приведени, а инцидентот можеше да прерасне и во многу поголем меѓуетнички конфликт.
Во проектот „Да навиваме заедно“ е вклучена и Агенцијата за млади и за спорт. Директорот Драган Ѓурчевски посочи дека вчерашниот натпревар е продолжување на акцијата „Стоп за насилството во спортот“, која лани е почната заедно со МВР.
- Заедно со поголемите национални федерации, како што се фудбалската, кошаркарската, ракометната и одбојкарската, ја почнавме кампањата „Стоп за насилството во спортот“, во чии рамки одржавме и повеќе трибини, дебати и советувања со навивачките екипи - истакна Ѓурчевски, додавајќи дека проектот ќе продолжи и понатаму.
Инаку, полицајците на фудбалскиот терен ги победија навивачите со 6-2.