Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

20.08.2009
Предмет :за состојбите и преземените активности во врска со семејното насилство во првото полугодие
Според статистичките показатели, во првото полугодие од оваа година, на подрачјето на РМакедонија се регистрирани 169 кривични дела извршени при семејно насилство, што претставува намалување за 12,4% во однос на истиот период минатата година кога беа регистрирани 193  вакви кривични дела.

Исто така, забележано е намалување  за 25% и на бројот на прекршоци извршени помеѓу членови на потесното семејство, додека  поднесените поплаки  од лица против членови на нивните семејства се во намалување за 10,5%.

 

 

Така,   во првото полугодие од  2009 година на подрачјето на СВР Скопје  се регистрирани 22 кривични дела,  што е за 70% помалку во однос на минатата година  кога беа регистрирани 80 кривични дела,  а помалку кривични дела се регистрирани и на подрачјето на СВР Тетово- 17 ( лани 21) и СВР Охрид-15 ( лани 23).

Меѓутоа, за разлика од овие подрачја,  во овој период на подрачјето на СВР Штип е забележано четирикратно зголемување на кривичните дела, односно оваа година се регистрирани  24, додека во истиот период минатата година бае регистрирани шест кривични дела. Според согледувањата, истото пред се се должи на зголемениот број извршени кривични дела „ телесна повреда„- во првото полугодие на ова подрачје се извршени 15 вакви кривични дела (лани тр) и  „загрозување на сигурноста„- оваа година се извршени седум вакви дела (лани само едно). Притоа,  евидентен е  зголемениот број извршени  кривични дела на подрачјето на градот  Кочани каде во првото полугодие се регистрирани 11  кривични дела( шест „телесна повреда„ и пет дела „загрозување на сигурноста„) за разлика од минатата година кога во овој град беше регистрирано само едно кривично дело од областа на семејното насилство .

Исто така, скоро двојно зголемување  на кривичните дела е регистрирано на подрачјата на  СВР Велес-25(13) и СВР Куманово-14(седум), а  зголемен тренд бележат и извршените кривични дела на подрачјето на СВР Битола-33(28) и СВР Струмица-19(15).

 

Во ова полугодие се регистрирани 325(433) прекршоци, извршени помеѓу членови на потесното семејство,  при што евидентно е нивното намалување на подрачјето на целата република, освен на подрачјето на СВР Велес, каде се регистрирани 21(10) прекршок од овој вид.

Покрај ова, полицијата постапуваше и по 2.002(2.238) поплаки,  а во овој дел карактеристично е дека  намалување на поднесените поплаки е регистрирано на подрачјата на СВР Скопје, Тетово и Охрид, додека  на подрачјето на СВР Струмица, поконкретно во градот Струмица поплаките се четирикратно зголемени, а најголем број од нив се однесуваат на  физичко и психичко малтретирање .

 

Во овој период, согласно Националната стратегија за заштита од семејно насилство 2008-2011 година, МВР изготви Стандардни оперативни процедури за постапување на полицијата во случаи на семејно насилство. Целите на овие процедури е воедначено постапување на полициските службеници кои работат на проблематиката од областа на семејно насилство.                                                                                     

 

II Регистрирани состојби

 

а) регистрирани кривични дела

 

Според структурата на кривичните дела, како и вообичаено најбројни се кривичните дела против животот и телото, при што во овој период е регистрирано едно убиство извршено при семејно насилство, на подрачје на Штип, кое е откриено и документирано во текот на април годинава, но истото е извршено во 2006 година. Убиството го извршила 40-годишна жена која години наназад континуирано била изложена на физичко, сексуално и психичко малтретирање од страна на нејзиниот сопруг, при што по настаната расправија, најпрвин го отрула со хемиска материја, а потоа телото му го исекла на делови и го фрлала на повеќе локации во градот.

Инаку вообичаено најзастапено е делото „телесна повреда“ со 112(130) дела или процентуално 66,3 % од вкупно регистрираните дела, а истото најмногу е извршувано на подрачјето на Струмица- 17 дела, Скопје- 14, Велес-13 и Куманово каде се извршени 10 кривични дела. За нив карактеристично е што сторителите (54 сопрузи, 11 вонбрачни и пет поранешни сопрузи, како и еден син) физички ги малтретирале своите сопруги, а повредите на жртвите во сите случаи им се нанесени со физичка сила, а во седум случаи со ладно оружје.

 Ова полугодие се извршени и три(седум) дела „тешка телесна повреда„, сите на подрачје на Скопје, од страна на сопруг, син и вонбрачен сопруг, а повредите им ги нанеле со употреба на физичка сила поради нарушени семејни односи и меѓусебна нетрпеливост.

 

Од сексуалните деликти, ова полугодие е извршено само едно дело „полов напад над малолетник кој не наполнил 14 години“, додека во истиот период минатата година беа извршени три кривични дела „силување“ и две дела „полов напад над малолетник кој не наполнил 14 години“. Инаку делото е извршено на подрачје на Струмица од страна на чичко кој полово ја злоупотребил својата 14-годишна внука со која живееле во иста куќа.

Од делата против слободата и правата на граѓанинот, регистрирани се вкупно 52(46) кривични дела, а во нив доминираат 48(33) дела „загрозување на сигурноста“. Притоа, најчесто ова дело е извршено на подрачјето на Битола- 12 дела и Прилеп- осум дела, додека жртви се сопруги-30, од кои пет поранешни сопруги, потоа 14 родители и три останати членови на потесното семејство, на кои сторителите, односно сопрузите или децата им упатувале сериозни закани по нивниот живот или над нив употребиле физичка сила. Понатаму извршени се и по две(едно) дела „противправно лишување од слобода“, првото во Охрид, при што родителите  ја лишиле од слобода својата ќерка бидејќи не ја одобрувале нејзината веридба, а второто во Штип, каде лице ја лишило од слобода својата сопруга заканувајќи и се дека ќе ја убие доколку го напушти. Двете дела „присилба“(12), ги сториле татковци кои под дејство на алкохол или психичко растројство ги присилувале своите деца да го напуштат домот.

 

За извршените кривични дела се пријавени вкупно 169(187) сторители, од кои 158 или 93,5% се мажи, а само 11(девет) или 6,5% се жени, кои се јавуваат како сторители. Според роднинската врска, делата ги извршиле 80 сопрузи кои физички ги малтретирале сопругите, како и 39 синови и една ќерка кои насилството го вршеле над своите родители. Понатаму, како сторители се јавуваат шест татковци и три мајки кои физички ги малтретирале своите деца, 10 поранешни брачни другари (сите од машки пол), 14 лица, од кои 13 мажи и една жена, кои со жртвите биле во вонбрачна заедница, а другите кривични дела се извршени од останати членови на семејството кои со жртвите биле во подалечни роднински врски. При извршувањето на делата, 46 сторители биле под психичко растројство, 41 лице биле под дејство на алкохол и две под дејство на дрога и во таква состојба најчесто телесно ги повредувале своите блиски или ја загрозувале нивната сигурност, со упатување сериозни закани. Според начинот на извршување, 152 дела се извршени со употреба на физичка сила, во 10 случаи е употребено ладно оружје (при извршувањето на седум телесни повреди и три загрозувања на сигурноста), а во останатите случаи со сериозна закана.

 

Што се однесува до жртвите на кривичните дела состојбата е поинаква, односно најчести жртви на семејно насилство се жени-148 и 24 лица од машки пол, а според роднинската врска 79 од нив се сопруги, 43 родители (24 мајки и 19 татковци), 15 жени, кои со сторителите живееле во вонбрачна заедница, потоа 11 поранешни сопруги, осум деца, двајца сопрузи и 14 останати роднини (брат, сестра и др.).

 

 

б) регистрирани прекршоци

 

Во текот на ова полугодие, се регистрирани  325 (433) прекршоци, кои се сторени меѓу членови на семејство. Најмногу од нив се однесуваат на „малтретирање во стан„-203, а во помал обем се застапени останатите прекршоци, како на пример, 58 „физички напад“, 30 „учество во тепачка„, 27 „карање и викање на јавно место“, два „оддавање на пијанство“ и пет останати прекршоци.

 

Најмногу барања за поведување прекршочна постапка се поднесени од страна на СВР Скопје-119(166), потоа СВР Куманово-88(101) (Куманово-72, Крива Паланка-13 и Кратово-три), Струмица-32(36) (19 во Гевгелија, 11 во Струмица и две во Радовиш), СВР Штип-27(37) (Штип-15, Кочани и Берово-по четири, Пробиштип-три и Свети Николе-еден), СВР Велес-21(10) (17 во Неготино и четири во Кавадарци), СВР Охрид-19(38)(Охрид-девет, Кичево-шест и  Струга-четири), СВР Тетово-12(19) (по шест во Гостивар и Тетово) и седум(26) од СВР Битола (Прилеп, Битола и Ресен-по два и еден во Ресен).

 

Како жртви во најголем број се лица од женски пол-239, а речиси двојно е помал бројот на жртвите од машки пол-129. Според роднинската врска со сторителот, најмногу малтретирани се сопруги-122, потоа 75 родители, 35 деца, а останатите  се застапени во помал број. Кај сторителите состојбата е обратна, односно најчесто се лица од машки пол-328, а 40 се  жени.

 

При извршување на прекршоците-118 сторители биле под дејство на алкохол, петмина под дејство на дрога, додека 64 сторители ги малтретирале жртвите како резултат на психичко растројство. Статистички гледано, речиси сите прекршоци се извршени со физичка сила и закани упатени кон нивните најблиски, додека во два случаи бил употребен нож.

 

в) поднесени поплаки

 

Полицијата во овој период  постапуваше и по 2.002(2.238) поплаки во врска со семејното насилство, при што писмено се предупредени 1283 сторители, додека останатите лица се усмено предупредени.

 

Најголем број од поплаките-1.078 се однесуваат на психичко малтретирање, кое е изразено преку вербални закани и навреди, како и упатување погрдни зборови, омаловажување, уцени и бркање од дома. Заради физичко малтретирање, се поднесени 819 поплаки, најчесто вршени од сопрузите или од синови, кои под дејство на алкохол физички ги малтретирале своите сопруги, а честопати и своите родители и деца. Заради нерешени имотно-правни односи, помеѓу членовите на семејствата, поднесени се 105 поплаки.

 

Најмногу поплаки се поднесени на подрачје на СВР Скопје-713(1261), СВР Струмица-293(72) (Струмица-214, Радовиш-55, Гевгелија-18 и Валандово-шест),СВР Штип-284(200) (Штип-105, Кочани-56, Берово-53, Пробиштип-36, Делчево-18, Виница-девет и Свети Николе-седум), СВР Куманово-227(117) (Куманово-195, Кратово-21 и Крива Паланка-11), СВР Битола-214 (168) ( Прилеп-132, Битола-42,  Ресен-22, Демир Хисар-девет, Македонски Брод-пет и Крушево-четири), СВР Охрид-106(130) (Кичево-47, Охрид-28, Струга-23 и Дебар-осум), СВР Велес-98 (65)(Кавадарци-40, Велес-36 и Неготино-22) и СВР Тетово со најмалку поднесени поплаки-67(190) (од кои 34 во  Гостивар и 33 во Тетово).

 

Поплаките се поднесени против 1731 лице од машки и 292 лица од женски пол. Од нив 300 лица малтретирањата ги вршеле под дејство на алкохол, 157 како резултат на психичко растројство, додека 19 лица биле под дејство на дрога.   Најмногу поплаки поднеле сопруги-648, родители-467, деца-205,  поранешни брачни другари-164, потоа 87 сопрузи, 55 лица во вонбрачна врска, а останатите поплаки се поднесени од други членови на семејство

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk