Во анализираниот период од годината, во областа на организираниот криминалитет се регистрирани вкупно 137 (122)кривични дела извршени од 171 (238) сторители, со што е забележано зголемување на бројот на откриени кривични дела за 12,3 %. Според структурата на кривичните дела, најзастапени се делата фалисфикување пари – 75 (54) кривични дела извршени од 66 (45) сторители, потоа делата од класичната корупција – 25 (20) извршени од 29 (26) сторители, организираните видови на илегална миграција по член 418б и 418в – 20 (30) дела, извршени од 34 (104) сторители, делата трговија со малолетно лице- четири (три) дела и пријавени 11 сторители (11), а за одбележување се и пет (три) дела „перење пари и други приноси од казниво дело“ за кои се пријавени 23 (осум) сторители.
Во овие шест месеци, откриени се и пет (четири) дела „изнуда“ сторени од група или на особено насилен начин, три (едно) дела „криумчарење“ ст.3 и едно (пет) дело „злосторничко здружување“.
Покрај овие дела, откриени се и 43 (51) случаи на коруптивно злоупотребување на службената положба, во рамките на кои 98 (117) лица, повеќето службени и одговорни лица и носители на државни функции, злоупотребувајќи ја службената положба го оштетиле Буџетот на РМ и акционерски друштва за повеќе од 599 милиони денари (над 1,6 милјарди денари).
Во откривањето на делата од класичната корупција е постигнато зголемување на бројот на откриени дела за 25 % споредено со истиот период минатата година, а анализирајќи ја структурата на вкупно 25те откриени кривични дела може да се констатира дека се работи за 15 (10) дела „давање поткуп“, седум (шест) дела “примање поткуп“ и три (четири) дела “противзаконито посредување“.
Имено, за откриените 15 дела „давање поткуп„ се пријавени 15 сторители, од кои во најголемиот број случаи- 13, поткупот бил понуден на полициски и царински работници со цел да не бидат преземени законски мерки, а во другите два случаи, адвокат и одговорно лице во приватна фирма понудиле поткуп на службени лица со цел незаконски да остварат одредени права.
Во анализираниот период, понудениот поткуп е во вредност од пет до 2.000 евра и истиот бил понуден на полициски и царински службеници на ГК „Богородица“, ГП „Табановце„, „Долно Блаце“, „Деве Баир“, „Ново Село“, „Делчево“, како и на гранични полицајци на гевгелиското подрачје со цел побрзо да се помине границата, да не биде извршена пасошка контрола и контрола на сообраќајна документација, заради не поседување зелена карта и за да се овозможи илегално минување на границата. Понатаму, две лица понудиле 120 евра и 2.000 денари на полициски работници со цел да не бидат контролирани патниците во патничкото возило и да не биде поднесена прекршочна пријава по ЗППЈРМ, а такси-возач, откако бил затекнат без документи за вршење дејност, понудил 1.000 денари на полициските работници со цел да не биде казнет.
Во другите два случаи, адвокатот понудил 10.000 евра на полициски службеник со цел да запре преткривична постапка, а одговорно лице во друштво за производство, трговија и услуги дало поткуп од 2.000 евра на стечајниот управител со цел да биде избегнато изготвување на извештај.
Во случаите на примање поткуп се пријавени девет сторители, од кои петорица полициски работници, како и по еден член на одбор на доверители, професор на Филолошки факултет и секретар на Комисија во МО и офтамолог, кои заради не извршување или постапување спротивно на службената должност примиле од 10 до 16.000 евра.
Така, двајца полициски работници од кичевско, заради наводна заштита од кривично гонење од управител на градежна фирма побарале два милиони денари, а потоа примиле 16.000 евра, понатаму, двајца од скопско од возач на неисправно и нерегистрирано возило побарале 200, а примиле 50 евра за да не поднесат пријава по ЗБСП, а полициски службеник на ГК „Долно Блаце“ примил 10 евра со цел да не изврши службено дејствие, односно да не провери документација за возило.
Во другите случаи, пријавен е член на одбор на доверители од Куманово кој со цел да обезбеди поволно гласање кај членовите побарал да му се даде работна машина (директор на основно училиште и магационер во акционерското друштво кои учестувале во договарањето за поткупот се пријавени за „помагање“ во врска со примање поткуп), професор на Филолошки факултет од Скопје, кој примил 600 евра од студентка со цел да и помогне во полагање на испит и секретар на Комисија во МО и офтамолог кој примиле 300 евра од војник на кој требало да му издадат одобрение за вршење на служба.
Кривичните дела „противзаконито посредување“ се сторени од адвокат од Битола кој понудил 10.000 евра на полициски службеник со цел да запре преткривична постапка, од секретар на лекарска комисија кој за 600 евра посредувал во издавање на одобрение за вршење воена служба и урбан полицаец од Скопје кој побарал 5.000 евра со цел да посредува при урбанизација на градежна парцела.
Исто така, зголемување е регистрирано и во откривањето на организираните форми на криминалитет и кај кривичните дела „перење пари и други приноси од казниво дело“, односно откриени се пет вакви дела за кои се пријавени 23ца сторители, кои иако знаеле дека средствата во висина од над 170 милиони денари се прибавени со казниво дело, со цел истите да ги интегрираат во легалните приноси, ги пренесувале и ја прикривале нивната локација, а дел присвоиле и за себе.
Во овие случаи, нелегално стекнатите 170 милиони денари се прибавени со „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „измама при работење со хартии од вредност и удели“, а сторителите (12 лица во својство на управители на приватни фирми и по еден управител на брокерска куќа и член во одбор на директори) инкриминациите ги сториле при незаконска продажба на акции на акционерско друштво, продажба на половни автобуси, изведба на водоводна мрежа и при поделба на градежно претпријатие во тетовско при што нелегалните средства со изготување на фиктивни фактури и договори ги префрлале на сметките на своите фирми, по што дел присвоиле за себе или дале како награда на трети лица, а во еден случај се стекнале со недвижен имот.
Во случаите на злоупотреба на службената положба со елементи на коруптивно однесување, документираните незаконитости во овие случаи, најголемиот број од нив се сторени во работењето на акционерски друштва- девет случаи, понатаму, во единици на локална самоуправа и друштва со ограничена одговорност или трговски друштва- по седум случаи, во јавни претпријатија- пет случаи, а вкупната материјална штета нанесена на Буџетот, акционерските друштва и другите правни лица изнесува 599.752.029 денари.
Во овие случаи, сторителите ги сториле инкриминациите во својство на : директори (на акционерски друштва, друштва со ограничена одговорност, јавни претпријатија и установи и земјоделски комбинати) - 13 лица, управители (во акционерски друштва, друштва со ограничена одговорност и трговски друштва)- 10 лица, седум се поранешни градоначалници, по петорица се во својство на членови на Управни одбори во АД, стечајни управници и во својство на судии и други. Покрај овие, 17 од сторителите се јавуваат во својство на вработени во споменатите друштва и претпријатија, а 15 други лица не се во својство на службени лица, но како помагачи, соизвршители или поттикнувачи учествувале во вршењето на инкриминациите.
Во првите шест месеци од годината, преземените активности во областа на криумчарењето мигранти резултираа со откривање на 17 кривични дела „криумчарење мигранти“ извршени од 29 сторители и три дела „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти“ извршени од пет сторители, при што биле прокриумчарени вкупно 58 мигранти (шест се малолетни, а 28 се жени) од кои 33 албански, 14 српски, осум македонски, двајца косовски и еден турски државјанин.
Во шестемесечието од оваа година, во рамки на активностите за откривање на овие дела се откриени две помали организирани групи на сторители составени од четворица и тројца сторители- сите македонски државјани, кои се пријавени за три дела „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти“, како и три дела „криумчарење мигранти“.
Имено, групата составена од четворица сторители делувала како дел од поширока организирана криминална група што мигрантите ги криумчарела од РАлбанија, преку нашата територија кон РИталија. Овие криумчари обезбедиле прифаќање, сместување и фалсификувани македонски патни исправи за двајцата малолетни албански државјани (за износ од 700 евра) кои легално влегле во државата, а за износ од 1.000 евра требало илегално да заминат за БиХ.
Втората група криумчари е откриена на магистралниот пат Битола-Ресен, при обид со две патнички возила да прокриумчарат осум албански мигранти, што ги презеле во Дебар и требало илегално да ги пренесат во РГрција.
Останатите дела криумчарење на мигранти- 14 се откриени на гевгелиското, битолското, валандовското, скопското, кичевското и гостиварското подрачје, при што најголемиот број се откриени при превезување на мигрантите со патнички возила- шест дела, додека пет други дела се откриени и по спроведени три контроли во угостителски објекти на гостиварското, кичевското и тетовското подрачје, каде како мигранти се пронајдени 14 српски, девет албански и две косовски државјанки кои биле прокриумчарени од сопствениците на објектите каде работеле како пеачки и келнерки.
Исто така, три дела се откриени на скопското подрачје, и тоа во првиот случај женско лице од Тетово организирала прифаќање и сместување, а потоа и обид за авионско заминување со фалсификувани документи од Скопје кон Брисел на еден турски мигрант од РАлбанија, во вториот е откриено криумчарење заради брак на малолетно лице од Скопје, за што се пријавени двајца српски државјани а едно дело е откриено откако македонската мигрантка била вратена од романските полициски органи, по обидот од страна на криумчарот од Скопје со фалсификувани италијански документи да биде авионски пренесена во Шведска.
Цените за кои криумчарите го вршат превозот на македонската територија се од 60 до 150 евра по лице.
Понатаму, откриени се и четири дела „трговија со малолетно лице“, за кои се пријавени 11 сторители- четворица сопственици на угостителски објект од гостиварско и скопско, тројца македонски државјани што живеат во Италија и уште тројца други македонски државјани.
Двајца од сопствениците на угостителските објекти, прокриумчариле 17-годишна косовска државјанка која била со забранет влез, а потоа илегално ја вработиле како пеачка, понатаму, тројца македонски државјани што живеат во Италија, а уште едно лице- исто така македонски државјанин е пријавен за помагање. Во овој случај е откриено дека сторителите, злоупотребувајќи ја лошата материјална положба на семејството на 17- годишната жртва од Крива Паланка и со лажно ветување на брак, организирале пренесување на лицето во РИталија, каде трудово и сексуално ја злоупотребувале.
Во последниот случај откриен во овој период, четири лица од скопско, од кои двајца сопственици на угостителски објекти, како и едно од прилепско, прифатиле, засолниле, превезувале и трудово и сексуално експлоатирале 17-годишна девојка од Прилеп.
Споредено со шестмесечието минатата година, зголемен е бројот на откриени дела на пуштање во оптек фалсификувани банкноти, односно откриени се 75 (54) кривични дела фалсификување пари, а по преземени мерки се поднесени кривични пријави против 66 (45) сторители, додека за 29 дела, сторителот остана непознат.
Притоа, во оптек биле пуштени речиси двојно повеќе фалсификувани банкноти во споредба со минатата година- вкупно 403 (261) фалсификувани банкноти, најголемиот број во апоени од 50 евра- 300 банкноти, 1.000 денари- 46 банкноти, од 100 евра- 18 банкноти, од 20 евра- 15, од 50 американски долари- осум, шест од 500 денари, пет од 100 американски долари, четири од 200 евра и една од 5.000 денари во угостителски објекти, обложувалници, при плаќање на такси, во продавници, аптеки, менувачници, банки, пазар, бурекџилница, трафика, диско и во простории на авто-мото сојуз.
Може да се заклучи дека најголемо влијание на зголемениот број на фалсификувани банкноти имаат откриените пет случаи на пуштање во оптек поголема количина на фалсификувани банкноти од 50 евра (284) од страна на две лица од Скопје, при купување на крупен добиток. Овие случаи се откриени на подрачјето на Скопје, Велес, Куманово, Радовиш и Пробиштип.
Во шестмесечието, во областа на инкриминациите со елементи на насилство реализирани се пет (четири) кривични дела „изнуда“ сторена во група и на особено насилен начин (чл.258 ст.2), извршени од 11 (11) сторители.
Во овие случаи, пријавените сторители, со сериозни закани по животот и грабнување, а во два случаи и со употреба на пиштол изнудувале парични средства (во висина од 500, 10 илјади и 100 илјади евра) и златен накит од три малолетни лица, сопственик на угостителски објект и други две лица од Охрид- од кои едниот носител на јавна функција.