Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

27.08.2009
Опсежна истрага за трагедијата во Охрид

Утрински весник

 

Опсежна истрага за трагедијата во Охрид

 

Судот во Охрид ќе бара вештачење на глисерите, а се чекаат и резултатите од обдукцијата на загинатата


Опсежна истрага со вештачења на глисерите што се судрија во Охридското Езеро, сослушување на сведоците и собирање докази за причините за страотната несреќа која се случи викендов, се најавуваат од Основниот суд во Охрид, кој се подготвува да ги открие причините за трагедијата во која загина 39-годишната Ирина Романова-Муцунска.

По вчерашната одлука на Кривичниот совет да ја отфрли жалбата на решението за спроведување истрага, сосема извесно е дека истрагата продолжува, а осомничениот Христијан Шапкар и понатаму останува во притвор. Поради проблемите со ’рбетот тој ќе остане во Општата болница во Охрид најмалку уште две седмици, според најавите на лекарите. Сместен е во арестанското одделение на болницата, каде што ќе продолжи со терапии, а неговата соба ја обезбедува полицијата. Без дозвола од судот никој не смее да го посети или да разговара со Шапкар, за кого се води истражна постапка во судот во Охрид. Неговата сопруга Ивана Шапкар, по хируршката интервенција на лакотот и на долната вилица, извршена завчера во болницата „Свети Еразмо“, е пуштена на домашно лекување.

Во меѓувреме, во Судот во Охрид се преземаат опсежни истражни мерки. Деновиве се очекува да пристигнат анализите од крвта и од урината на Шапкар, со цел да се утврди дали тој бил под дејство на алкохол во моментот кога се случила несреќата. Се' уште се чека и на резултатите од обдукцијата на телото на загинатата, што ја извршил патолог од Битола.

Следни чекори што најавени од страна на истрагата е вештачењето што ќе биде побарано за двата глисера, кои учествуваа во страшниот судир, што се случи кај каналот Студенчишта. Двата глисера, велат нашите извори од судот во Охрид, се добро обезбедени од страна на полицијата, а нивното вештачење треба да даде прецизни информации за јачината на ударот и за причините за смртта на Муцунска.

Во натамошната истражна постапка ќе бидат сослушани и сведоците на настанот, со цел да се добие целосна слика за случувањето. Христијан Шапкар, кој е осомничен дека со глисерот удрил во пловниот објект на Муцунска, не се знае дали повторно ќе биде сослушан. Според извори од судот, при првичната средба со истражниот судија во болница, наводно, тој се бранел со молчење.

Адвокатот на Шапкар, Емил Балабан, пак, вели дека неговиот клиент дал изјава само пред полицијата, поради здравствената состојба во која се наоѓа (бил вклучен на апарати и под седативи), а дополнително ќе треба да разговара и со истражниот судија. Засега е извесно дека Шапкар и понатаму останува в болница. Според Томе Гиноски, началник на Општата болница во Охрид, притворениот има повреди на лумбалниот ’рбет и ќе остане на лекување уште најмалку две седмици. „Му се препорачува мирување и редовно примање на терапиите, а сместен е во арестанското одделение каде што го чуваат полицајци“, вели Гиноски.

Изминативе денови, како што дознаваме, тој бил подложен на дополнителни снимања и проверки во Скопје, каде што по препорака на лекарите е одлучено да го продолжи лекувањето во Општата болница во Охрид, каде што има услови да биде под постојан надзор на полицијата.

До судот во Охрид треба да биде доставен и записникот што го изготви охридската Капетанија по извршениот увид на местото на несреќата во езерото. Како што дознаваме, Капетанијата веќе го изготвила записникот, а извршена е и проверка за тоа дали двата глисера поседувале валидна регистрација, дали биле во исправна возна состојба и дали им била вклучена светлосната сигнализација.

Како што дознаваме, при проверките е утврдено дека двата пловни објекта се регистрирани навреме и оти регистрацијата во јуни годинава им е продолжена за уште една година. Исто така, утврдено е дека и возачите на двата глисера поседувале уверение за управување со чамец, односно немало „диво“ возење по езерото.

Извори од охридската Капетанија велат дека при направениот увид било констатирано дека двата глисера биле пронајдени на 400-500 метри оддалеченост од местото каде што се случила трагедијата, во правецот кон „Инекс-горица“.

Според процедурите, пловните објекти при намалена видливост мора да имаат вклучено три светла за нивно обележување и тоа од десната страна – зелено светло, од левата – црвено, додека на јарболот мора да има задолжително вклучено бело светло, со цел бродот, глисерот или скутерот да бидат видливи од сите агли. Се тврди дека и ова правило било испочитувано од страна на загинатата Ирина Муцурска, на чиј глисер биле вклучени сите светла.

Трагедијата во која загина Муцинска се случи во саботата вечерта, околу 20 часот, пред влезот во каналот Студенчишта во Охрид. Со едното пловило управувала Ирина, додека во другото се наоѓале охриѓанецот Христијан Шапкар и сопругата Ивана, како и уште две лица. Полицијата поднесе кривична пријава против Христијан Шапкар, кој е осомничен дека сторил кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Од страна на истражен судија на осомничениот Шапкар му беше одреден 30-дневен притвор.

Несреќата се случи само неколку дена откако беше укината забраната за управување со скутери по водите на Охридското Езеро во време на летната сезона, особено во периодот од 11 до 18 часот кога има најголем број капачи.

Во сезона, во охридската марина е вистинска врвулица, ако се има предвид дека тука се закотвени и чамците на полицијата и на армијата. Во Охрид се регистрирани од 2.500 до 3.000 чамци, од кои дел се нерегистрирани, некои воопшто не се користат, а тие постарите воопшто и не се стационирани во импровизираниот канал, кој се користи како марина. Само од почетокот на годинава има 141 новорегистриран чамец, односно најчесто станува збор за скутери и за глисери, со оглед на тоа дека класичните чамци со години наназад „излегуваат од мода“.

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk