Дневник
Крадците не одат на годишен одмор
Полициски експерти препорачуваат кога се оди на подолг пат или на одмор да се остават скапоценостите во сеф во банка или кај пријатели.
Крадците во Македонија се највредни во лето и кога сите одат на годишен одмор тие „вредно“ работат, па затоа изминатиов период зачестија провалите во куќи и во станови. Цел на крадците се и гастарбајтерите, кои во овој период доаѓаат на посета на своите роднини и пријатели и со себе најчесто носат пари и скапоцености.
Куфер со 13 лаптопи и 5.000 евра биле украдени од куќа на скопјанец кон крајот на минатата недела на подрачјето на Бит-пазар во Скопје. Крадецот влегол во куќата сопственост на Б.И.(39), на улицата Зеф Љуш Марку, кога никој од газдите не бил дома. Тој насилно ја отворил влезната врата и заминал со пленот вреден над 500.000 денари.
Ова е една од поголемите кражби регистрирани изминативе денови во Скопје. Крадците добро се упатени кога сопствениците не се дома и успешно оперираат.
Од МВР апелираат сопствениците на куќи и на станови побезбедно да ги чуваат скапоценостите и парите. Домовите поквалитетно да ги обезбедуваат од кражби, со поставување соодветни блиндирани врати, алармни уреди и други системи.
Полициски експерти препорачуваат сопственикот секогаш да ги заклучува влезната и балконската врата и да внимава на прозорците, без разлика колку долго домот ќе остане празен. Пред една недела скопјанец остана без златен накит и лаптоп кога крадец се прекачил преку балконот од куќата и насилно ја отворил вратата од дневната соба. Потоа ги пребарал собите и ги украл компјутерот и златото.
- Во становите најчесто се провалува низ влезната врата, па треба да се осигурите со „шпионка“ за да го видите посетителот. Ако некој ви е сомнителен, побарајте да се идентификува. Во куќите, арамиите најчесто провалуваат преку прозорците или преку балконските врати, па поради тоа треба да се вгради додатна заштита. Провалниците често ги проучуваат потенцијалните жртви, па во опасност се постари лица, болни, инвалиди, лица што живеат сами. Децата, кои во поголем дел од денот се сами дома, треба да се научат да не им отвораат врата на непознати или, пак, веднаш да ги повикаат соседите или полицијата - објаснуваат експертите во МВР.
Во минатата недела скопјанец останал без злато и пари во вредност од над 35.000 евра откако арамии му ја ограбиле куќата во Бит-пазар. Крадецот најверојатно подолго време го следел сопственикот и го искористил неговото отсуство, па само за еден час ја „испразнил“ куќата. Арамијата преку незаклучената порта влегол во дворот, а потоа ја искршил влезната врата и влегол во куќата.
Познавачите предупредуваат парите и скапоценостите да не се чуваат во садови на кујнските полици, под перници или меѓу алиштата во плакарите. Крадците знаат дека таму може да го најдат пленот. Експертите додаваат дека ако се оди на подолг пат или на одмор, домаќините треба да ги оставаат скапоценостите во сеф во банка или кај пријатели во кои имаат доверба.
- Клучот никогаш да не се остава под чергиче и неопходно би било човекот кај кого ќе го оставите клучот од станот на чување да го празни и поштенското сандаче -велат експертите. Ако и покрај сите заштитни мерки повторно се случи да бидете жртва на провалници, тогаш веднаш повикајте ја полицијата на бројот 192. Иако кражбите во овој период на годината се зачестени, анализите на МВР покажуваат дека бројот на регистрираните кражби во првите шест месеци е намален, споредбено со лани.
Во полицијата најмногу случаи се пријавени како кражби на пари и на златен накит. Упатените во оваа област велат дека тоа е најпривлечниот плен бидејќи златото лесно се продава во златарските дуќани.Во првите шест месеци имало 5.607 тешки кражби, од кои 803 кражби во куќи и станови. Краците извршиле 432 кражби во продавници, ограбиле 181 викенд-куќа. Арамиите помалку краделе во подруми, магацини, воспитно-образовни институции, трафики, угостителски објекти.
- Превенцијата од криминалот не зависи само од Министерството за внатрешни работи. Во изминатите години спроведовме повеќе превентивни кампањи, кои ќе продолжат и во иднина. Сепак, на криминалот влијаат и општествено-економската состојба во државата, како и социјалната состојба на граѓаните. Зголемувањето на кривичните дела е поврзано и со порастот на бројот на жители во градот. За нас е од посебно значење големата ефикасност во разрешување на криминалните дела, а особено намалувањето и исто така разрешувањето на крвните деликти, кои во принцип се најтешките криминални дела - велат во МВР.