Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди до Основното јавно обвинителство во Велес поднесе кривична пријава против Д.Н. (32) и Р.Г. (37), полициски службеници во СВР Велес, за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување", предвидено и казниво по член 353 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Првопријавениот, кој со наредба извршувал работи и работни задачи–инспектор во Отсекот за општ криминал, во консултации и по добиени инструкции од второпријавениот, комесар во Одделението за криминалистички работи и раководител на Отсекот за општ криминал, искористувајќи ја својата службена положба, постапиле спротивно на Наредбата за привремено обезбедување и одземање на предмети и имот, издадена на нивно барање од Истражен судија од Основен суд –Велес. Постапувајќи по наредбата, трактор марка „ФИАТ“ на 19.05.2009 година и плуг тип „Нарди“ на 26.05.2009 година, ги одзеле од правното лице „Меридијан ПМ "ДОО Скопје и истите на 26.05.2009 година со потврда ги вратиле на управителот на ТДП УТ „Аутопластика " ДООЕЛ Скопје како предмети на кривично дело „Кражба“ пријавено од негова страна во СВР Велес. Предметите ги вратиле и покрај тоа што во Наредбата од истражниот судија било наведено одземените предмети да се предадат на чување на МВР-Сектор за внатрешни работи Велес“. Потоа, против управителот и сопственик на „Меридијан ПМ“ ДОО Скопје поднеле кривична пријава за сторено кривично дело „Кражба“ и покрај тоа што уште од првичните информации дадени од пријавителот било јасно дека во конкретниот случај не постои битието на кривичното дело „Кражба“.
Со ова, првопријавените му нанеле штета на правното лице во чие владение биле предметите како и на кривично пријавениот управник. Инаку, со Решение од 16.06.2009 година, Основното јавно обвинителство од Велес, ја отфрлил кривичната пријава со образложение дека во дејствието на пријавениот не се содржани законските елементи од битието на кривичното дело „кражба“, ниту пак на било кое друго кривично дело за кое гонењето се превзема по службена должност.
Покрај кривичната пријава против двајцата пријавени од страна на СВКПС е изречена и задолжителна мерка до непосредниот старешина, согласно одредбите од Колективниот договор на МВР да покрене постапка за утврдување на одговорност пред надлежната Комисија за отказ.