Во Скопје обука за успешна борба на граничната полиција против нелегалната трговија со коли
Скопје, 24 јуни (МИА) - Во организација на Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје и Министерството за внатрешни работи, денеска во Скопје започна обуката за зголемување на ефикасноста на граничната полиција и другите полициски единици во откривањето на нелегалната трговија со коли.
Спроведувањето на еднонеделната обука за 22 припадници на граничната полиција, сообраќајната полиција, истражното одделение на МВР и Царинската управа ќе се изврши со помош на двајца инструктори од Министерството за внатрешни работи на Австрија.
- Оваа специјализирана обука е дел од поширокиот план за зајакнување на капацитетите на земјата-домаќин за борба со организираниот криминал и зајакнување на граничната контрола. Овој тип на криминал нема ограничувања и борбата против него и носи придобивки не само на земјава, туку и на други земји од регионот и пошироко, во Европа, изјави Пауло Коста, шеф на одделот за развој на полиција при Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје.
По завршувањето на обуката, група од 14 учесници ќе бидат избрани да учествуваат на еднонеделниот курс за обука на инструктори, со цел да се оспособат успешно да го пренесуваат стекнатото знаење во иднина. дма/вј/15:42