15.06.2009
Укинати пресудите на осудените цариници и полицајци од Деве Баир
Дневник
Укинати пресудите на осудените цариници и полицајци од Деве Баир
Апелациониот суд од Скопје ги укина првостепените пресуди на Основниот суд од Куманово каде што за примање поткуп беа осудени цариници од граничните премини Деве Баир и Табановце. Иста одлука е донесена и од Врховниот суд за осудените полицајци од Деве Баир, а на кои им се судеше за организиран криминал. И едните и другите беа уапсени во големата полициска акција во февруари 2007 година. Предметите повторно се вратени пред надлежните судови, каде што ќе бидат поведени нови постапки - за обвиненијата против цариниците во Основниот суд во Куманово и за полицајците во Основниот суд Скопје 1.
Скопскиот Апелационен суд ги прифатил жалбите на одбраната на осудените цариници и потврдил дека е незаконска употребата на посебните истражни мерки, применети во сите фази од досегашната постапка. Одбраната, уште од почетокот на судскиот процес, тврдеше дека посебните истражни мерки, односно користењето како доказни материјали на аудио и визуелни снимки на заштитените сведоци, се недозволиви и не смеат да бидат изведени во постапката бидејќи се во спротивност со Законот за кривичната постапка.
- Посебните истражни мерки се применуваат само под услов доколку се работи за кривично дело за кое најмалата казна е 4 години затвор или ако станува збор за организирана група, што не беше случај со судењето на цариниците. Ним им се судеше во поединечни случаи за примање поткуп и затоа посебните мерки мора да бидат отфрлени. Со предлогот жалбите да бидат прифатени се согласило и Вишото јавно обвинителство, што значи дека овие мерки мора да бидат изземени во новата постапка. По издвојувањето на посебните истражни мерки, кои се нејасни и не докажуваат ништо, практично ќе нема никакви докази за обвинувањата - велат бранителите.
Истовремено и Врховниот суд ги усвоил жалбите и ги укинал пресудите на полицајците од Деве Баир, кои беа осудени на затворски казни за организиран криминал. Во големата полициска акција во февруари 2007 година беа уапсени 41 лице од граничните премини Деве Баир, Богородица, Меџитлија и Табановце. На Деве Баир беа уапсени осум полицајци, шест цариници и четворица угостителски работници, кои повеќе месеци беа во притвор. Против дел од уапсените воопшто не беше поднесено обвинение или добија ослободителна пресуда, а петмина полицајци беа осудени на две и пол години затвор за организиран криминал. Двајца угостители добија по една година затвор, а останатите двајца беа ослободени од обвинението. На цариниците им се судеше во поединечни случаи, при што четворица цариници добија затворски казни од шест месеци до една и пол година.
Назад