Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

22.05.2009
Одлука на Советот на Mинистри на ЕУ за основање на Европската полициска служба (Европол)

Развитокот на Канцеларијата на европската полиција (Европол) во изминатиот период беше предмет на низа дискусии во органите на на ЕУ.  Oд страна на Европската Комисија поднесен беше предлог за заменување на правната основа на Европол, односно Конвенцијата за Европол од 1999 година со трите протоколи [1]со Одлука на Советот (Council Decision). Овој предлог е усвоен од страна на Советот на Министри на ЕУ и Одлуката ќе стапи на сила на 01.01.2010 година.

Со Одлуката на Советот, Европол се трансформира во Агенција на Европската Унија, што ќе резултира со неколку предности за земјите на ЕУ, меѓу кои некои во областа на стратешкиот дел и управувањето а некои предности во областа на оперативната соработка .

Донесувањето на Одлуката на Советот ќе влијае на стратешко ниво и во процесот на  управувањето и тоа:

Поедноставувањето и подобрувањето на правната рамка за Европол ќе создаде можност за побрза и поголема флексибилност при идни измени на легислативата;

Основањето  на Европол како субјект на Унијата, финансиран од општиот буџет на ЕУ, ќе ја зајакне позицијата на Европол меѓу органите надлежни за спроведување на законот во ЕУ и другите ЕУ агенции како Евроџаст и ЦЕПОЛ ;

Се менува начинот на одлучување во Управниот одбор на Европол, преку поедноставени постапки, поопшти описи на задачите на Управниот одбор и воспоставувањето на заедничко правило сите одлуки да се носат со мнозинство од две третини од гласовите.

Зајакнување на Службата за заштита на лични податоци ќе доведе до зголемување на довербата на земјите членки на ЕУ за достава на информации до Европол.

Подобрената легислатива ќе овозможи да се реализира интенцијата Европол да стане прв канал за соработка односно размена на информации на ниво на земјите членки на ЕУ

Во однос на предностите кои ќе резултираат промени во  оперативната работа на Европол  и  размена на информации, најбитни се :

Европол  ќе им помага на надлежните органи на земјите -членки во спречување на посебни форми сериозен криминал, без тековните ограничувања за задолжителни реални индикации дека е вклучена организирана криминална структура. Се проширува мандатот на Европол, односно согласно новиот мандат покрај организиран криминал и тероризам, Европол ќе биде надлежен и за други видови криминал кои се извршуваат на територија на повеќе земји како на пример убиства, вооружени грабежи, силување, изнуди. Европол ќе биде во можност да обезбеди аналитичка подршка на земјите членки на ЕУ и во врска со организација на меѓународни настани со влијание на јавниот ред и мир ;

Се создаваат нови заеднички одредби и алатки за процесуирање на информации, односно нови системи за процесуирање на лични податоци ќе бидат додадени на веќе постоечките системи (информатички систем и работни досиеја за анализа) .

Зголемување на можноста за размена на информации со трети земји и организации  и  приватни партнери.

Менување на улогата на Офицерите за врска односно билатералната размена на информации ќе треба да се усогласи со одобрените услуги на ниво на Европол 



[1] Протоколи на Конвенцијата за Европол -Првиот протокол од 2000  година предложен од Португалија се однесува на измени во делот на перење на пари, Вториот протокол од 2002 година предложен од Белгија и Шпанија,  е за формирање односно учество на Европол во заеднички истражни тимови, Третиот дански протокол  е за унапредување на соработката преку Европол во повеќе области мегу кои : контакти на Европол со службите за спроведување на законот во земјите членки, потоа начинот на процесуирање на податоци и пристап до информативниот систем, можност трети земји да станат дел од аналитичките фајлови, меѓутоа мора да имаат склучено оперативен договор, како и јавен пристап до документи  на Европол.

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk