Нова Македонија
Македонија безбедно ги издава биометриските пасоши, на границите работат професионалци, а земјата успешно се справува со криминалот и со корупцијата. Одлични оценки се напишани за укинувањето на визите за македонските граѓани во извештајот на Европската комисија до кој дојде „Нова Македонија“.
Во документот пишува дека државата ги исполнува критериумите за укинување на визите во сите четири области. Највисока оценка или, како што пишува во документот, многу добар прогрес Македонија постигна во безбедноста на личните документи. Во делот за почитување на фундаменталните права пишува дека земјата има добар напредок, додека за илегална миграција, како и за јавен ред и безбедност се вели дека постигнала значаен и постојан прогрес.
На крајот од секое поглавје Брисел забележува дека нашата држава ги исполнила потребните критериуми од мапата за визна либерализација. Европската комисија во извештајот забележува дека повеќето од реформите во државава се на иста линија со стандардите во Европската Унија. Така во документот што е во рацете на земјите-членки на ЕУ се вели дека безбедноста на новите биометриски пасоши во Македонија е на нивото што го има Унијата.
Македонските власти ја убедуваат Европската комисија дека до крајот на следната година ќе успеат 90 отсто од старите патни исправи да ги заменат со биометриските пасоши. Комисијата уште забележува дека вработените што се вклучени во издавање на документите се внимателно селектирани и обучени. Се вели дека вработените добиваат обука и за борба против корупција. Европската комисија информира дека е известена оти досега во Македонија не се појавиле случаи на корупција при фалсификување пасоши.
„Од 1.148 случаи на корупција што биле истражувани лани, ниту еден не е поврзан со патни документи“, пишува во извештајот на Брисел.
Во последните две години МВР издало повеќе од 417.000 биометриски пасоши, 330.000 лични карти и 140.000 возачки дозволи. Во извештајот Европската комисија заклучува дека издавањето на сите документи е безбедно и според меѓународни стандарди.
„Ефикасно е воведен заеднички систем со Интерпол, кој вклучува база на податоци на украдени патни документи“, пишува во извештајот каде што се додава дека земјата направила напори за безбедно издавање на личните карти.
До крајот на годинава, се вели во извештајот, МВР планира да ги заврши потребните чекори за издавање електронски пасоши, во согласност со последните меѓународни стандарди. Во делот за безбедноста на документите Европската комисија забележува дека граничната полиција сè уште ја нема потребната технологија за читање на биометриските податоци од електронските чипови на граничните премини.
Во делот што е посветен на малцинствата пишува дека Уставот и законите, особено Рамковниот договор, ги заштитуваат нивните права. Европската комисија бара од Македонија да направи повеќе напори за да ги гарантира правата на помалите етнички заедници.
„Потребно е итно решение за проблемот со Ромите и етничките Албанци на кои им недостигаат лични документи како што се изводи од матично и здравствено осигурување. Процесот на имплементација на стратегискиот план за Ромите и акциониот план за декадата на Ромите има бавен прогрес и е попречен од слабата меѓуинституционална координација, како и од недостигот од посветеност на надлежните министри“, се забележува во извештајот. Комисијата пишува дека вработените на границата се професионални и високомотивирани.
„Иако се организираат тренинзи за граничната полиција, потребни се понатамошни напори на ова поле. За контрола и надзор на границата се потребни понатамошни подобрувања, како и модернизација на инфраструктурата и техничката опрема на сите гранични премини“, пишуваат експертите од Комисијата што беа во инспекција во земјава.
Во извештајот се препорачува Македонија целосно да ги поврзе со комуникациска мрежа сите гранични премини.
„Се подготвува ТЕТРА-радиосистем, кој треба да покрие 90 отсто од територијата до 2012 година“, пишува комисијата.
Во извештајот се забележува развој на соработката за граничните прашања со соседните држави. „Системот на азил е ефикасен и функционален во согласност со стандардите на ЕУ. На полето на миграцијата е направен значителен прогрес“, пишува Брисел.
Позитивна оценка за борбата против криминалот и корупцијата
„Добар број случаи беа процесуирани на полето на судирот на интереси и се зголеми бројот на лица што се осудени и обвинети поради криминал и корупција“, пишува во извештајот. Како позитивна забелешка се истакнува дека истражувањето нелегална миграција продолжува со соседните земји како Албанија, Бугарија и Србија.
Земјата е пофалена и затоа што преку специјални тренинзи за спречување организиран криминал ги зајакнала административните и операционалните капацитети на институциите, вклучително и судството. Се забележува и дека продолжува битката за спречувањето на перењето пари и финансирање тероризам. Во оваа насока, Брисел препорачува дека треба да продолжи добрата соработка меѓу националните тела на полето на финансиски и економски криминал. „Постои добра размена на информации меѓу институциите, а менаџирањето со податоците е според најдобрите критериуми. Треба да се направат напори за да продолжи позитивниот тренд и да се постигне значајно спречување на криминалот во земјата како и корупцијата во државните институции. Постои добар тренинг во државните институции и невладините организации за препознавање и спречување на трговијата со луѓе, како и позитивен тренд на истрагите и обвинувањата при вакви случаи“, се вели во извештајот.
Да се модернизира опремата за надзор на границата
Во извештајот за визна либерализација се вели дека граничната и регуларната полиција имаат добра соработка и вршат заеднички вежби. На границите, пак, Брисел бара да се модернизира опремата за надзор на границата. Според извештајот, нивото на екипираност на граничните премини изнесува 81 процент. Европската комисија бара да се вложат напори за да постои ефикасна контрола на границата, како и да биде зајакнат системот за информирање. Комисијата пишува дека треба да се подобри пренесувањето на информациите од централно на регионално и локално ниво. Одговорните за надзор на границата немаат пристап до статистичката база на податоци, забележува комисијата. Брисел во извештајот пишува дека постои добра соработка на граничарите со царината. За системот за азил се вели дека е целосно функционален, но се препорачува да се обезбеди гаранција дека судот е компетентен да обезбеди ефикасна заштита на одлуките за азил.
Комисијата бара од Македонија и да ја подобри базата на податоци за миграциските текови. Неколку бази постојат, но не се компјутеризирани, се вели во извештајот. Како позитивно се наведува дека постои силна меѓународна и регионална соработка во борбата против трговија и производство на дрога.
„Тоа што се откриени повеќе случаи на запленување нелегални супстанции покажува дека властите се фокусирани на овој проблем“, смета Брисел.
И МВР под инспекција
И работата на МВР целосно се става на отчет за да се исполнат условите за укинување на визите. Брисел забележува дека спрема полицајците што биле насилни против Ромите се преземени дисциплински мерки.
„Во 2008 година имало 64 жалби од граѓани до полицијата поради употреба на физичка сила. Секоја година до МВР пристигнуваат околу 30 жалби“, стои во извештајот.
Комисијата забележува дека механизмот за справување со жалбите против полициските сили се ревидира, како и дека е зајакната способноста на јавниот правобранител да се справува со вакви случаи:
„Во последните години не се искористува во целост потенцијалот на Полициската академија и тренингот е слаба точка. Постои надеж дека со отворањето на тренинг-центарот ќе се подобри ситуацијата.
Мора да се опремат граничните премини
Како забелешка во извештајот стои дека дел гранични премини и граничните полициски станици не се адекватно опремени.
„Потребни се понатамошни напори за адекватно техничко опремување на граничните премини за да се обезбеди ефикасно ниво на контрола на границата“, забележува комисијата.
Во извештајот се препорачуваат повеќе тренинзи за граничната полиција. Сепак, Европската комисија забележува подобрување на тренинзите за граничарите. Лани биле извршени околу 30 тренинзи за над 700 гранични полицајци.
Комисијата пишува дека властите во земјава го забележуваат проблемот за пристап до документи за Ромите и други малцински групи. Во извештајот се вели дека нема информации за тоа колку лица се соочуваат со ваков проблем. „Оваа ситуација се должи на недостигот од информации за тоа како да ги извадат документите и на сиромаштијата во која живеат Ромите и другите групи“, се наведува во извештајот и се препорачува земјата да подготви стратегија за менаџирање со ризик за граничната полиција, и покрај тоа што постои систем за интегрирано менаџирање со ризик.