Утрински Весник
Околу 150 кучиња што „работат“ за Министерствата за внатрешни работи и за Министерството за одбрана, од вчера живеат во многу поудобни живеалишта. Со помош на Владата на САД, која донираше над еден милион долари, се реновираше Центарот за обука на кучиња во касарната во скопската населба Ѓорче Петров. Живеалиштата на дресираните кучиња од неколку раси се подготвуваа две години.
Шарпланинци, лабрадор ретривери, белгиски и германски овчари и ротвајлери, сега имаат поудобни места каде што ќе бидат обучувани и дресирани за борба против криминалци, патролирање, чување, но и за откривање дрога и оружје. Кучињата добија 72 бокса, во кои редовно добиваат по два оброка дневно. Навечер не се хранат. Јадат посебно приготвена храна за нив.
„Во еден оброк јадат до половина килограм суви артикли. Месото и зеленчукот мора да бидат свежо направени, не премногу варени. Пијат вода и млеко. Но, освен јадењето, сите кучиња секојдневно се подложени на голем број вежби, трчање, снаоѓања со разни препреки“, велат професионалните дресери во АРМ.
Најголем дел од кучињата и' припаѓаат на Армијата, а помал дел на полицијата, која има свои центри и на други места. Но, соработката меѓу двете министерства е одлична, па така полициската Единица за брзи интервенции (ЕБР) од своите воени колеги го добија германскиот овчар Леон, кој е трениран да спасува луѓе при земјотреси и поплави, како и ротвајлерот Блека, кое е патролно куче.
Секое од овие кучиња вреди неколку илјади евра. Нивната дресура трае со месеци. Преку игра се тренираат до перфекционизам. Дел од нив се специјално дресирани преку мирис да откриваат дрога, оружје и луѓе.
Кучињата неверојатно се поврзани со своите „господари“ и ги слушаат буквално сите нивни наредби. За кучињата се грижи и Ветеринарна служба во Центарот за обука.
Центарот вчера свечено беше предаде во употреба, а на церемонијата присуствуваа министерката на полицијата, Гордана Јанкуловска, и министерот за одбрана, Зоран Коњановски, како и американскиот амбасадор во земјава, Филип Рикер. Сите тие се надеваат дека ова е само уште еден чекор кон унапредувањето на способностите на земјата во борба против организираниот криминал и шверцот со луѓе, дрога и со оружје.
Командирот на „Центар“ колатерална штета
Бранко Павловски е сменет поради несоодветни резултати, велат од МВР
Командирот на полициската станица „Центар“, Бранко Павловски, е сменет од своето работно место. Во МВР велат дека Павловски е сменет поради „несоодветни резултати“. Тие ниту демантираат ниту потврдуваат дали смената на првиот човек на ПС „Центар“ е последица на бавната реакција на полицијата по минатонеделниот спектакуларен грабеж на Прокредит банка во центарот на Скопје, како и поради нереагирањето на полицијата при инцидентот на плоштадот „Македонија“, при протестите поради изградбата на црква.
„Командирот на ПС ’Центар‘ е сменет поради несоодветни резултати. Толкувајте го тоа како сакате“, беше вчерашната изјава од МВР.
Секторот за внатрешна контрола при МВР дваесетина дена го чешлаше работењето на одговорните во ПС „Центар“ по жестоките реакции на јавноста за слабата реакција на полицијата, која само набљудуваше додека неколкуилјадна група силеџиски се пресметуваше со помал број студенти што на мирен начин го изразуваа несогласувањето со изградба на верски објект на плоштадот „Македонија“. Тогаш МВР тврдеше дека „биле задоволни како полицијата се справила со инцидентот“.
Секторот за внатрешна контрола се вклучи и по петочниот грабеж на Прокредит банка во строгиот центар на Скопје, кога неколкучлена банда среде бел ја испразни банката, се пресмета со полицијата и пред нивни очи успеа да побегне во правец кон границата со Косово. И овој пат официјалната реакција на МВР беше дека „полицијата не направила пропусти“, иако разбојниците, откако ја загрозија опасноста на стотици граѓани, со два автомобила побегнаа по улиците на Скопје, без притоа припадниците на МВР да им го блокираат патот барем на излезот од градот.
Како што дознаваме, сменетиот командир Бранко Павловски е на боледување, а вчера му било предадено решение за прераспределба на ново работно место. Министерката Гордана Јанкуловска вчера ги избегна новинарите, кои чекаа нејзина изјава на отворањето на Центарот за обука на кучиња во касарната Ѓорче Петров.
Откако заврши церемонијата, таа седна во службениот автомобил и мина крај новинарите, кои трпеливо ја чекаа да каже до каде е истрагата за спектакуларниот грабеж. Од МВР без одговор дали Павловски ќе биде единствениот што ќе понесе одговорност за последните случувања.
Само за потсетување, пред речиси половина година, МВР го смени целокупното раководство во кумановската полиција, со образложение дека биле „слепи додека тутунскиот бос Бајруш Сејдиу преку криминал ја ѕидал својата империја во градот“.
Што се однесува до истрагата за петочниот грабеж, таа и натаму тапка во место. Во МВР и вчера изјавија дека немаат „ништо ново за јавноста“, а ниту нивните косовски колеги не можат да ги лоцираат разбојниците, кои од банката украдоа 50.000 евра.