Утрински весник
„Фејсбук“ го забрани профилот на МВР
Централата го блокирала профилот поради непочитување на правилата
Профилот на Министерството за внатрешни работи е забранет на најпознатиот портал за социјално дружење „Фејсбук“ поради непочитување на правилата. Централата на порталот во Сан Француско вчера изутрина го избриша профилот на македонската полиција и сите содржини што беа објавени, по пријава на лица од Македонија. Објаснувањето на „Фејсбук“ испратено до МВР било дека се прекршени правилата, оти профил можат да отворат само поединци кои нема да го користат за реклама или за професионална промоција.
„Правилата на ’Фејсбук‘ се ригорозни, односно станува збор за социјална алатка која им помага на луѓето да комуницираат ефикасно со своите пријатели, семејство и колеги“, објаснува Дамјан Арсовски, уредник на порталот www.it.com.mk , кој контактирал со „Фејсбук“ и побарал мислење дали државна институција смее да го користи порталот за контакт со граѓаните.
Тој додава дека не му била намерата да го избрише профилот на МВР, туку само да види како од „Фејсбук“ реагираат на владини институции што им ја користат веб-страницата. „Но, тие реагираа итно и по кратко време го блокираа сајтот, најверојатно, поради фотографиите што беа објавени на профилот, а не беа баш најсоодветни“, објаснува Арсовски во изјавата за „Утрински весник“.
Доколку сега се обидете да влезете на профилот на Министерството за внатрешни работи, вашите напори ќе бидат безуспешни. Ќе бидете пренасочени на почетната страница, со што нема никаква трага дека профилот воопшто постоел, ниту, пак, дека на него изминатите денови се водеше активна полемика дали МВР треба и смее да биде дел од приватниот виртуелен свет на граѓаните. Во иднина, МВР ќе ја остварува комуникацијата со граѓаните преку официјалната веб-страница, но велат дека нема да се откажуваат во изнаоѓање нови начини за комуникација и за следење на современите трендови.
Профилот на МВР на „Фејсбук“ деновиве беше преполн со влезови од голем број љубопитни граѓани, кои разменуваа мислења, вицови, разгледуваа фотографии од специјалните единици и акции на МВР и се спријателуваа со долгата листа на пријатели на полицијата.
Покрај министерката Гордана Јанкулоска и припадниците на МВР, на листата на пријатели се најдоа и голем број новинари, па дури и „пријателки“ сликани во бикини. Сепак, за многумина најспорни беа фотографиите што беа објавени во галеријата од Музејот за криминалистика, а на кои се гледаа фетуси, делови од трупови на жртви, кои се оценуваше дека не се најсоодветни за јавно објавување.
Од МВР потврдуваат дека добиле известување од администраторите на страницата дека по претходна пријава од лица од Македонија, профилот ќе биде затворен, бидејќи според нивните правила на користење, може да се отвори само личен профил. Значи, за „Фејсбук“ е спорно тоа што државна институција отворила профил на социјална страница за дружење.
Медиумите изминативе денови пишуваа за идејата на МВР да отвори профил на „Фејсбук“ за неформална дружба со граѓаните. Иако имаше сомнеж дека со тоа полицијата би можела да навлезе во приватниот живот на граѓаните, бидејќи со еден клик добива можност да ги следи сите нивни активности на овој портал, од Дирекцијата за заштита на личните податоци сметаа дека нема прекршување на Законот за лични податоци.
„Но, што е со ’Фејсбук‘? Ги праша ли некој нив дали не се прекршени нивните закони и правила за приватност и дали дозволуваат владини институции да ја користат мрежата за вакви цели?“, напиша вчера изутрина на it.com.mk, уредникот на порталот Дамјан Арсовски, кој е на привремен престој во САД. Иако вели дека лично ја оправдува намерата на МВР да отвори своја страница на најголемата социјална мрежа, сепак, го копкало да го чуе и ставот на „Фејсбук“. Затоа стапил во контакт со Одделот за приватност од каде што веднаш добил одговор.
„Идејата за да стапам во контакт беше затоа што во медиумите прочитав дека било в ред според нашите закони МВР да има профил, а никој не спомна ништо за тоа дали е в ред ’Фејсбук‘ да биде користен од страна на МВР и дали некој ги почитува правилата“, објаснува нашиот соговорник. Тој вели дека МВР прво требало да го контактира порталот за да им каже за нивната намера и да добие дозвола за отворање профил.
„За ’Фејсбук‘ најголем проблем беше тоа што државна институција отворила профил и изразија загриженост за приватноста, иако им реков дека во македонските медиуми е дадена изјава дека ќе биде користен само за комуникација со новинарите и граѓаните. Рекоа дека, сепак, е потенцијална замка за приватноста на корисниците и дека е лошо што никој не ги контактира со вакви намери“, објаснува Арсовски, додавајќи дека е подготвен да им помогне на МВР да навлезат во светот на социјалните игри, внимателно и со почитување на правилата.
„Навистина би сакал да видам ’официјален‘ профил на МВР каде што граѓаните ќе можат да дојдат полесно до информации, каде што новинарите ќе добиваат одговори на своите прашања и каде што МВР ќе успее да го подобри својот имиџ. Но, за да се оствари сето тоа, дури и МВР треба да се научи да ги почитува ’законите‘ во виртуелниот свет, а не вниманието да биде насочено само кон локалните регулативи“, укажува овој млад Интернет-консултант.
Од полицијата велат дека ќе ги почитуваат правилата на „Фејсбук“ и нивната одлука да им го укинат профилот, но дека и во иднина ќе изнаоѓаат нови начини за комуникација со граѓаните и следење на современите текови.
„Намерата ни беше да се приближиме на новите начини на комуникација и да бидеме поблиску до граѓаните и во изминатите денови имаше одличен одѕив на профилот на МВР. Сега контактот ќе продолжи на официјалната страница на Министерството, кое и во наредниот период ќе ги следи трендовите и ќе изнаоѓа нови начини за да се доближи до јавноста“, вели помошник-министерот за односи со јавноста, Иво Котевски.