Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 


05.04.2009

Полицијата на „Фејсбук“: прифати го МВР за пријател

 

Од МВР тврдат дека станува збор за неформален профил, чија цел не е да се следат активности на новинарите

„МВР сака да биде твој пријател, потврди дека го знаеш“. Вакви пораки на Интернет-мрежата за социјално дружење „Фејсбук“ секојдневно добиваат новинарите во земјава. Министерството за внатрешни работи од пред две недели отвори свој профил на „Фејсбук“ и велат дека тоа била уште една шанса за неформална комуникација на граѓаните со Министерството. Негираат дека целта им била да се злоупотребат податоците на граѓаните, кои ќе можат да ги добијат на тацна штом станат пријатели со нив. Прекршување на законот нема, велат од Дирекцијата за заштита на личните податоци.

„Можам да бидам пријател со личност со име и презиме, но спорно е тоа кога од мене го бара МВР како институција. Моите податоци и активности се достапни за моите пријатели, не се тајни, но, сепак, тие се само мои. Од каде да знам дека некоја институција нема да ги злоупотреби?“, прашува еден новинар, кој ја одбил понудата за пријателство.

Но, од МВР се децидни дека станува збор за неформална дружба, а профилот на „Фејсбук“ го користат како дополнителна форма за контакт на полицијата со граѓаните. „Ако некој се сомнева дека податоците може да бидат злоупотребени, тогаш може да ја одбие поканата од МВР. Станува збор за неофицијална активности, чија цел не е да следиме нечии активности на Интернет“, вели Иво Котевски, заменик-министер за односи за јавноста при МВР. На профилот на МВР на „Фејсбук“, кој е активен веќе неколку недели, досега има над 200 пријатели, од кои најголем дел се новинари кои работат на проблематики поврзани со полицијата.

Профилот е отворен и достапен за сите, секој може да остави „пост“, без оглед дали е „пријател“ со МВР. Таму може да се најдат фотографии, кои ги нема на официјалната Интернет-страница на МВР.

„Интернет-страницата на Министерството www.mvr.gov.mk е официјална, додека профилот на ‘Фејсбук‘ е неформален. Луѓето многу подобро реагираат на неслужбени начини на комуникација“, велат од МВР.

Од Дирекцијата за заштита на личните податоци велат дека откако го разгледале профилот на МВР, утврдиле дека не е направена повреда на личните податоци.

„Законски не е утврдено дали државните институции можат да ги користат ваквите портали за нивен ПР. Граѓаните самостојно одлучуваат дали ќе прифатат пријателство со МВР. Со самото кликање и потврдно одговарање, луѓето треба да бидат свесни дека МВР има пристап до нивните податоци, постирања, блогови, листата на нивните пријатели и сите други активности што ги имаат на ‘Фејсбук‘. Ова, најверојатно, е начин со кој МВР одлучило да комуницира со јавноста и не можеме да го контролираме тоа“, велат од Дирекцијата. Тие, сепак, ги советуваат корисниците дека можат да ги натокмат своите профили во делот на приватните податоци, така што нивните активности ќе можат да бидат видливи и достапни само за оној круг луѓе кои сами ќе ги одберат.

„Секој треба да биде свесен дека штом станува дел од Интернет-мрежата, постојат шанси за злоупотреба на нивните податоци. Секојдневно сме преплавени со вакви случаи на злоупотреби на Интернет“, предупредуваат од Дирекцијата. Интересно, освен „официјалниот“ профил на МВР, на „Фејсбук“ постојат уште две слични страници: „ДБК МВР“ и „МВР неформална“.

„Секој може да отвори профил со МВР и сме немоќни да реагираме на тој план. Веројатно станува збор за вработени во МВР, кои преку Интернет разменуваат мислења и коментари“, велат од МВР. (Г.А.-Д.Т.)

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk