Нова Македонија
Марихуаната стана земјоделска гранка
Одгледувањето марихуана зема сè поголем замав во државава, а за тоа сведочат сè почестите полициски реализации во кои се откриваат насади со по неколку илјади стебла од ова растение. Ако до пред неколку години важеше правилото дека марихуана се сади најмногу во источниот дел од земјата и се користи исклучиво за лична употреба, сега тој примат го зедоа скопскиот, тетовскиот и гостиварскиот крај, каде што во минатите неколку години беа откриени десетина илегални плантажи.
Одгледувањето марихуана, кое беше карактеристично за струмичкиот и гевгелискиот крај, никогаш не постигна масовност оти многу мал дел од реколтата се пушташе во продажба. Поради квалитетот на домашната марихуана, високата цена за неа може да ја платат само странските купувачи, а домашните мораа да се задоволат со марихуана од Албанија и од Бугарија, која е многу понеквалитетна.
Според познавачите во последните пет години, одгледувањето марихуана доживеа вистински бум во Албанија, каде што цели региони беа со насади, а државата стана главен произведувач на оваа дрога во Европа. Годишните реколти, според процените на албанското МВР, беа и по неколку десетици тони марихуана. Албанската полиција лани уништи над 140.000 стебла канабис и заплени околу два тона. Најголем дел од дрогата е наменет за грчкиот, италијанскиот и западноевропскиот пазар, но големи количества марихуана завршуваат и во Македонија.
Битен фактор во експанзијата на производството на марихуана е квалитетот на дрогата. Ако до пред пет години марихуаната одгледана во Албанија, па и во Македонија, беше со среден квалитет, сега тоа е изменето поради набавката на квалитетни семиња од Холандија, а со самото тоа и цената е неколкупати повисока. Први за тоа се досетија албанските наркобосови, кои преку свои канали ги набавија тие семиња.
Појавата на одгледување марихуана кога-тогаш мораше да се случи и во Македонија. Лицата што беа поврзани со албанските наркодилери и кои ја носеа дрогата во земјава одлучија сами да ја одгледуваат поради намалениот профит. Набавната цена на марихуаната од Албанија од година на година растеше, а продажната останува иста. Ако во 2000 година еден килограм чинел 200 тогашни германски марки, во 2005 година чинеше 200 евра, а наредната година двојно. Од минатата година килограм марихуана чини и по 1.000 евра во зависност од квалитетот.
Системот на работа на овие лица е ист како на нивните колеги од Албанија. Тие исто така набавуваат семиња со висок квалитет од Холандија преку разработени наркоканали. Од овие семиња се добива марихуана со извонредна силина позната како „сканк“. На овој начин падна и митот дека квалитетна марихуана може да се консумира само во западноевропските земји, бидејќи истите семиња се користат и кај нас.
Според познавачите, западниот дел од Македонија е буквално преплавен со мали насади на кои има по стотина стебла марихуана. Меѓутоа во последните две години МВР откри ниви на кои имаше насадено и по неколку илјади стебла. Во август минатата година во атарот на тетовското село Стримница, кај месноста Режинка, беше откриена нива со 1.800 стебла марихуана. Истиот месец беше откриен насад во близината на Арачиново на кој имаше 360 стебла високи и до два метра. Во 2007 година во атарот на гостиварското село Неготино полицијата откри нива со 4.000 стебла марихуана. Нивата се наоѓаше на само десетина метри од автопатот Тетово - Гостивар. Истата година кај Демир Капија, во клисурата на Вардар, велешката полиција откри нива со околу 300 стебла марихуана високи и по три метри. Најголемиот насад со марихуана беше откриен пред десетина години во атарот на скопското село Петровец. На нива во близината на автопатот полициските вештаци уништија над 100.000 стебла канабис. Сопственикот на нивата никогаш не беше пронајден.
Последната заплена на МВР од 563 килограми марихуана за која потврдија дека била одгледувана кај нас и дека е висококвалитетна само го потврдува фактот дека во Македонија домашниот наркопазар се снабдува со дрога одгледувана исклучиво во земјава.