Во текот на вчерашниот ден (23.02), во периодот од 14,00 до 19,00 часот, како и денес во периодот од 06,00 до 09,00 часот, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди (СВКПС) при МВР, во рамките на своите континуирани активности, изврши контрола на наплатните станици “Глумово“ и “Романовце“, а согласно наредбата од 04.01.2009 година за забрана на употреба на службените легитимации од страна на овластените службени лица и полициските службеници на МВР при минување на патарините, спротивно пропишаните закони и подзаконски акти - потпишана од министерката за внатрешни работи.
Притоа, во текот на вчерашната контрола евидентирани се 31 возило, односно возачи кои неплатиле патарини, од кои еден бил вработен во јавна установа (ЈЗУ Здравствен дом Куманово) додека останатите се граѓани кои искористиле згодна прилика за поминување на отворена рампа на наплатните станици или користеле разни видови картички за поминување без да платат патарина. Во денешната контрола, пак, регистрирани се само 16 возила, односно возачи коишто ги минале на наплатните станици без да ја платат задолжителната патарина.
Од почетокот на ваквите контроли по наплатните станици од 28. 12. 2008 досега се извршени вкупно дванаесет, и притоа евидентирани се 520 лица кои со покажување на службени легитимации или на некој друг начин одбегнале плаќање на патарините. Од оваа бројка 37 се вработени во МВР, 43 во сите останати министерства, 20 во АРМ, 12 во Царинската управа, 9 во правосудните институции, 33 во други државни институции а останатите 359 возачи се цивилни лица. На сите кои ги сториле прекршоците од страна на МВР им е издаден платен налог за наплата на глоба во висина од 200 евра, а МВР очекува за оние кои не се вработени во полиција, нивните претпоставени да преземат дополнителни мерки.