Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 


23.02.2009

Утрински весник

Обвинението за нарачаното убиство во Ореше чека датум за судење

Во обвинението не е точно наведено кој стрелал во Лазар Милошевски, туку дека тоа го сторил некој од обвинетите

По повеќе од три години од трагичниот настан во велешкото село Ореше, кога со еден истрел од огнено оружје беше усмртен Лазар Милошевски, ќе почне судењето на обвинетите. Иако обвинителниот акт се' уште не е стапен во правна сила, поради поднесен приговор, сепак, извесно е дека во Основниот суд во Велес ќе се води судски процес за обвинетите Ѓоре Петровски (40) и за браќата Љупчо (34) и Ордан Георгиевски (37) од Скопје.

Во диспозитивот на обвинителниот акт децидно е наведено дека за настанот што се случи на 2 декември 2005 година се обвинети тројцата споменати, односно дека Петровски се јавува како нарачател, а браќата Георгиевски како извршители на злосторството. Имено, во обвинението стои дека мотивот на нарачателот треба да се бара во „безобразната одмазда кон Лазар, кој сега е покоен“ и дека за таа цел, некаде во ноември истата година, го договорил убиството. Според истите наводи, Петровски „ветил награда од 50.000 американски долари, која требало да ја исплати во повеќе наврати преку Агенцијата за трансфер на пари ’Вестерн унион’, по што обвинетите Љупчо и Ордан започнале со подготовка“.

Иако за Јавното обвинителство е неоспорно дека подготовката на браќата се состои во набавување автоматска пушка „калашников“, сепак, никаде не стои дали тие се согласиле да го сторат делото, односно дека требало да чекаат на исполнување на она што, како средства, им биле ветени, дотолку повеќе што првообвинетиот Петровски живее на Флорида, САД.

Во обвинителниот акт стои и тоа дека еден ден пред да биде извршено убиството на Лазар Милошевски, браќата Георгиевски биле дојдени на лов и дека отседнале во селото Папрадишта, како и тоа дека попладнето се упатиле кон Ореше. Токму во Ореше, односно од дворното место на Кољо Велјановски, од растојание од околу 35 метри, било стрелано во правец на домот на Милошевски, но за Обвинителството веројатно претставувало голема непознатост кој пукал. Имено, во диспозитивот на обвинителниот акт е наведено дека „еден од обвинетите испукал два куршума во моментот кога Лазар стоел покрај прозорецот“.

Во натамошниот тек од обвинението прецизно е кажано дека едниот куршум завршил во фасадата, над прозорецот, а дека вториот куршум „го погодил Милошевски во десното рамо“ и дека ова ранување предизвикало бројни повреди на витални органи, односно дека Милошевски се здобил со смртни повреди.

Иако целиот товар за овој случај паѓа на плеќите на одбраната, сепак, и Обвинителството ќе се соочи со проблемот на докажување, дотолку повеќе што истрагата покажала дека Ѓоре Петровски од САД, каде што непрекинато живее веќе 12 години, извршил 38 парични трансакции, а дека на обвинетиот Ордан, инаку вработен во Крим-техника на МВР, во четири наврати му биле исплатени малку повеќе од 3.000 американски долари, а кои завршиле на иконите на црквата „Свети Ѓорѓија“, за што постојат и релевантни сведочења кои и го потврдуваат тоа. Всушност, главниот проблем е во тоа што обвинетиот Петровски многу повеќе средства му исплатил токму на лицето кое ќе треба да се појави во својство на заштитен сведок, односно како сведок со скриен идентитет. Во дел од медиумите беше ставен акцент токму на заштитениот сведок за кого се говореше дека е лице со криминално минато и дека неговиот исказ бил даден од Истражен затвор. Тогаш медиумите шпекулираа дека токму откривањето на идентитетот на овој сведок било главната причина поради која предметот, уште во фаза на истрага, му беше одземен на судијата Валентин Зафиров, а тој подоцна беше суспендиран од страна на Републичкиот судски совет.

Како и да е, на судот во Велес му претстои тешка задача, дотолку повеќе што за делото за кое се товарат на обвинетите им се претстои казна доживотен затвор, но доколку не се потврди тоа, тие ќе треба да бидат ослободени од виновност, а времето минато во притвор да им се ревалоризира.

Масовна тепачка во гостиварската гимназија

Родителите на учениците и МВР констатирале дека мотив за тепачката не е етничка нетрпеливост

Гостивар - Масовната тепачка меѓу две групи ученици од албанска и од турска националност, што се случи минатиот петок во гостиварската гимназија, беше повод управата на училиштето, родителите на учениците што учествуваа во тепачката и претставници на МВР да одржат итен заеднички состанок. На неколкучасовниот состанок се расправаше за нарушувањето на јавниот ред и мир во училиштето. Притоа беше оценето дека тепачката меѓу учениците-Албанци и Турци не е предизвикана од етничка, туку од младешка нетрпеливост.

Инцидентот што се случи минатиот петок во попладневните часови бил продолжение на тепачката што се случила ден пред тоа во ходник на гимназијата. Според информацијата на МВР, се степале 18-годишниот Р.С. од Гостивар и неговиот врсник С.Р. од село Врапчиште. Најпрво почнале да се расправаат, по што С.Р. со тупаница го удрил Р.С. по лицето, кој веднаш потоа го турнал. При паѓањето, С.Р. се здобил со повреди на главата. По укажаната лекарска помош во гостиварската болница бил пуштен на домашно лекување.

Продолжението на тепачката се случило во попладневните часови во петокот. Другари на С.Р. влегле во училницата на Р.С. и притоа настанала општа тепачка. Според информацијата на МВР, во тепачката учествувале поголем број ученици, а се користеле и столчиња, при што неколку ученици биле полесно повредени, а биле искршени и девет компјутерски монитори.

Полицијата против нарушителите на јавниот ред и мир ќе поднесе соодветни пријави, а раководството на гимназијата ќе им изрече педагошки мерки. Како што информираше директорот Агрон Алили, на Советот на училиштето ќе му предложи на инволвираните ученици во тепачката да им бие изречена педагошка мерка отстранување од натамошната настава, со услов на крајот на учебната година да им се дозволи приватно да ги полагаат предметите од оваа учебна година.

Родителите на учениците што учествувале во тепачката ќе треба да ја надоместат причинетата штета која, според процените, изнесува 60.000 денари. (К.К.)

 

 

Вечер

ОСУМ ГОДИНИ ПО ВОЕНИОТ КОНФЛИКТ ВО МАКЕДОНИЈА


Животот си го одзеле 30 војници - поради психички рани


Дури и осум години по војната, ретко кој од оние кои држеа пушки в раце, е подготвен така лесно да ги заборави сите несакани случки и да продолжи во животот, а психичките рани на нашите бранители се уште тлеат

"Виетнамскиот синдром" ја разорува душата, страв, стрес, хаос, неповторливи слики, физичко изживување, крв, отсечени делови од тела, празни соби, тепање, киднапирање. Ова се сликите со кои секојдневно се соочуваат стотици луѓе, иселени, малтретирани, деца, старци, жени, мажи, но и војници во редовниот и резервниот состав, Македонци и Албанци, сите оние што случајно или намерно преживеале одредени драми изминатата година.

Дури и осум години по војната, ретко кој од оние кои држеа пушки в раце, е подготвен така лесно да ги заборави сите несакани случки и да продолжи во животот, враќајќи им се на нивните секојдневни обврски. Некои собираат барем трошка сила за да ги заборават несаканите моменти кои во совеста се сепак живи, додека други се уште живеат во минатото и многу често не можат да го разликуваат јавето од стварноста која многу боли. Гледано психијатриски, траумите не исчезнуваат така лесно, а дополнително се повторуваат и оживуваат со секој нов случај на какво било воено дејство или случај на малтретирање.

"Во воените дејствија, точно 180 припдници на МВР беа физички повредени, а за жал 80-мина наши колеги загинаа во конфликтот. Но, иако како синдикат нашата природа е да се грижиме за материјално економски прашања на припадниците на полицијата, сепак грижата ја насочуваме и кон пострауматскиот стрес од конфликтот на нашите членови", изјави за ВЕЧЕР, Тихомир Климовски, полициски синдикалец.

"Македонија е единствената земја од регионот која има досега само една кампања организирана во 2007 година за лечење на психичките рани кај припадниците во конфликтот. Тоа досега го немаат направено ниедна од земјите од ексјугословенските простори", објасни Климовски.
Загрижувачките бројки упатуваат на брзо и ефикасно делување за да се спречат војниците и полицајците со пострауматски стрес, како излез од кризата да посегнат по својот живот. Причината за 30 самоубиства на директни учесници во конфликтот, од кои четири последната година, експертите ја лоцираат токму во поствоениот стрес, иако не е утврдено дали кошмарните слики од војната се пресудни за самоубиство.

Осум години наназад од воениот конфликт само триесетина војници и полицајци се лекуваат од траумите. Другите, чиј број се претпоставува дека е 10 пати поголем, молчат и не се решаваат да признаат за последиците кои секогаш завршуваат фатално.

"Со промените во новиот закон за внатрешни работи планираме да воведеме облигаторна обврска на секој оној полицаец кој користел оружје и пукал како и оној врз кого е пукано, да биде задолжителна проверката од стручни лица, психијатри и психолози, врз него со цел да се спречат несаканите последици", напомена Климовски.

Иако дел од припадниците кои се самоубиле покажувале знаци карактеристични за поствоениот синдром, немало кој да им излезе во пресрет.
Отсуството на решителност кај болните и несоодветен лекарски систем директно ги оставаат бранителите надвор од третманот преку кој би го надминале синдромот. Проблемот отвора многу дилеми и клучната, како да им се помогне на припадниците на безбедносните сили да ги заборават ужасните слики. За почеток најдобро е самите да се пријавуваат на психоанализи.
Во Воената болница за време на борбите, психијатар посетиле 743 активни војници и резервисти, а Полицискиот синдикат досега организирал постстресни терапии за 180 полицајци, ранети во конфликтот. Здруженијата на бранителите најмалку две години организираат сесии со психијатри и со психолози - волонтери.

Припадниците на активниот состав имале полесни форми на растројства и во 95 отсто биле враќани во единиците. Две третини од резервистите имале тешки растројства и биле прогласувани за привремено или трајно неспособни за служба. Меѓу утврдените посттрауматски состојби биле и акутна реакција на стрес, невротски растројства, депресија, алкохолизам и психози.

Самоубиства на полицајци
Од последните покарактеристични самоубиства на учесници во конфликтот на научна анализа поттикнува самоубиството на специјалец од Идризово, кој се застрелал откако изгледал документарец за војната.
Професионален војник си пресуди со пиштол во Кочани откако не можел да ги надмине флеш-бек феномените со масакрот кај Вејце. Полицаец од Неготино откако сурово пукаше во колешка, си го одзеде животот со бесење. Главно не покажувале знаци карактеристични за пострауматското растројство.

Кои се најчестите знаци на синдромот?
Најчестите знаци на виетнамскиот синдром или кој било друг поствоен синдром се хроничен немир и раздразливост, агресија, срцебиење, главоболки, болки во мускулите и во коските, тешкотии при дишењето, губење рамнотежа, вртоглавица, желудочни проблеми...
Според психијатрите, посттрауматското стресно растројство е одложена реакција на стрес, директна или индиректна закана за животот. Предизвикува напнатост, импулсивност, низок праг на толеранција, депресија, самоубиствен нагон, а може да се манифестира и со кошмари и повторно преживување на стресната ситуација. Вообичаено се лекува со антидепресиви и со психотерапија.

Прва земја што го признала постењето на овој синдром е Велика Британија. Под притисокот на националното друштво на воените ветерани, војникот Шејн Руслинг, кој служел во хеликоптерскиот оддел за време на војната во Персискиот Залив, бил прогласен за воено неспособен и му биле овозможени бесплатно здравство и други привилегии.

Приведени десет проститутки

Десет девојки, кои нелегално престојувале или работеле во угостителски објекти во Гостивар, викендов биле приведени од полицијата. Рацијата започнала најпрвин во угостителскиот објект "Нота" во село Чегране, Гостиварско, сопственост на А.Ш. (41). Таму, полициските инспектори поради нелегален престој и вработување привеле четири джавјанки на Албанија и една македонска државјанка.

Наедно, според полицискиот извештај, при извршена контрола од угостителскиот објект "Палма" во Гостивар, сопственост на П.З. (27), по истиот основ приведени се по една државјанка на Србија и на Албанија, како и три македонски државјанки. Од страна на гостиварската полиција во тек се активности за целосно расчистување на случајот.

Дневник

Измамник украл 20 хектари земја од иселеник

Кривопаланчани предупредуваат дека неколку болни и стари лица од селата Длабочица, Псача и Габар биле измамени и останале без семејните имоти

Со измама ми украде околу 20 хектари имот во родното село Длабочица, убедувајќи ме дека само ќе ја користи земјата за да обезбеди приходи да го прати својот син во странство. Грев е што има вакви луѓе, кои мамат стари, неинформирани лица. Мислев дека човекот навистина има мака и сакав само да му помогнам. Вака раскажува Душан Стаменковски (73) од Бор, Србија, по потекло од кривопаланечкото село Длабочица, кој бил измамен од извесен

Љупчо Н. од Крива Паланка, кому не знаејќи, му „подарил“ околу 20 хектари од имотот во родниот крај, наследен од родителите. Старецот наседнал на измамата на Николовски, кој се претставил како син на негови соседи од Длабочица, барајќи да му го даде имотот на користење, затоа што му требале пари за да го прати својот син во странство. Дури подоцна Стаменковски разбрал дека во документот што го потпишал, не само што му го отстапува имотот на непознатиот човек, туку и му дава право истиот да го отуѓи.

- Николовски лани два пати доаѓаше кај мене во Бор. Јас сум иселен уште во 1959 година и цели 23 години не сум дошол во Македонија. Си имам проблеми, морам да се грижам за тешко болната сопруга, која е неподвижна. Измамникот ми рече дека му требаат пари за да го прати синот во странство и ми ја побара земјата да ја обработува, а рече дека за возврат нешто ќе ме почести. Ме убедуваше дека во спротивно државата ќе ми го одземе имотот.

Толку беше упорен, не ги прифаќаше моите молби дека не ме интересираат такви работи, но веќе немав време и нерви да се расправам. За да се ослободам од него на крајот решив да го потпишам бараниот документ. Се согласив да му го отстапам имотот на користење за три години, за возврат ми плати 590 евра. Ме одведе кај адвокат во Бор и потпишав на бел лист, не ми дадоа ништо да прочитам. Си реков нека ја користи земјата, и така јас не сум таму - плачејќи и целиот скршен поради измамата раскажува Стаменковски. Тој од преголемата болка поради нанесената измама не сакаше да се фотографира.

Дека е измамен дознал од своите роднини што живеат во Длабочица. Тие го информирале дека Николовски на истиот начин ја измамил и неговата сестра, која исто така била сопственик на дел од посочениот имот. Жената наседнала на приказната на измамникот дека државата ќе им го одземе имотот, а посебно откако слушнала дека нејзиниот брат му го потпишал бараниот документ, по што и таа се согласила да го направи истото. Измамникот нејзе и' платил 20.000 денари. Роднините дознале дека Николовски, штом ги собрал потребните документи, веднаш потоа го отуѓил имотот и го префрлил на име на својата сопруга.

- Јас имам три деца, овде имам браќа, сестри и внуци. Зошто да му го дадам имотот на туѓ човек, си имам семејство и ако треба ќе им го препишам на некој од нив. Но, толку години не сум стапнал во родниот крај и не знаев што се случува тука, какви се законите и прописите. Мислев дека можеби навистина државата ќе ми го одземе имотот, кој толку години стои без да се обработува. Што да правам сега, не можам да си простам за направената грешка. Сега морам овде да се расправам и да губам време и пари под стари години, а во Бор ја оставив својата неподвижна жена- се жали Стаменковски.Неговите роднини објаснуваат дека слушнале оти Николовски на сличен начин измамил и други иселеници од селата Псача и Габар. Тие случајот го пријавиле во полицијата и ќе бараат судска разврска и поништување на договорот за да си го повратат имотот одземен со измама.

Кривопаланчани посочуваат повеќе случаи во кои измамници насамариле стари лица. Обично го правеле тоа со болни и стари за кои немало кој да се грижи, па без да им објаснат за што точно се работи, ги мамеле да потпишуваат документи со кои им ги одземале семејните имоти. Измамите, велат, најтешко се докажуваат во случај на смрт на старите лица, кога нивните наследници обично дознаваат дека постои договор за подарок или друг вид преотстапување на семејното наследство на лица што не се во роднински врски со сопствениците.

Нова Македонија

Полноќна инвазија од малолетници во штипските кафулиња Автор:  Драган Јованов Магијата на ноќниот живот, освен за возрасните, е вистински магнет и за малолетниците, кои иако свесни за законските ограничувања сè почесто можат да се видат во ноќните клубови и кафулиња како се забавуваат до ситните утрински часови. Ова го покажуваат и контролите на полициските екипи што најчесто се спроведуваат за време на викендите и најчесто завршуваат со приведување тинејџери, кои остатокот од вечерта го поминуваат во полициска станица, каде што ги чекаат родителите за да ги одведат дома.

Според полицијата, нивните екипи контролите најчесто ги вршат по полноќ, оти искуствата покажуваат дека во кафулињата или кафеаните бројот на малолетници во тоа време е најголем. Ситуацијата дополнително се комплицира, бидејќи поголемиот број малолетници полицијата ги затекнува како консумираат алкохолни пијалаци. Казните за самото присуство на малолетниците се на товар на угостителските објекти, кои можат но и не мора да бидат виновни за тоа што дозволиле малолетниците да им бидат гости по полноќ.

Најангажирана во справувањето со ваквата појава можеби е штипската полиција, која често врши контроли во угостителските објекти во градовите што се под нејзина јурисдикција. Последните вакви акции беа спроведени во почетокот на месецов, кога во неколку кафулиња во Штип, Кочани и во Пробиштип беа затекнати како со алкохол во рака се забавуваат со повозрасните сограѓани.

- Полицијата има обврска секојдневно да спроведува вакви контроли. Во последниов период контролите од ваков тип се зачестени за да се намали бројот на ваквиот вид прекршоци, а и малолетниците да го почитуваат времето што не е дозволено за нив - вели Снежана Санева, портпаролка на штипската полиција.

Оттаму велат дека досега немале конфликти со родителите чии деца токму заради овие причини се нашле во полициска станица, оти биле свесни дека нивните потомци направиле прекршок.

- По контролите во кои полициските екипи ќе начекаат малолетници, следува нивно приведување и носење во полициската станица, каде што се прави записник и ги известуваме нивните родители. Родителите, пак, се свесни за прекршоците што ги прават нивните деца, па затоа не наидуваме на недоразбирања со нив, туку имаме само опомени кон децата и ги пуштаме дома - додава Санева.

Од друга страна, пак, малолетниците како да не ги засегаат многу овие контроли. Според нивните кажувања, тие и понатаму ги посетуваат кафулињата во овој недозволен период, а на некои од нив велат дека им случувало и по неколку пати да бидат спроведувани во полициската станица.

Сопствениците на кафулињата, пак, се свесни за прекршокот и прават сè за да се намали присуството на малолетниците во нивните локали по полноќ.

- Правиме сè за да го намалиме овој тип прекршок, но не можеме да застанеме на вратите и на секој што ќе сака да влезе да му бараме документација за да провериме дали е полнолетен. Децата во денешно време и не се разликуваат многу од постарите. Проблемот е во тоа што не мора да значи дека пијат алкохол во локалот. Честопати се случува да дојдат пијани, па одговорноста е наша - вели сопственик на кафуле во Штип.

Тој додава дека досега имал и случај кога пред судот малолетниците признавале дека во локалот не пиеле алкохол, па казната што ја плаќал била само за нивното присуство.

Казните што се наведени во членот 21 од Законот за прекршување на јавниот ред и мир и не се баш за потценување. Тие се наведени во три групи, па казната за трговското друштво изнесувала од 1.500 до 2.000 евра, за сопствениците казната изнесува од 1.200 до 1.700 евра, а казна плаќа и одговорното лице што во тој момент се наоѓа во локалот, кое треба да плати од 600 до 1.200 евра.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk