Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 


09.02.2009

Утрински весник

Семејството Јаневи ја бара вистината за смртта на синот

Јаневи се сомневаат дека истрагата ја забошотуваат цариник и инспектор

КАВАДАРЦИ - Семејството Јаневи од кавадаречкото село Возарци и по една година од смртта на синот Влатко, не знаат точно што се случило тој ден. Никој ништо не им кажал, ниту надлежните, ниту пак сопствениците на мелницата, каде што работел синот. Виолета и Блажо се сомневаат дека некој сака да ја забошоти вистината за смртта бидејќи, според нивни сознанија, зад официјалниот газда се кријат цариник и инспектор од Гранична полиција, и поради тоа вистината е далеку од нив. Со тага и солзи се навратија на 16 февруари минатата година. Велат дека единствениот документ што го имаат било известувањето дека предметот од велешкиот е вратен во кавадаречкиот суд.

„Тринаесет месеци нашиот син работеше на црно. Не беше ни здравствено ни пензиски осигуран. Имаме информации дека во тоа време не се работело безбедно, но никој од колегите на нашиот син не сака јавно да говори од страв за работните места”, со болка и солзи говореа пред новинарите Виолета и Блажо Јаневи. Се надеваат дека правдата и вистината за смртта на нивниот син ќе исплива на површина и надлежните органи ќе го разрешат овој случај.

И по една година, жителите на Возарци, со кои разговаравме, со солзи потврдија дека Влатко бил работливо и мирно момче, но и тие се прашуваат што се случило точно ланскиот 16 февруари.

Влатко го загуби животот на 21 година. Како што пишувавме, тој при извршување работни задачи, пропаднал во силос за сточно брашно во мелницата „Евромлин” и се задушил. Лекарите, тогаш рекоа дека смртта настапила поради задушување со брашно. Полицијата, кога се случи несреќниот настан, потврди дека сопственик на мелницата бил извесен Блажо Ристов.

Со нож ја ранил сопругата, па се пробол и себеси

ТЕТОВО - Милутин Јовановски (36) од Сараќино, во состојба на психичко растројство, со нож ја нападнал сопругата Соња Јовановска (24), нанесувајќи и' убоди на рацете и телото, по што завршила во Клиничката болница во Тетово. Но, приказната на ова семејно насилство не завршува тука, туку продолжува со обидот Милутин сам да се избоде, па и нему му се укажува болничка помош.

„Син ми боледува од шизофренија. Постојано е под лекарства. Инјекции прима еднаш месечно. Ако ја промаши дозата, добива шизофренички напади, кои не може да ги контролира. Сега најмалку шест месеци нема примено таква инјекција“, загрижено вели таткото Живко. Според него, откако му било кажано дека во нивната куќа се случува нешто страшно, тој веднаш дошол дома, видел многу крв, а веќе му рекле дека снаата била избодена.

Милутин сега се лекува на Нервното одделение во тетовската болница, а Соња ја презеле нејзините блиски, кои се грижат за нејзиното здравје во Радишани, Скопско, од каде што потекнува.

Жители на Сараќино велат дека Милутин надвор бил мирен, но дома агресивен и дека сите три години колку што е во брак со Соња, постојано се расправале. Во услови кога психичките напади биле посилни, почнувал да крши, да сече жици од електрична инсталација, а потоа и да тепа, главно по сопругата, која исто така била со кревко здравје.

„Ние во семејството не можеме да се справиме. Неопходна ни е помош од државата. Најдобро би било ако извесно време помине на лекување во болницата во Демир Хисар“, смета неговиот татко Живко. (Г.Е.)

Единаесет полицајци пијани на работа

Вкупно 11 полицајци биле затекнати под дејство на алкохол на своите работни места по контролата на МВР во 20 станици низ земјава. Тестирани биле вкупно 175 полицајци, при што кај 11 биле евидентирани од 0,15 до 2,36 промили во крвта. Сите тие ќе бидат соодветно казнети.

Секторот за внатрешна контрола на МВР поднесе кривична пријава против полициски службеник од Скопје затоа што фалсификување службена исправа. Според МВР, 38-годишниот службеник во октомври лани евидентирал дека извршил четири увиди на сообраќајки, иако биле извршени три. Тој евидентирал фиктивна сообраќајка, во која негов пријател претрпел штета од 3.000 денари. За да не биде фатен ги преправал белешките од неколку сообраќајки што се случиле во тој период во Скопје. (Г.А.)

Вечер

Фатен еден од бандата крадци на автомобилска галантерија


Дваесет и седумгодишен скопјанец со својата банда краделе радиокасетафони од автомобили на паркинг-просторот спроти хотелот "Холидеј-Ин" во центарот на Скопје. Полицијата завчера откако добила сознанија за зачестените кражби во автомобили на улицата "Моша Пијаде" поставила свој тим. При што на самото место при извршување на кривичното дело "тешка кражба во обид во автомобил" бил фатен С.Б.(27) од Скопје.

Истрагата на полицијата покажала дека околу 15 часот на улицата "Моша Пијаде" бб на паркинг-просторот наспроти "Холидеј-ин", прво биле забележани три непознати како се движат на паркинг просторот околу возилата. Тројцата се приближиле до паркиран автомобил "шевролет Калос" со скопски регистерски ознаки, сопственост на П.З.У. Др. "АНАА, кој бил управуван од С.В. од Скопје. Крадците насилно, со употреба на погоден предмет или алат "оперирале" на двете брави од предните врати во пределот на цилиндрите за да ги отклучат. Во тој момент им пристапиле полицајците при што двете лица успеале да побегнат во непознат правец, додека С.Б. бил фатен на самото место, по што бил приведен во Полициската станица Центар. Во информативниот разговор, според полицијта, осомничениот С.В. не ги открил. Од страна на СВР Скопје против С.Б. ќе биде поднесена Кривична пријава за кривично дело "тешка кражба во обид".

ОТКРИЕН МЕЃУНАРОДЕН КАНАЛ ЗА ШВЕРЦ НА МИГРАНТИ


Шверцале деца за 1700 евра со фалс документи


Петчлена криминална групаа била дел од меѓународен канал за транспорт на мигранти за илегално преминување на македонската државна граница за влез и излез од земјава. Полицијата поднела кривични пријави до Јавното обвинителство против четворица македонски државјани З.Д. (33) и Д.П. (32), двајцата од село Радолишта, Струга, М.Н. (39) од село Падалиште, Гостивар и Љ.З. (42) од Скопје, поради постоење на основано соменение дека сториле кривични дела "организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење на мигранти", а против Љ.З.(42) македонски државјанин бил поднесен посебен извештај, поради постоење на основано сомение дека и тој бил член на организираната криминална група.

Истрагата на полицијата покажала дека петмината биле дел од меѓународна организирана криминална група, која се занимавала со криумчарење на мигранти кои ги пренесувале од Албанија преку територијата на Македонија до Италија. Тие на мигрантите им обезбедувале сместување и фалсификувани патни исправи и билети до крајните дестинации.

Имено, З.Д. по барање на албански државјанин за илегално префрлување на две малолетни лица од Албанија до Италија, во соработка со лицето М.Н. набавил две фалсификувани македонски патни исправи за децата за сума од 700 евра, а за паричен надомест од 1000 евра од човек, требало да ги пренесат до Сараево. Во текот на јануари, годинава, малолетните мигранти на илегален начин влегле во земјава во близина на граничниот премин "Ќафасан". Тие биле прифатени од непознато лице, однесени во Струга кај Д.П., од каде што пак биле преземени од З.Д. и сместени во куќа во Гостивар се до нивниот транспорт за Скопје, од каде што требало да продолжат за Сараево. На граничниот премин "Блаце" на излез од Македонија, при пасошка контрола било откриено дека С.Ѕ. употребил фалсификувана македонска патна исправа, по што бил задржан од надлежните органи. З.Д. заедно со другиот маолетен мигрант поради одредени причини не успеале да стигнат до Сараево, по што тие се вратиле во земјава. По распишана телеграма од страна на МВР, З.Д. на граничниот премин "Табановце" бил уапсен, додека вториот малолетен мигрант не бил пронајден. Покрај З.Д. Уапсени биле и другите двајца осомничени. Од страна на истражен судија на сите пријавени лица во случајот им била одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Албанскиот државјанин С.Ѕ. бил сместен во Прифатниот центар за странци во Скопје за понатамошна постапка.

Измислил сообраќајка поради услуга


Полицаец завел сообраќајка која не се случила за да му направи услуга на пријател. Полицијата поднесе кривична пријава против својот колега С. Г. (38) од Скопје, под сомнение дека сторил продолжено кривично дело "фалсификување службена исправа".

Според полицијата, С.Г. како раководител на увидна екипа евидентирал дека извршил увид во четири сообраќајни несреќи, иако биле извршени само на три сообраќајки. За наводната четврта сообраќајна незгода во Регистарот за евидентирање внел дека таа се случуила на булеварот "Јане Сандански" меѓу непознато лице со непознато возило и граѓанин од Скопје, кого пријавениот лично го познавал, со наводна материјална штета од 3.000 денари, за којашто била изготвена и службена белешка и фотоалбум.

Кога полициски крим-техничар му побарал објаснување од пријавениот за предметната сообраќајка, С.Г. ги преправил внесените податоци, заведувајќи дека сообраќајката се случила на паркинг спроти булеварот "Илинден" меѓу двајца возачи со лесни возила, со материјална штета од 3.000 денари, а го сменил и името и презимето на еден од учесниците во сообраќајната незгода.

Тие податоци, според истрагата на полицијата, биле земени од податоци од граѓани кои на критичниот ден пријавиле сообраќајка на паркингот спроти американската амбасада на која пријавениот излегол на лице место, но не направил увид, затоа што учесниците меѓусебно се договориле за надомест на причинетата штета.

Дневник

ПРОСТИТУЦИЈАТА ЦВЕТА во салоните за убавина

Јавните куќи во Скопје се јавна тајна

Весниците се полни со понуди за „третмани за разубавување“ во салоните за масажа и убавина, кои се легла на проституција

Девојки нудат повеќе видови масажи за сериозни господа во пријатен амбиент со закажување. Дискретно прати СМС-порака или јави се на бројот... Ова е само дел од огласите што може да се видат во дневните весници и во списанија специјализирани за огласување.

Најчесто зад ваквите огласи се кријат понуди од проститутки, кои зад параванот на салоните за масажа и убавина, им нудат сексуални услуги на клиентите. Полицијата пред неколку дена го затвори салонот за масажа „Вања“ и ги приведе сопственичките Вања З. (41) и нејзината мајка Благородна З. (65 ), кои се осомничени дека ги врбувале вработените девојки, кои работеле како масерки, да даваат сексуални услуги и еротски масажи на клиенти. Во салонот „Студио Вања“, кој е во центарот на Скопје зад зградата на Собранието, три девојки околу една година давале сексуални услуги. Во салонот доаѓале и клиенти што за услугите на масерките се информирале преку оглас. Осомничените се сопственички и на салонот за убавина „ Никол“, лоциран на улицата Македонија.

Иако долго е јавна тајна оти во салонот „Вања“ и неколку други слични места во градот може да се добијат и сексуални услуги последниве три години ова е втор случај полицијата да уапси сопственичка на салон за масажа, исто така лоциран во центарот на Скопје. Дваесет и четиригодишната Душанка Д. од Демир Капија во 2006 година беше осудена на шест месеци затвор за посредување во вршење проституција и подведување и овозможување полови дејства. Полицијата во нејзиниот нерегистриран салон за масажа во зграда на улицата Рузвелтова пронајде три седумнаесетгодишни девојки, една кумановка и две велешанки, кои давале сексуални услуги и еротски масажи.

Педесетгодишната скопјанка Виолета веќе неколку години работи како масерка, но бидејќи нема можности да отвори салон за масажа, работи преку огласи и оди во становите на муштериите. Таа е револтирана бидејќи поради проститутките, кои се кријат зад параванот на масажите, и тие кои чесно работат ги бие лош глас.

- Пред неколку години останав без работа во една од текстилните претпријатија поради што бев на курс по масажа и почнав да работам како масерка. Бидејќи не можев да се вработам во салоните низ градот дадов оглас во весниците и почнав да работам сама дома, но и кај муштериите на кои им треба релаксациска масажа. По неколку дена работење ми се случи шок. Отидов на повик во станот кај еден муштерија. Бев фрапирана кога господинот ми се нафрли и побара од мене да имаме секс. Како без глава избегав од куќата и ги оставив маслата за масирање и другиот прибор. Од тогаш секогаш им нагласувам на муштериите дека станува збор само за масажа, но, не и за секс, па заинтересираните муштерии најчесто се откажуваат од услугата - вели Виолета.

За разлика од неа, девојките што доаѓаат од помалите градови во Скопје за да студираат прифаќаат да работат како проститутки за да си ги платат студирањето и престојот. Најчесто работат како масерки или козметичарки во салони за убавина или клиенти наоѓаат самостојно преку огласи.

На заинтересираните муштерии им се закажува третман половина час или час по јавувањето, при што не им се кажува точната адреса поради заштита. Масерката го пречекува клиентот на едно место, а потоа одат во нејзиниот стан или станот изнајмен од макрото. Таквата процедура трае се' додека проститутките не стекнат доверба во муштериите.За разлика од обичните граѓани, кои сексуалните услуги ги добиваат на овој начин, одбраната клиентела ги користи услугите на модерните салони за убавина или луксузните апартмани на сопствениците на салоните што регрутираат девојки од внатрешноста, но, и поранешни модели. Таму најчесто доаѓаат луѓе со длабок џеб и со препорака. Поради различната услуга цените на третманите се движат од 20 до 100, па и 1.000 евра, во зависност од времето на траење и видот на „масажата“.

ИНФО-„Масажа“ од 100 евра

На заинтересираните муштерии им се закажува третман половина час или час по јавувањето, при што не им се кажува точната адреса поради заштита. Поради различната услуга цените на третманите се движат од 20 до 100, па и 1.000 евра, во зависност од времето на траење и видот на „масажата“.

 

Македонски државјани шверцувале мигранти за Италија

Четворица македонски државјани се осомничени дека биле дел од меѓународна група за шверц на мигранти од Албанија за Италија преку Македонија, соопшти МВР. Одделот за организиран криминал поднесе кривични пријави против З.Д.(33) и Д.П.(32), двајцата од струшко Радолишта, М.Н.(39) од гостиварско Падалиште и против скопјанецот Љ.З.(42). Тие се товарат за организирање група и поттикнување извршување трговија со луѓе и шверцување мигранти. Групата обезбедувала фалсификувани документи и го организирала транспортот на илегалците.

Осомничениот З.Д. бил ангажиран од албански државјанин илегално да пренесе две деца од Албанија до Италија. Тој заедно со М.Н. набавил два фалсификувани македонски пасоша за кои платил 700 евра. За сума од 1.000 евра од мигрант, децата требало да бидат пренесени во Сараево, БиХ. Минатиот месец тие илегално влегле во Македонија во близина на преминот Ќафасан. Малолетниците биле сместени во куќа во Гостивар се' до нивниот транспорт од страна на З.Д. до Скопје, од каде што требало да продолжат за Сараево.

Полицијата открила дека едно од децата има лажен пасош и го задржала, а З.Д. Со другото дете го продолжиле патот, но поради одредени проблеми и тие не успеале да стигнат во БиХ и се вратиле во Македонија. Наскоро полицијата го уапсила осомничениот шверцер на мигранти. Таа многу брзо ги открила и другите членови на групата.

Канал 5

Истрагата за самоубиството на новинарот, осомничен убиец Владо Танески може да добие друга насока

Игор Мирчески и Анте Ристески од Кичево осудени на доживотен затвор, бараат помош од Хелсиншкиот комитет и од меѓународни институции за да докажат дека не се убијци на Митра Силјаноска, една од трите масакрирани кичевчанки, за кои беше осомничен, притворен и во тетовскиот затвор мистериозно самоубиен новинарот Владо Таневски.

Во Идризово се оти до смрт го тепале Радослав Божиноски од Малкоец. Под силна полициска тортура рекле дека ја убиле и Митра. На судењето негирале ама никој не им верувал.

- На работа беа, на стража работеше Игор, со татка му на дрва сечење. А Анте работел во Струга со татко му. Имал сведоци и од Струга тој, тогаш на судењето имаше сведоци ама сведоците не ги прифатија, рече Мирка Мирческа, мајка на Игор.

По истрагата што лани ја покрена МВР за сериските убиства во Кичево, ДНК анализата и притворот на Танески, адвокатот Спасе Стефаноски барал ама, пред месец гостиварскиот суд го одбил барањето за повторно судење за Игор и Анте. Со, образложение дека нема нови докази. Оние со кои беше притворен Танески не биле докази за повторување на постапката.

- Меѓу убиството на Живана Темелкоска и убиството на  Митра Силјаноска постои поврзаност, вели адвокатот Спасе Стефаноски.

Семејствата Мирчески и Ристески ја чекаат одлуката на гостиварска Апелација.

Истрагата за смртта на осомничениот Танески не е завршена. Во Кичево никој не верува дека во канта за вода, Владо се удави во тетовскиот затвор. Се шпекулира дека е нарачано убиство со задушување со многу влажна крпа. Оти постоел голем страв тој да проговори зошто и со кого ги киднапирал и масакрирал Живка Темелкоска, Митра Силјаноска и Љубица Личоска.

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk