Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

30.01.2009
Сексуални злоупотреби на малолетници во текот на 2008 споредено со 2007 година

Оваа година, на подрачје на Република Македонија, од областа на сексуалните деликти извршени над малолетници и деца, регистрирани се вкупно 83 кривични дела, извршени од страна на 95 сторители над вкупно 99 деца или малолетници. Во истиот период минатата година се регистрирани 61 кривично дело, извршени од страна на 73 сторители над 79 малолетници и деца. Од изнесените податоци може да се констатира дека оваа појава бележи пораст на делата од 31,6% во однос на минатата година, а тоа пред се се должи на фактот што од година во година, педофилијата предизвикува се поголем медиумски интерес, кој ја извади на површина оваа девијантна појава која отсекогаш постоеше, но беше третирана како табу тема. За разлика од порано, за оваа тема се повеќе гласно се зборува, па затоа се добива впечаток дека појавата е зачестена. Гледано по дела – “полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години“, вообичаено е најзастапено кривично дело и е речиси на исто ниво секоја година. Забележан е пораст само на делата – “задоволување полови страсти пред друг“ и “подведување и овозможување полови дејствија“.

Најголем број од регистрираните сексуални деликти извршени над малолетници се “полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години“- 52 (53) кривични дела, што се на исто ниво како и минатата година, од кои најмногу се извршени на подрачјето на Скопје - осум дела, понатаму по шест на подрачје на Штип и Велес, по три во Тетово, Струмица, Свети Николе и Кавадарци, по две дела се регистрирани на подрачјето на Берово, Кичево, Куманово, Неготино, Пробиштип, Кочани и Радовиш и по едно во Битола, Виница, Дебар, Крива Паланка, Охрид и Прилеп. За извршените кривични дела, кривично се пријавени 61 сторител (исто толку биле пријавени и минатата година), сите од машки пол, најчесто на возраст од 18 до 35 години (најстариот сторител е на возраст од 73 години, а најмладиот е на возраст од 11 години). Како жртви на ова кривично дело се 48 девојчиња и 10 момчиња, од кои најмалото девојче е на возраст од шест години, додека момчето е на возраст од пет години. Карактеристично е дека жртвите, во најголем број случаи потекнуваат од социјално загрозени семејства, а пет од нив се штитеници на институции за згрижување на деца. Според местото, делата почесто се извршувани во рурални средини и на отворен простор, а според начинот на извршување сторителите најчесто ги намамувале децата со давање помали износи парични средства и со лажни ветувања, без примена на брутални методи, освен во еден случај во Виница кога сторителот заради заплашување употребил огнено оружје. 

Во овој период, случај што предизвикаа големо внимание и јавна осуда, беше кога 40-годишен Штипјанец намамил двајца 14-годишни штитеници на домот за деца без родители „11-ти Октомври“ во Скопје, инаку деца со заостанат душевен развој, носејќи ги во куќа на планината Плачковица, каде извршил полови дејствија над нив. За извршеното кривично дело, на сторителот му е изречена казна затвор во траење од 15 години. Не помалку бизарни се и половите напади во Велес, каде 74-годишен старец извршил полов напад над две девојчиња нудејќи им 1.000 денари за да дојдат со него или пак вториот случај кога 72-годишен старец, континуирано, подолг временски период, вршел полови дејствија над 11-годишни близначки, за што им давал по 10 денари. За одбележување е и сексуалното насилство во светиниколско село, каде 32-годишна жена, со цел да обезбеди основни средства за егзистенција, ја подведувала на полови дејствија својата 14-годишна ќерка на три лица.

 

Од 11-те дела - “задоволување полови страсти пред друг“ (минатата година беше регистрирано само едно такво кривично дело), најголем дел се извршени во Скопје-пет и по едно во Штип, Крушево, Кочани, Виница, Кратово и Прилеп. Делата се извршени од повозрасни лица, најчесто со покажување интимни делови од телото пред осум деца од женски и шест од машки пол. Само две дела се извршени од малолетни лица, првото на подрачје на Прилеп од 11-годишик над шестгодишно машко дете, а второто на подрачје на Скопје, извршено од тројца 16-годишници, кои со закана со пиштол, во повеќе наврати принудувале малолетник на разни полови дејствија.

 

Регистрирани се и девет дела “подведување и овозможување полови дејствија“ (минатата година беа 4 такви крвични дела), на подрачје на Скопје, Штип и Неготино-по две и по едно на подрачје на Гостивар, Дебар и Свети Николе. Карактеристични се случаите кога петмина малолетници на возраст од 15 до 18 години, подведувале малолетничка на полови дејствија со ветување дека ќе и дадат храна, како и случајот кога 36-годишно лице, со ветување дека ќе ја вработи  и ќе и даде бесплатно сместување, подведувал на полови дејствија 14-годишно девојче. Случајот во Свети Николе кога мајка ја подведувала својата ќерка, е опишан во делот на половите напади.

 

Трите кривични дела “родосквернавење“ (минатата година – едно) се извршени на подрачје на Скопје-две и едно во Велес, при што во првиот случај 37-годишен сторител извршил обљуба над малолетна роднина, во вториот случај брат извршил полови дејствија над своите малолетни сестри и во третиот случај во Велес таткото извршил полови дејствија над неговата 12-годишна ќерка и нејзината другарка, инаку двете со пречки во развојот, за што судот му одреди казна затвор во траење од 15 години.

 

Трите кривични дела “прикажување порнографски материјал на малолетник“ (минатата година – две), се извршени на подрачјето на Виница, Кратово и Крива Паланка, при што во првиот случај 72-годишно лице, во својот дом во повеќе наврати, на машко дете му прикажувало филмови со порнографска содржина, при што ги задоволувал половите страсти пред него, наведувајќи го да го прави истото.  Во вториот случај, 54-годишно лице, во текот на три дена, секојдневно користејќи ја куќата на свој починат роднина, на четворица малолетници им прикажувало порнографски видеоматеријал, а воедно вршел и задоволување на полови страсти, наведувајќи ги и малолетниците да го сторат истото. Третото дело се уште не е расветлено, а се работи за испраќање видео-клипови со порнографска содржина на малолетници, преку мобилни телефони.

 

Трите дела “посредување во вршење проституција“ (во 2007 не се регистрирани вакви кр. дела), се извршени во  Гевгелија, каде 31-годишно лице згрижило во својот дом 20-годишна девојка со нејзиниот тригодишен син, како и 16-годишна девојка и на истите им договарало давање сексуални услуги на грчки државјани, за што добивал парични средства, второто во Штип, каде 21-годишно женско лице посредувало во вршење проституција од страна на 15- годишна девојка со различни лица, за паричен надомест и третиот случај во Скопје, каде 30 годишен сторител подведувал на проституција малолетничка и истата била затекната од страна на полицијата при давање на сексуални услуги на едно лице на паркинг просторот пред хотелот „ВИП“.

Двете кривични дела “обљуба со злоупотреба на положбата“ (и ова кривично дело не е регистрирано во 2007 год.), се извршени на подрачјето на Куманово, каде 60-годишен просветен работник, педагог во средно училиште во Куманово, кој во повеќе наврати, над пет ученички извршил разни полови дејствија, притоа ветувајќи им дека доколку имаат потреба од облека ќе им овозможи да ја купуваат или да ја добиваат бесплатно од неговата продавница, како и случајот во Струмица, каде 15-годишно девојче била сексуално злоупотребена од страна на својот 35-годишен очув.

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk