Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

28.01.2009
Состојбите во безбедноста на патниот сообраќај во Република Македонија во 2008 година

Во текот на 2008 година Министерството за внатрешни работи, со цел  да обезбеди непречено одвивање на сообраќајот и постигнување поголема безбедност на сите учесници во него, постојано преземаше мерки и активности за подобрување на условите од кои зависи безбедноста во оваа област како и мерки за  надминување на проблемите што  се пројавуваа.

Во оваа насока, се преземаа мерки за сообраќајно-техничко уредување и утврдување режим на сообраќајот, за подобрување на состојбите со патната мрежа и сообраќајната сигнализација, за техничката исправност на возилата, за подобрување на квалитетот на обуката на кандидатите за возачи и спроведувањето на возачките испити, активности од превентивно воспитен и едукативен карактер насочени за подигање на сообраќајно–техничката култура и дисциплина на учесниците во сообраќајот, како и активности за нормативно доуредување и усогласување на нашето законодавство во оваа област, со законодавството на Европската Унија.

Освен овие активности насочени кон подобрување на општите услови за уредно и непречено одвивање на сообраќајот, секојдневно се вршеше и контрола и регулирање на сообраќајните токови, при што ваквите активности првенствено се насочуваа на деловите од патишта, улици и крстосници каде се одвива густ и интензивен сообраќај и на места каде почесто се случуваат сообраќајни незгоди.

Значајни активности се остварени и за сузбивање, откривање и докажување на сообраќајната деликвенција, при што  за сузбивање на потешките сообраќајни прекршоци се спроведуваа и бројни селективно-акциски контроли од републички, регионален и локален карактер. При тоа, против сторителите на сообраќајните прекршоци во текот на 2008 година преземени се 334.495 (300.968) превентивно репресивни мерки, од кои 135.384 се поднесени барања за поведување прекршочна постапка, 24.646 се наплатени парични глоби, од сообраќај се исклучени 17.284 возила и 14.582 возачи, времено се одземени 5.150 возачки дозволи, извршени се 71.000 алкотестирања, 2.558 лица се упатени на сообраќајна поука, за полесни сообраќајни прекршоци 53.871 лица се опоменати и тн.

Покрај, обемните активности и голем број превентивно- репресивни мерки, во текот на 2008 година се случиле  4.408 (4.040) сообраќајни незгоди со потешки последици, како и 11.698 (12.821) сообраќајни незгоди со полесни последици-незгоди во кои е причинета само материјална штета. Бројот на незгодите со потешки последици случени во 2008 година бележи пораст за 9,1%, во однос на претходната година, а бројот на незгодите со полесни последици бележи намалување за 8,5 %. Во сообраќајните незгоди со потешки последици загинале 162(173) лица,  повредени се 6.724(6.133) лица и е причинета материјална штета во износ од 132.363.013(125.054.927) денари.

Најмногу незгоди со потешки последици се случиле на подрачјето на Скопје-1.951, Куманово-375, Тетово-312, Прилеп-183, Битола-179, по 156 незгоди се случиле на подрачјето на Струмица и Охрид, Гостивар-137, Кавадарци-113, Штип-109, Кичево-105 и тн.

Од вкупниот број на настрадани учесници-6.886 во сообраќајот најмногу се возачи-3.153  од кои  од кои 81 загинале и 3.072 се повредени, потоа патници-2.626 од кои 29 загинале и 2.597 се повредени и пешаци-1.107 од кои 52 загинале и 1.055 се повредени.

Преземени превентивно-репресивни мерки

2008 година

  2007  година

Вкупно мерки

334.495

300.968

Барања за поведување на  прекршочна постапка

135.384

114.159

Наплатени мандатни казни

24.646

6.304

Исклучени возила од сообраќај

17.284

25.505

Исклучени возачи од сообраќај

14.582

13.937

Времено одземени возачки дозволи

5.150

3.611

Извршени алкотестирања

71.000

55.035

Изречени опомени

2.558

2.903

Повикани на сообраќајна поука

53.871

71.566

Останати мерки

10.020

7.948

Од извршените согледувања може да се констатира дека најголемо влијание за случување на сообраќајните незгоди со потешки последици има недисциплинираното однесување на учесниците во сообраќајот. Имено, од вкупниот број сообраќајни незгоди со потешки последици, 4.378 незгоди или 99,3% се предизвикани од субјективниот фактор, односно по вина на возачите кои предизвикале 93,3% од незгодите, потоа по вина на пешаците кои предизвикале 5,7%  од незгодите и патниците-0,1%. Возачите најмногу незгоди предизвикале поради управување со возилата со поголема брзина од дозволената и со неприлагодена брзина спрема условите на сообраќајот и состојбите на патот-1.461 незгоди, потоа поради непочитување на правилата за првенство на минување-757 незгоди, непрописно движење и свртување на пат-539 незгоди, недржење прописна страна на движење-423, непрописно престигнување-231, управување со возило под дејство на алкохол-133 и тн.   

Според видот на патиштата, најмногу незгоди со потешки последици се случиле во населените места-3.216 незгоди или 72,9% од вкупниот број, во кои настрадале 4.601 лица или 66,8% од вкупно настраданите, од кои 77 лица загинале и 4.524 лица се повредени. На патиштата надвор од населените места се случиле 1.192 сообраќајни незгоди со потешки последици или 27% од вкупниот број, во кои настрадале 2.285 лица или 33,2% од вкупно настраданите, од кои 85 лица загинале и 2.200 лица се повредени.

По месеци најмноги незгоди се случиле во мај-469, потоа во август-464, во јуни-453, јули-451, септември-395, април-391, октомври-383, март-379, во февруари-281, ноември-277, јануари-244 и најмал број на  незгоди во декември-221.

По денови, најзагрозени со сообраќајни незгоди биле  понеделниците-659, потоа саботите-647, во средите-646, по 642 незгоди се случиле во вторниците и петоците, четвртоците-604 и најмал број на незгоди во неделите-568.

  По часови, најмногу незгоди се случиле во времето од 16,00 до 18,00 часот- 627 незгоди, потоа од 14,00 до 16,00 часот-579, од 12,00 до 14,00 часот-530, од 18,00 до 20,00 часот-505, од 10,00 до 12,00 часот-476  незгоди итн, а најмал број на незгоди се случиле во периодот од 04,00 до 06,00 часот-90 незгоди.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk