Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

11.01.2009
Состојбите во областа на трговијата со луѓе и криумчарење мигранти во изминатиот период од 2008 год

Во текот на 2008 година, значајни резултати се постигнати во откривањето на криминалот поврзан со криумчарење мигранти и трговија со деца, криминал што е присутен и доста актуелен како во регионални, така и во светски рамки. Од овие причини, македонските полициски служби континуирано остваруваа соработка и разменуваа информации со полициските служби од регионот, при што е реализирана мошне успешна регионална акција во која е откриена организирана група што криумчарела мигранти и од блискиот исток.

Како резултат на севкупно преземените мерки и активности за сузбивање на појавата на криумачрење мигранти, во текот на оваа година е регистрирано зголемување на бројот на откриени кривични дела за над 21% и бројот на сторители за околу 75% во споредба со истиот период минатата година, односно се поднесени вкупно 31 кривична пријава, во кои се документирани вкупно 46 кривични дела, извршени од 159 сторители (лани беа откриени 38 дела и 91 сторител). Од нив, 36 се кривични дела „криумчарење мигранти”, извршени од 96 сторители и 10 се кривични дела „организирање група за извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење мигранти”, извршени од 63 сторители. Во рамките на овие откриени случаи, утврдено е дека сторителите го организирале криумчарењето, транспортот и сместувањето на 173 илегални мигранти (кинески, албански итн.), внесувани во државава најчесто преку Р.Србија (реонот на Куманово) и РАлбанија (охридско-струшкиот регион или преку Охридското Езеро), со крајна дестинација кон Р.Грција или други европски земји (Италија, Германија, Швајцарија, Шведска, Франција и сл.), како и во обезбедување и изготвување на фалсификувани патни исправи и визи за над 50 лица за некои од горенаведените европски земји. Сумите кои се исплаќани од мигрантите се движат од 20 – 50 евра за транспортот и од 600 евра до 1.500 евра за самото криумчарење или обезбедување фалсификувани патни документи.

Што се однесува на мигрантите, според националната припадност, во најголем број – 68 се кинески државјани, 61 се албански, 12 се македонски, девет се индиски, седум се од Косово-Србија,  шест се авганистански, пет српски, двајца се државјани на Бангладеш и по еден бугарски, турски, и колумбиски државјанин.  Според возраста, 27 од нив се на возраст под 20 години, при што 10 се малолетни, 24 се на возраст од 20 до 30 години,  а останатите се на возраст над 31 година. Според половата структура на мигрантите, повеќето се од машки пол - 150, додека  23 се од женски пол. Основната мотивираност на мигрантите е од економска  природа, односно потрага по подобра материјална егзистенција, а истие се решаваат илегално да мигрираат поради неможноста легално да обезбедат патни исправи или визи, согласно  актуелниот визен режим.

Од наведените 31 кривични пријави, најголемиот број - 12 кривични пријави се од Регионалниот центар „Југ”,  осум кривични пријави се поднесени од Одделот за организиран криминал, а останатите кривични пријави се поднесени од РЦ „Запад” – четири, СВР Куманово – две,  додека по една кривична пријава е поднесена од СВР Тетово, Штип, Струмица, ПС Прилеп и РЦ „Север”.

Според националната структура на 159те сторители во најголем број – 147 се македонски државјани, четворица се албански, по тројца се турски и српски државјани и двајца се грчки државјани. Според евиденциите, встаросната граница на лицата -сторители се движи од 18 до 65 години, при што најголем број се на возраст од 26 до 35 години- 87 сторители и од 36 до 46 години-27, потоа на возраст од 19-25 години се 23 сторители,  од 46 до 65 години се 12 сторители и на возраст од 18 години се четворица сторители, додека за шестмина сторители (турски, македонски и српски државјани), кои се со делумно познат идентитет, не може да се одреди возраста. Според половата припадност, 156 од сторители се машки, а три се од женски пол. Основниот мотив на сторителите е стекнување материјална корист, која во зависност од реализираните криумчарења, може да достигне и   значително висок износ. Во откриените случаи, 26 сторители (13 лица) се  јавуваат како организатори на криумчарењето, а останатите се вклучени во транспортот и сместувањето на мигрантите. 

Според подрачјето на делување, во Р Македонија, најчесто се користат потезите Куманово -Скопје-Гевгелија или Дојран и Охрид-Струга-Ресен-Битола кон македонско – грчката граница, при што  и најголем број од случаите се откриени на овие подрачја (Скопје-пет случаи, Гевгелија-четири, Дојран и Битола –по три, Валандово, Демир Капија, Куманово, Струга и Тетово- по два, и по еден на подрачје на Охрид, Ресен, Дебар, Гостивар, Прилеп и Струмица).

Според начинот на делување во извршување на кривичните дела опфатени во 30 -те  поднесени кривични пријави,  во најголем број случаи – 15, сторителите делувале самостојно (петмина од Скопје, тројца од Гевгелија, а останатие од Куманово, Тетово, Струга, Штип, Струмица и тројца странски државјани)– кои во својство на превозници, со свои возила или такси-возила (пет случаи), превезле вкупно 49 мигранти (26 албански, шест авганистански, пет кинески, четворица српски, по тројца македонски и индиски и по еден бугарски и косовски државјани), кои за превозот платиле од 4.000 до 8.000 денари.

Во девет од случаите, пријавените лица во договор по двајца (од Тетово и Струга- по двајца, двајца албански и по еден од Велес, Прилеп, Гостивар и Охрид), со возила превезувале 38 мигранти кон македонско-грчката граница, највеќе албански – 20, македонски-осум, косовски-седум, двајца од Бангладеш и една колумбиска државјанка, за што примиле парични средства од 800 до 14.000 денари.

Во три случаи, сторителите делувале во група од три лица (четворица од Скопје, тројца од Куманово и двајца турски државјани) и организирале превоз со фалсификувани документи на пет кинески и еден турски државјанин кон Франција и Грција.

Откриените сторители, во еден случај делувале во група од четири лица (тројца од Велес и еден од Скопје) и криумчареле македонски мигрант кој со фалсификуван пасош, за сума 2.500 евра, требало да замине за Минхен-Германија, а откриени се и две добро организирани групи составени од 16 и седум лица, кои биле вклучени во процес на криумчарење на 14 кинески и еден албански мигрант и во подготвување на фалсификувана документација за други 50 лица.

Исто така, за обележување е дека во пет од вкупниот број случаи, кај сторителите се пронајдени фалсификувани патни исправи и визи за престој (турски, швајцарски, белгиски и српски), како и фалсификувана документација за изготвување на патни документи за над 50 лица, при што во еден од случаите сторителите ги наоѓале клиентите преку оглас во дневни весници, а за услугата наплаќале од 1.200 до 1.500 евра

Во поголема регионална акција со Р.Србија, откриена е организирана група од 20 сторители (17 македонски, двајца албански и еден грчки државјанин), кои преку организирана мрежа (главниот организатор на криумчарењето е грчки државјанин), прокриумчареле 64 мигранти, во кои покрај 14 албански, беа откриени 44 кинески и шест индиски мигранти кои од источните земји авионски ја поминувале релацијата Пекинг-Москва-Белград, а потоа преку илегални премини во кумановскиот регион влегувале во РМакедонија и заминувале кон Р.Грција, исто така на илегални премини. Од Р.Грција, со фалсификувани документи требало да заминат во некоја од европските земји- Франција, Италија, Швајцарија и сл., а за да бидат прокриумчарени до планираната дестинација, мигрантите самото криумчарење, прифаќање и сместување го плаќале од 600-1.000 евра, а само за транспортот низ државата од 20 до 50 евра.

 

Покрај ова, особено значајно во делувањето на Министерството се и активностите што се преземаат за откривање и спречување на трговијата со луѓе, а особено трговијата со деца, вид на криминал кој исто така е доста актуелен во светски рамки. Овој вид криминал е инкриминиран во Кривичниот закон на РМ со извршените измени во почетокот на 2008  година, по што од страна на полициските служби, во текот на анализираната година се откриени десет кривични дела и 25 сторители, од кои девет се кривични дела  „трговија со малолетно лице”, извршени од  21 сторител и едно кривично дело „трговија со луѓе”, извршено од четворица сторители. Откриените случаи во оваа област, споредбено со минатата година (откриени три дела и тројца сторители) бележат тренд на тројно зголемување. Во врска со овие случаи се поднесени седум кривични пријави и два посебни извештаи, од кои од Одделот за Организиран криминал се поднесени пет кривични пријави и еден посебен извештај и од СВР Тетово  се поднесени две кривични пријави и еден посебен извештај. Притоа, седум од кривичните дела се извршени на тетовското подрачје, едно на подрачје на Гевгелија, едно на магистралниот пат кон Охрид, а едно на подрачје на Кавадарци и во странство (Србија, Италија и Франција) .

Во сите случаи, жртвите -12 се македонски државјанки и истите се на возраст од осум до 17 години (три на возраст од 16 години, по две на возраст од девет,  14 и 15 години и по една осумгодишна, десетгодиша и и 17-ет годишна). Најголем број од девојчињата се од Скопје – осум, а другите се од Гевгелија, Штип, Ресен и Кавадарци.

Во сите случаи, повеќето од жртвите, од страна на сопственици на угостителски објекти биле трудово експлоатаирани, односно работеле како келнерки, танчерки или придружнички на гости, четири од нив биле и сексуално експлоатирани и физички малтретирани, во еден случај, две од жртвите биле сексуално експлоатирани со знаење на родителот, додека во последниот реализиран случај,  девојчето, откако било однесено во странство, било трудово и сексуално ексополатирано и физички малтретирано од „наводниот” сопруг и негови роднини.

Според националната структура, 21 од сторители се македонски државјани, најмногу од подрачјето на Тетово -10 сторители, Скопје – пет сторители, Битола и Прилеп - по двајца и по еден од Гевгелија, Струмица и Велес, тројца се српски и еден е хрватски државјанин. Според половата припадност, 20 се мажи, а пет се жени. Најголем број од нив се на возраст од 31 до 38 години – 10 сторители, осум се на возраст од 19 до 27 години, пет се на возраст од 42-49 години и по еден е на возраст од 18 и  60 години.

Најголем број од нив, кривичните дела ги сториле во својство на сопственици на угостителски објекти-осум сторители, нивни вработени – четворица,  пријателки – четири, роднини- двајца, родители – двајца, еден такси-возач, наводен „сопруг” и членови на неговото семејство – четворица. 

Сопствениците на угостителски објекти се извршители на седум од откриените кривични дела (на подрачје на Тетово-шест и Гевгелија-еден), кои заедно со вработените во угостителските објекти и нивните пријателки, вршеле трудова или сексуална експлоатација на осум малолетнички на возраст од 14 до 17 години. Овие жртви, како награда за тоа што работеле како танчерки, келнерки и придружнички на гостите во угостителските објекти, од сопствениците добивале процент од испиените коктели, а доколку одбивале да работат биле физички малтретирани.

Во два случаи, како сторители се јавуваат родители на жртвите, кои препродавале и овозможиле сексуално експлоатирање на три малолетни жртви на возраст од осум, десет и 12 години. Во едниот случај, родителот овозможил осумгодишното девојче да биде сексуално злоупотребено од такси возач со кој се превезувале, кој и претходнот го злоупотебувал ова и 10-годишното девојче, додека во другиот случај, татко си ја продал 12-годишната ќерка да работи во угостителски објект на тетовското подрачје.

Во последниот случај на „трговија со луѓе”, жртва е 15-годишно девојче од Кавадарци, кое во почетокот на минатата година, уште на 13-годишна возраст, со посредство на лице од Прилеп и од Србија, и со согласнот на родителите договорила брак со српски државјанин што живеел во Франција (бракот требал да се склучи по полнолетството на жртвата). По ова, истата била однесена во Србија од српскиот државјанин - вујко на идниот маж, каде сфатила дека  се работи за фиктивен брак, бидејќи и била одземена патната исправа и била ограничена слободата на движење, била принудена да слугува во нивната куќа и да врши кражби во куќи со  неговата жена и синови, а доколку одбивала, била и физички малтретирана. По едномесечен престој била  однесена во Италија, каде исто така била принудувана да врши кражби, а по кратко време во Франција, каде повторно била трудово и сексуално експлоатирана од наводниот сопруг и неговите родители, била ангажирана да работи во кафеана и да дава сексуални услуги на клиенти ( за износ од 300 до 500 евра), а воедно  и да врши кражби во куќи. Откако девојчето успеало телефонски да го извести семејството за фактичката состојба, случајот бил пријавен во полиција од страна на нејзината мајка.

Фактот дека во сите случаи жртвите се македонски државјанки, како и повеќето сторители,  укажува дека воглавно се работи за внатрешна трговија со малолетни лица, а за постоењето на проблемот на внатрешна трговија, со домашни жртви, е укажувано и во извештаите на некои невладини и меѓународни организации кои работат на оваа проблематика (Отворена порта -Ла страда, ОБСЕ и сл.). Воедно овие жртви, се сместуваат во шелтер – центрите што функционираат во рамките на невладиниот сектор.

Инаку, дека Р.Македонија е на вистинскиот пат за сузбивање на оваа појава, укажува и повторното рангирање на нашата земја во јуни оваа година од страна на Стате Департмент-от на САД во првата група земји што целосно ги исполнуваат условите за борба против трговијата со луѓе, што е особено значајно бидејќи Р.Македонија е единствената земја од регионот што се наоѓа во оваа група земји.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk