На 30.01.2009 година во периодот од 15,30 до 19,30 часот, согласно годишната наредба од 05.01.2009 година од Министерот за внатрешни работи, по претходно изготвен оперативен план, од страна на вработени во Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди повторно беше извршена контрола на наплатни станици во Републикава, со цел откривање на злоупотреба на службените легитимации и поминување на наплатни станици на вработени во МВР со приватни возила, без при тоа да бидат подмирени трошоците согласно Законот за јавни патишта. Контролата е спроведена во координација со Државниот инспекторат за транспорт во согласност со член 121 став 1 точка 16 од законот за јавни патишта. Со контролата беа опфатени наплатните станици „Глумово”, „Миладиновци” и „Отавица” на излез од Велес за Скопје. Во наведеното време на трите наплатни станици, без да платат патарина со покажување на службени легитимации поминаа 23 возила. На сите возачи кои ги поминаа наплатните станици без да платат патарина им беше издаден платен налог за наплата на глоба за сторени прекршоци по член 68, 69 и 72 од Законот за јавни патишта. Од вкупно 23 возачи (не е регистриран ниту еден вработен во МВР), тројца се судии, а по еден возач е од АРМ , од Влада, од Министерство за земјоделство, од Министерство за локална самоуправа, од Министерство за правда, од Државна болница, од Агенција за развој и од Здравен дом . Останатите 12 возачи се граѓани кој ги поминале наплатните рампи, без да платат патарина користејки разни картички беџови и друго.
Досега СВКПС спроведе вакви акции во пет наврати кога беа откриени 244 службени лица и граѓани, од кои 28 вработени во МВР кој ја злоупотребиле службената значка, одбегнувајќи да платат патарина. Со последната акциска контрола, вкупниот број на откриени и санкционирани службени лица се искачи на 267, од кои 28 се полициски службеници. На сите кои досега ги сториле прекршоците од страна на МВР им е издаден платен налог за наплата на глоба во висина од 200 евра, а МВР очекува за оние кои не се вработени во полиција ,нивните претпоставени да преземат дополнителни мерки.