Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

26.012009 СВКПС во контрола на патарините
Глоба за службени лица но и за граѓани со лажни легитимации

Денеска, 26.01.2009 година во периодот од 5,30 до 9,30 часот, согласно  годишната наредба од 05.01.2009 година од Министерот за внатрешни работи, по претходно изготвен оперативен план, од страна на вработени во Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди повторно беше извршена контрола на наплатни станици во Републикава, со цел откривање на злоупотреба на службените легитимации и поминување на наплатни станици на вработени во МВР со приватни возила, без при тоа да бидат подмирени трошоците согласно Законот за јавни патишта. Контролата е спроведена во координација со Државниот инспекторат за транспорт во согласност со член 121 став 1 точка 16 од законот за јавни патишта. Со контролата беа опфатени наплатните станици „Глумово”, „Миладиновци” и „Отавица” на излез од Велес за Скопје. Во наведеното време на трите наплатни станици, без да платат патарина со покажување на службени легитимации поминаа 34 возилo.  На сите возачи кои ги поминаа наплатните станици без да платат патарина им беше издаден платен налог за наплата на глоба за сторени прекршоци по член 68, 69 и 72 од Законот за јавни патишта. Од вкупно 34 возачи, еден возач е вработен во Министерство за внатрешни работи, четворица во АРМ , двајца во Министерство за одбрана, двајца  во Ј.П. Македонија пат, двајца судии, двајца вработени во Царинска Управа, еден пратеник во Собрание на Р.Македонија, еден во ЈП Македонија пат, еден во Министерство  за транспорт и врски, еден во Министерство за економија, еден во Министерство за животна средина, еден во Дирекција за заштита на лични податоци, и по едне во Агенција за државни службеници и Катастар. Останатите 16 возачи се граѓани кој ги поминале наплатните рампи, без да платат патарина користејки разни картички беџови и друго.

Со поминување на наплатните станици без плаќање на патарина, вработените во Министерството за внатрешни работи ја злоупотребуваат службената легитимација, постапувајќи спротивно на телеграмата од 17.05.2007 година, потпишана од Министерот за внатрешни работи, во која е наведено дека „се забранува употреба на службените легитимации од страна на овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи, спротивно на начинот и целта утврдени во законите и подзаконските прописи, што ја регулираат предметната материја, а посебно употребата на службени легитимации со цел избегнување на плаќање надомест за употреба на јавен пат (патарина) на овластена наплатна станица”.

Инаку, СВКПС против сите тројца вработени во МВР, кои ги злоупотребија службените легитимации спротивно на подзаконските акти и телеграмата од 17.05.2007 година,  од Министерот за внатрешни работи, ќе бидат предложени задолжителни мерки до  непосредните старешини каде истите се вработени, согласно одредбите од Колективниот договор на МВР да поведат постапка за утврдување на одговорност на полициските службеници пред надлежните Комисии за отказ.

Досега СВКПС спроведе вакви акции во четири наврати кога беа откриени 210 службени лица и граѓани, од кои 27 вработени во МВР кој ја злоупотребиле службената значка одбегнувајки да платат патарина. Со последната акциска контрола, вкупниот број на откриени и санкционирани службени лица и граѓани се искачи на 244 од кои 28 се полициски службеници. На сите кои ги сториле прекршоците од страна на МВР им е издаден платен налог за наплата на глоба во висина од 200 евра, а МВР очекува за оние кои не се вработени во полиција, нивните претпоставени да преземат дополнителни мерки.

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk