Вчера 20.01.2009 година во периодот од 07,00 до 10,00 часот, согласно годишната наредба од 05.01.2009 година од Министерот за внатрешни работи, по претходно изготвен оперативен план, од страна на вработени во Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди повторно беше извршена контрола на наплатни станици во Републикава, со цел откривање на злоупотреба на службените легитимации и поминување на наплатни станици на вработени во МВР со приватни возила, без при тоа да бидат подмирени трошоците согласно Законот за јавни патишта. Контролата е спроведена во координација со Државниот инспекторат за транспорт во согласност со член 121 став 1 точка 16 од законот за јавни патишта. Со контролата беа опфатени наплатните станици „Глумово”, „Романовце” и „Петровец” на влез за Скопје, наплатна станица „Желино” на излез од Тетово за Скопје.
Во наведеното време на четирите наплатни станици, без да платат патарина со покажување на службени легитимации поминаа 51 возилo. На сите возачи кои ги поминаа наплатните станици без да платат патарина им беше издаден платен налог за наплата на глоба за сторени прекршоци по член 68, 69 и 72 од Законот за јавни патишта. Од вкупно 51 возач, тројца возачи се вработени во Министерство за внатрешни работи, шестмина во АРМ , двајца во Министерство за одбрана, двајца во Ј.П. Македонија пат, двјца во Министерство за земјоделие, двајца во МПЦ (свештени лица во Брегалничката и Повардарска Епархија), еден актуелен и еден поранешен пратеник на Собрание на РМ, еден вработен во Влада на РМ, и по еден вработен во Министерството за транспорт и врски и Министерство за здравство. Останатите 27 возачи се граѓани кој ги поминале наплатните рампи, без да платат патарина користејки разни картички беџови и друго.
Со поминување на наплатните станици без плаќање на патарина, вработените во Министерството за внатрешни работи ја злоупотребуваат службената легитимација, постапувајќи спротивно на телеграмата од 17.05.2007 година, потпишана од Министерот за внатрешни работи, во која е наведено дека „се забранува употреба на службените легитимации од страна на овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи, спротивно на начинот и целта утврдени во законите и подзаконските прописи, што ја регулираат предметната материја, а посебно употребата на службени легитимации со цел избегнување на плаќање надомест за употреба на јавен пат (патарина) на овластена наплатна станица”.
Инаку, СВКПС против сите тројца вработени во МВР, кои ги злоупотребија службените легитимации спротивно на подзаконските акти и телеграмата од 17.05.2007 година, од Министерот за внатрешни работи, ќе бидат предложени задолжителни мерки до непосредните старешини каде истите се вработени, согласно одредбите од Колективниот договор на МВР да поведат постапка за утврдување на одговорност на полициските службеници пред надлежните Комисии за отказ.
Досега СВКПС спроведе вакви акции во три наврати кога беа откриени 159 службени лица и граѓани, од кои 24 вработени во МВР кој ја злоупотребиле службената значка одбегнувајки да платат патарина. Со последната акциска контрола, вкупниот број на откриени и санкционирани службени лица и граѓани во се искачи на 210 од кои 27 се полициски службеници. На сите кои ги сториле прекршоците од страна на МВР им е издаден платен налог за наплата на глоба во висина од 200 евра, а МВР очекува за оние кои не се вработени во полиција, нивните претпоставени да преземат дополнителни мерки.