Во периодот од 06,30 до 09,30 часот, согласно годишната наредба од 05.01.2009 година од Министерот за внатрешни работи, по претходно изготвен оперативен план, завчера, од страна на вработени во Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди повторно беше извршена контрола на наплатни станици во Републикава, со цел откривање на злоупотреба на службените легитимации и поминување на наплатни станици на вработени во МВР со приватни возила, без при тоа да бидат подмирени трошоците согласно Законот за јавни патишта. Контролата е спроведена во координација со Државниот инспекторат за транспорт во согласност со член 121 став 1 точка 16 од законот за јавни патишта. Со контролата беа опфатени наплатните станици „Глумово”, „Романовце” и „Петровец” на влез за Скопје, наплатна станица „Желино” на излез од Тетово за Скопје.
Во наведеното време на четирите наплатни станици, без да платат патарина со покажување на службени легитимации поминаа 73 возила. На сите возачи кои ги поминаа наплатните станици без да платат патарина им беше издаден платен налог за наплата на глоба за сторени прекршоци по член 68, 69 и 72 од Законот за јавни патишта. Од вкупно 73 возачи кои не платија патарина, 9 возачи се вработени во Министерството за внатрешни работи, тројца вработени во Царина, по двајца вработени во Министерството за одбрана, Министерство за житовна средина и просторно планирање, Министерство за локална самоуправа и АРМ, и по еден од Македонски железници, Македонски пошти, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за образование и наука, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за култура, ЈП – Македонија пат, Дирекција за заштита и спасување, Државна изборна комисија, Државен инспекторат за земјоделство, Министерство за здравство, Вишо јавно обвинителство, КПУ за малолетници, МТВ и други граѓани.
За врема на контролата, со полициски службена легитимација поминаа: командир на вод во ЕБР- ЦПС; полицаец во ПС Виница; двајца вработени во УБК; полициски службеник во ПС за БПС Тетово; полициски службеник во Единицата за безбедност на патниот сообраќај на автопат-Тетово; полициски службеник во ЕБР; полициски службеник во ПС за ГК Табановце и вработен во Сектор за врски. Другите 39 лица се граѓани кои искористиле згодна прилика за поминување на отворена рампа на наплатните станици или користеле разни видови картички за поминување без да платат патарина.
Со поминување на наплатните станици без плаќање на патарина, вработените во Министерството за внатрешни работи ја злоупотребуваат службената легитимација, постапувајќи спротивно на телеграмата од 17.05.2007 година, потпишана од Министерот за внатрешни работи, во која е наведено дека „се забранува употреба на службените легитимации од страна на овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи, спротивно на начинот и целта утврдени во законите и подзаконските прописи, што ја регулираат предметната материја, а посебно употребата на службени легитимации со цел избегнување на плаќање надомест за употреба на јавен пат (патарина) на овластена наплатна станица”.
Инаку, СВКПС против сите 9 вработени во МВР, кои ги злоупотребија службените легитимации спротивно на подзаконските акти и телеграмата од 17.05.2007 година, од Министерот за внатрешни работи, ќе бидат предложени задолжителни мерки до непосредните старешини каде истите се вработени, согласно одредбите од Колективниот договор на МВР да поведат постапка за утврдување на одговорност на полициските службеници пред надлежните Комисии за отказ.
Иста ваква акција, од страна на СВКПС беше спроведена и пред десетина дена кога беа откриени 42 возачи од кои 12 вработени во МВР кои злоупотребувајќи ја службената значка одбегнале да ги платат давачките за патарини. Со тоа вкупниот број на откриени и санкционирани службени лица и граѓани во двете акции се искачи на 115 од кои 21 се полициски службеници. На сите кои ги сториле прекршоците од страна на МВР им е издаден платен налог за наплата на глоба во висина од 200 евра, а МВР очекува за оние кои не се вработени во полиција, нивните претпоставени да преземат дополнителни мерки.