Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 


02.02.2009

Малолетници скитаат ноќе и завршуваат во полиција

Штип - Малолетни деца се' повеќе скитаат ноќе, не се враќаат дома до рано наутро, а дел од нив завршуваат во полициските станици во градовите од источниот дел на Македонија. Ова е констатирано при последната инспекција на полицијата во поголем број кафулиња и ноќни клубови во Берово, Делчево, Виница, Кочани, Пробиштип и во Штип, кога што викендов била во контрола на угостителските објекти, со цел да се установи дали им се точи алкохол на малолетниците.

Според Мите Стојков од штипската полиција, инспекција била извршена во 50 угостителски објекти кои имале дозвола и за работа по полноќ. Притоа, 62 лица биле затечени во клубовите под дејство на алкохол, а дури 33 од нив биле малолетници.

„Многу често пијани малолетници водиме во полициските станици, а потоа ги бараме нивните родители и ги прашуваме дали тие знаат каде се нивните малолетни деца. Кога ќе им кажеме дека се во алкохолизирана состојба и во полициската станица, тие не можат да се изначудат. Очигледно е дека контролата од страна на родителите над малолетните деца е на загрижувачки ниско ниво“, укажува Стоилов.

Од штипската полиција велат дека и ним им е непријатно кога по полноќ мора да ги повикуваат родителите на малолетниците да дојдат да си го земат детето

Ниту одбраната не знае кога и каде ќе се суди за убиството во Ореше

Случајот со нарачаното убиство на Лазар Милошевски го следат многу контроверзии

Иако е повеќе од извесно дека за Ѓоре Петровски, како нарачател и за браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски како извршители на убиството на 74-годишниот Лазар Милошевски од велешкото Ореше, постои обвинение, спеак, не може да се каже кога и каде ќе се решава за овој случај.

Предметот, како што веќе пишувавме и натаму е во Врховниот суд на Македонија, кој, пак, според очекувањата можеби уште оваа недела ќе пресече за тоа кој суд ќе го води овој случај.

И додека се чека на одлуката на Врховниот суд, најверојатно ќе се причека и на екстрадицијата на Ѓоре Петровски од Флорида, САД, во Македонија, што, пак, дополнително ќе го забави целиот слулај кој датира од втори декември 2005 година кога и се случил настанот.

Истрагата цели три години тапкаше во место за кон крајот на минатиот ноември како најодговорни за настанот да бидат посочени сега тројцата обвинети.

„Точно е тоа дека за моите штитеници Јавното обвинителство поднело обвинение, но и мене, како нивни бранител, не ми е доставено. Во судот во Велес ми беше кажано дека предметот сега е во Врховниот суд на Македонија, каде што, наводно, треба да се донесе одлука кој суд ќе постапува по овој предмет. Лично, како бранител на обвинетите браќа, не ми е важно каде ќе се суди, но секако ми е многу важно тоа што тие веќе со месеци се на издржување на мерката притвор што им беше изречена, а познато е што се' го следеше овој случај“, вели бранителот на обвинетите Ордан и Љупчо Ѓеоргиевски, скопскиот адвокат Звонко Давидовиќ.

Според информациите со кои располага Давидовиќ, а кои се непотврдени, извесно било тоа дека во овој предмет ќе постапува велешкиот Основен суд, но дека таму нема да биде присутен и заштитениот сведок, односно контактот со него најверојатно ќе биде на безбедна оддалеченост. Адвокатот Давидовиќ е на мислење дека би било добро обвинителниот акт да го добие што побрзо, бидејќи ќе добие на време за подготвување на одбраната, но и ќе се скрати времето што го минуваат обвинетите во притвор.

Инаку, овој случај на домашната јавност и' е познат од пред неколку години, кога од огнено оружје, во велешко Ореше, беше усмртен Лазар Милошевски и дека станува збор за прво нарачено и платено убиство во Македонија. За волја на вистината, за истото дело, веднаш по сторувањето, браќата Ѓоргиевски беа повикани на распит во полицијата само поради тоа што критичната вечер биле на лов, но поради немање докази тие беа ослободени од секаков сомнеж. На доказите кои во тоа време биле прибрани се повика и одбраната, но тие по се' изгледа или не биле битни за истрагата или не биле зачувани, па истите лица сега се товарат за дело за кое им се заканува казна доживотен затвор.

Откриени 28 девојки нелегално вработени во кафеани

Гостивар - Во две акциски контроли на СВР-Тетово, кои викендов беа извршени во четири угостителски објекти на поширокото гостиварско подрачје, беа откриени 28 девојки, од кои 18 странски и 10 домашни, кои работеле непријавено како пејачки и танчарки. Девојките се на возраст од 24 до 28 години.

Во угостителскиот објект „Албулена“ во село Равен, сопственост на 53-годишниот Н.М., биле затечени четири девојки од Албанија, две од Србија и една од државава. Во угостителскиот објект „Били 97“ во село Добри Дол биле најдени шест девојки од Бугарија, една од Србија и пет од нашата земја. Во селото Чегране, поточно во ресторанот „Нота“, биле откриени нови шест девојки: три од Албанија и исто толку од нашата земја, а во ресторанот „Палма“, кој се наоѓа на автопатот Гостивар - Тетово, биле откриени две девојки од Србија и една од државава.

Против осумнаесетте странски државјанки ќе бидат поднесени прекршочни пријави за нелегално вработување, а по завршувањето на постапката ќе бидат депортирани во матичните држави. Сопствениците на угостителските објекти ќе се соочат со соодветни кривични пријави. Според соопштението на СВР-Тетово, целта на контролите е да се утврди евентуалната инволвираност на странските, но и на нашите државјанки во евентуална трговија со луѓе, проституција или нелегално вработување, како и искоренување на овие појави во Гостиварскиот регион, кои континуирано се присутни дваесетина години.

Вечер

НОВ БРАН КОНТРОЛИ НА МВР


Судии не плаќале патарини


Во шестото продолжение на акцијата за "одвикнување" на државните службеници да неплаќаат патарина откриени се 23 нови случаи


Во шестото продолжение на акцијата за "одвикнување" на државните службеници да не плаќаат патарина откриени се 23 нови случаи, се вели во соопштението на МВР. Овој пат контрола била извршена на наплатните станици Глумово, Миладиновци и Отавица на излез од Велес кон Скопје. Полицајците од внатрешна контрола во периодот за четири часа, на патарините забележале дека минале 23 возила чии возачи покажале службени легитимации и неплатиле.

Од вкупно 23 возачи, меѓу кои нема вработен во МВР, тројца се судии, а по еден возач е од АРМ, од Влада, од министерствата за земјоделство, за локална самоуправа, за правда, од Државна болница, од Агенција за развој и од Здравен дом. Останатите 12 возачи се граѓани кој ги поминале наплатните рампи, без да платат патарина користејќи разни картички, беџови и друго.

Министерството за внатрешни работи вчера соопшти дека на сите возачи кои ги поминале наплатните станици без да платат патарина им е издаден платен налог за наплата на глоба за сторени прекршоци.

Контролите се извршени согласно годишната наредба од јануари од Министерот за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска по претходно изготвен оперативен план, од страна на вработени во Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди. Овие акции објаснуваат од полицијата, ќе продолжат и понатаму а тие имаат цел да цел откријат злоупотреба на службените легитимации и поминување на наплатни станици на вработени во МВР со приватни возила.

Колку службеници досега се фатени
Точно 224 владини службеници се шверцувале со легитимации
Во досегашните пет вакви акции, не броејќи ја оваа последната, се откриени вкупно 244 службени лица и граѓани, кои ја злоупотребиле службената значка, одбегнувајќи да платат патарина. На сите кои досега ги сториле прекршоците од страна на МВР им е издаден платен налог за наплата на глоба во висина од 200 евра, а полицијата очекува за оние кои не се вработени во полиција, нивните претпоставени да преземат дополнителни мерки.

Таткото силувач се уште во бегство


Четири дена откога монструозен случај на инцест ја растревожи македонската јавност, полицијата се уште трага по таткото монструм кој ја силуваше и забремени својата 16-годишна ќерка со нарушено ментално здравје


Четири дена откога монструозен случај на инцест ја растревожи македонската јавност, полицијата се уште трага по таткото монструм кој ја силуваше и забремени својата 16-годишна ќерка со нарушено ментално здравје.
Девојчето кое се наоѓа во осмиот месец од бременоста го чека породувањето, а институциите молчат, можеше ли да се спречи или бременоста да се открие порано.

Од првата детска амбасада во светот "Меѓаши" им сугерираат на центрите за социјална работа, психолозите и педагозите во училиштата, повеќе работа на терен посебно во руралните средини.
"Наш став е дека центрите за социјална работа треба да имаат поголем увид во дисфункционалните семејства, посебно деца се жртви во рурални средини, селски средини, социјално економски обесправени семејства и мислам дека голема улога имаат во превенирање на оваа состојба. Исто така мислам дека и психолозите и педагозите и наставниот кадар треба повеќе да ги едуцираат децата", велат од првата детска амбасада.

Во селото Лисичани, ни трага, ни глас од 48-годишниот силувач на сопствената ќерка. Бил неписмен и со нарушено ментално здравје, а девојчето со помалата сестра уште од мали биле испратени во посебното училиште во Ново Село.

Бројот на силуваните деца во Македонија расте. Во последната недела се откриени три случаи. Во детската амбасада "Меѓаши" вчера бил пријавен случај на сексуално злоставување на десетгодишно девојче од близок роднина во Струшко.
Точно 95 лица на овој или на оној начин сексуално злоставувале 83 деца, велат полициските анализи.

Лани за истиот период бројката на оваа девијантна појава била незначително помала за 31 отсто од годинава, односно 73 педофили нападнале 79 малолетници и деца.
Според МВР, зголемувањето на бројката било поради зголеменото внимание на медиумите, невладините организации но и на полицијата и зголемениот број на извршените контроли.
Најголем број од регистрираните напади биле врз малолетници кои немале наполнето 14 години, односно 53 дела. Овие напади на малолетници најмногу или осум биле извршени во Скопје, а имало злоставувања во Штип, Велес, Тетово и Струмица.

За овие регистрирани случаи, кривично пријавени се 61 лице, од кој најмладиот имал 18 години, а најстариот 35.
Како жртви на ова кривично дело најголем број се девојчиња или 48, а момчињата биле нападнати во 10 случаи. Најмалата жртва имала шест години.
Карактеристично е дека жртвите, велат полициските аналитичари, во најголем број случаи потекнуваат од социјално загрозени семејства, а пет од нив се штитеници на институции за згрижување на деца.

Според местото, силувањата и нападите најмногу биле извршувани во рурални средини и на отворен простор, а според начинот на извршување сторителите најчесто ги намамувале децата со давање помали износи парични средства и со лажни ветувања и без примена на брутални методи.

ДНЕВНИК

позаЈмиците - допинг за организираниот криминал

Лихварите ги одраа - граѓаните

Годишно се регистрираат по неколку десетици случаи на лихварство, но експертите предупредуваат дека вистинската бројка е многу поголема

Страста за обложување и лихварите ме доведоа до питачки стап, а завршив и во затвор зашто крадев од благајната во фирмата за да ги вратам парите. Го уништив својот и животот на моето семејство. Вака раскажува тетовецот Љупчо Н. (45), кој ја „прокоцкал“ работата во скопска фирма за да го исплати долгот кон лихварите настанат поради неговите посети на обложувачниците. Слична е приказната на голем број граѓани што, заглавени во мрежите на лихварите, останале на улица, без покрив над глава, без скршена пара и со растурени семејства. Невработеноста и сиромаштијата во последната деценија го воскреснаа лихварството, кое предизвика многу семејни трагедии во земјава. Не е мал ниту бројот на луѓето што поради неможноста да ги исплатат долговите си го одзеле животот.

Мали долгови, високи камати

Аналитичките податоци на МВР покажуваат дека годишно се регистрираат по неколку десетици случаи на лихварство, кои пак тешко се докажуваат на суд бидејќи лихварите се заштитуваат со договори заверени кај нотари. Експертите, пак, предупредуваат дека вистинската бројка е поголема за најмалку пет пати и дека лихварството го „храни“ организираниот криминал. Задолжените граѓани, од страв за сопствениот и за животите на најблиските, не ги пријавуваат заканите, поради што рекетирањето, грабнувањата и ќотекот се дел од нивното секојдневје. Други, пак, не ги пријавуваат лихварите поради сопствените нелегални бизниси.

- Се' почна во 2004 година кога, понесен од лесната заработка, секојдневно одев да се обложувам во обложувачниците. Кога среќата ми го сврте грбот и немав добивки, почнав да ги трошам платите на обложување. За да не забележат дома дека сум во долгови, од локален лихвар позајмив 2.000 евра со 10 отсто месечна камата. Бидејќи не можев да му го вратам заемот, тој ми посочи скопјанец од кого можам да позајмам пари за да му го вратам долгот. Се сретнав со другиот лихвар и се договоривме да ми позајми 4.000 евра, а договорот го заверивме на нотар. Бидејќи немав добивки во обложувачниците, не можев редовно да ги исплаќам каматите. Поради тоа лихварите ми пресметуваа камата на камата и за секој ден доцнење ми наплаќаа плус пари - раскажува Љупчо.

Долгот го натерал да земе од касата во фирмата во која работел како благајник. Среќата му се насмевнала и по една голема добивка успеал да ги исплати каматата и заостанатиот долг. Се надевал дека празната каса ќе ја пополни со наредната добивка, но тогаш ревизијата во фирмата утврдила кусок пари во благајната.

- Парите ги вратив, но одлежав две години затвор за проневера. Во затворот се одвикнав од обложувањето, а веќе не гледам ниту фудбалски натпревари - завршува со својата приказна економистот од Тетово, кој сега заработува како физички работник.

Експертите велат дека, освен за задоволување на пороците, граѓаните најчесто зајмуваат пари поради семејни проблеми или болест, но и за да почнат бизнис. Поголемиот дел од нив никако не можат да се извлечат од долговите и стануваат робови на лихварите, кои постојано им бараат повеќе. Должниците во очај и куќите им ги препишуваат на лихварите, кои можат да ги иселат кога ќе посакаат. Проблемот со лихварењето е изразен и во земјите од соседството во кои транзицијата оставила траги врз економската состојба на граѓаните, кои од немајкаде зајмуваат пари од „кожодерци“, но кај нив постојат и посебни здруженија за заштита од лихварење.

- Лихварството го храни организираниот криминал во земјава. Ако погледнете кој дава лихва, ќе видите дека тоа се луѓе што порано се занимавале или се занимаваат со криминал. Постојат неколку криминални групи во земјава што се занимаваат со лихварство и кои остваруваат висок профит. Тие и' се познати на полицијата, но тоа е сепак префинет вид криминал што тешко се докажува, а лихварите се заштитуваат со заверени договори за заемот. Лихварењето тешко се открива и тоа во оној момент кога жртвата ќе почувствува дека е навистина оштетена и измамена, па го пријавува случајот. Но, тогаш е веќе доцна. Полицијата може да го открие тоа кривично дело и да поднесе кривична пријава, но истите најчесто остануваат без ефект. Лихварите парите не ги ставаат на своето конто, туку на туѓи сметки, така што не може да им се најде трагата и таквата мрежа тешко се разбива - вели Марјан Котевски, професор на Полициската академија. Според него, лихварењето може да се заузда само со ригорозни казни за лихварите и со промена на легислативата.

- Со закон ќе треба да се регулира договорот меѓу должникот и лихварот, така што, ако веќе постои некаков фер плеј меѓу страните, и во документот треба да стои дека каматата не смее да биде повисока од таа што ја даваат банките. Ако каматата е поголема од банкарските, тогаш лихварот треба да добие и повисока затворска казна - смета Котевски.Тој вели дека и невладините организации би требало да ги едуцираат граѓаните дека позајмувањето од лихвари е штетно и дека од парите што постојано им ги даваат се финансира и криминалот.

- Државата исто така треба да воведе критериуми и во бизнисот, не може секој да биде бизнисмен. Потребно е тој да има извесно образовно и културно ниво, така што ќе го познава и ќе го почитува начелото на хуманизам. Ако е така, тогаш нема сурово да оштети некој друг и да го одере до гола кожа, оставајќи го без пара и на улица - вели Котевски.

Физичко и психичко малтретирање

Експертите предупредуваат дека, иако станува збор за разни кривични дела од областа на имотните деликти со елементи на насилство, изнудите и противправните лишувања од слобода најчесто се поврзани со лихварењето. Ги извршуваат рекетари изнајмени од лихварите или, пак, самите криминални банди што се занимаваат со лихварење. Полициската статистиката вели дека изнудите и противправните лишувања од слобода се во пораст во изминатите три години, но и дека полицијата е успешна во откривањето на изнудувачите и расветлува околу 90 отсто од случаите. Во 2006 година имало 20 изнуди, во 2007 година 29, а лани 37 случаи на изнуда. За ланските изнуди полицијата осомничила 57 лица меѓу кои и 9 малолетници.. Зголемен е и бројот на противправните лишувања од слобода и грабнувањата. Насилниците користат најсурови методи на убедување на должниците, од физичко до психичко малтретирање. Рекетарите постојано се јавуваат по мобилен телефон или им испраќаат СМС-пораки на должниците, заканувајќи им се или, пак, само им ѕвонат за да ги потсетат дека не ги заборавиле. Таквите јавувања се најчесто ноќе, што на должниците им влева дополнителен страв.

Физичкото малтретирање вклучува грабнувања и тепања, како на должникот така и на членови на неговото семејство, а забележани се случаи кога насилниците ги силувале сопругите на жртвите и тоа пред нивни очи.

Три години затвор

Според Кривичниот законик, лихварството претставува примање или договарање за себе или за друг несразмерна имотна корист за услуга што му се прави на некое лице. Посебно дело е кога тој што неовластено дава пари или други потрошни средства на заем со договор и притоа договара несразмерна корист. За лихварството е битно што се искористува тешката имотна состојба, тешките станбени услови или лекомисленоста на некое лице и истото е познато како кожодерство. Лихварите се соочуваат со парични казни или затвор до три години.

А1

Ресенската полиција спречи криумчарење лица од Албанија

02.02.2009 15:40

Одделението за илегална миграција и странци од Ресен, поднесе кривична пријава против З.А. (35), А.Ј. (21) и С.Л. (21), сите од Гостивар, заради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“.

„Полициски службеници во Ресен го запреле возилото со кое управувал А.Ј., а во кое имало четири лица, сите државјани на Албанија. Пријавениот се обидел на службените лица да им даде 20, а потоа и 100 евра, но тие ја одбиле понудата и ги привеле во полициската станица во Ресен. Крајната цел на приведените била да бидат превезени во Грција“, изјави Ѓоко Стрезоски, портпарол на СВР-Битола.

Во текот на вчерашниот ден, полицијата пред влезот во Битола затекнала уште една група албански државјани, кои ги превезувал гостиварецот С.Л.

„Од разговорот со приведените констатирано е дека во криумчарењето на мигрантите учествувало уште едно возило ‘Киа’ од Гостивар, управувано од З.А., каде имало уште тројца албански државјани. Полицијата е во потрага на возачот и лицата“, појасни Стрезоски.

Сите пријавени се предадени во Одделението за гонење на сторители од областа на организираниот криминал и корупцијата при јавното обвинителство во Скопје.

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk