Утрински весник
И политичарите цел на странски фалсификатори на картички
Пратеникот Јани Макрадули лани остана без 200 евра откако индонезиски хакер му ја олесни кредитната картичка
Пратеникот Јани Макрадули пред неколку месеци беше жртва на странски фалсификатори на кредитни картички, кои од неговата сметка успеале да одземат околу 200 евра. Индонезиски фалсификатор преку фалсификувана картичка „виза“, од сметката на Макрадули успеал да симне околу 200 евра. Трансакцијата била направена на 8 септември, дента кога во Собранието Макрадули го славел Денот на независноста. По извесно време, му пристигнало известување од банка за потрошените пари. Макрадули се сомнева дека неговата картичка веројатно била скимирана кога пред една година престојувал во Индонезија или, пак, едноставно неговите податоци биле пробиени компјутерски и биле вметнати во бланко-картичка, која била употребена за купување во продавници.
За среќа, целата приказна завршила добро, бидејќи Стопанска банка, по три месеци, му ги вратила парите откако била докажана злоупотребата. „По неколку месеци, банката ми ги рефундираше средствата, откако се жалев и докажав дека во тој период кога е употребена картичката воопшто не сум бил во Индонезија“, вели Макрадули.
Тој веројатно е една од многуте жртви на компјутерски криминал со скимирана картичка надвор од земјава. Пред две години, во земјава беше откриен првиот случај на ваква измама, кога на банкомати во Трговскиот центар беа откриени скимери, апарати за крадење на податоците од кредитните картички. Групата беше разбиена и оттогаш, велат во МВР, друг таков случај не бил реализиран.
„Скимери во Скопје повеќе нема. По минатогодишната акција го спречуваме овој начин на крадење податоци од граѓаните. Крадците се' повеќе се одлучуваат на други начини на измама, затоа што скимерите бараат посебни комјутерски вештини и не може секој да ги употребува“, вели Љупчо Тодоровски, раководител на отсекот за корупција, перење пари, фалсификување и компјутерски криминал при Одделението за економски криминал во СВР - Скопје.
Скимерот, или направата за читање на платежни картички е апарат кој е помал од кутија за цигари, со огромна меморија на снимање. Ако првите скимери можеле да снимат неколку стотици броја, сега се во прашање илјадници броеви и пинови на картички кои апаратот може да ги меморира. Откако ќе биде вграден во банкоматот, ги чита броевите и пиновите на картичките со кои граѓаните повлекуваат пари или, пак, проверуваат колку средства имаат на сметката. Со помош на овој апарат група момчиња од Скопје, заедно со хакер од Бугарија, олеснија банкомат во ГТЦ, подигнувајќи пари од неколку сметки.
„Криминалците поставуваат и вметната тастатура со која се крадат пин-кодовите или, пак, поставуваат камери кои се безжично поврзани со лаптоп во близина, преку што се снимаат податоците кои граѓаните ги внесуваат во банкоматите“, велат инспекторите.
Најчесто цел на криминалците се особено фреквентни места на кои се подигнуваат повеќе пари. Генијалноста е во тоа никој да не ги забележи дека вметнале некоја направа за крадење податоци, а кога ќе ги извлекуваат средствата од пикираните сметки, банките да не го забележат тоа. Во светот има примери каде што хакерите се дрзнуваат не само да вградуваат апаратчиња за читање податоци, туку на фреквентни места поставуваат и цели лажни банкомати. Па така, во Шпанија со еден ваков лажен банкомат беа пробиени дури 30 илјади картички.
Постои и рачен скимер, кој се користи во ситуации кога се плаќа во кафеани. Картичката се дава во кафеана за да се наплати со неа, кој веднаш ја поминува на раката и ги скимира сите неопходни податоци за нејзина злоупотреба. Ваков случај досега не е забележан во земјава, но во светски рамки е често користена тактика за измама со кредитни картички.
Иако во земјава скимери, како што велат од полицијата, повеќе нема, често се случува од банкоматите да се вадат пари со картички скимирани надвор од земјава. „Сепак, штетите од оваа измама не се повеќе од 1.500 евра, затоа што лимитите на домашните картички се' уште се многу мали во однос на странските“, вели Тодоровски од скопскиот Оддел за борба против компјутерски криминал.
Втор од серијата четири текста
(текстот е реализиран во рамките на проектот Справување со корупцијата“ на Центарот за граѓански комуникации, поддржан од ФИООМ)
Вечер
Кривична за поранешен јавен правобранител
Екс јавен правобранител на РМ, П.С. во времето кога бил на функција направил и потпишал спогодба за својата сопруга П.С., како наследник на покоен роднина во постапка за денационализација, со кое на П.С. за одземениот имот и се определува 1/3 од вкупно утврдената вредност, односно износ од 4.273.350,00 денари
Поранешниот јавен правобранител на РМ, Петар Стоилов (71), заедно со својата сопруга и група соученици заработиле кривични пријави оти извршиле незаконска денационализација на имот кој бил сопственост на повеќе роднини на неговата сопруга. Покрај правобранителот Стоилов, кривична заработиле и Н.М. (53) - директор на Управата за имотноправни работи при Министерството за финансии на РМ за периодот од 29.01.2002 до 14.11.2002 година, за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со соизвршителство, потоа П.С. (65) за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување и помагање, Ј.С.(59) - раководител на Одделението за имотноправни работи во Кочани за периодот од 5.8.2002 до 2.4.2003 година и Ј.Д.(66) - Заменик јавен правобранител на РМ за подрачјето на Кочани за периодот од 9.12.2002 до 18.10.2006 година, за стрено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.
Истрагата на полицијата покажала дека П.С. заедно со А.К., М.Е., Р.К. и Ј.Д., сите од Кочани и Р.Л. од Скопје, биле законски наследници на право на денационализација за одземен имот од сега покојниот М.П.Д. од Кочани. Притоа П.С., неговата сопруга П.С. и Н.М., се договориле жената во постапката за денационализација да се стекне со противправна имотна корист - два стана со површина од по 42,80 м2 сопственост на РМ, кои се наоѓаат во Скопје, како и заедно со уште пет лица - баратели на правото на денационализација да се стекнат со поголема површина на земјоделско земјиште од околу 176.661 метри квадратни во Кочани, чија вредност била проценета на 42.010.050,00 денари.
За таа цел, пред Основниот суд во Кочани била поведена оставинска постапка за прогласување на законски наследници на право на денационализација, во која постапка наведениот суд со Решение од 9.7.2002 година, за законски наследници ги прогласил лицата А.К., П.С., М.Е., Р.К., Ј.Д. и Р.Л.. Пред донесувањето на ова Решение, Р.Л. , Р.К. и Ј.Д., со изјави заверени од нотар се согласиле на П.С. која била нивна роднина да и отстапат по една третина од вредноста на недвижностите добиени во постапката за денационализација како противуслуга за преземените активности пред надлежните судски и управни органи за реализација на правото на денационализација.
Веднаш по пресудата, правобранителот П.С., без овластување, во име на Р.Л. до Министерството за финансии-Управа за имотноправни работи - Одделение во Кочани, поднел барање за денационализација во врска со одземено земјиште со вкупна површина од 8 хектари и 10 ари. Раководителот на Одделението за имотноправни работи во Кочани се сретнал со директорката на Управата за имотноправни работи при Министерството за финансии, која му кажала наместо постојниот предмет, да оформи три нови предмети со образложение дека така полесно и побрзо можело да се одлучи, по што Ј.С., своерачно пополнил три нови барања за денационализација во име на Р.Л. Врз основа на горенаведените барања, претседателот на Комисијата за одлучување по барања за денационализација со седиште во Велес, В.С.П., по Наредба на пријавената директорка, изготвил Решенија со кои трите барања ги уважила.
Решенија ги доставила до П.С., кој како Јавен правобранител на РМ, знаејќи дека Решенијата се однесуваат на неговата сопруга и на нејзини блиски роднини, ги примил и потпишал доставниците и истовремено рачно напишал дека Јавното правобранителство на РМ нема да вложи жалба, со што овозможил Решението да стане правосилно.
Јавното правобранителство на РМ за подрачјето на Кочани, кое е надлежно да учествува во постапката за трите постапки за денационализација било известено дури, кога Решенијата станале правосилни.
Подоцна за трите Решенија за денационализација, Ј.Д. добил известие од тогашниот Јавен правобранител на РМ, Зоја Лега Станојевска, до Комисијата на Владата да поднесе предлози за огласување на овие Решенија за ништовни. Комисијата, трите предлози ги одбила како неосновани.
П.С. како Јавен правобранител на РМ, направил и потпишал спогодба-порамнување со својата сопруга, како наследник на покојниот во постапка за денационализација, со кое на П.С. за одземениот имот и се определува 1/3 од вкупно утврдената вредност, односно износ од 4.273.350,00 денари. Комисијата иако претходно за определување на видот на надоместокот не одлучила, на П.С. и дава друг имот од ист вид односно два стана со површина од по 42,80 м2 сопственост на државата, кои се наоѓаат во објект во населбата Пролет во Скопје.
ХЕРОИНОТ КОЈ Е НАМЕНЕТ ЗА ЗАПАДНИОТ ПАЗАР МИНУВА НИЗ БАЛКАНОТ
Македонија транзит земја за дрогата која се движи кон Косово
Килограм хероин во Авганистан чини 6.000 евра, додека во земјите на Западна Европа цената достигнува дури до 30.000 евра. Бидејќи балканските земји се наоѓаат отприлика на половина пат помеѓу Кабул и Париз или Лондон, цената на хероинот на овие простори е околу 15.000 евра
На Балканот има повеќе од дваесет организирани нарко-криминални групи, кој воглавно се наоѓаат во поголемите градови, како што се Белград, Нови Сад, Ниш, подрачјето на Нови Пазар, Скопје, и други. Станува збор за криминални групи кои имаат одредена структура, но сепак не се доволно јаки во односот на слични групи во регионот, а ни приближно ја немаат силата на некогашната група на Душан Спасојевиќ, водачот на земунскиот клан. Полициските сили на Балканот тврдат дека во ниедна од државите во овој регион нема класични шефови на нарко -мафии.
НАПРАВЕНИ ДРЖАВНИ НАЦРТ СТРАТЕГИИ
Според постигнатите резултати на полето на сузбивање на криумчарењето на наркотици српската полиција, на пример, во текот на 2008 година запленила околу 1,7 тони дрога. Најмногу било запленето марихуана - околу тон и пол, но биле фатени и 200 килограми хероин и 10,5 килограми кокаин. Најголемата поединечна заплена била 275 килограми марихуана. Тоа всушност е и најзастапената дрога во Србија, која според податоците на тамошната полиција се одгледува низ целата земја, меѓутоа ја има и во Македонија, Албанија и Црна Гора.
Македонската полиција, пак, една година претходно со своите мерки резултира со зголемување на бројот на откриени кривични дела за 44%, како и на запленетите количини дрога за 32%.
Имено, во текот на годината беа откриени 368 кривични дела неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции, за што се кривично пријавени 426 лица од кои 25 се повторници, 16 малолетници, а осум се странски државјани.
При реализирање на кривичните дела биле запленети 486 килограми и 742,74 грама кокаин, 63 килограми и 299 грама хероин, 892,55 грама хашиш, 231 килограм и 161 грам марихуана, 4.391 стебло од растението канабис сатива и 501,5 грама и 285 семки од растението канабис сатива, еден килограм опиум, 4.548 таблети и 0,64 грама екстази, 16 килограми и 20,48 грама смеса од парацетамол и кофеин, 23 милилитри и една таблета метадон, 10 килограми и 380 грама манитол, 70 корени афионови чушки, 20 таблети трамадол, 99 таблети и 5,14 грама амфетамин и 55 таблети антидепресанти.
Во овој период биле пресечени и два меѓународни канала и од слобода беа лишени четворица македонски државјани. Во еден случај, кој е карактеристичен и е за одбележување поради високата професионалност и ефикасност во работењето на полицијата, бил спречениот шверц на голема количина кокаин и тоа 486 килограми и 705 грама по потекло од Венецуела, а наменет за Р. Грција, при што кривично беа пријавени две лица, на кои веќе им е изречена првостепена судска пресуда во траење од по 14,5 години. Во вториот случај, во Скопје, при претрес на патничко возило беа пронајдени над 130 килограми марихуана по потекло од Р. Албанија наменета за Р. Грција, а мерки на кривичен прогон се преземени спрема две лица, кои исто така со првостепена пресуда се осудени на затворски казни во траење од по пет години.
Кога станува збор за борба против трговија со наркотици, сите соседни земји се согласни дека е потребно да се усвои национална стратегија за борба против дрогата. За пример, во Србија нацртот е направен а се чека на Владата да го усвои, додека во Македонија веќе е усвоен и е во процес на разработка.
Цената на дрогата ја одредува местото на набавка и количината. Килограм хероин во Авганистан чини 6.000 евра, додека во земјите на Западна Европа цената достигнува дури до 30.000 евра. Бидејќи балканските земји се наоѓаат отприлика на половина пат помеѓу Кабул и Париз или Лондон, цената на хероинот на овие простори е околу 15.000 евра.
Кога станува збор за кокаин, тој доаѓа од земјите од Јужна Америка, а потоа преку поморските патишта стигнува во Грција и Италија. Патиштата на криумчарење на синтетички дроги се спротивни од оние на хероинот. "Синтетиката" воглавно се криумчари од Холандија и Белгија, а дел и од Полска и Германија.
ГРАНИЦИТЕ НА ЕУ ОТВОРЕНИ И ЗА ДРОГА
Хероинот во Србија доаѓа преку Турција и Бугарија, еден дел останува во земјата, додека најголемиот дел е наменет за земјите од Западна Европа. Друг пат пак води преку Македонија или Романија. Од Македонија хероинот најчесто е префлан на територија на Косово и Метохија, од каде се дистрибуира кон земјите на ЕУ.
Во последно време, според сознанијата на полициите, дошло до зголемување на "прометот" на патот преку Романија. Патот од Турција преку Бугарија и Романија во 2007, според податоците на бугарската полиција, станал за 20 отсто популарен од другите.
ДНЕВНИК
НЕСРЕЌА ВО СЕЛО МРЕЖИЧКО, КАВАДАРЦИ
Кавадарчанец загина во експлозија на динамит
Кавадарчанецот Ило Крстев (44) загина во несреќен случај, кога експлодирал динамит во неговата куќа, во село Мрежичко, во близина на Кавадарци, завчера попладнето. Силната детонација ги срушила ѕидовите од собата во која седел Крстев и дел од таванот на куќата. Според полицијата, експлозијата одекнала околу 16.15 часот, кога во куќата освен Ило бил и неговиот брат. Детонацијата ги вознемирила жителите, кои беа во шок од несреќата.
- Слушнав многу силна експлозија, нешто згрми и дувна. Си реков, да е пушка, не е, оти знам каков е звукот кога пука пушка. Што ќе биде ова чудо, си помислив. Толку голем тресок немам чуено - рече 81-годишната сосетка на Крстеви, Анѓелинка Митревска.
Потоа се чуле пискотници, а пред разурнатата куќа се собрале и малкутемина селани за да видат што се случило и да помогнат. Братот на Ило веднаш ја известил полицијата. Вчера претпладнето полициска екипа вршеше увид на местото на несреќата. Истрагата треба да ги утврди причините за експлозијата. Во евиденцијата на полицијата случајот се води како несреќа.
Крстев бил вработен во Шумското стопанство во Кавадарци. Тој живеел во Кавадарци, бил женет и татко на две полнолетни деца. Повремено доаѓал во селото и обработувал ниви. Село Мрежичко е оддалечено 38 километри од Кавадарци и 12 километри од македонско-грчката граница под Кожув.
ОРУЖЕН ГРАБЕЖ ВО ГОСТИВАР
Украдени 50.000 евра од Инвест банка
Разбојникот вооружен со пиштол ја ограбил експозитурата во центарот на градот, но никој од дуќанџиите во соседството не забележал нешто сомнително
Повеќе од 50.000 евра се украдени вчераутрото во оружен грабеж во експозитура на Инвест банка во центарот на Гостивар. Маскираниот разбојник вооружен со пиштол влегол во банката и откако им се заканил на вработените, ги зел парите од касата и избегал без да го забележат и сопствениците на соседните дуќани на улицата Браќа Ѓиноски. Грабежот веднаш бил пријавен во полиција, која трага по разбојникот.Според полицијата, вработените изјавиле дека разбојништвото се случило околу 8 часот, веднаш по отворањето на експозитурата. Додека двајцата благајници се подготвувале да започнат со работа, разбојникот со молскавична брзина влегол во банката. Тој го вперил пиштол кон двајцата вработени, заканувајќи им се дека ќе ги убие ако не го отворат сефот. Под нишанот на оружјето благајниците заминале во една од просториите во која бил сефот и го отвориле. Разбојникот ги собрал парите и избегал, а благајниците ја алармирале полицијата.
Според првичните информации, армијата украл околу 3,5 милиони денари. Разбојникот најверојатно бил добро информиран за условите под кои работи банката. Иако експозитурата се наоѓа на една од најпрометните улици во Гостивар, никој од дуќанџиите во соседството не забележал нешто сомнително. На разбојникот му одговарало и тоа што дуќаните во овој период на годината се отвораат околу 9 часот, па улицата била речиси празна. Дуќанџиите за грабежот слушнале кога дошла полицијата. Разбојникот најверојатно го забележале безбедносните камери поставени пред банката, но од полицијата, во интерес на истрагата, не даваат информации дали постои видеоматеријал од грабежот.
Во октомври 2007 година на идентичен начин беше ограбена експозитура на ТТК банка лоцирана на истата улица и во непосредна близина на Инвест банка. Разбојникот влегол во банката околу 8 часот, веднаш по отворањето и украл околу еден милион денари. Тогаш разбојникот со кундакот од пиштолот го претепал вработениот во банката бидејќи не му го дал клучот од сефот. Откако тепањето не дало резултати, арамијата се заканил дека ќе ја убие благајничката, по што вработените го отвориле сефот и му ги дале парите, ставајќи ги во платнена вреќа. Полицијата не го фати разбојникот. Според податоците на МВР за 2008 година, лани во Македонија биле ограбени десет експозитури на банки. Полицијата успеала да ги открие ограбувачите на три банки, а поднела кривични пријави против двајца разбојници.
Меѓу осомничените ограбувачи на банки е и скопјанецот Горан Стојановски (32), кој беше уапсен пред два месеца во Србија, каде што ограбил неколку менувачници. Македонската полиција го сомничи Стојановски дека учествувал во грабежите на експозитурите на Комерцијална банка во скопската населба Ѓорче Петров и во Аеродром, во август лани. Стојановски двете разбојништва, во кои беа украдени близу 80.000 евра, ги извршил со тројца, по кои полицијата трага. Разбојништвото во Комерцијална банка во Ѓорче Петров беше прв грабеж на банка во која разбојниците ги ограбиле граѓаните што биле во експозитурата.