Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

05.01.2009
Антикорупциска програма

Следејќи ги препораките од ЕУ и имајќи ги во предвид основните цели, задачи и принципи за работа на Владата на Република Македонија за доследно спроведување на процесот на реформи на полицијата, како и стратегијата на Владата за периодот 2008-2012 година за засилена, цврста и решителна борба против корупцијата, развојот на демократијата и подобрување на меѓуетничките односи, владеење на правото како и успешно обезбедување на политичка и безбедносна стабилност на земјата и нејзината интеграција во ЕУ и НАТО, целосно почитување на Уставот и Законите, имплементација на одредбите од Охридскиот мировен договор и понатамошна реализација на обврските кои произлегуваат од преговорите со ЕУ и НАТО, реформските активности за подобрување на квалитетот на јавните институции, креирање на ефикасна полициска служба која ќе биде сервис на граѓаните и успешно ќе се справува со сите видови на криминал и криминално однесување, вклучително и сите појавни облици на организиран криминал како и успешно справување со коруптивното однесување во структурите на МВР во целост и надлежностите кои ги има Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, во име на Министерството за внатрешни работи ја донесува следнава:

А Н Т И   К О Р У П Ц И С К А   П Р О Г Р А М А 

1. Општи напомени

          Со цел реализација на утврдената визија за функционирањето на Македонската полиција , еден од стратешките приоритети на Минстерството за внатрешни работи е борба против корупцијата и коруптивното однесување меѓу вработените во Министерството и полицијата со нулта толеранција на истата.

          Успешното реализирање на ваквите планови е основен предуслов за ефикасност на македонската полиција со цел враќање на довербата кај граѓаните, овозможување на доследна примена на законските норми и развој на демократијата и функционирањето на полицијата на доследно и професионално ниво.

          Антикорупциската програма на МВР има за цел: дефинирање на корупцијата и актите на корупцијата во Министерството и полицијата, воспоставување на проактивна стратегија за борба против корупцијата со воспоставување на механизми за контрола и систем на мерки и активности врз основа на кој ќе може успешно да се детектираат и сведат на минимум појавите на коруптивно однесување во сите конкретни случаи на корупција како и санкционирање на истите.

          Под поимот корупција во полицијата се подразбира секое дејствие или пропуст кое полицискиот службеник ќе го стори при вршење на својата должност, а за тоа како возврат бара или прифаќа некаква корист, погодност или интерес за себе или за друго лице како и секое пречекорување и прекршување на стандардните постапки и процедури, злоупотреби на службената должност или пречекорување на со закон дадени полициски овластување заради директно или индиректно ветена, понудена, дадена, побарана, прифатена или очекувана материјална, нематеријална корист, погодност, предност или друг интерес од страна на полицискиот службеник, за себе или за некој друг со намера да изврши или да се воздржи од извршување на работа која законски е должен да ја изврши или да не ја изврши.

          Како акти на корупција ќе се сметаат:

-         секоја услуга што се коси со законските норми и е надвор од стандардната процедура и законски предвидени рокови и постапки, направена со цел стекнување на корист, предност, погодност или интерес за себе или за друг;

-         преземање на дејствија кои се законски пропишани или произлегуваат од закон, со цел стекнување на корист, предност, погодност  или интерес за себе или за друг;

-         преземање на дејствија кои не се пропишани со закон нити произлегуваат од закон, со цел стекнување на корист, предност, погодност или интерес за себе или за друг;

-         непреземање на дејствија кои се законски пропишани или произлегуваат од закон, со цел стекнување на корист, предност, погодност или интерес за себе или за друг.

 Под поимот материјална или нематеријална корист, предност, погодност или интерес се подразбира секоја добивка без разлика на нејзината големина или вредност, како и секоја нефинансиска добивка, без разлика на нејзиниот вид, форма или содржина.

          Под поимот финансиска корист или интерес се подразбира секоја добивка без разлика на нејзината големина или вредност.  За корист или интерес се смета и секоја нефинансиска добивка, без разлика на нејзиниот вид, форма и содржина.

          Под индиректна инволвираност во корупција се подразбирааат сите случаи во кои користа, предноста, погодноста или интересот се ветени, понудени, дадени, побарани, прифатени или очекувани преку трето лице, односно преку посредник.

          Корупцијата ги отвара вратите на сите облици на криминал, претставува штетен и опасен феномен, со кој се соочуваат не само малите земји во транзиција, туку и големите земји, со неспоредливо голема демократска традиција. Кривичните дела со елементи на корупција спаѓаат во кривични дела кои најтешко би можеле да се докажат од која причина резултира потребата за неопходна, финансиска, техничка и експертска помош, за обука и опремување на полицијата за да може истата на најефикасен начин да се пресмета со оваа појава.

 

 

2. Аспекти на полицискиот менаџмент

 

Директорот на Бирото за јавна безбедност, неговите најблиски соработници, целокупната раководна структура во Централните полициски служби, Секторите за внатрешни работи,  командирите на Полициските станици, и останатиот раководен кадар, по пат на правилен персонален менаџмент преку личен пример, низ секојдневната работа и однесување, потребно е недвосмислено да  манифестираат  цврста увереност во исправноста на промовираните општествени и етички вредности, дефинирани во Етичкиот полициски кодекс. Исто така, потребно е со своето однесување дадат до знаење дека ќе сторат се што е во рамките на нивната лична и професионална должност да ги спречат, откријат, истражат и соодветно санкционираат  сите појавни облици на корупција во полицијата.

          Полицискиот менаџмент, на сите нивоа треба да обезбеди оптимални услови за работа на вработените и да им обезбеди морална и правна помош во сите случаи каде истото е потребно. Со своја лична посветеност кон работата и цврстина во раководењето да дадат до знаење дека никој нема да биде исклучок при утврдувањето на одговорноста во случај на коруптивно однесување. Раководителите со закон се должни да воспостават контролни механизми и правилници за работа, временски ограничувања на постапките и делување на полициските службеници со што ќе се овозможи безбедно поле на работа со исклучиво тесен и контролиран простор на делување со неможност за било какви обиди за коруптивно однесување.

          Можни облици на полициско постапување кое би имале превентивно влијание врз коруптивното однесување би биле:

-         Цврсто раководење на полицискиот менаџмент во кој истите мора да избегнуваат секакво непримерно однесување;

-         Промена во селекцијата и изборот на новите полициски службеници. Службите мора да спроведуваат комплетни проверки со цел да ги одберат најквалитетните и најквалификуваните кандидати на кои ќе им обезбедат целосно оспособување, вклучување и практично воведување во полициската работа со искусен полициски ментор;

-         Промена во полициската организација и во полициското постапување. Нова методологија на работа со сите поплаки од граѓаните за несоодветно полициско постапување, истражување и наводите по поплаките како и начини на кои би се добивале и информации за корумптивните однесувања на полициските службеници со што се отвора можност за нивно навремено откривање и соодветно санкционирање;

-         Постојна грижа и мониторинг за етичкото постапување, професионализмот и посветеноста на полициските службеници во рамки на Министерстото и полицијата.

Сите вработени во Министерството за внатрешни работи и полицијата се должни да пријават и да сведочат за сите познати факти и околности во врска со конкретно сознание за полициско коруптивно однесување, како и должност да одбијат наредба од раководителот за извршување на активност која е поврзана со криминално однесување и истата да ја пријават до повисоките структури.

 

3. Програмски активности

 

Имајќи ги предвид сите претходни напомени, како и подготвеноста на Министерството за внатрешни работи во целост, за нулта толеранција на корупцијата и нејзина апсолутна неприфатливост, со градење на контролни механизми, мерки и активности кои ќе го стеснат просторот на коруптивно однесување на полициските службеници, откривање и соодветно санкционирање на секој конкретен случај, оваа програма опфаќа систем на мерки и активности кои значат:

Целосна афирмација на принципите за професионализам во полицијата со строго почитување на Уставот и законите;

Јасно и прецизно дефинирање на овластувањата и надлежностите на службите во составот на Министерството и полицијата;

Зајакнување на ефикасноста и ефективноста во работата на службите во составот на Министерството и полицијата;

Воведување на систем на перманентна обука за стручно оспособување и надоградување на вработените;

Соодветна постапка на квалификации, селекција и вработување во полицијата;

Сведување на дискреционите права на ниво на исклучок или нужност;

Сведување на арбитрерноста во полициската работа на ниво на исклучок или нужност;

Перманентно зајакнување на механизмите и капацитетите на Министерството за ефикасна борба против корупцијата и коруптивните однесувања;

Креирање на правичен систем на плати и наградување на трудот на вработените во Министерството и полицијата;

Целосна имплементација на Полицискиот етички кодекс;

Зајакнување на меѓуинституционалната соработка во борба против корупцијата и криминалот со сите институции задолжени за спроведување на законот;

Зајакнување на соработката со Народниот правобранител и невладиниот сектор;

 

3.1. Целосна афирмација на принципите за професионализам во полицијата со строго почитување на Уставот и законите

 

          Полицијата претставува јавна служба, дел од Министерството за внатрешни работи чија основна цел е заштита на човековите слободи и права, спречување и откривање на казниви дела, превземање мерки за гонење на сторители, како и одржување на јавниот ред и мир во  општеството. Нејзината мисија е на сите граѓани да им гарантира слободно  и мирно остварување на нивните права и слободи загарантирани со Устав.

          Согласно Уставот и законите како и ратификуваните меѓународни документи за заштита на човековите права и слободи, полицијата е овластена да применува и полициски овластувања кои подразбираат мерки и активности со кои директно се задира во основните права и слободи на граѓаните. Со цел да се обезбеди целосна заштита на човековите права и слободи и да не дојде до нивно непотребно ограничување, нужно е да се афирмираат принципите на стручност, компетентност, правилно остварување и извршување на задачите и професионализам.

          Полицијата развива висок степен на професионализам и нејзините припадници преку извршување на полициските задачи согласно Уставот и законите и принципите на граѓанското општество.

 

3.2. Јасно и прецизно дефинирање на овластувањата и надлежностите на службите во составот на Министерството и полицијата

 

Полицијата е организирана со цел да ја промовира довербата и професионализмот помеѓу припадници, како и довербата помеѓу полициските припадници и јавноста, преку развивање јавна, транспарентна и услужна функција. Организацијата на полицијата треба да обезбеди јасна верига на команди во рамките на самата полиција. Секогаш треба да биде можно да се определи кое лице има крајна одговорност како и јасно и прецизно утврдени задачи и надлежности помеѓу сите вработени.

Стратегијата за реформа на полицијата ја дефинира новата организација на Министерството и полицијата, како што ја дефинира и новата методологија на работење. Во насока на тоа, со оглед дека постојат организациони облици задолжени за иста проблематика, со исти надлежности и задачи на различни нивоа, неопходно е многу јасно и прецизно да се дефинираат надлежностите на секоја служба одделно, за да не дојде до мешање и дуплирање на надлежностите, што може за последица да има неизвршување на задачите и непостапување по одредена конкретна проблематика како оправдување за ненадлежност за истата. Во оваа смисла потребно е да се изградат капацитети кои ќе ги препознаат потребите и ќе ги спроведуваат политиките на различни нивоа во рамките на Министерството во целина. Тоа подразбира дека Министерството треба да создава капацитети за успешно спроведување на Владината политика во сферата на внатрешните работи, додека за потребите на Бирото за јавна безбедност, Централните полициски служби, Секторите за внатрешни работи и Регионалните центри за гранични работи ќе треба да се развиваат административни и други соодветни капацитети во согласност со потребите. Целта на ваквата поставеност е да се обезбеди самостојност во управувањето со човечките ресурси, соодветно на степенот на одговорност и работните обврски во извршувањето на задачите на различни новоа.

 

3.3. Зајакнување на ефиканоста и ефективноста во работата на службите во составот на Министерството и полицијата

 

Визијата за мисијата на полицијата подразбира и нејзина ефикасност и ефективност. Зајакнувањето на ефикасноста и ефективноста на полицијата е можна само со доследно почитување на пропишаните норми и стандарди, следење на најдобрите европски искуства, практики и заеднички стандарди на полициско постапување. Ефикасноста и ефективноста на полицијата се огледува во начинот на постапувањето, расветлените и криминални активности, санкционирање на полициските службеници во случај на недоследности и корумптивни постапки, непостоење на исклучок при утврдување на одговорност, транспарентност на постапките, достапност на полицијата за јавноста и сл. Сето тоа е возможно со меѓусебна соработка внатре во самата полициска организација, со развивање на систем за редовно информирање на пропустите, недореченостите во процедурите и несоодветна организациона или функционална поставеност на одредени организациони единици во полицијата, изготвување на соодветна методологија за работа што ќе резултира со ефикасност и ефективност.

За да може да се подобри ефиканоста и ефективноста на полицијата, а со тоа просторот за корумптивно однесување на полициските службеници да биде уште повеќе ограничен неопходно е да се подобри статусот на сите вработени во Министерството и полицијата јасно и прецизно да се дефинираат надлежностите, задачите за вработените, службите и сл.

 

3.4. Воведување на систем на перманентна обука за стручно оспособување и надоградување на вработените

 

Со започнатиот процес за реформи на полицијата за нејзино успешно функционирање како неопходна потреба се јавува воведување на системот за перманентна обука за стручно оспособување и надоградување на вработените во рамките на Мнистерството и полицијата.

Полициската обука треба да биде заснована врз фундаменталните вредности и демократијата, владеењето на правото, етичко постапување во сите случаи и заштита на основните човекови слободи и права и истата да се развива во согласност со целите на полицијата.

Обуката на полицијата преку различни степени на едукација со јасно прецизирани цели ќе обезбеди полициска оспособеност и култура, висок степен на иницијативност, професионалност и стручност во извршувањето на полициската функција.

Потребно е да се организираат и спроведуваат иновативни програми за обука на полицискиот персонал со што истите во потполност би се запознале со полициските прописи, постапки, полициската работа и други законски норми.

За успешно спроведување на обуката на полициските службеници потребно е да се воспостави блиска соработка со домашни  странски експерти, експерти од ОБСЕ, ИЦИТАП и т.н., а во зависност од потребата, и соработка со останати сектори и институции, со цел да се изградат одржливи капацитети во рамките на Министерството и полицијата кои ќе можат во целост да одговорат на потребите.

 

3.5.       Соодветна постапка на квалификации, селекција и вработување во полицијата

 

Припадниците на полицијата се вработуваат врз основа на личните квалификации и искуство, во согласност со условите за избор и вработување определени со закон, а соодветно на целите на полициските задачи. Квалификацијата, селекцијата и вработувањето на припадниците на полицијата се обезбедува согласно принципите на професионалност, ефикасност, стручност, соодветно образовно ниво, законитост во работењето утврдени со закон.

Припадниците на полицијата треба да имаат способност за разумно расудување, отворено размислување, зрелост и чувство за праведност, комуникациски способности, а за определени работни места раководни и менаџерски способности, како и професионален и човечки кредибилитет за извршување на доверените задачи.

Постапката за селекција и вработување на полициски кадар се заснова врз принципите на објективност и недискриминација на двата пола, како и соодветна правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во Република Македонија.

 

3.6.       Сведување на дискреционите права на ниво на исклучок или нужност

 

Дискреционите права на одредени раководни места, нужно е да бидат сведени и да се користат само како исклучок или нужност која се темели на закон, бидејќи токму дисреционите права претставуваат плодна почва за корумптивно однесување. Кога станува збор за дискреционите права на вработените се повлекува и прашањето за роковите во кои граѓанинот или полицискиот службеник треба да знае за одлуката или за решението кое треба да биде донесено. Со цел да се стесни просторот за самоволно постапување на полициските службеници и да не дојде до злоупотреба на дискреционите права, неопходно е да се почитуваат процедури на полициското постапување во случаи при:

-  легитимирање и приведување на лица;

- запирање на возила;

- задржување на лица во Полициска станица и начинот на постапување и

   третирање на истите;

- привремено одземање на предмети и моторни возила и постапка со истите;

- постапување по пријава од граѓани;

- мандатно казнување;

- заседа, рација, блокада;

- работа со странци и легални мигранти;

- гранични проверки и гранични инциденти;

- примена на посебните истражни мерки

Полициските овластувања, процедурите и законските рокови кои се предвидени за истите како и правилата за напредување во полициската хиерархија се основа за спречување на корумптивното постапување. Токму од овие причини потребно прецизно утврдена процедура за поставување или промена од едно на друго работно место базирана на постигнатите резултати во работата, компетенциите, стручноста, успешно совладаната обука, посветеноста и сето тоа да се одвива во транспарентна постапка со распишување на интерен оглас. Секое постапување надвор од пропишаните стандардни процедури од формален или материјален аспект отвара простор за сомнеж дека постојат корумптивни намери, кои нужно мора да добијат морална осуда, но и соодветно да се санкционираат согласно приавилата и прописите на Министерството и полицијата, а сите случаи каде ќе биде докажана кривична одговорност истите да бидат проследени до надлежните правосудни органи. На овој начин ќе создадат претпоставки и механизми за успешно лоцирање на можната одговорност или непридржување кон законските норми на секој вработен во Министерството и полицијата, со цел да се корегираат вообичаените слабости и пропусти.

Оваа задача суштински треба да ја изврши Бирото за јавна безбесност во соработка со Секторот за правни работи и управување со чевечки ресурси.

 

3.7.       Сведување на арбитрерноста во полициската работа на ниво на исклучок или нужност

 

Полицијата  поради природата на својата работа и овластувањата кои со закон е овластена да ги применува секогаш е критикувана од јавноста. Јавноста е особено критична во моменти кога полицијата не постапила или во блага мера ги пречекорила своите овластувања. Во долгогодишното функционирање на полицијата таа во многу случаи била во позиција да арбитрира, што помеѓу граѓаните се толкува како можност полицијата да постапи на несоодветен начин. Причините се различни и многубројни, од расудувањата на самиот полициски службеник за конкретното постапување до нестручност, некомпетентност, несоодветна обука и сл. Со цел да се избегне ваквата појава која за жал е присутна и денес, се јавува неопходна потреба од плански пристап и јасни процедури при спроведување на полициските овластувања. Неопходно е да се изготви Годишна програма за стручно усовршуање на полициските службеници и нејзина целосна реализација; да се организираат семинари и проекти за обука на полицискиот персонал, особено униформираната полиција, за заштита и почитување на основните човекови слободи и права, да се работи на создавање на цврста безбедносна и полициска култура и свест. Докрај доследно да се спроведуваат постапките за оценување на полициските службеници, оние полициски службеници кои со своето работење ќе покажат надпросечни резултати во работата согласно пропишаните норми да се унапредат, а во случаите каде ќе биде докажано дека се постапувало спротивно на нормите, соодветно истите да бидат санкционирани.

Ова повлекува потреба од донесување на нов Правилник за дисциплинска одговорност и спроведување на дисциплинска постапка,  широк спектар на дисциплински мерки како што постојат во развиените европски полиции како што се опомена, јавна опомена, одземање на правото за примена на полициските овластувања намален износ на дел од плата, деградирање во рамките на службата и сл. Потребно е полициските службеници да бидат запознаени со мерките кои против нив би се превземале во случај на нестручно или несоодветно извршување на задачите, со што би се зголемила посветеноста од страна на самите вработени. Ова води и до измени во Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи за што е неопходна соработка со Македонскиот полициски синдикат.

 

3.8. Перманентно зајакнување на механизмите и капацитетите на Министерството за ефикасна борба против корупцијата и коруптивните однесувања

 

Со цел одржување на стабилен полициски интегритет како и правилно работење на полицијата согласно принципот на владеење на правото, на сите нивоа во рамките на полициската организација се воспоставува систем на ефективни мерки за ефикасно спречување и борба против корупцијата, преку јасно дефинирање на корупциското однесување и воспоставување на организациони структури и контролни механизми за борба против корупцијата. Во оваа насока стратегијата за реформи на полицијата на прашањето за контрола на полицијата посветува сериозно внимание. Од тие причини во рамките на организационата структура на Министерството, функционира Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди чија локација е токму во Министерството, а не во полицијата, кој има свои детеширани Виши советници во сите Сектори за внатрешни работи за поуспешно и покомплетно извршување на задачите.

         Основната задача на Секторот е пред се водење ефикасна и ефективна борба против сите појавни облици на назаконито, нестручно и непрофесионално постапување на полицијата, оцена на оправданоста за примена на полициските овластувања особено во случаи кога постои повреда или се пречекорени овластувањата, изготвување на годишната антикорупциска програма како и перманентно да го следи нејзиното спроведување.

           Токму поради ваквите надлежности и природата на работата, Министерството за внатрешни работи мора да работи на перманентно јакнење на капацитетите, потребните средства  и опременост за да можат вработените во Секторот, професионално да одговорат на обврските. Неопходно е обезбедувањето на компетентен, стручен и обучен кадар во рамките на Секторот за ефикасна борба против корупцијата во полициската организација, бидејќи оној кој може да се поткупи не може да се бори против корупцијата.

             Со цел да се обезбеди компетентен, стручен и обучен кадар за ефикасно и ефективно спротивставување на корупцијата  и коруптивните појави во полицијата, се пристапи кон изготвување на критериуми за селектирање на кадри за работа во Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди. Критериумите опфаќаат правила за задолжителна проверка на секој кандидат, на стручните знаења, познавање на корпусот на човековите слободи и права, владеење со комуникативните вештини соодветно полициско и оперативно искуство и познавање на работа со компјутер. Исто така, изборот на вработените во Секторот е возможен за оние кандидати кои покрај стручните квалитети, ќе имаат професионален и човечки кредибилитет да ги извршуваат доверените задачи.

              Заради реализација на горенаведените цели потребна е  перманентна обука на припадниците на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди за што ќе биде изготвена годишна програма за 2009 година која ќе биде изготвена од страна на раководителот на Секторот.

              Во оваа насока, во соработка со Одделот за организиран криминал ќе се утврдат процедури за меѓусебна соработка во случаите кога преку прикриени  операции и со примена на посебни истражни мерки ќе треба да се подржи постапка за утврдување на коруптивни, незаконски и други криминални дејствија од страна на полициските службеници.

                Во остварувањето на своите функции Секторот мора да делува превентивно и да биде во функција на креирање на такви процедури и стандарди за постапување на полицијата кои се во согласност со позитивните европски практики и заеднички стандарди на полициско постапување.

 

             3.9. Креирање на правичен систем на плати, наградување на трудот и 

                     напредување на вработените во Министерството и полицијата

 

              За професионалното вршење на работите, полицискиот службеник треба да прима плата чија што висина е определена на начин што обезбедува пристојна егзистенција, заштита од притисоци при спроведување на законот, како и цврст став за некоруптивно однесување.

               Системот на напредување во службата се заснова врз квалитетот на извршување на работата, по пат на оцена во една транспарентна постапка реализирана од страна на претпоставените старешини. Намалениот број на представки и жалби од граѓаните е исто така индикатор за професионалноста на полициските службеници.

                Платата и наградите за вложениот труд, нивната сигурност и редовност се една од основните заштити од корупцијата и коруптивно однесување воопшто. Токму од таа причина неопходно е да се изгради соодветен систем за наградување на трудот на вработените во Министерството и полицијата, кој ќе биде одраз на реално вложениот труд, посветеност и постигнати резултати. Затоа, Министерството, полицијата и Македонскиот полициски синдикат земаат активно учество во работата на меѓуресорската комисија која работи на изготвување на листа на плати и во таа насока ќе дадат целосна посветеност и допринос во градењето на единсвениот систем на плати, со почитување на сите специфики кои ја следат полициската работа и ја прават поразлична од работата на останатата администрација. Тоа пак од друга страна не значи дека ќе престанат активностите на Министерството за внатрешни работи во соработка со Македонскиот полициски синдикат да се изработи листа на плати за вработените во Министерството која ќе биде правична и ќе се базира на вистинските параметри за сложеност, одговорност и квалитет на сработеното.

                 Обврската за подобрување на социјалниот статус на вработените во Министерството како и обврската за воспоставување на правичен и одржлив систем на плати за полициските службеници ќе биде еден од приоритетите на Министерот за внатрешни работи.

 

                        3.10. Целосна имплементација на полицискиот етички кодекс 

 

            Кога станува збор за имплементација на етичкиот кодекс се наметнува потребата од јасна и транспарентна стратегија за етичка обука, а кодексот да биде широко прифатен од мнозинството во полициската организација.

           Од друга страна можните ризици за неприфаќање на кодексот треба да бидат идентификувани и да се работи на нивно минимизирање.

            Основни стандарди на полициска етика се:

- строго почитување на личноста како при извршување на задачите спрема  трети лица така и при раководењето со полициските службеници;

- строго придржување на правото при спреведување на интерните и екстерните одлуки за постапките во полициското работење;

- транспарентност на полициското постапување.

          Полициската етика покрај индивидуалните способности и ангажирање на полициските службеници гарантира и професионална самосвест. Таквите насоки на полицискиот службеник му овозможуваат во неговото постапување да дојдат до израз личните видувања за тоа како ја разбира полициската етика. Полициската етика посредува не само во насока на имунизација на некултурно, неетичко, некоректно и опортунистичко однесување, туку и во насока на примена на етичките правила во смисла на “ Закон втор по важност”.

        За да се развиваат позитивните примери во полицијата потребно е позитивно влијание на сите хиреархиски нивоа.

         Во врска со исполнувањето и примената на правилата од секој полициски службеник се очекува висок степен на свест за сопствената одговороност, почитување на граѓаните и морална цврстина. Основата на тие правила е Уставот во кој се говори за достоинството и непроведливоста на правата на секој човек што е највисока општествена цел.

            Граѓаните од полицијата очекуваат таа да постапува во рамите на полициските овластувања, хумано и правично.

            Етичките барања се однесуваат најмногу таму каде што опасноста од нивно повредување е најголема.

           Неопходна е перманентна обука на вработените во полицијата за примена на етичките правила за постапување, да се има визија за состојбата по обуката односно знаењето да се одржи на подолг рок.

 

         3.11. Зајакнување на меѓуинституционалната соработка

 

          Една од целите е унапредувањето на соработката на Министерството и другите ресорни министерства, државни органи и институции за борба против корупцијата и криминалот воопшто. Соработката треба да служи како водечка рамка за една осмислена државна политика на соработка која ќе ги одразува приоритетите и принципите на владината програма.

          Во оваа насока потребно е да се зајакне соработката на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди со Одделението за гонење на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција при Јавното обвинителство на РМ, Царинската управа на РМ, Финансиската полиција и  Дирекцијата за спречување на перење пари. Исто така, неопходно е да се изгради заедничка база на податоци до кои ќе имаат пристап сите субјекти задолжени за борба против корупцијата, со цел обезбедување размена на информации на дневна основа заради обезбедување одржлив систем на заеднички приод во реализирањето на сопствените обврски на секоја одделна институција во борба против корупцијата.

          Поради ова, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во текот на наредната година ќе организира заеднички средби на сите државни органи и институции со цел утврдување на приоритети и градење на политика за успешно сузбивање на корупцијата. Оваа задача е во надлежност на раководителот на Секторт за внатрешна контрола и професионални стандарди и на неа треба да се гледа како на задача која произлегува од програмата за работа на Министерството за внатрешни работи.

 

3.12. Зајакнување на соработката со Народниот правобранител и невладиниот сектор

 

          Народниот правобранител е независна, самостојна, професионална и стручна институција и во извршувањето на функциите и надлежностите пред се ги почитува принципите на објективнот, непристрасност, чесност и еднаквост во заштита на правата и слободите на граѓаните без разлика на пол, боја, раса, вера и слично. Работите од својата надлежност, Народниот правобранител ги врши врз основа и во рамките на Уставот и Законот како и меѓународните правни акти за почитување на човековите слободи и права.

          Невладиниот сектор претставува значаен фактор во заштита на корпусот човекови слободи и права. Одреден број невладини организации пружаат и бесплатна правна помош на граѓани во случаите кога институциите на државата неосновано засегаат во основните човекови слободи и права или во приватноста на граѓаните.

          Тргнувајќи од заедничките цели соработката на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди  со Народниот правобранител и невладиниот сектор во текот на 2009 година ќе се интензивира и зајакнува.

          Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди ќе одржи повеќе заеднички обуки во кои покрај вработените во Секторот активно ќе партиципираат претставниците од канцеларијата на Народниот правобранител како и претставници од невладиниот сектор.

 

4. Обврска за имплементација на програмата

 

          Успешна имплементација на антикорупциската програма на Министерството за внатрешни работи значи исполнување на конкретните обврски на Министерот за внатрешни работи како и раководителите на организационите единици во Министерството и полицијата. Во таа насока раководителите на организационите единици во Министерството и полицијата треба да ги реализираат конкретните активности согласно антикорупциската програма, а Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди е задолжен да ја следи имплементацијата на самата програма, како и да ги насочува активностите на организационите единици. Имплементацијата на оваа програма ќе доведе до зајакнување на досегашната меѓуинституционална соработка како и соработка со граѓаните. И натаму останува да функционира бесплатниот телефонски број 199 на кој граѓаните можат да пријават корупција и друго незаконско постапување на полицијата со цел преземање на мерки за проверка на добиените известувања.

          Секторот за односи со јавноста и информации од јавен карактер во текот на 2009 година ќе спроведе информативна кампања со цел информирање на граѓаните со содржините на програмата како и активности што ќе ги превземе Министерството за внатрешни работи на планот за борба против корупциското однесување во  редовите на полицијата. Сето ова ќе допринесе за поголема доверба на граѓаните и желба за соработка со надлежните институции за спречување на корупцијата, а особено со Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди за успешна борба против корупцијата во полициските редови.

 

                                                                                  МИНИСТЕР ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ         

                                                                                         м-р Гордана Јанкулоска

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk