Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 


26.01.2009

Утрински весник

Полицаец киднапирал скопјанец за долг од 10.000 евра

Киднапирањето се случило сред бел ден во центарот на градот, по што два дена го малтретирале грабнатиот

Четворица членови на криминална група, меѓу кои и полицаец од полициската станица „Танушевци“, киднапирале и два дена се изживувале со скопјанец од кого барале да врати наводен долг од 10.000 евра. Полицијата ги фати киднаперите, а истражен судија им одреди притвор од 30 дена.

Според сознанијата на МВР, М.Н. (40), вработен во полициската станица „Танушевци“, и неговите пријатели Р.С. (42), Е.Ш. (35) и Т.Ц. (36) минатата среда околу 11 часот го пресретнале скопјанецот К.Ј.(35) во непосредна близина на хотелот „Бристол“, во центарот на Скопје. Потоа, со удари по главата, влечење и туркање, насилно го внеле во „фолксваген голф 3“ по што го носеле на различно локации во селото Бардовци, во близина на езерото Треска, во село Семениште, во село Арнакија, во Чаир и во Ново Село. Во 23 часот, заедно со Е.Ш. го однеле во Интернет-кафе во село Арнакија каде што го оставиле на чување од повеќе засега непознати лица.

Истиот ден, мајката на киднапираниот го пријавила случајот во полициската станица „Карпош“ и посочила можни сторители за грабнувањето на нејзиниот син. Откако грабнувачите еден ден го тепале и го малтретирале скопјанецот, почнале да го тераат да се јавува кај својата мајка и кај други лица за да им обезбеди 10.000 евра, кои ги барале од него. По два дена, сепак, го вратиле дома, но му се заканиле дека ќе го убијат ако некому каже што му се случувало.

Малтретираниот скопјанец, сепак, одлучил да го пријави случајот во полиција, по што е пронајдена групата, како и возилата со кои киднаперите го возеле два дена. Според полициската евиденција, приведениот полицаец има издржано казна затвор за фалсификување исправа, а и другите тројца приведени се евидентирани како сторители на тешки кражби, измами и поседување оружје. (Д.Т.)

Вечер

Барала документи - добила плик со евра


Скопјанката С.С. (56) основач на Наше дете, во промотивен материјал за Нова година подарила плик со 2000 евра, на стечајна управничка која неколкупати се обидел да ги добие документите од фирмата


Две илјади евра е износот со кој основач на Наше дете ескпорт-импорт од Скопје, поткупила стечајна управничка за да не изврши службено дејствие. Случајот во полиција го пријавила стечајна управничка која во ќесе со промотивниот материјал по повод новогодишните празници забележала бел плик во кој имало 4 банкноти од по 500 евра. Полицијата до обвинителството поднесе пријава против С.С.(56) од Скопје за кривично дело давање поткуп.

Во полициската пријава е наведено дека С.С во својство на еден од оснивачите на ДППУ "Наше дете" експорт-импорт од Скопје во текот на декември лани и дала поткуп на В.С. стечаен управник на горенаведеното друштво. Поткупот во вредност од 2.000 евра бил со цел стечајната управничка да не изврши одредено службено дејствие.

Стечајната управничка во почетокот на декември повеќе пати побарала од управителот и основачите на "Наше дете" да и дадат извештај и документација за имотот на фирмата. И покрај неколкуте обиди на В.С. таа добивала најразлични изговори барањето да биде одложено за една недела. На 12 декември, пријавената ја пречекала В.С. надвор од фабриката Треска каде В.С. исто така била стечаен управник.

Дента, бидејќи надвор врнело дожд, скопјанката и понудила превоз на стечајната управничка до дома. Додека се возеле со автомобил С.С. ја замолила управничката барањето околу документацијата да биде одложено за уште една недела со изговор дека управителот бил на операција во странство, а и таа ќе патувала во странство оти ќе одела на промоција на дипломирање на нејзиниот син. Кога стигнале пред домот на В.С., пријавената и дала ќеса, подарок за Нова година. Управничката дома го отворила ќесето, во кое покрај нотес, календар и пенкало забележала и бел коверт во кој имало четири банкноти од по 500 евра, за што веднаш пријавила во полиција.

Дневник

Полициски службеник зел 10 евра поткуп од Косовец

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против полицаецот Б.М. (28) од Скопје, осомничен дека зел 10 евра поткуп од Косовец, пред две недели на граничниот премин Долно Блаце. Кривична пријава заработил и косовскиот државјанин А.Б. (27) кој му ги дал парите на полицаецот за да го пушти во земјава со автомобил со швајцарски национални ознаки, а за кој немал осигурителна полиса, односно зелен картон.

Поткупот бил откриен по дополнителна контрола кога било утврдено дека А.Б. нема зелен картон, по што Косовецот рекол дека му дал мито на полицаецот за да влезе во земјава.Осомничениот негирал дека зел поткуп, но, полицијата кај него нашла банкноти од 20, 10 и 5 евра, за кои тврдел дека се негови, иако според правилата, тој не смее да има девизи додека е на служба. Полицаецот е суспендиран до завршување на постапка за утврдување на одговорност поднесена до Комисијата за отказ.

Од Секторот за внатрешен контрола информираат дека во изминативе две недели биле казнети десет полицајци. Тројца добиле отказ бидејќи неоправдано не дошле на работа три последователни дена. Останатите се казнети со намалување на платите за 15 отсто во наредните три до шест месеци бидејќи дозволиле да им избегаат осомничени, за тепачка и за навредување на старешина.

Сител

НОВИ ЗЛОУПОТРЕБИ НА БЕЏОВИ ЗА НЕПЛАЌАЊЕ НА ПАТАРИНА

ГЛОБА ОД 200 ЕВРА ЗА ПРАТЕНИК И ВРАБОТЕНИ ВО МИНИСТЕРСТВА ПОРАДИ НЕПЛАЌАЊЕ ПАТАРИНИ

Пратеник, двајца судии, двајца вработени во Царинската управа, вработен во МВР, четворица во АРМ, двајца во Министерство за одбрана, тројца во ЈП „Македонија пат“, еден во Министерство за транспорт и врски, еден во Министерство за економија, еден во Министерство за животна средина, еден во Дирекција за заштита на лични податоци, и по еден во Агенција за државни службеници и Катастар, денеска добиле налог за наплата на глоба поради злоупотреба на службените легитимации за поминување на патарини.

Останатите 16 возачи, од вкупно 34 регистрирани, се граѓани кои ги поминале наплатните рампи без да платат патарина користејќи разни картички, беџови и друго.

Како што соопшти МВР, меѓу 5:30 и 9:30 изутринава на наплатните рампи „Глумово”, „Миладиновци” и „Отавица”, без да платат патарина со покажување на службени легитимации поминале 34 возила. На сите возачи им е издаден налог за наплата на глоба за сторени прекршоци по член 68, 69 и 72 од Законот за јавни патишта.

Акцијата ја спроведе Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во координација со Државниот инспекторат за транспорт во согласност со член 121 став 1 точка 16 од законот за јавни патишта.

МВР информира дека против тројцата  вработени во Министерството кои ги злоупотребиле службените легитимации ќе бидат предложени задолжителни мерки до нивните непосредни старешини, кои согласно одредбите од Колективниот договор на МВР треба да поведат постапка за утврдување на одговорност на полициските службеници пред надлежните Комисии за отказ.

Досега Секторот за внатрешна контрола спроведе четири вакви акции при што се откриени 210 службени лица и граѓани кои избегнале да платата патарини, од кои 27 се вработени во МВР. Со последната акциска контрола, вкупниот број на откриени и санкционирани службени лица и граѓани се искачи на 244 од кои 28 се полициски службеници. На сите кои ги сториле прекршоците од страна на МВР им е издаден налог за наплата на глоба во висина од 200 евра, а МВР очекува за оние кои не се вработени во полиција, нивните претпоставени да преземат дополнителни мерки.

Канал 5

Неуспешен обид за поткуп на стечајна управничка

 

Косопственичка на фирмата „Наше дете“ сакала со 2000 евра да ја избегне обврската на основачите на фирмата да ги достават документите на управничката за имотот што го поседува фирмата во стечај. Управничката го одбила поткупот и го пријавила случајот во полиција. Основачите на фирмата неколку пати претходно се обиделе да ја разубедат управничката да го одложи рокот за достава на потребната документација. Откако 56-годишната косопственичка по неколку обиди не успеала да го одложи барањето за поднесување на извештајот се обидела да ја поткупи управничката со пари спакувани во новогодишен подарок.

 

- Кога влегла дома, В. С. ја отворила кесата и покрај поголем нотес, календар, пенкало забележала и еден бел коверт во кој имало четири банкноти во апоени од 500 евра, за што веднаш пријавила во полиција - изјави Иво Котевски, портпарол на МВР.

 

Против косопственичката на наше дете е поднесена кривична пријава за поткуп. Таа е една од 39-те лица против кои МВР лани поднело пријави за ова кривично дело.

 

А1

Жестока тепачка на аеродромот во Охрид

Двајца вработени во службата за обезбедување на Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, рано утрово околу 3 часот по полноќ биле повредени во напад од група луѓе, пред да полета авионот за Цирих.

Едниот кој завршил со скршен нос и повреди во главата кај окото и набиеници на телото, бил на интервенција во Охридската болница, а другиот кој имал повреда во зглобот на левата нога, по добиената медицинска помош е на домашно лекување.

Според очевидци, до инцидентот дошло по кавга меѓу патниците, поради поголемиот број продадени авио билети отколку бројот на седишта, што предизвикало проблеми при чекирањето.

Тепачката започнала пред шалтерите за продажба на билети на Швајцарската авио компанија „Хелветик“, кога толпа од 10-тина Албанци, кои испраќале патници од струшкиот крај, нападнале човек, тепајќи го со тупаници на подот во аеродромот.

Вработените во обезбедувањето кои го извлекле нападнатиот патник, потоа добиле боксови од напаѓачите, кои експресно побегнале и се уште не се откриени од полицијата.

Во Охридскиот аеродром го потврдија инцидентот, но официјални изјави нема ниту од таму, ни од МВР.

И досега имало караници на аеродромот во Охрид поради поголема продажба на авио билети од капацитетот на авионите, но ова е прв инцидент со вакви последици.

Нова Македонија

Фрчат дисциплински мерки за грешни полицајци Тројца полицајци се отпуштени од работа, а седуммина се казнети со парична казна поради непрофесионално работење, неодење на работа, тепачки и навреди упатени кон старешините. Тројцата отпуштени, А.Џ., Е.Н. и Н.П., неоправдано отсуствувале од работа три последователни дена, што според Законот за работни односи веднаш се казнува со отказно решение.

Другите седуммина се казнети со 15 отсто од месечната плата заради пречекорување на службените овластувања. Двајца вработени во СВР-Тетово, Г.И. и М.С., се казнети со парична казна оти четворица деликвенти им избегале од рацете кога ги фатиле на самото место, а потоа не напишале ни службен материјал за настанот. Полицаецот од полициската станица „Југ“ С.Д. исто така е казнет со 15 отсто од месечната плата оти го променил безбедносниот код од приемниот штембил со кој бил задолжен.

Со парична казна е казнет и А.Х., полициски службеник во полициската станица „Север“ поради невнимание, оти лице задржано во станицата успеало да му побегне. Од полициската станица „Север“ исто така е казнет и Г.С., кој не извршил проверка на лице за кое било издадена наредба за приведување.

Полицаецот од полициската станица „Север“ Е.Ш. е казнет со 15 отсто од месечната плата во наредните шест месеци оти униформиран учествувал во улична тепачка, а неговиот колега П.К. од СВР-Скопје добил парична казна во наредните четири месеци, бидејќи му упатил навредливи зборови на претпоставениот старешина.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk