Во Битола претставен проектот за поддршка на развојот на полицијата
Битола, 22 јануари (МИА) - Пред претставниците од „ЦИВИПОЛ“ советот, СВР-Битола, локалната самоуправа и од средствата за јавно информирање од Битола и Прилеп, денеска беше претставен проектот за поддршка на развојот на полицијата.
Проектот за поддршка на развојот на полицијата во Македонија, финансиран од Европската Комисија, почна да се реализира во мај минатата година и ќе заврши во 2010 година, а основна цел се реформите во македонската полиција.
- Активностите се одвиваат на две полиња. Првиот дел се внатрешните реформи кои во најголем дел се завршени и нам ни останува само да го дозаокружиме. Вториот дел е насочен кон претстојните избори и истиот ќе се реализира во текот на следниот месец кога ќе биде спроведена посебна обука за 8.000 униформирани полицајци и околу 100 полициски инспектори кои ќе бидат вклучени на денот на изборите, истакна на конференцијата Пјер Шасањ, лидер на проектот.
Повод за спроведување на овој проект се минатогодишните парламентарни избори во земјава кои на 95 проценти од гласачките места биле одлично организирани, додека во пет насто имало изразени проблеми.
-Наставните програми за обука се веќе готови, а ги изработивме во соработка со обвинителството. На полицајците ќе им дистрибуираме и посебен практичен водич, се со цел да нема никакви проблеми за време на претстојните избори. Од медиумите пак, очекуваме чесно, одговорно и професионално известување, појасни Шасањ, на конференцијата во Битола.
Проектот за поддршка на развојот на полицијата за кого Европската Комисија издвои 7.730.000 евра, е во согласност со Националната стратегија за реформи во полицијата и содржи четири компоненти.мт/дма/14:35