Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 


21.01.2009

Се шири истрагата околу велешките наркодилери

Продолжува да се отплеткува клопчето околу акцијата „Велес“ за откривање на групата која учествувала во продажбата на хероин во Виена. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, вчера изјави дека, најверојатно, многу повеќе лица биле вклучени во нелегалните активности. Во првиот круг австриската полиција, во соработка со македонските колеги, детектираа 16 македонски државјани, кои биле дел од криминалната група која од почетокот на 2008 година до ноември продавала дрога во парковите во Виена.

„Продолжува операцијата ’Велес‘, водена од австриската полиција, бидејќи информациите покажуваат дека, најверојатно, многу повеќе лица се инволвирани во нелегалните дејства“, изјави вчера Јанкулоска, додавајќи дека со оглед на фактот дека се работи за кривични дела сторени во странски држави, македонската полиција може да се јави како соработник и да им даде поддршка на странските полиции. Според министерката, следењето на трансферот на парите меѓу 1,1 и 1,5 милион евра, кои наркодилерите од продажбата на 27 до 30 килограми хероин на црниот пазар во Австрија ги внела во земјава, е во надлежност, пред се', на Дирекцијата за спречување  на перење пари. Акцијата беше реализирана минатата недела.

Австриската полиција, како резултат на обемни истражни мерки, следење на телефонските комуникации и претреси на објекти, во соработка со македонското МВР, во рамки на операцијата „Велес“, успеаja да откријат 16-члена криминална група од земјава, која лани продавала и до 200 грама хероин дневно на виенските улици. Во изминатите неколку месеци, 14 члена од групата биле префрлени во истражниот затвор „Јозефштат“ во Виена.

Во врска со полициската истрага за упадот што се случи минатата недела во канцеларија на Кривичниот суд, министерката Јанкулоска вели дека се' уште нема пријава до МВР за направена штета. „Фактот што насилно е влезено во објект за полицијата е доволен показател случајот внимателно да се разгледа за да се откријат сторителите. До овој момент МВР нема прецизни информации за тоа како сторителите влегле во канцеларијата, но постојат одредени сомневања“, вели министерката. (Х.Р.)

Петмина „тигри“ повредени во превртен полициски џип

Полициските специјалци се надвор од животна опасност по сообраќајката на автопатот Скопје - Тетово

Петмина припадници на специјалната полициска единица „Тигри“ се повредни, откако вчераутро кај наплатната рампа на излезот од Скопје кон Тетово, се преврте службениот џип „ландровер дифендер“, со кој се превезувале полицајците. И покрај бројните повреди, ниту еден од „тигрите“, кои се пренесени во Ургентниот центар во Скопје, не е во животна опасност. Причините за несреќата се утврдуваат.

Сообраќајката, која можеше да има тешки последици, се случи околу 10 часот во близина на бензинската пумпа „Седум браќа“. Еден од конвојот возила на полициските специјалци, кои се враќале од зимска обука, скршнал од коловозот, удрил во средишниот дел од автопатот и се превртел на спротивната страна. Зошто и како возачот на џипот изгубил контрола, дополнително ќе се утврдува, иако, веројатно, станува збор за несоодветна брзина. Вистинско чудо и среќа е како сообраќајката не завршила кобно за некој од петтемина полицајци, што се возеле во џипот.

„Еден од полицајците има потешки повреди, поточно скршеница на левата клучна коска, изместување на десната клучна коска и скршеница на ребро од градниот кош. Тој е сместен во Клиниката за трауматологија. Тројца имаат полесни нагмечувања на главата, со површни рани, кои им се санирани. Тие се во Одделот за неврохирургија. Кај петтиот полицаец се констатирани нагмечувања на левото рамо и левото колено и тој е пуштен на домашно лекување. Ниту еден од нив не е во животна опасност“, ни изјави Соња Стошиќ, портпаролка на Клиничкиот центар.

Превртениот полициски џип и искршените парчиња стакло и делови од возилото уште неколку часа лежеа на автопатот. На истражните органи им требаа цели три часа за да излезат на увид, а за тоа време дел од припадниците на „тигрите“ го обезбедуваа просторот и не дозволуваа пристап до теренот. Сообраќајот од двете страни на автопатот се одвиваше по само една лента. (Г.А.)

Изготвенo обвинeние за кумановецот Бајруш Сејдиу

Како што неофицијално се дознава, Одделението за гонење сторители од областа на организираниот криминал и корупцијата при Јавното обвинителство на Македонија веќе изготвило обвинителен акт за кумановецот Бајруш Сејдиу, но и за другите инволвирани во случајот, кој во домашната јавноста стана познат под името „Пепел“. Имено, најголемиот број од бранителите и не знаат дека Обвинителството изготвило обвинение, но доколку тоа навистина е поднесено, тогаш може да се предвиди дека ќе следува приговор по истото.

За некои од адвокатите е спорно поднесувањето на обвинителен акт, бидејќи според нив истрагата се' уште не е комплетирана, односно недостасува вештиот наод и мислење. За други е спорно тоа што обвинението се носи на брзина. Ова значи дека се работи за обид за продолжување на мерката притвор за Сејдиу и за другите осомничени, кој по сила на нештата требаше да биде завршен со денешниот ден.

Нашите информации говорат дека обвинение постои и дека освен делата што му беа ставени на товар на Сејдиу уште во текот на истрагата, сега има и други кривични дела за кои „тутунскиот бос“ наскоро ќе треба да одговара. (Љ.С.)

 

Вечер

Презентирани доказите против серискиот убиец


На вчерашното рочиште беа изнесени повеќе доказни материјали, мислења, заклучоци на Институтот за судска медицина и криминалистика


Со изведување писмени докази пред Основниот суд во Охрид вчера продолжи судскиот процес што се води против Лазе Радески, обвинет за убиство на Спиро Ставрески, Трајче Цоцески и Ракип Раим, сите улични продавачи на девизи од Охрид.

На вчерашното рочиште беа изнесени повеќе доказни материјали, мислења, заклучоци на Институтот за судска медицина и криминалистика при Медицинскиот факултет во Скопје, секциони протоколи од обдукциите на телата на убиените, вештачење за отпечатоци, записници од увид на истражната постапка, записници за пронајдени траги и предмети на местото на убиствата, резултати од спроведени ДНК, како и дактилоскопски анализи и анализи на биолошки материјал, на што застапникот на Обвинителството немаше никакви забелешки.

Полномошникот на оштетените побара да биде извршено психијатриско вештачење за оштетените, пред се за претрпените стресови.

Одбраната вложи приговор како на претходно така и на денеска изнесените докази и тоа како на начинот на нивното вршење така и на начинот на нивното изнесување пред Судскиот совет.
Според одбраната, вештачењата од МВР не можат да бидат доказ во постапката бидејќи се вршени и од подносителот и од барателот на постапката, а не од независен орган. Одбраната бара вештачењата да ги изврши Бирото за судско вештачење за да се отстрани секој сомнеж во нивната веродостојност. Одбраната на обвинетиот таквото барање го образложува поради тоа што МВР се јавува и како подносител на пријавата, како извршител на вештачењата, како и поради тоа што од датумите во предметот се гледа дека вештачењата биле извршени по добивањето на самопризнанието за кое обвинетиот изјави дека е изнудено.

Одбраната побара и реконструкција на убиството на Трајче Цоцески кое обвинетиот го призна на првото судско рочиште.Лазе Радески е обвинет за убиство на тројцата дилери на девизи од Охрид извршени во периодот од 2006 до 2008 година.

ШПИЦ

Решетања во Охрид


Откако Александар Петрески е градоначалник на Охрид, СДСМ лиферува пропаганда за неговото наводно успешно менаџирање и фрла со дрва и со камења по централната власт, обвини вчера на прес-конференција, Спасе Панџак, раководител на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.
Реакцијата доаѓа откако Петревски беше спречен да им се обрати на гостите за време на свеченото отворање на Меѓународниот саем за туризам во Охрид, кој тој го квалификува како непостоење елементарна политичка култура и по неговата изјава дека спотот на Милчо Манчевски не е вреден и дека локалната самоуправа ќе направи три пати подобар и без пари.
Од општината вчера реагираа на политизацијата на празникот Водици од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
„На локалната опозиција, првенствено на општинската ВМРО-ДПМНЕ, изгледа ништо не и е свето кога е во прашање партиското саморекламирање. Дури и на најсветите празници си дозволуваат или да се караат со опонентите или да го валкаат градоначалникот и локалната самоуправа. И на Богојавление и на Свети Јован Крстител, кој исто така се одбележува масовно во Охрид, тие закажуваат партиски прес-средби за карање“, се наведува во соопштението од општината.

 

СИТЕЛ

ДРЖАВНИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ УПОРНО НЕ ПЛАЌААТ ПАТАРИНА

ПРИ ПОВТОРНА КОНТРОЛА НА МВР ЗА ТРИ ЧАСА 51 ВОЗАЧ ОДБЕГНАЛЕ ДА ПЛАТАТ ПАТАРИНА

Тројца  вработени во МВР, по двајца во министерствата за одбрана и за земјоделство, по еден во министерствата за транспорт и врски и за здравство, еден актуелен и еден поранешен пратеник на Собранието, еден вработен во Владата, шестмина во АРМ, двајца  во Ј.П. „Македонија пат“ и две свештени лица во Брегалничката и Повардарската Епархија вчера не платиле патарина.

МВР вчера повторно вршеше контрола на наплатните станици „Глумово”, „Романовце” и „Петровец” на влез за Скопје, како и на „Желино” на излез од Тетово за Скопје при што за три часа поминале педесет и едно возило, без да платат патарина.

Од вкупно 51 возач, освен државни службеници патарина не платиле и  27 други возачи кои наплатните рампи ги поминувале користејќи разни картички и беџови.

- Против тројцата вработени во МВР кои ги злоупотребија службените легитимации ќе бидат предложени задолжителни мерки до  непосредните старешини каде се вработени. Согласно одредбите од Колективниот договор на МВР, старешините ќе треба да поведат постапка за утврдување одговорност на полициските службеници пред надлежните комисии за отказ, се наведува во соопштението од МВР.

Досега во три наврати беа спроведени вакви акции при кои беа откриени 159 службени лица и граѓани, од кои 24 вработени во МВР што ја злоупотребиле службената значка одбегнувајки да платат патарина. Со последната акциска контрола, вкупниот број откриени и санкционирани службени лица и граѓани се зголеми на 210 од кои 27 се полициски службеници.

На сите кои ги сториле прекршоците од страна на МВР им е издаден платен налог за наплата на глоба во висина од 200 евра, а МВР очекува за оние кои не се вработени во полиција, нивните претпоставени да преземат дополнителни мерки.

А1

Бомбашки напад врз полицајци во Чаир

За време синоќешниот претрес на куќи во скопската населба Чаир полициски инспектори биле нападнати со бомба. Инпекторите вршеле претрес кај петмина разбојници кои имале извршено тешки кражби во трговскиот центар Рајко Жинзифов.

Сите петмина биле соседи, па кога полицијата влегла во една од куќите, 25-годишниот Б.С. од соседството фрлил рачна бомба кон инспекторите.

За среќа бомбата не еклсплодирале бидеќи не биле правилно активирани и никој од полицајците не е повреден.

МВР соопшти дека напаѓачот Б.С. е уапсен и истражен судија веќе му одредил мерка притвор. Во моментов се работи на утврдување на мотивите за нападот.

Јанкулоска: Продолжува операцијата „Велес“

Заедно со австриската полиција ќе продолжи со анализи и со испитување на повеќе аспекти во врска со случајот со криминалната група од Велес, која од почетокот на 2008 година до крајот на ноември истата година во паркови во Виена продавала хероин.

„Продолжува операцијата „Велес“, водена од австриската полиција, бидејќи информациите покажуваат дека најверојатно многу повеќе лица се инволвирани во нелегалните дејствија“, изјави денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Таа посочи дека со оглед на фактот дека се работи за кривични дела сторени во странски држави, македонската полиција може да се јави како соработник и поддршка на полицијата која постапува во матичната земја.

Јанкулоска нагласи дека следењето на трансферот на парите меѓу 1,1 и 1,5 милиони евра, кои криминалната група во посочениот период од продажбата на 27 до 30 килограми хероин на црниот пазар во Австрија ги внела во земјава, е надлежност пред се на Министерството за финансии - Дирекцијата за спречување на перење пари.

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk