Продукти и услуги
ЕВРОПОЛ е организација на ЕУ надлежна за спроведување на правото, која работи со криминалистичко - разузнавачки информации. Нејзина цел е подобрување на ефективноста и соработката помеѓу надлежните органи на земјите членки во спречувањето и борбата против сериозниот меѓународен криминал и тероризмот. Мисијата на ЕВРОПОЛ е да даде значаен придонес кон активностите на органите надлежни за спроведување на законот против организираниот криминал и тероризмот на Европската Унија, со акцент на откривање на криминални организации.
ЕВРОПОЛ ги поддржува активностите за органите за спроведување на законот на земјите членки, најмногу во делот против:
Недозволена трговија со дрога;
Мрежите за илегална миграција;
Тероризмот;
Фалсификување на пари (фалсификување на еврото) и други платежни средства;
Трговија со луѓе (вклучително и злоупотреба на децата);
Недозволена трговија со возила; и
Перење пари.
Понатаму, други главни приоритети на ЕВРОПОЛ се криминалот против лица, финансискиот криминал и компјутерскиот криминал, и тоа кога е вклучена организирана криминална структура и кога се погодени две или повеќе држави.
ЕВРОПОЛ обезбедува поддршка за:
Олеснување на размената на информации помеѓу земјите членки преку нивните офицери за врски поставени во ЕВРОПОЛ како претставници на нивните национални органи надлежни за спроведување на законот;
Обезбедување на оперативни анализи за поддршка на операциите;
Подготовка на стратешки извештаи (на пр: проценка од закани) и криминалистички анализи врз основа на доставените информации и разузнавачки податоци од страна на земјите членки и трети страни;
Давање експертиза и техничка поддршка за истрагите и операциите спроведени во рамки на ЕУ, под надзор и законска надлежност на засегнатите земји членки.
ЕВРОПОЛ е исто така активен во унапредување на криминалистичките анализи и хармонизацијата на истражните техники во земјите членки.
СОДРЖИНА
ВОВЕД
Претставеност во ЕВРОПОЛ
УПРАВУВАЊЕ СО ИНФОРМАЦИИ НА ЕВРОПОЛ
Процес на управување со информации на ЕВРОПОЛ
Кодови за ракување и вреднување
Заштита на податоци и доверливост
ПРОДУКТИ И УСЛУГИ ОД УПРАВУВАЊЕТО СО ИНФОРМАЦИИ
Размена на информации
Оперативни анализи
Стратешки анализи
Оперативна поддршка
КОМПЈУТЕРСКИ СИСТЕМИ НА ЕВРОПОЛ
Систем за размена на информации (InfoEx)
Информациски систем (IS)
Систем за анализи на ЕВРОПОЛ
Индексен систем (IxS)
ВОВЕД
Моделот за управување со информации на ЕВРОПОЛ го опишува протокот на информации на ниво на ЕВРОПОЛ. Развиен во соработка со земјите членки и усогласен со Раководителите на националните Одделенија за ЕВРОПОЛ, тој ја дефинира практичната работа за ракувањето и размената на информации помеѓу ЕВРОПОЛ и неговите партнери. Тој исто така обезбедува почитување на строгите правила за заштита на податоци.
Оваа Брошура дава одговори на прашањата во врска со улогата на ЕВРОПОЛ, процесот на управување со информации и користењето и дисеминацијата на податоците доставени до ЕВРОПОЛ. Исто така, овде ќе бидат дадени појаснувања за главните продукти на ЕВРОПОЛ во областа на размена на информации, оперативни и стратешки анализи, како и оперативната поддршка.
Во текстот се посочени практични примери како дополнение на објаснувањата, со цел да им се помогне на вработените во органите надлежни за спроведување на законот подобро да го разберат обемот на активности кои се одвиваат во ЕВРОПОЛ.
ПРЕТСТАВЕНОСТ ВО ЕВРОПОЛ
ОФИЦЕРИ ЗА ВРСКИ
Сите земји членки имаат барем по еден офицер за врски во ЕВРОПОЛ. Офицерите за врски на земјите членки ја претставуваат сопствената држава и за своето работење се одговорни пред матичната држава. Трети страни (земји кои не се членки на ЕУ и меѓународни организации) кои имаат договор за соработка со ЕВРОПОЛ можат исто така да постават офицер за врски во ЕВРОПОЛ, што е предмет на договор.
ЕВРОПОЛ постави свои офицери за врски во Вашингтон (САД) и Централата на ИНТЕРПОЛ во Лион (Франција).
Офицерите за врска на земјите членки на ЕУ се овластени да разменуваат информации помеѓу Националните Одделенија, ЕВРОПОЛ и другите земји членки. Понатаму, тие се овластени да користат неколку компјутерски системи на ЕВРОПОЛ, со цел да ја исполнат својата задача. Офицерите за врски помагаат при размената на информации помеѓу нивните Национални Одделенија и ЕВРОПОЛ особено за:
Доставување на информации до ЕВРОПОЛ од Националното Одделение;
Испраќање на информации од ЕВРОПОЛ до Националното Одделение;
Соработка со вработените во ЕВРОПОЛ преку обезбедување на информации и давање совет при анализирањето на информации кои се однесуваат на други држави.
Офицерите за врски од трети држави во принцип ги имаат истите задачи и задолженија, како и офицерите за врски на државите членки, со исклучок на пристапот до компјутерските системи на ЕВРОПОЛ.

Слика 1: Зграда на ЕВРОПОЛ
НАЦИОНАЛНИ ОДДЕЛЕНИЈА ЗА ЕВРОПОЛ
Националните Одделенија за ЕВРОПОЛ (НОЕ) се лоцирани во секоја земја членка и се екипирани со комбинација од службеници од органите надлежни за спроведување на законот и цариници, како и цивилен персонал. НОЕ е единственото тело за врска помеѓу ЕВРОПОЛ и државите членки; сите информации се разменуваат преку ова Одделение. Националните Одделенија имаат пристап до релевантни национални податоци и до Информацискиот систем на ЕВРОПОЛ (IS).
Формалните задачи на НОЕ се опишани во Конвенцијата за ЕВРОПОЛ, како што е наведено подолу:
по нивна иницијатива ќе го снабдуваат ЕВРОПОЛ, со информации потребни за извршување на неговите задачи.
Да одговараат на барањата на ЕВРОПОЛ за информации и совети;
Да ги ажурираат информациите;
Да ги вреднуваат информациите во согласност со националното право за надлежните органи и да им го достават овој материјал;
Да испраќаат барања за совет, информации и анализи до ЕВРОПОЛ;
Да внесуваат податоци во компјутерските системи;
Да обезбедат законска покриеност при секоја размена на информации помеѓу нив и ЕВРОПОЛ.
НАЦИОНАЛНИ КОНТАКТ ТОЧКИ
Истите принципи и одговорности кои се применуваат на НОЕ на земјите членки се подеднакво применливи и за Одделенијата поставени во секоја трета страна, како контакт точка со ЕВРОПОЛ за размена на информации во рамки на договор за соработка. Овие Одделенија се нарекуваат Национални контакт точки (НКТ) и тие делуваат како Национално Одделение за ЕВРОПОЛ, со тоа што тие немаат пристап до Информацискиот систем на ЕВРОПОЛ. Тие можат да бидат поврзани со посебно определени електронски линии со криптирани уреди заради зајакната заштита.
Движењето на информациите се одвива преку Канцеларијата за врски на третата страна во ЕВРОПОЛ или во случај кога не постои Канцеларија за врски, директно преку Одделот за управување со информации на ЕВРОПОЛ (Information Management). Овој Оддел е надлежен за примање и доставување на информации до трети страни. Ова овозможува контролиран и структуриран начин за размена на информации помеѓу ЕВРОПОЛ и трети земји и меѓународни тела за соработка со кои е склучен договор.
УПРАВУВАЊЕ СО ИНФОРМАЦИИ НА ЕВРОПОЛ
Визијата на ЕВРОПОЛ е да стане центар со светско реноме за поддршка на земјите членки на ЕУ во борбата против организираниот криминал и тероризмот. Тоа може да се постигне со целосна соработка на земјите членки од чии информации зависи.
E=mc2
ЕВРОПОЛ= ПРИДОНЕСИ НА ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИ
|
Брошурата за управувањето со информации е општа рамка за ЕВРОПОЛ. Тоа е референца за работата поврзана со информации и водич за истражители од органите надлежни за спроведување на законот. Може да се користи за приоретизирање на ресурсите во ЕВРОПОЛ. Ракувањето со информации и стандардните процедури придонесуваат за контрола на квалитетот на продуктите и услугите на ЕВРОПОЛ преку координирање на работата на Одделенијата за ЕВРОПОЛ, Офицерите за врски со ЕВРОПОЛ и преку подигање на свесноста за ЕВРОПОЛ во земјите членки.
ЕВРОПОЛ воспостави Управен Комитет за стратешки информации, кој претставува хоризонтална работна група составена од високи функционери на ЕВРОПОЛ со надлежност во доменот на управувањето со информации. Тој постапува како контакт точка за информации и прашања во областа на управување со информации на ЕВРОПОЛ. Поддржувајќи го оперативниот дел на управувањето со информации на ЕВРОПОЛ, Комитетот ги соединува на едно место ограничувањата на технологијата и политиката и препорачува активности за да одговори на организациските потреби на управувањето со информации.
Оперативната работа во ЕВРОПОЛ обезбедува максимална вредност од користењето на информации добиени од земјите членки, преку користење на циклусот за управување со информациите. Овој циклус е процес на собирање на информации, вреднување, средување, анализирање и последователно доставување на збогатен (информациски) продукт за потребите на истрагата во рамки на земјите членки. Збогатената информација е пресудна за откривање на идното распоредување и насочување на ресурсите во борбата против организираниот криминал.
Една од главните придобивки од ракувањето со информациите ќе биде можноста да се приоретизира работата. Добро дефинираниот процес за текот на информациите ќе ги олесни сите активности од собирање на релевантни податоци кон создавање на продукти на ЕВРОПОЛ потребни за неговите крајни корисници. Сите чекори во процесот на управување со информации го олеснуваат извршувањето на задачите и координацијата на сите нивоа. Протокот на информации се врши помеѓу земјите членки, и помеѓу земјите членки и ЕВРОПОЛ, користејќи го притоа системот за размена на информации. Тој исто така се јавува меѓу земјите членки, ЕВРОПОЛ и земји кои не се членки на ЕУ и меѓународни тела.
На процесот за управување со информации треба да се гледа како нешто што е во тек, кое треба да биде прилагодено на новите предизвици и околината која се менува. Сите партнери на ЕВРОПОЛ се добредојдени да продолжат со својот придонес.
ПРОЦЕС ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ИНФОРМАЦИИ НА ЕВРОПОЛ
Процесот за управување со информации е заснован на необработени информации, кои можат да се однесуваат на криминал, сторител, осомничено лице, итн. Целта на Процесот за управување со информации е збогатување на основната информација, која обезбедува дополнителни сознанија за активностите на криминалците. Соодветното управување со информациите дава појасна слика, која вообичаено не им е позната на истражните органи и чија цел е да биде искористена за зајакнување на напорите истражителите од органите надлежни за спроведување на законот.
Посакуван резултат во таа насока е “информација креирана за постапување”. Размената на збогатените информации е главна задача на ЕВРОПОЛ; тој дава поддршка на напорите на органите надлежни за спроведување на законот и претставува основно средство во истрагите и искоренувањето на организираниот криминал.

Слика 2: Процес за управување со информации.
Како што покажува дијаграмот, необработените информации се вреднуваат и сложуваат со други информации добиени од различни извори. Тогаш информацијата може да биде анализирана или истражувана за да се идентификуваат одредени движења, сознанија или трендови на криминална активност за да на крај се достави до засегнатите земји членки. Безбедноста на информациите и податоците кои пристигаат во ЕВРОПОЛ е од огромно значење, затоа ставот на ЕВРОПОЛ е дека сите податоци кои се доставуваат до ЕВРОПОЛ треба да бидат обележани со код за ракување. Следствено на тоа и продуктите кои се доставуваат од ЕВРОПОЛ до одредени земји членки, ќе бидат соодветно означени.
КОДОВИ ЗА РАКУВАЊЕ И ВРЕДНУВАЊЕ
Кодови за вреднување
Кодовите за вреднување се засновани на системот 4x4, кој се користи во земјите членки за поставување на автентичност и прецизност на доставените информации. Кодовите за вреднување се состојат од кодови за извори и кодови за информации.
Кодови за извори
A
|
каде не постои сомнеж во веродостојноста, автентичноста и компетентноста на изворот или изворот во минатото бил веродостоен во сите случаи
|
B
|
Извор чии информации во минатото се покажале како точни во поголем дел од случаите
|
C
|
Извори чии информации, во минатото се покажале како неточни во поголем дел од случаите
|
X
|
Не може да се определи веродостојноста, автентичноста и компетентноста на изворот
|
Кодови за информации
1
|
Со сигурност е познато дека информацијата е вистинита
|
2
|
Информацијата му е лично позната на изворот, но не му е позната на службеникот кој поднесува извештај.
|
3
|
Информацијата не му е лично позната на изворот, но е поткрепена со информација која е од порано примена.
|
4
|
Информацијата не му е лично позната на изворот и не може да се потврди со претходно примени информации.
|
Употребата на системот 4x4 е вградена во регулативата за анализите, како и во оперативните договори, кои што ЕВРОПОЛ ги има потпишано со трети страни.

Слика 3: Кодови за вреднување кои се користат за размена на информации преку ЕВРОПОЛ
Кодови за ракување
Кодовите за ракување истовремено се комплементарно и неопходно дополнување на кодовите за вреднување во смисла на информациите кои се разменуваат преку ЕВРОПОЛ. Кодовите за ракување го штитат изворот на информацијата, ја обезбедуваат идната безбедност на информацијата и осигуруваат дека информацијата ќе биде проследена согласно желбите на сопственикот/создавачот на информацијата.
Кодовите H1 и H2 се назначуваат кога се применуваат вообичаени ограничувања за користење на информацијата. H3 се користи во случај кога се назначуваат дополнителни ограничувања, овластувања и/или цели за пренесување на податоците.
Кодовите за ракување се следни:
H-1: Оваа информација може да биде проследена, но не може да се користи како доказ во судска постапка без консултирање од оној кој ја обезбедил информацијата.
H-2: Оваа информација не може да се користи и проследува без дозвола од оној кој ја обезбедил информацијата.
H-3: Целта за проследувањето на информацијата (Целта треба да се опише со свои зборови). Дополнителни ограничувања: (да се опишат со свои зборови).

Слика 4: Пример за порака за размена на информации (InfoEx барање) прикажувајќи го користењето на кодовите за ракување
ЗАШТИТА НА ПОДАТОЦИ И ДОВЕРЛИВОСТ
Целта на заштитата на податоци е да се овозможи заштита на поединците чии што податоци се обработуваат. Ова се постигнува преку комбинација од правата на поединецот чии податоци се обработуваат и користат и условите за оние кои ги обработуваат податоците. Заштитата на лични податоци во ЕВРОПОЛ се однесува за создавање рамка за ракувањето со информации на ЕВРОПОЛ, која што на соодветен начин води грижа за интересите на поединецот, чии што лични податоци се предмет на обработка и користење од страна на органите надлежни за спроведување на законот.
Степенот за заштита на информациите од Европол е стандардизирана форма која индицира кои видови на мерки за заштита е потребно да се применат на информацијата.
Во оваа смисла може да се идентификуваат три видови на информации:
(ЕВРОПОЛ) јавна информација (Public information) = информација која е обележана или јасно препознатлива дека е јавна. Одлуката да и се додели јавен карактер на информацијата единствено може да се донесе од страна на раководителот на одделот или одделението во ЕВРОПOЛ, од каде што потекнува информацијата; или од лице под негова надлежност.
ЕВРОПОЛ Информација со основно ниво на заштита (Europol BPL -basic protection level)
ЕВРОПОЛ класифицирана информација (Europol classified information) = информација која е подложна на посебен режим на заштита и е обележена со еден од степените на класификација:
Europol Restricted
|
Ова ниво се применува на информации и материјали чие што неовластено објавување може да биде спротивно на интересите на ЕВРОПОЛ или на една или повеќе земји членки.
|
Europol Confidential
|
Ова ниво се применува на информации и материјали чие што неовластено објавување може да нанесе штета на суштинските интереси на ЕВРОПОЛ или на една или повеќе земји членки.
|
Europol Secret
|
Ова ниво се применува на информации и материјали чие што неовластено објавување сериозно може да и наштети на суштинските интереси на ЕВРОПОЛ или на една или повеќе земји членки.
|
Europol Top Secret
|
Ова ниво се применува на информации и материјали чие што неовластено објавување може да предизвика исклучително тешки последици на суштинските интереси на ЕВРОПОЛ или на една или повеќе земји членки.
|
Табелата со еквиваленти на ЕВРОПОЛ е воспоставена за сите нивоа на класификација во секоја земја членка. Табелите со еквиваленти важат и за трети страни кои имаат потпишано договор за соработка со ЕВРОПОЛ. Информацијата која е подложна на основно ниво на заштита и на која не е назначено соодветно ниво на класификација се обележува со “ЕВРОПОЛ некласифицирано не е за јавно доставување”.( Europol Unclassified not for public dissemination)
Посебно внимание се посветува на ракувањето со информации кои се класифицирани со ниво на класификација Europol Confidential или повисоко.
ПРОДУКТИ И УСЛУГИ КОИ ПРОИЗЛЕГУВААТ ОД УПРАВУВАЊЕТО СО ИНФОРМАЦИИ
Пример:
Националната полиција на Шпанија започнала истрага за криминална организација осомничена за вклученост во активности поврзани со трговија со дрога, перење пари и илегална миграција во неколку земји членки и Норвешка.
Која е дополнителната вредност на ова сценарио?
Други земји во или надвор од ЕУ може да поседуваат информации за лицата идентификувани во Шпанија и може да е во тек истрага со можна поврзаност со истрагата во Шпанија. Националното Одделение за ЕВРОПОЛ во Шпанија и Шпанскиот Офицер за врски во ЕВРОПОЛ можат да ги консултираат компјутерските системи на ЕВРОПОЛ за можни нови сознанија. Како прилог на информациите за идентификуваните лица, може да постојат и други детали во компјутерските системи на ЕВРОПОЛ, како што се средствата за комуникација, превозните средства, банкарски сметки, начини на делување, техники за перење на пари итн. Овие дополнителни информации можат да и помогнат на Шпанија и други засегнати земји да разменуваат информации преку ЕВРОПОЛ, и на тој начин да помогнат во истрагата.
Понатаму, можат да побараат од ЕВРОПОЛ да изврши проверки во материјали од отворен извори и експертски бази на податоци, како што се регистри на компании и лого системот за екстази, со цел да се обезбедат дополнителни разузнавачки информации.
Државите кои не се членки на ЕУ и меѓународните организации, со кои ЕВРОПОЛ има потпишано договор за соработка, можат исто така да поднесуваат барања до ЕВРОПОЛ, согласно правилата и одредбите во соодветните договори.
РАЗМЕНА НА ИНФОРМАЦИИ
Постојат две главни алатки во ЕВРОПОЛ за поддршка на размената на информации: Информацискиот систем – Information System - IS и Системот за размена на информации –Information Exchange System- InfoEx.
Информациски систем
Главна цел на Информацискиот систем на ЕВРОПОЛ е поддршка на земјите членки и на ЕВРОПОЛ во борбата против сите форми на сериозниот меѓународен криминал и тероризмот. ИС нуди можности за складирање, пребарување, визуализирање и поврзување на информации кои се однесуваат на транс-националниот криминал, овозможувајќи им на органите надлежни за спроведување на законот ширум Европа ефикасно да соработуваат во нивните истраги. Системот поддржува автоматски избор на можни совпаѓања помеѓу различни истраги и ја олеснува размената на чувствителни информации на безбеден и доверлив начин. Повеќе информации за ИС можат да се најдат во делот за Компјутерските системи на ЕВРОПОЛ.
Систем за размена на информации
Системот за размена на информации (InfoEx) се користи за управување со размената на оперативни информации помеѓу земјите членки и ЕВРОПОЛ. Исто така, трети страни кои имаат склучено договор за соработка со ЕВРОПОЛ се дел од овој комуникациски канал. Повеќе информации за InfoEx можат да се најдат во делот за Компјутерските системи на ЕВРОПОЛ.
ОПЕРАТИВНИ АНАЛИЗИ
Работни досиеја за анализи (AWF)
Работни досиеја за анализи (AWF) се уникатен инструмент на ЕВРОПОЛ. Тие се средство преку кое ЕВРОПОЛ обезбедува поддршка во истрагите кои се спроведуваат во земјите членки. Како такви, поддршката на AWF е честопати тесно поврзана со Заедничките истражни тимови (JIT). Поддршката на ЕВРОПОЛ се состои од разузнавачки анализи, експертски совети и помош. Наведеното може да биде обезбедено од просториите на ЕВРОПОЛ или на терен.
Принципот на AWF е релативно едноставен. Истрагите кои се вршат во различни национални законодавства често пати покажуваат битни поврзаности помеѓу нив. Ова е резултат на заедничката вклученост на меѓународните криминални структури во прекуграничниот криминал. Со овие национални истраги се добиваат информации, кои се доставуваат преку безбедни комуникациски канали до Одделот за анализи на ЕВРОПОЛ. Овие информации се централизирани и процесирани во рамки на Системот за анализи на ЕВРОПОЛ. Ова е безбеден систем, достапен само за аналитичарите кои работат во AWF.
Аналитичарите првично вршат едноставни пребарувања во рамки на податоците. Потоа, се вршат подетални анализи во согласност со целите на AWF и главните цели на истражителите. Целта на анализите е да ги насочи истражителите и да го помогне напредокот во нивните истраги, врз основа на нови траги и преку пополнување на празнините во разузнавачките податоци. Соодветно на тоа, креиран е кружен тек на податоци, така што AWF и истражителите взаемно се хранат меѓу себе со нови информации. На овој начин, AWF делува како централна точка која им овозможува на националните истражители да ги ползуваат добиените информации, добиени во рамки на други надлежности. Преку наведеното се постигнува крајната цел, а тоа е зголемување на ефикасноста и ефективноста на надлежните органи во земјите членки.
Целата работа во рамки на AWF мора да биде во согласност со режимот наметнат со Конвенцијата на ЕВРОПОЛ и правилата за AWF. Тие се основните предуслови за AWF: мора да биде кривична област која спаѓа во мандатот на ЕВРОПОЛ, која опфаќа две или повеќе земји членки и во која е вклучена организирана криминална структура.
Индексен систем (IxS)
Индексниот систем овозможува пребарувачка функција, која ги опфаќа содржините на Системот за анализи на ЕВРОПОЛ. Тој им овозможува на земјите членки и на ЕВРОПОЛ да утврдат дали субјектот кој е предмет на интерес постои во било кој од AWF. Повеќе информации за Индексниот систем можат да се најдат во делот за Компјутерските системи на ЕВРОПОЛ.
СТРАТЕШКИ АНАЛИЗИ
Проценката за закана од организиран криминал на ЕУ (OCTA) е еден од главните продукти на ЕВРОПОЛ. Како што и самото име сугерира, тој подготвува проценка за закана за постоечките и очекуваните нови трендови во организираниот криминал низ ЕУ. Проценката е заснована на постоечките сознанија и експертиза, и се подготвува со цел да има овозможи на донесувачите на одлуки да преземат соодветни мерки за спречување на претпоставената закана.
Со OCTA се означува нов пристап во начинот на кој ќе размислуваат и ќе постапуваат во иднина ЕВРОПОЛ, Европските институции и земјите членки, тоа е прв чекор во менувањето на парадигмата за полициското работење. Таа исто така одлично се вклопува во целите на Хашката програма за обезбедување на напреден пристап за борба против организираниот криминал, на проактивен начин наместо реактивен.
Проценката за закана содржи анализи и евалуација на карактерот, обемот и влијанието на криминалитетот (на пр: влијанието на перењето пари на ЕУ; влијанието на Јужно Американските нарко картели на ЕУ).
Проценката за ризик ги идентификува и истражува чувствителните области на општеството кои се, или можат да бидат искористени во служба на криминалот; овој тип на Извештај дава препораки за потенцијалните против мерки.
Извештајот за општата состојба ја опишува актуелната состојба со криминалитетот генерално и за поедини области (на пр: ситуацијата со дрогата во ЕУ; количината на испрани пари во ЕУ; состојбата со тероризмот во ЕУ).
ОПЕРАТИВНА ПОДДРШКА
Заеднички истражни тимови
Заеднички истражен тим е истражен тим воспоставен врз основа на договор помеѓу две или повеќе држави, за точно определена цел, која ќе биде спроведена во корист на земјите учеснички, со можно учество на трети страни и ЕВРОПОЛ. Тој е наменет за поддршка на криминалните истраги, без влијание, дуплирање или заменување на постоечките средства за соработката во делот на меѓународното спроведување на законот.
Заедничките истражни тимови нудат законска и оперативна рамка за повеќе национален и мултиагенциски пристап во криминалните истраги, давајќи можност за назначените членови да преземат одредени истражни мерки и да се олесни взаемната правна помош. Овие мерки можат да бидат спроведени на територијата на земјата учесничка, согласно националното законодавство. Исто така, членовите во заедничките истражни тимови можат да преземат истражни мерки без потреба од дополнителни барања врз основа на режимот за взаемна правна помош.
Службеници на ЕВРОПОЛ можат да учествуваат во капацитети за поддршка, преку помагање во сите активности. Ова може да се поврзе со размената на информации и координирање на текот на информациите, како и со одредбите за аналитичка, истражна, форензичка или финансиска поддршка и општа поддршка, како што се простории за состаноци или јазична поддршка.
Платформа за управување со знаење
На широко е прифатено дека ефикасната прекугранична соработка е основа за борбата против сериозниот меѓународен криминал, а управувањето со знаењето е главен концепт во таа соработка. ЕВРОПОЛ вложува напори во унапредување на управувањето со знаењето во рамки на ЕУ. Една од услугите кои се користат за оваа цел се нарекува Центар за управување со знаење, база на податоци во која се складирани невообичаени и ретко користени форми на истражна експертиза на пр: hi-tech криминалот, заштита на сведоци, техники за преговарање и доверливи преведувачи на ретки и невообичаени јазици/дијалекти и сл.
Во моментов ЕВРОПОЛ обезбедува просторија за индиректна претрага за Центарот за управување со знаење, за персоналот на ЕВРОПОЛ, сите земји членки и трети страни со склучен договор за соработка со ЕВРОПОЛ.
Центарот за управување со знаење ќе биде развиен во форма на web портал, кој ќе биде во можност да обезбеди единствено складиште за органите надлежни за спроведување на законот на земјите членки и нивните партнери во обем на клучните области за оперативна поддршка, како што се заштитата на сведоци, ракување со информатори, контролирани испораки, земање заложници и совети за тактичко планирање на операциите. Новата платформа за управување со знаење ќе биде директно достапна на органите надлежни за спроведување на законот преку безбедна web страница.
Од страна на ЕВРОПОЛ, на земјите членки им се ставени на располагање Каталози со логоа за екстази и кокаин, два продукта чија цел е идентификување на линкови помеѓу заплени и иницирање на размена на информации, истраги и форензичко профилирање за таргетирање на криминални групи. Двата продукти се дел Системите со логоа за екстази и кокаин (EELS и ECLS).
Информации кои се однесуваат на тероризам
ЕВРОПОЛ ги снабдува земјите членки и трети страни со периодични специјални извештаи, каде се собрани сите достапни информации од областа на тероризмот, компилирани и анализирани со цел да се прикажат одредени новини во таа област и навремено да ги известува надлежните агенции. Главен продукт во оваа област е годишниот Извештај за ситуацијата и трендовите со тероризмот (TE-SAT).
Во истата рамка ЕВРОПОЛ воведе електронски портал Проверка на web, кој складира информации од web страници на исламски екстремисти и изјави на терористички организации објавени на Интернет, со цел ставање на таа информација на располагање на персоналот на ЕВРОПОЛ и органите надлежни за спроведување на законот од земјите членки преку безбедна врска со Националното Одделение за ЕВРОПОЛ.
Консултирање на Шенгенскиот информациски систем
На ЕВРОПОЛ му е овозможен пристап во Шенгенскиот информациски систем (SIS), каде можат да бидат проверувани информации доставени до ЕВРОПОЛ од земји кои не се членки на ЕУ и меѓународни тела со кои соработува ЕВРОПОЛ. Оваа услуга е исто така достапна за оние земји членки, кои сеуште немаат пристап во SIS.
Други информациски услуги
ЕВРОПОЛ нуди други услуги за органите надлежни за спроведување на законот на земјите членки и трети страни, како што се пребарувања во материјали од отворен карактер и регистри на претпријатија. Специјални пребарувања за разновидни информации им се на располагање на земјите членки преку нивните Национални Одделенија за ЕВРОПОЛ и Офицерите за врски со ЕВРОПОЛ.
Обука
Како дел од главните задолженија на ЕВРОПОЛ, може да биде обезбедена обука по барање или на иницијатива на ЕВРОПОЛ за органите надлежни за спроведување на законот на земјите членки и партнерите за соработка на ЕВРОПОЛ во некоја од наведените области:
Компјутерски криминал;
Ракување со информатори;
Лаборатории за нелегални синтетички дроги;
Фалсификување на пари;
Измами со кредитни картички;
Стратешки анализи;
Анализи за криминалистичко разузнавање;
Оперативни анализи; и
Обуки за подигање на свесност.
КОМПЈУТЕРСКИ СИСТЕМИ НА ЕВРОПОЛ
СИСТЕМ ЗА РАЗМЕНА НА ИНФОРМАЦИИ (INFOEX)
Системот за размена на информации се користи за управување со размената на оперативни информации помеѓу државите членки и ЕВРОПОЛ. Исто така, трети страни со кои ЕВРОПОЛ има склучено договор за соработка се дел од овој комуникациски канал.
InfoEx е сместен во Централата на ЕВРОПОЛ и достапен е за офицерите за врски од земјите членки и други овластени службеници на ЕВРОПОЛ. Размената на информации со Националните Одделенија за ЕВРОПОЛ во земјите членки е обезбедена преку криптирани врски. Трети страни имаат индиректен пристап до овој систем преку Единицата за операции за управување со информации на ЕВРОПОЛ.
InfoEx овозможува 4 главни функции: создавање на Барање, создавање на Одговор, алатка за пребарување и каталог на Групи до кои можат да бидат адресирани барањата.

Слика 5: Систем за размена на информации
Друга карактеристика на Системот за размена на информации е дека разменетите информации можат да бидат извадени преку алатката за пребарување и проследени за понатамошна употреба до различни оперативни единици на ЕВРОПОЛ.
Пример:
Француската национална полиција лишила од слобода лица осомничени за пренесување на илегални мигранти од Франција во Велика Британија. Врз основа на тоа Франција иницира размена на соодветни информации со Велика Британија. Се наведува дека методот на криумчарење, начинот на делување, сеуште не им е познат на властите. Како резултат на истрагата, во корист на ЕВРОПОЛ беше проследена информација преку InfoEx системот до експертите од Одделот за сериозен криминал на ЕВРОПОЛ. Истрагата, особено идентификуваниот начин на делување е содржан во Билтените за информирање на ЕВРОПОЛ, кои се доставуваат до органите надлежни за спроведување на законот на земјите членки преку Националните одделенија за ЕВРОПОЛ.
Понатаму, темелни анализи поврзани со овој, но и со други случаи можат да резултираат со издавање на посебни Билтени, процени за закани/ризици и можни оперативни активности.
Во тек е Проект за заменување на InfoEx системот со модерна алатка за размена на информации (SIENA), кој што ќе се реализира во текот на 2009 година. SIENA ќе биде директно достапна за овластени корисници од Националните Одделнија за ЕВРОПОЛ на земјите членки.
ИНФОРМАЦИСКИ СИСТЕМ (IS)
Целта на информацискиот систем на ЕВРОПОЛ како разузнавачка база е да се поддржат земјите членки, ЕВРОПОЛ и партнерите за соработка на ЕВРОПОЛ во борбата против сите форми на меѓународен сериозен криминал и тероризам. Земјите членки исто така можат да ги користат складираните податоци во Информацискиот систем за борба против другите сериозни облици на криминал.
IS дава поддршка на сите оперативни активности во рамки на ЕВРОПОЛ. Тој обезбедува брзо упатување на достапните информации за органите надлежни за спроведување на законот во земјите членки на ЕУ и за ЕВРОПОЛ за осомничени и/или за осудени лица, криминални структури/организации, кривични дела и средства користени за нивно извршување.
IS обезбедува можности за складирање, пребарување, визуелизирање и поврзување на информации кои се однесуваат на транснационалниот криминал, што ќе им овозможи на органите надлежни за спроведување на законот ефикасно да соработуваат во нивните истраги. Системот поддржува автоматско откривање на можни hits[1], помеѓу различни истраги и ја олеснува размената на чувствителни информации на безбеден и доверлив начин.
IS е заедничка предност, но и одговорност на земјите членки на ЕУ и ЕВРОПОЛ. Секоја земја членка и ЕВРОПОЛ имаат сопствен кориснички пристап за кој се одговорни. Депонираните информации во системот се достапни за други истражители од ЕУ и се врши автоматска споредба со информациите во IS депонирани од страна на другите земји членки. Целта на ова е да се бараат совпаѓања со цел зајакнување на разузнавачките податоци и обезбедување нови траги за понатамошната истрага.
IS е создаден од страна на Единицата за развивање на софтверот на ЕВРОПОЛ. Сместен во Централата на ЕВРОПОЛ во Хаг (Холандија), тој е достапен на 21 јазик за органите надлежни за спроведување на законот од сите земји членки на ЕУ.
Споделување на информации
Националните Одделенија за ЕВРОПОЛ имаат директен пристап до IS со цел да извршат пребарувања и да внесуваат и ажурираат податоци во него. Офицерите за врски во ЕВРОПОЛ и други овластени службеници на ЕВРОПОЛ исто така имаат директен пристап до IS за да ги вршат овие функции. Во специфични ситуации, како што е наведено во Конвенцијата за ЕВРОПОЛ, трети страни исто така можат да имаат индиректен пристап до информациите во IS преку ЕВРОПОЛ. Тие исто така можат да полнат податоци во системот.
Сопственост на податоците
Во IS можат да се внесуваат податоци рачно и автоматски. Податоците внесени во IS остануваат под целосна контрола на страната која ги внесува (сопственикот на податоците); тие не можат да бидат менувани од ЕВРОПОЛ или друга земја членка. Сопственикот е одговорен за точноста на податоците, веродостојноста и верификација на временските ограничувања за складирање, и тој треба да се погрижи тие редовно да се ажурираат.
Податоците складирани во IS можат единствено да бидат доставени и/или користени во согласност со кодовите за ракување и нивоата за заштита на ЕВРОПОЛ назначени од страна на сопственикот на информацијата.
Каков вид на податоци можат да бидат складирани во IS и како?
Податоците во IS се складирани по различни ставки (како што се лица, возила, документи за идентификација, итн.) кои мораат да бидат поврзани едни со други за да создадат структурирана слика за криминалниот случај.
Постојат неколку начини за гледање на податоците складирани во IS. Еден од начините е графички приказ, кој дава графички преглед на складираните информации. Тој овозможува увид во врските помеѓу податоците од различните ставки:

Слика 6: Пример за графички приказ во IS
Пример:
Германија доставила информација до IS за организација осомничена за кражба на скапи луксузни возила, кои се транспортирале од Полска преку Австрија во Чешка. Информацијата содржи лични детали за адреси, телефонски броеви итн. Словачка води истрага за активност поврзана со перење пари во врска со трговија со дрога, каде еден од осомничените има редовен контакт со германски телефонски број. Пребарувањето во IS резултира со можен hit; по дополнителна размена на информации преку офицерите за врски на ЕВРОПОЛ, констатирано е дека двете криминални организации се поврзани и вклучени во активности за перење пари.
Иднина
Во блиска иднина, IS ќе има се поголем број на корисници, на начин како што Националните Одделенија за ЕВРОПОЛ се поврзани, и други назначени надлежни органи за спроведување на законот во земјите членки на ЕУ можат исто така да бидат поврзани со IS за да вршат пребарувања.
Идните верзии на системот може да понудат можности за совпаѓање на биометрички податоци, како што се ДНК профили, отпечатоци и фотографии. SIENA, новата платформа за размена на оперативни информации помеѓу ЕВРОПОЛ и неговите партнери, ќе комуницира со IS за дополнително збогатување на полициските информации.
Бројот на досиеја во IS значително се зголеми од стартувањето на системот. Сите земји членки внесуваа податоци во него. Се предвидува дека најмалку 16 земји членки ќе бидат подготвени да ги поврзат нивните национални бази на податоци со IS и автоматски ќе дополнуваат податоци. Ова ќе ја зголеми содржината на IS, а постепено ќе ја зголеми стапката на можни погодоци/совпаѓања.
СИСТЕМ ЗА АНАЛИЗИ НА ЕВРОПОЛ (EAS)
Која е функцијата на Системот за анализи на ЕВРОПОЛ
Системот за анализи на ЕВРОПОЛ дава поддршка на работата на аналитичарите на ЕВРОПОЛ. Директен пристап е дозволен само за аналитичарите кои работат на поедини Работни досиеја за анализи (AWF). Системот е наменет за работните досиеја за анализи и има голем број на специјални алатки и софтвер кој овозможува комплетно анализирање на информациите доставени од страна на земјите членки.
Работните досиеја за анализи содржат јасно утврдени категории на лица (криминалци, осомничени, контакти, соработници, жртви, сведоци и информатори) и категории на податоци кои се однесуваат на овие лица, во согласност со Уредбите на работните досиеја за анализи. Оваа листа на категории е дефинирана во документот познат како “ред на отворање”. Секое Работно досие за анализа е единствено во поглед на информациите кои можат да бидат складирани во него.
Која е целта на анализите?
Анализите се клучен елемент во концептот на полициско работење засновано на разузнавање. Сите анализи стремат да “одат подалеку од фактите”. Тие прибираат некомплетни и разновидни податоци, ги собираат и се обидуваат да ги анализираат на начин од кој што може да се добие ново значење за нив, така што ќе може да се развијат претпоставки или да се пронајдат недостатоци во разузнавачките податоци, што ќе им овозможи на аналитичарите да го насочат истражувачот. Може да се каже дека на овој начин на податоците им се дава дополнителна вредност.
Резимирано, анализата во рамки на работните досиеја за анализи е, согласно целите и актуелниот фокус, обид да се изгради слика помеѓу останатото за:
Групни структури;
Индивидуалните улоги;
Начинот на делување;
Патиштата на стоките или парите; и
Редоследот на настани.
На ова не треба да се гледа единствено како на академска вежба преку која криминалниот проблем може да се опише. Тој опис е витален елемент кон разбирањето на обемот и природата на проблемот, и наспроти тоа таа придонесува кон идентификување на чувствителните области. Впрочем тоа е и главното прашање, бидејќи обезбедува најдобра можност за органите за спроведување на правото.
На поедноставен начин кажано, преку собирање на разновидни податоци од истраги долж ЕУ, Работното досие за анализа е често пати способно да ги поврзе навидум незначајните детали, како што е појавувањето на истиот телефонски број во именикот на различни криминалци, преку кој одделни истраги во различни земји членки можат да бидат поврзани заедно.
ИНДЕКСЕН СИСТЕМ (IXS)
Индексниот систем (IxS) овозможува пребарувачка функција, која упатува на содржините на Системот за анализи на ЕВРОПОЛ. Тој им овозможува на земјите членки и ЕВРОПОЛ да утврдат дали субјектот кој е предмет на интерес постои во некој од Работните досиеја за анализи.
Кој може да пристапи во Индексниот систем?
Во индексниот систем имаат пристап Директорот на ЕВРОПОЛ, замениците директори и овластени службеници од ЕВРОПОЛ, и офицерите за врски на земјите членки.
Кои податоци можат да се користат од Индексниот систем?
Податоците кои можат да се користат се однесуваат на содржините од Системот за анализи на ЕВРОПОЛ. Пристапот е дефиниран на начин кој овозможува да се утврди дали субјектот кој е предмет на интерес евидира во некој од работните досиеја за анализа или не, но не е можно да се постават врски или понатамошни заклучоци во однос на содржината на овие досиеја.
Пример:
Австриската истрага за криминална организација осомничена за трговија со луѓе утврди можна поврзаност со Германија. Лице во Германија е осомничено за посредување во вршење меѓународни трансфери.
Користејќи го InfoEx системот извршена е размена на информации помеѓу офицерите за врски на Австрија и Германија. Консултирани се Индексниот систем и Информацискиот систем со цел да се проверат познати детали за осомничените лица во Австрија и Германија. Името на еден осомничените лица е пронајдено преку Индексниот систем дека се наоѓа во одредено Работно досие за анализа.
Ова Работно досие за анализа содржи податоци за организирани транспорти на кокаин помеѓу Јужна Америка и некои земји на ЕУ. Земји членки на ЕУ кои учествуваат во Работно досие се: Холандија, Белгија и Данска. Белгија првично ја достави информацијата за осомниченото лице во Работното досие за анализа. Тоа доведе до размена на информации меѓу Германија, Австрија и Белгија преку поставените офицери за врски. Резултатот од оваа размена на информации е откривањето на можни врски помеѓу двете криминални организации. Дополнителна аналитичка работа и можни заеднички истраги може да бидат потребни за успешно разоткривање на двете криминални организации.