Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 


15.01.2009

Скопјанец со автомобилот удрил во кафуле

Полицијата ќе поднесе прекршоќна пријава против 27-годишен скопјанец затоа што со својот автомобил намерно се забил во кафуле во центарот на Скопје. Во инцидентот нема повредени, но е причинета материјална штета, соопшти МВР. Во вторникот околу 23,30 часот, Б.Н. (27) се скарал со друг гостин во кафулето, по што со девојката излегол надвор и влегол во својот „мицубиши“.

Откако свртел неколку круга околу кафулето, со рикверц се забил во надворешното стакло од објектот. За среќа, притоа никој не бил повреден, а по увидот на полицијата, ќе биде поведена прекршочна пријава против сторителот. (Г.А.)

 

Сексуално ја малтретирал ќерка си

ВЕЛЕС - Четириесет и осумгодишниот Б.С. од Велес повеќепати ја малтретирал и навредувал својата 12-годишна ќерка. Девојчето живеело со мајката, но во последните месеци повремено престојувало кај таткото. Кога таткото бил во алкохолизирана состојба, се случувало физичко и психичко насилство врз малолетничката. Тогаш тој се шетал гол пред неа, ја допирал по телото и сексуално се изживувал. Му се заканувал на детето дека за ова не смее да и' каже на мајка си, зашто ако го направела тоа, тој ќе отишол во училиште и неа ќе ја обвинел. Таткото и физички го напаѓал девојчето. Го тепал со тупаници по телото, зашто на неговите барања да ја научи таблицата за множење и делење за една минута, таа му одговорила дека не може да го стори тоа. Девојчето се плашело, но криело што се случувало. Подоцна пред инспекторите во полиција, во присуство на мајката, признало дека таткото сексуално ја злоупотребувал. Полицијата поднесе кривични пријави против Б.С. (С.Ќ.Н.)

ПО ИЗДАДЕНАТА МЕЃУНАРОДНА ПОТЕРНИЦА

Нарачателот на убиството во Ореше уапсен во САД

Гастарбајтерот Ѓоре Петровски се бараше преку Интерпол откако македонското МВР го осомничи дека пред три години најмил убијци да го ликвидираат соселанецот Лазо Милошевски

Македонецот Ѓоре Петровски (39), кој десетина години живее и работи во Флорида, САД, деновиве бил уапсен од американската полиција откако по него беше распишана меѓународна потерница за нарачаното убиство во велешко Ореше, дознава „Дневник“.

Петровски се бараше преку Интерпол откако македонското МВР го осомничи дека пред три години најмил убијци да го ликвидираат соселанецот Лазо Милошевски.Македонската полиција претходно ги уапси браќата Орце и Љупчо Ѓоргиевски под сомнение дека го извршиле убиството, но Петровски не беше достапен на органите на прогонот.

Информацијата дека гастербајтерот е уапсен ниту ја потврдија ниту ја демантираа во Министерството за правда. Од таму изјавија дека ако Петровски е фатен, тие ќе добијат потврда од американската полиција за да се почне со процесот на екстрадација. Од велешкото Јавно обвинителство немаа информации дека од ФБИ го уапсиле Петровски, но потврдија дека веднаш штом почнале истрага, распишале меѓународна потерница по него. Неофицијално, неговото испорачување на Македонија може да се случи набрзо откако ќе минат роковите за жалба на адвокатите на Петровски во САД.

Дознаваме дека тој во Флорида престојувал со туристичка виза и немал американско државјанство, што е олеснителна околност за неговото префрлање во Македонија. Информацијата дека Петровски е упасен од ФБИ, поради тоа што го бара македонската полиција, не сакаа да ја коментираат ниту неговите роднини. Тие велат дека Ѓоре се подготвувал самоиницијативно да дојде дома во Велес, и пред судот да ја докаже неговата невиност. Неодамна Петровски ни изјави дека се смешни обвинувањата оти тој е нарачателот на убиството на Милошевски.

- Ниту сум го порачал ниту стојам зад убиството на Лазо Милошевски што се случи пред три години во велешкото село Ореше, тврдеше Петровски пред два месеца во телефонскиот разговор за „Дневник“.

Тој бара од полицијата цврсти докази за како што рече „тешкото обвинување“. Полицијата го сомничи Петровски дека за 50.000 евра го нарачал убиството на Милошевски што се случи на 2 декември 2005 година.Според МВР, убиството било подготвувано долго, откако на 3 јуни 1995 година во близина на месноста Орешка Станица непознато лице со огнено оружје пукало во гастарбајтерот. Тој бил тешко ранет во главата, поради што од тој момент се родил силен мотив за одмазда, како и убедувањето дека во него пукал токму Милошевски. Затоа од 1997 година, откако тој постојано престојува во САД, контактирал со повеќе лица во Македонија за да нарача убиство на Лазар. На крајот, тој им платил на браќата да го извршат убиството. Браќата беа приведени, а истражен судија им одреди притвор.

Републичкиот судски совет неодамна одлучи да го суспендира истражниот судија Валентин Зафиров, кој ја водеше истражната постапка за случајот Ореше. Ваква одлука била донесена бидејќи судијата го прекршил законот во текот на истрагата. Зафиров тврдеше дека предметот „Ореше“ му бил украден.

МВР против гастарбајтерот Петровски неодамна поднесе уште една кривична пријава со која е осомничен дека му платил 800 долари на жител од Ореше да подметне пожар во дуќан на негов соселанец. Според полицијата, причина за одмаздата било тоа што на погребот на таткото на Петровски, сопственикот на дуќанот изрекол лоши зборови за покојникот, а по некое време гробот бил и осквернавен. Гастарбајтерот како одмазда го најмил соселанецот за да го потпали дуќанот.

ИНФО-Експресна екстрадиција

Ѓоре Петровски, кој живее и работи во САД, бил уапсен од американската полиција за нарачаното убиство на соселанецот Лазо Милошевски во велешко Ореше. Тој во Флорида престојувал со туристичка виза и немал американско државјанство, што е олеснителна околност за неговото префрлање во Македонија.

Републичкиот судски совет неодамна одлучи да го суспендира истражниот судија Валентин Зафиров, кој ја водеше истражната постапка за случајот Ореше.

Kanal 5

Во Делчево обид за силување над 44 годишна жена

 

Во раните утрински часови со брза интервенција на полицијата спречено е силување над 44 годишна жена во Делчево.

Полицијата во Делчево утрово околу 5.20 часот телефонски била известена дека непознато лице ја крши влезната врата од станот во сопственост на Г.В. и се обидува насилно да влезе.

Како што појасни Снежана Санаева портпарол на Секторот за внатрешни работи во Штип по телефонското јавување полицијата веднаш интервенирала, при што местото на анстанот е затекнат Г.Д.(20) од Делчево во полугола состојба. Констатирано дека од страна на Г.Д. и е искината дел од облеката на жената и и се нанесени видливи повреди во пределот на градите и вратот. Лицето, кое од претходно и е познато на полицијата, е приведено во полициската станица во Делчево. Се работи на целосно документирање на случајот.

A1

Поддршка од Прага за целосна визна либерализација

15.01.2009 12:05

Министерот за внатрешни работи на Република Македонија Гордана Јанкулоска доцна синоќа во Прага се сретна со чешкиот министер за внатрешни работи Иван Лангер.

На средбата на министерката Јанкулоска ги презентирала сите постигнувања на Република Македонија на планот на реформите во полицијата, перспективите за идната соработка, како и за процесот за целосна визна либерализација, тема која ги засега сите македонски граѓани.

Министерот Лангер ја повторил безрезервната поддршка од Република Чешка, како актуелен претседавач на ЕУ, за очекуваната визна либерализација.

„Овој состанок беше од исклучително значење за Република Македонија со оглед на тоа што Чешка е земјата-претседавач со ЕУ во овој момент. Министерот Лангер даде безрезервна поддршка на овој процес, со целосно разбирање за достигнувањата и успесите кои Република Македонија ги има на овој план и искажа признание за сето она што е досега направено. Тоа практично значи дека Република Македонија е земја која е целосно подготвена за воспоставување на безвизен режим со Европската унија“, изјави министерката Јанкулоска за МИА. Таа потсети дека носењето на една таква одлука е процес кој мора да помине одредена формална процедура низ соодветните органи и тела на ЕУ, но најважно од се, рече таа, е што ја имаме несебичната и безрезервна поддршка од Чешката Република како земја-претседавач.

На средбата Јанкулоска - Лангер во фокусот на разговорите била полициската соработка, односно соработката меѓу двете министерства за внатрешни работи на сите нивоа и во сите сегменти на дејствување што подразбира проекти и оперативна соработка на ниво на полиција, но и проекти, оперативна соработка и размена на информации на ниво на безбедносни служби.

Според министерката Јанкулоска, искуството на Чешката Република е исклучително значајно за Република Македонија и може да послужи како пример во многу области со оглед на тоа што како земја-членка на ЕУ помина многу сличен пат како Република Македонија.

Таа најави дека во рамките на веќе почнатите разговори на техничко ниво за потпишување договор за полициска соработка и борба против организираниот криминал, на средбата со Лангер е договорено да се остварат повеќе посети на тимови на техничко ниво, со цел да се усогласат деталите околу овој документ кој би претставувал основа за продлабочување на соработката помеѓу двете министерства.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која во Прага ќе учествува на дводневниот неформален состанок на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите-членки на ЕУ, се очекува денеска на маргините на состанокот да оствари билатерални средби и со нејзините колеги од Холандија, Белгија и Шпанија.

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk