Утрински весник
Полицајци не плаќале патарина, открива МВР
Полицајци не плаќале патарина, открива Министерството за внатрешни работи по направена контрола на четири наплатни рампи во државата. Тричасовната полициска акција покажала дека неплаќачи се возачи од повеќе министерства и од јавни претпријатија.
Со поминување на наплатните станици без плаќање патарина, вработените во МВР ја злоупотребиле службената легитимација. Тие постапиле спротивно на препораките со кои се забранува бесплатно поминување на патарина. За деветтемина вработени во МВР веќе се најавени и санкции, а не се исклучува и нивно појавување пред надлежните комисии за отказ.
Резултатите на МВР покажале дека на патарина со покажување службена легитимација поминале 73 лица. Имено, како неплаќачи на државната давачка, според Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, деветмина се вработени во МВР, тројца во Царината, по двајца вработени во министерствата за одбрана, за животна средина и за локална самоуправа. Потоа двајца од АРМ и по еден од „Македонски железници“, „Македонски пошти“, од ресорите за земјоделство, шумарство и водостопанство, за образование и наука, за труд и социјална политика, за култура и за здравство, од Јавното претпријатие „Македонија пат“, Дирекцијата за заштита и спасување, Државната изборна комисија, Државниот инспекторат за земјоделство, Вишото јавно обвинителство, Казнено-поправната установа за малолетници, МТВ.
Целта на акцијата, која траела три часа, била откривање евентуални злоупотреби на службените легитимации и поминување на наплатни станици на вработени во МВР со приватни возила без притоа да се платат обврските, согласно со Законот за јавни патишта. Контролата е спроведена во координација со Државниот инспекторат за транспорт, а со контролата беа опфатени наплатните станици Глумово, Романовце, Петровец и Желино.
За време на контролата, со полициска службена легитимација поминале еден командир на вод во ЕБР-ЦПС, полицаец во ПС „Виница“, двајца вработени во УБК, полициски службеник во ПС за БПС - Тетово, полициски службеник во Единицата за безбедност на патниот сообраќај, полициски службеник во ЕБР, полициски службеник во ПС за ГК - Табановце и вработен во Секторот за врски. Другите 39 лица се граѓани кои искористиле прилика за поминување на отворена рампа на наплатните станици или користеле разни видови картички за поминување без да платат патарина.
Ваква акција Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди спроведе и пред десетина дена, кога беа откриени 42 возачи, од кои 12 вработени во МВР. Ова значи дека вкупниот број на откриени и санкционирани службени лица и граѓани во двете акции се искачи на 115, од кои 21 се полициски службеници. На сите прекршители ќе им биде издаден платен налог за глоба во висина од 200 евра.
Вечер
Полицајците нагрнаа на трговците со луѓе
Борбата со криминалот не спласнува, тоа го покажуваат последните објавени полициски анализи според кои од ден на ден се намалува проблемот со криминалот на трговијата со луѓе
Борбата со криминалот не спласнува, тоа го покажуваат последните објавени полициски анализи според кои од ден на ден се намалува проблемот со криминалот на трговијата со луѓе.
Според полициските аналитичари, драстично зголемен бројот на откриени кривични дела за криумчарење мигранти во почетокот на новата 2008 година. Цели 20% раст има на откриените кривичните дела од оваа област и 75 отсто повеќе уапсени сторители.
Родители ги препродавале своите деца, кафеанџии тргувале со девојки, организирани групи транспортирале имигранти. Кинези, Албанци, жители на Бангладеш, Колумбија Турција, плаќале и над илјада евра за преку Македонија да заминат во западноевропските земји, притоа користејќи фалсификувани исправи. Организаторите главно биле македонски државјани, а најчестата патека Куманово, Скопје, Гевгелија.
Македонската полиција дејствуваше во соработка и со полициите од регионот при што беа спречени поголеми организирани мрежи на криумчарење мигранти. Девојките кои најчесто беа мета на сопственици на угостителски објекти беа трудово експлоатирани, без регулиран работен однос, за петстотини денари надомест, служеле во кафеани, работеле како танчарки, притоа биле и сексуално експлоатирани. Во поголемиот дел од расветлените случаи девојките биле Македонки, што укажува дека главно станува збор за внатрешна трговија. Дел од нив се и малолетни деца.
Во јуни минатат година Македонија беше рангиранаод Стејт департментот во групата на земји кои целосно ги исполнуваат условите за борба против трговијата со луѓе. Во однос на оваа ранг-листа, Македонија е единствената земја од регионот која е групирана во земјите кои целосно ги исполнуваат условите.
Сума сумарум, досега годинава се поднесени 31 кривична пријава, во кои се документирани вкупно 46 кривични дела, извршени од 159 сторители. Од нив, 36 се кривични дела "криумчарење мигранти", извршени од 96 сторители и 10 се кривични дела "организирање група за извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење мигранти", извршени од 63 сторители.
- "Основната мотивираност на мигрантите е од економска природа, односно потрага по подобра материјална егзистенција и се решаваат илегално да мигрираат поради неможноста легално да обезбедат патни исправи или визи, согласно актуелниот визен режим", објаснуваат од МВР.
Според националната структура на 159-те сторители, најголем број или 147 се Македонци, четворица се албански, по тројца турски и српски државјани и двајца Грци.
Во откриените случаи, 26 сторители се јавуваат како организатори на криумчарењето, а другите се вклучени во транспортот и сместувањето на мигрантите.
За жал, во Македонија се уште не постои механизам за одземање на имотите на сопствениците на ноќните клубови кај кои и по неколку пати полицијата открила странски државјанки жртви на трговијата со луѓе.
Конфискација на имотот во случаи каде што е докажано кривично дело оди тешко, затоа што ноќните клубови најчесто се дивоградби или, пак, се водат на друго име. Сега во мода се салони за масажа, каде што девојките се принудени да даваат сексуални услуги на клиентите.
Во 2002 година во Кривичниот законик беше внесена одредба за казнување на лица кои користат или овозможуваат на друг користење на сексуални услуги од лица за кои знаат дека се жртви на трговија со луѓе.
Шест години подоцна и покрај јасно искажаниот став на сите професионалци задолжени за кривично гонење и санкционирање дека клиентите треба да одговараат, сепак санкционирањето на корисниците на услуги е минорно.
МВР усвои Антикорупциска програма
Следејќи ги препораките на Европската унија и имајќи ги предвид основните цели, задачи и принципи за работа на Владата, секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, во име на Министерството за внатрешни работи ја донесе Антикорупциската програма.
Донесениот документ предвидува процесот на спроведување реформи во македонската полиција да биде целосно заокружен најдоцна до 2012 година.
Во Антикорупциската програма се забележува дека фокусот ќе биде ставен на засилената борба против корупцијата, развојот на демократијата и подобрување на меѓуетничките односи. Приоритети до кои ќе се држи Министерството за внатрешни работи се владеење на правото и успешно обезбедување политичка и безбедносна стабилност на земјата и нејзината интеграција во Европската унија и НАТО, но и имплементација на одредбите од Охридскиот мировен договор и натамошна реализација на обврските кои произлегуваат од преговорите со ЕУ и НАТО.
Стратегијата на Владата на Република Македонија е поддржување и засилување на реформските активности за подобрување на квалитетот на јавните институции, креирање ефикасна полициска служба која ќе биде сервис на граѓаните и успешно ќе се справува со сите видови криминал и криминално однесување, вклучувајќи ги и сите појавни облици на организиран криминал, како и успешно справување со коруптивното однесување во структурите во полицијата во целост и надлежностите што ги има.
Косовар се обидел со туѓ пасош да излезе од државата
За три дена ова е втор случај во кој косовски државјани со туѓи пасоши се обидуваат на ја напуштат нашата држава и да заминат за Грција
Косовар се обидел да излезе од нашата држава користејќи пасош на негов сограѓанин, за што бил уапсен од полицијата.
Настанот се случил утрото во саботата, околу 10 часот, на граничниот премин Богородица кон Грција.
Според МВР, М.Џ. (38) со автомобил застанал на преминот, а кога му биле побарани патни исправи, тој го предал пасош на Н.С.(23), објаснувајќи дека е негов. Веднаш бил забележан од граничните полицајци и уапсен.
За само три дена ова е втор случај на косовски државјани да се обидат да ја минат нашата граница кон Грција на ваков и сличен начин.
Имено, во петокот полициските служби на истиот премин привеле педесет и петгодишна Косовка со германски пасош, која обидувајќи се да прошверцува десетмесечно бебенце во Грција на граничен службеник му понудила поткуп од 50, а потоа и од 100 евра.
Станува збор за Фетие З. (55) од Ѓаковица, која сакала да го подмити граничниот службеник за да и дозволи да ја мине границата со бебето кое немало пасош и патувало само со патнички документ со германски печат. Сепак, службеникот не ги зел парите и обидот за поткуп веднаш го пријавил кај своите претпоставени. Кратко време потоа и Косовката била приведена во полициската станица на граничниот премин. Против неа вчера била поднесена кривична пријава за давање поткуп.
Од МВР информираат дека во "мерцедесот" со кој Фетие се обидела да ја мине македонско-грчката граница, освен десетмесечното машко бебе, патувале и Х.З. (60) и две девојчиња на шеснаесетгодишна возраст, кои поседувале валидни хрватски и германски пасоши, но поради неа и тие не ја напуштиле државата и не им било дозволено да заминат за Грција. Тие не биле приведени, но се задржани бидејќи треба да дадат изјави пред истражните органи.
Сепак, разврската на овој случај најверојатно ќе трае подолго оти полицијата треба да утврди како Фетие и бебето воопшто се нашле во земјава, бидејќи во декември мината година биле одбиени од граничните служби да ја минат косовско-македонската граница и да влезат во земјава.
Сител
ПОЛИЦИСКИ ИЗВЕШТАЈ ЗА 2008 ГОДИНА
Зголемена трговија со луѓе или подобрена ефикасност на МВР? Полицискиот извештај за 2008-та покажува за 20% раст на откриените кривични дела и 75% повеќе откриени сторители.
Родители ги препродавале своите деца, кафеанџии тргувале со девојки, организирани групи транспортирале имигранти. Кинези, Албанци, жители на Бангладеш, Колумбија Турција, плаќале и над илјада евра за преку Македонија да заминат во западноевропските земји, притоа користејќи фалсификувани исправи. Организаторите главно биле македонски државјани, најчестата патека Куманово-Скопје-Гевгелија.
Македонската полиција делуваше во соработка и со полициите од регионот при што беа спречени поголеми организирани мрежи на криумчарење имигранти. Девојките кои најчесто беа мета на сопственици на угостителски објекти беа трудово експлоатирани, без регулиран работен однос, за петстотини денари надомест служеле во кафеани, работеле како танчарки притоа и сексуално експлоатирани. Во поголемиот дел од расветлените случаи девојките биле Македонки, што укажува дека главно станува збор за внатрешна трговија. Дел од нив и малолетни деца.
Во Јуни минатата година Македонија од страна на Стејт департментот беше рангирана во групата на земји кои целосно ги исполнуваат условите за борба против трговија со луѓе. Во однос на оваа ранг листа Македонија е единствената земја од регионот која е групирана во земјите кои целосно ги исполнуваат условите.
А1
Груевски: Се преземаат сите мерки за да нема инциденти на изборите
12.01.2009 12:42
„МВР и Владата веќе усвоија Акционен план за настап на мартовските избори, за што претходно било разговарано со претставници на меѓународната заедница, а во подготовка е и таканаречен безбедносен план.
Се преземаат сите потребни мерки што една влада би можела да ги преземе за да нема инциденти“, изјави Груевски одговарајќи на прашање на пратеникот Андреј Петров како Владата се подготвува за одржување фер и демократски избори.
Тој посочи на мерките што беа преземени веднаш по инцидентите на 1 јуни од страна на институциите.
„Значаен дел од судските процеси завршија, но исто така има голем дел што се уште се во тек и се надевам дека наскоро ќе завршат. ДИК донесе одлука за прегласување на местата каде што имаше инциденти. Веднаш по тој ден се пристапи кон анализи на Извештајот на ОБСЕ“, додаде Груевски нагласувајќи дека потоа се случија измените на Изборниот законик, а минатата недела и промената на Уставот во делот на цензусот за избор на претседател.
„Верувам дека тие измени ќе придонесат во значајна мерка да не се повторат некои од нерегуларностите што се појавија во тој период“, рече Груевски.
Разликите во проекциите на Владата и на Народната банка за економските случувања во 2009 година, според премиерот, се должат на светската економска криза, која се случува по најмалку 80 години.
„Веројатно доаѓа до вакви бројки поради брзата промена на сите настани во светот и драстичните промени на проекциите поради овие настани. Во многу држави има иста ситуација, од различни институции да има различни проекции“, изјави Груевски на прашањето на пратеникот Петров за разликите во проекциите на растот и инфлацијата за 2009.
Премиерот рече дека инфлацијата во септември била 4,1 проценти и нагласи оти е неблагодарно во моментов да се застане зад која било проекција.