Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 


05.01.2009

Трубарево во шок по смртта на сопружниците Станковиќ

Станимир Станковиќ оставил проштално писмо пред да се обеси откако ја уби сопругата

Блиските на сопружниците Станимир и Сузана Станковиќ од скопско Трубарево, нивните пријатели и жителите на селото и вториот ден од изминатиот викенд го поминаа на селските гробишта. Вчера се збогуваа со 43-годишната Сузана Станковиќ, која во петокот попладне беше убиена од сопругот. Во саботата, пак, во вечниот дом беше испратен 50-годишниот Станимир, кој откако и' пресуди на својата сопруга, со која имаше две деца, самиот си го одзеде животот со бесење. Како причина за ова злосторство се наведува долгогодишната нетрпеливост меѓу брачните другари. Мртвите тела во петокот попладне ги пронашол 22-годишниот син, вработен во една од скопските телевизии. Покрај него, Станимир и Сузана имале и 19-годишна ќерка, која минатата година завршила средно образование, велат жителите на Трубарево.

Крвавата драма во куќата на Станковиќ на улицата „20“ во Трубарево се случила во петокот попладне. Според истрагата, Станимир најпрво со тврд предмет ја онесвестил сопругата, потоа веројатно ја задавил, па се симнал во подрумот каде што се обесил со платнено јаже.

„Трагедија. Многу добар човек беше, секогаш пристоен со сите. Не пиеше алкохол воопшто, не беше агресивен. Ама бракот не им функционираше. Со години се караа, дури и живееја на различни катови во куќата“, раскажуваат шокираните соседи.

Тие велат дека Станимир бил занаетчија, а сопругата била медицинска сестра. Како што велат, тој оставил проштално писмо, кое, наводно, го напишал уште на Свети Никола.

Полицијата ги предаде двете тела за обдукција за да се комплетира сликата што се случувало точно на 2 јануари во куќата на Станковиќ во Трубарево. Отфрлени се претпоставките дека во злосторството било вмешано и трето лице.

Официјалната статистика на МВР покажува дека во 2008 година се случиле 36 убиства. Најголем дел од нив се евидентирани на подрачјето на Скопје (13), а следуваат Гостивар со шест, а во Куманово, Тетово, Охрид и Прилеп се случиле по три убиства. На црната листа се и Велес со две, а по едно злосторство се забележани во Битола, Кичево и во Свети Николе. Полицијата тврди дека расчистила 32 убиства, за што се поднесени кривични пријави против 36 лица. Меѓу нив, само две жени и тоа во првиот случај за убиство на дете при породување, додека во другиот, станува збор за 21-годишна девојка од Куманово, која го лиши од живот лицето со кое претходно била во врска.

„Најголем дел од сторителите се на возраст од 35 до 50 години. Што се однесува до жртвите, 27 се од машки пол, а 9 од женски. Најголем дел од убиствата се извршени со огнено оружје (17), а во 10 случаи било употребено ладно оружје. Според времето на извршување, најмногу од убиствата се извршени во попладневните часови (12), па во претпладневните (8) и седум во ноќните часови“, велат од МВР.

Десет од вкупно 36 убиства биле извршени поради претходни расправии и тепачки, осум поради нарушени брачни односи, четири поради прекинување љубовни врски, а по едно поради користољубие, паричен долг, несакана бременост, додека во другите 11 убиства мотивите се' уште се непознати.

Во изминатата 2008 година беа убиени и двајца полициски службеници.

Масовни тепачки го одбележаа и овој викенд

И овој викенд полицијата имаше полни раце работа со масовните тепачки.

Во гостиварската дискотека „Елдорадо“, вчера, во 3,30 часот по полноќ, избила тепачка меѓу повеќе лица, чиј идентитет се' уште се утврдува. Во тепачката, 25-годишниот гостиварец В.П. од пиштол испукал еден куршум во дрвениот под на сепарето, при што зрното се одбило и завршило во шанкот. За среќа, куршумот не погодил никого. Во тепачката, едно момче се здобило со исеченица на прстите на раката. Полицијата изврши увид и трага по учесниците во тепачката, како и по В.П., кој пукал со пиштол.

Во саботата пред полноќ, 17-годишно момче од Скопје било нападнато од шест лица на улицата „Железничка“ во Скопје. Напаѓачите, наводно, без повод и причина, му се нафрлиле на малолетникот и го претепале, нанесувајќи му видливи повреди и исеченици на лицето и телото. И овие напаѓачи се непознати.

Четириесет и осумгодишниот битолчанец Д.Б. заврши во Клиничката болница во Битола, каде што му била извршена операција, откако бил претепан од 45-годишен сограѓанин. Според изјавата на Ф.В., во саботата околу 20,40 часот, кај него дома во пијана состојба дошол Д.Б., со кого имал нерасчистени должнички односи. Наводно, Д.Б. го удрил Ф.В. со чекан по главата, по што тој, откако се созел, со тупаници почнал да го удира соперникот по лицето и главата, нанесувајќи му повреди, поради кои Д.Б. е неконтактибилен. Полицијата го расчистува случајот.

Вчераутро околу 2,45 часот, пред дискотека во Македонски Брод се случила тепачка меѓу две лица, кои биле разделени од другите. (Х.Р.)

ВЕЧЕР

Скопјанец повреден од обезбедувачи?!

Дваесетгодишниот Јане Мицевски тврди дека на 1 јануари, годинава, бил повреден од две непознати лица кои носеле униформи од Агенцијата за обезбедување Перпетум мобиле

Крвав пречек на Новата 2009 година имал Јане Мицевски (20) студент од Скопје. Мицевски бил повреден од две непознати лица кои ноеселе униформи на Агенцијата за обезбедување на имот и лица Перпетум мобиле, по што бил пренесен во Градската општа болница.

Мицевски својата приказна ја раскажа во Вечер. Според него, инцидентот се случил на 1 јануари околу 4,20 часот во кафуле до Трговскиот центар "Рамстор". Скопјанецот вели дека во кафулето каде што ја чекал Новата година имало околу стотина гости. Додека критичното време, пред врата на кафулето, Мицевски, разговарал на мобилен телефон, дошле две лица од Агенцијата Перпетум мобиле, кои, според момчето, буквално упаднале во кафулето. Мицевски има сознанија дека двајцата униформирани обезбедувачи биле повикани од извесен Душко, кој славел во истото кафуле. Иако патролата од Перпетум мобиле не го обезбедувале локалот, тие се обиделе да влезат во кафулето.

- Изреволтирани оти не можеа да влезат, рече Мицевски, двајцата обезбедувачи физички го нападна момчето, а едниот од нив го удри со службена "моторола" по главата. Од ударите, како што тврди Мицевски, тој паднал на подот, а обезбедувачите продолжиле да го клоцаат по главата и телото и покрај тоа што тој лежел во бессознание десетина минути. Поради повредите, Мицевски бил пренесен од негов пријател во Градската општа болница, каде што му била укажана помош, по што тој бил пуштен на домашно лекување. Инциднетот Мицевски го пријавил во Полициска станица "Центар", каде што дал изјава за настанот.

Фатени крадци


Четворица арамии, кои извршиле најмалу шест кражби, завчера биле фатени од полицијата. Арамиите биле пресретнати од полициската патрола, на булеварот "12. Македонска бригада" бб, кај сервисот "Морски". Откако биле приведени во Станица, С.Г. (16) од Скопје, уживател на опојни дроги, К.И. (20) од село Баница-Струмица, Т.Н.(19) и Ѓ.И.(18) двајцата од село Горно Лисиче, тие признале дека извршиле шест кривични дела, три тешки кражби во продавница, од кои две во обид, две кражби во продавници и една кражба на велосипед, како и пет кривични дела за кои гонењето се презема по приватна тужба.

Четворицата арамии делата ги сториле во текот на декември на подрачјето на населбата Аеродром во Скопје. Тие провалиле во три колонијални продавници во населбите Лисиче и село Горно Лисиче, и во уште две продавници во населбата Ново Лисиче и на булеварот "АВНОЈ". Кражбите ги вршеле со кршење на катанците од вратите со погоден предмет, при што во еден случај украдени биле гајби со пиво. При вршењето на делата, во три слуачаи сторителите дејствувале како четиричлена група, а во по еден случај како група од тројца, од две лица и поединечно. Четворицата се сомничат дека се извршители на уште две кражби и тоа во аптека и трафика во Гази Баба и Центар.

ДНЕВНИК

ИСТРАГА НА ВНАТРЕШНАТА КОНТРОЛА НА МВР

Полициски командир замешан во изборен скандал

Помошник-командирот им дал алиби на двајца гостиварци осомничени за спречување на изборите кога во нивните пасоши им ставил печат дека ја напуштиле државата

Поранешниот помошник-командир во полициската станица Јажинце, А.И. (30), е осомничен за злоупотреба на службената должност откако полицијата утврди дека тој бил замешан во скандал за време на изборите во јуни 2008 година. Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди поднесе кривична пријава против А.И., кој сега работи како полицаец во СВР Скопје.

Истрагата на внатрешната контрола утврдила дека осомничениот во периодот кога работел како помошник-командир ги пречекорил службените овластувања и незаконски им овозможил алиби на две лица од Гостивар кои учествувале во нарушувањето на јавниот ред и мир за време на парламентарните избори. Тој во нивните пасоши им ставил печат од службените штембили за наводен излез од Македонија на 31 мај лани и за влез во земјава на 3 јуни истата година. Истрагата утврдила дека двајцата ниту излегле ниту влегле во Македонија.

-Помошник-началникот дошол на граничниот премин Јажинце, иако во тој период извршувал работни задачи во Посебната мобилна единица за борба против криминалот во Тетово. Тој влегол во дежурната просторија и му наредил на дежурниот полицаец да излезе од просторијата, додека пак на раководителот на смена му наредил да стави печати за излез и за влез на патните исправи на двајца гостиварци. Откако раководителот на смена одбил да го направи тоа, А.И. ги зел штембилите и самиот ставил печати во патните исправи, заканувајќи му се на раководителот на смена дека ќе има проблеми ако некому каже за тоа - објаснуваат во МВР. Против двајцата гостиварци во јуни минатата година е поднесена кривична пријава за спречување избори и гласање.

- Министерството за внатрешни работи целосно расветли и документира 56 случаи на нарушување на изборниот процес, во врска со кои се пријавени 211 сторители за сторени 85 кривични дела и поднесени 48 кривични пријави, додека 19 лица се пријавени за сторени 16 прекршоци - објаснуваат во полицијата.

Според статистиката, во врска со инцидентите за време на предизборната кампања расветлени се вкупно 15 случаи и поднесени 12 кривични пријави против 23 сторители за сторени 19 кривични дела, а шест сторители се пријавени за сторени осум прекршоци.

- Во рамките на овие активности, поради утврдени неправилности, односно непочитување на законските правила и прописи, од работните места се суспендирани 28 полициски работници, при што против 11 од нив се преземени мерки на кривичен прогон поради основано сомнение дека сториле кривични дела спречување на избори и на гласање, недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, злоупотреба на избирачко право, злоупотреба на службената положба и овластување и слично - велат во МВР.

ИНФО-Казнети седум полицајци

МВР вчера соопшти дека парично се казнети седум полицајци поради незаконско работење. Казната е скратување на дел од платата во наредните неколку месеци. Еден од казнетите предизвикал сообраќајка додека бил на службена должност, тројца се казнети бидејќи не евидентирале настани во службената книга, еден добил казна зашто во работно време му бил вклучен приватниот мобилен телефон. Казнет е и полицаец што ги навредувал своите колеги и ги пцуел.

ШПИЦ

Петардите издишаа


Еден час небото над Скопје, пред и по полноќ, грмеше од детонации кои ги произведуваа разните пиротехнички материјали, кои како задолжителен декор се дел од новогодишната еуфорија. Но, според скопјани и МВР, петардите годинава не беа толку бројни како во минатото.
- Мојот син е седмоодделенец. Со години од Бит-пазар и од Кванташки купуваше петарди со другарите. Годинава тоа не е случај, велат не им биле веќе интересни. Не знам што се случи со децата, ама кај мене во Аеродром, каде што во овој период катадневно пукаа петарди и децата од зградите водеа војна кој ќе биде погласен, годинава тоа некако е намалено - вели скопјанецот Мартин Игњатовски.
Во највеселата ноќ со петарди се повредени само двајца и тоа возрасни мажи. По дијагностицирањето и лекувањето, двајцата, кои биле хоспитализирани на Клиниката за трауматологија, се пуштени на домашно лекување, велат од Ургентниот центар.
Од јануари 2005 до крајот на минатиот месец полицијата открила и одзела 1,3 милион парчиња петарди. Сите пиротехнички „играчки“ со одлука на судија се уништени.
- Цела година полицајци ги посетуваа децата по училиштата, за да им објаснат дека петардите се опасни по нивниот живот. Децата добро ги сфатија лекциите. Навремените мерки на МВР за сузбивање на илегалната трговија со петарди доведе да не се слуша гласот на петардата - вели полицискиот портпарол Иво Котевски.
Скопје лани петнаесетина минути грмеше од петарди небаре се води војна. На минатата најлуда ноќ од пиротехника тешко беа повредени двајца гостиварци, меѓу кои и едно 15-годишно дете, кое, велат од болницата во Гостивар, има трајни последици со видот.


Запленети два тони



Околу два тони петарди полицијата завчера утро запленила во патничко возило со тетовски таблички, а сопственикот на фирма од Тетово доби кривична пријава за изработување оружје или распрскувачи материи. Истиот ден, во „голф“ со италијанска таблички на автопатот Гостивар - Тетово се откриени 10.000 петарди-пиратки, 22 големи петарди и 86 светлечки ракети. За две недели, МВР, тврдат од таму, одзеле преку 250.000 петарди.

СИТЕЛ

НЕВНИМАТЕЛНО ВОЗЕЊЕ ПОРАДИ СНЕГОТ

ОД 1 ДО 4 ЈАНУАРИ РЕГИСТРИРАНИ 183 СООБРАЌАЈНИ НЕСРЕЌИ, ДВЕ СО ТЕШКИ ПОСЛЕДИЦИ

Во периодот од 1 до 4 јануари на територијата на државата се регистрирани вкупно 183 сообраќајни несреќи, соопшти МВР.

Од нив, две се со тешки последици, во кои две лица се здобиле со тешки телесни повреди.  Во 17 сообраќајни несреќи 24 лица се здобиле со телесни повреди, додека останатите 164 се проследени само со материјална штета, главно од помала вредност.

Од вкупниот број регистрирани сообраќајни несреќи, 83 се случиле на подрачјето на Скопје. Во пет од нив со телесни повреди се здобиле осум лица, а 78 се проследени само со материјална штета.

 

КРИВИЧНА ПРОТИВ ЧЕТВОРИЦА СТРАНСКИ ДРЖАВЈАНИ ЗА „ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ“

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против тројца државјани на Србија и еден хрватски државјанин поради постоење на основано сомневање дека сториле кривично дело „трговија со луѓе“. Кривичната пријава е поднесена по член 418 - а од Кривичниот законик на Македонија.

Четворицата странски државјани, како што се наведува во соопштението од МВР, по пат на измама, превезувале, засолнувале, принудувале на вршење на кривични дела „кражби”, трудово и сексуално експоатирале тринаесетгодишно девојче од Кавадарци, кое илегално го пренеле во Италија, а оттаму во Франција.



Лицата инволвирани во случајот на трговија со луѓе државјани на Србија - Ж.М.(43), Ј.М.-Ѓ.(36) и Д.М.(20), и Ј.Ѓ.(33) државјанин на Хрватска, живеат во Франција.

На 18 јуни 2007 година во ОВР - Кавадарци мајката на малолетното девојче пријавила дека тоа е исчезнато, по што по него е распишана централна и меѓународна потерница преку НБЦ-Интерпол. Лицето е пронајдено во Франција и на 3 март минатата година е вратено во Македонија.

Со малолетното девојче во просториите на Центарот за социјални работи во Кавадарци во присуство на социјален работник извршен е разговор заради расчистување на случајот и обезбедување на дополнителни информации и податоци со цел кривично-правно санкционирање на инволвираните лица во случајот. Согласно презентираните состојби од страна на малолетното девојчето, во почетокот на 2007 година две лица од Прилеп и Ж.М, државјанин на Србија го посетиле нивното семејство, при што, знаејќи ја нивната материјална состојба и обичаите, предложиле девојчето иако имало само 13 години, „да стапи во брак“ со лице - внук од сестра на Ж.М. коишто живееле во Франција. Предлогот бил одбиен од родителите на девојчето.

При повторниот обид и посета на Ж.М. било договорено да биде организирана семејна веселба за стапувањето во брак на ќерката. По неколку дена, девојчето со други лица заминало за Лесковац – Србија, кадешто Ж.М почнал да го принудува заедно со неговото семејство да врши кражби на златен накит, пари, облека и слично од куќи, викендици, продавници и други објекти.

Во куќата на Ж.М, малолетното девојче било физички малтретирано, принудувано да врши домашни работи, и било ограничено движењето, не и била дозволена телефонска комуникација со родителите, а патната исправа и била одземена. По извесен период и престој во домот на Ж.М., од страна на две непознати лица кои биле дојдени во домот на Ж.М., девојчето било измамено со тоа што и било ветено дека ќе биде однесено дома во Кавадарци, меѓутоа тоа илегално било донесено во Италија, а оттаму во Каркасон - Франција.

Во Франција, девојчето било сместено во станот на сестрата на Ж.М., Ј.М.-Ѓ. и нејзиниот сопруг Ј.Ѓ., кадешто била запозната со наводниот „сопруг“ лицето Д.М., којшто ја принудувал на интимни контакти, а воедно и физички ја малтретирал. По извесен период додека малолетното девојче престојувало во Франција, од страна на лицето Ј.М.-Ѓ. било ангажирано да работи во кафеана каде освен обврските за одржување на хигиена во објектот, било принудувано да дава сексуални услуги за кои клиентите на Ј.М.-Ѓ. и плаќале од 300 до 500 евра. Освен ова, девојчето од страна на Ј.Ѓ. било принудувано да врши кражби, а украдените предмети ги предавале на негов брат кој понатаму ги препродавал.

Во телефонска комуникација со семејството, малолетното девојче ги запознало домашните за фактичката состојба, по што, од страна на мајката случајот бил пријавен во ОВР Кавадарци.

Во врска со овој случај од страна на МВР до Основното јавно обвинителство - за гонење на организиран криминал и корупција на 16 мај 2008 година доставен е Посебен извештај со прилог записник за примање на кривична пријава.

А1

Сопругата на повредениот поштар со поинаква приказна

Повредениот Ѕвонко Велјановски носел 15.000 евра во поштенскиот камион, без да знае, дознава „А1“.

Овие пари, кои требало да стигнат од Скопје до Градско, го намамиле неговиот колега Зоран да се качи во камионот и во близина на Велес да се обиде да го убие Ѕвонко, тврди неговата сопруга Мимоза.

Таа ја негира првичната верзија дека двајцата поштари се скарале по пат. Вели дека Зоран има дебело досие и добро го испланирал грабежот.

„Тој човек има учествувано во повеќе кражби. Уште пред 4-5 години за тие 560.00 евра бил спроведник, но немало докази. Фалсификувал некои визи карти. Тој пред шест месеци бил избркан од работа, па потоа Синдикатот го вратил“, вели Велјановска.

Ден пред Нова година, Ѕвонко тргнал од Скопје да разнесува пошта во Грција. Само што ја напуштил Поштата, го пресретнал Зоран, кој побарал да го однесе во Кавадарци. Во близина на Велес, сопатникот му рекол да застане, а потоа почнал да пука во него.

Кога видел дека е сè уште жив, Зоран го одвезол Ѕвонко во болница, а по пат му велел да кажат дека разбојници сакале да им ги украдат парите. Така Ѕвонко дознал за вредната пратка која ја носел.

Зошто директорот на велешката пошта дозволил овие пари, без обезбедување да се превезуваат? зошто Зоран е сè уште на слобода? Според Велјановска, Поштата, Полицијата и Обвинителството го штитат разбојникот.

„Се замаглува она вистинското што се случува во Пошта, за да некои луѓе си ги заштитат фотелјите. Нема врска со тоа, баш никаква вистина. Кога логично ќе се размисли, тука се работи само за грабеж“, додава Велјановска.

Судбината на повредениот поштар е неизвесна и тој може да остане инвалид. Неговата сопруга стравува за неговиот живот, оти Зоран се шета слободно. Таа е изненадена и од односот на полицијата, вели дека досега ниеден инспектор не контактирал.

 

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk