Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

17.02.2015
Кривични пријави за осум лица во рамките на акцијата „Гора“

Министерството за внатрешни работи до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје поднесе кривична пријава против осум лица, седум од Скопје и едно лице од Кичево. Кривично пријавени се седум лица за сторено кривично дело „злосторничко здружување“, четири лица се пријавени и за „злоупотреба на службена положба и овластување” и три од пријавените лица за кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“.  Пријавени за сторено кривично дело „злосторничко здружување“ се лицата Ј.Ч.(38), А.К. (50), Ж.Ч.(77), А.У.(36), Г.Х.(52) Ф.Ј.(53) и А.А. (38), за „злоупотреба на службена положба и овластување” пријавени се лицата Ј.Ч., А.К., Ж.Ч. и А.У. додека за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ пријавени се Ф.Ј., В.А.(34) и А.А.. Шест од наведените лица со кривична пријава се предадени во Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје, а по А.А. и В.А. во мементот се трага и откако ќе бидат обезбедени ќе бидат предадени во надлежното ОЈО.
    Пријавените Ј.Ч. (самостоен референт во ЈП Македонски шуми ПШС Караџица), А.К. (Заменик командир на шумска полиција за подрачје на Скопје) и Г.Х., во периодот од март до мај 2014 година со намера да се стекнат со противправна имотна корист за себе или за друг преку легализирање на нелегално исечена шума-дрва за огрев, формирале организирана криминална група во која биле вклучени пријавените Ж.Ч. (сопственик и управител на Друштво за трговија и услуги „МЕГАМАК ДРВО“ ДООЕЛ Скопје, татко на пријавениот Ј.Ч.) и А.У.(шумарски техничар за заштита на шуми - манипулант во ДТУ „МЕГАМАК ДРВО“), а дополнително како членови ги вклучиле и пријавените А.А. и Ф.Ј., кои како корисници на услугите на злосторничкото здружение, односно како корисници на документацијата изготвена од членовите на злосторничкото здружение, го вклучиле и пријавениот В.А., кој знаел дека наведената документација е со невистинита содржина.
Имено, Ј.Ч., А. К. и Г. Х., заеднички и во договор со Ж.Ч. и А.У., во мај 2014 година формирале правно лице МЕГАМАК ДРВО ДООЕЛ Скопје, за кое на нивно барање одлучувајќи согласно позитивните правни прописи Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство го овластило правното лице да врши работи во врска со шумите за приватни парцели и им издало жиг за обележување на исечени дрва. Вака формираното правно лице им служело како инструмент – средство за прикривање на нелегално исечената дрвна маса, „покривајќи ја“ со фиктивни процедури и постапки, како и фиктивна документација (одобренија за сеча и испратници за транспорт), со која ја легализирале нелегално исечената дрвна маса. Притоа, А.К. лицата корисници на одобренијата ги заштитувал од проверки и контроли од страна на Шумската полиција, Ж.Ч. како одговорно лице и сопственик на МЕГАМАК ДРВО ДООЕЛ Скопје издавал-заверувал фиктивна документација за легализирање на нелегално исечената дрвна маса, додека А.У. ја обележувал дрвната маса со жиг-печат, на кој начин нелегално исечената дрвна маса ја легализирал. Како членови на злосторничкото здружение ги вклучиле и А.А. и Ф.Ј., кои обезбедувале одобренија од МЕГАМАК ДРВО ДООЕЛ Скопје за сеча на име на лица кои поседувале имотни листови на реонот Кичево и на реонот на с.Танушевци. А.А. и Ф.Ј. обезбедувале податоци од лица-сопственици на катастарски парцели и во нивно име ваделе одобренија за сеча во приватна шума од МЕГАМАК ДРВО ДООЕЛ Скопје, за катастарски парцели за кои знаеле дека нема или нема доволно дрвна маса која била наведена во одобренијата за сеча.  Пријавениот В.A. бил корисник на дел од споменатите одобренија за сеча и иако знаел дека парцелите не преставуваат парцели со шумска маса ниту пак на истите постоеле количини на дрва за која количина се издадени, сепак одобренијата ги користел, односно вака издадените одобренија служеле да при евентуална контрола на транспортот на дрвната маса од страна на државните институции кои се овластени за таква контрола, бесправно исечените дрва да ги прикажат како дрва посечени на легален начин. Криминалната група во одреден дел при своите криминални активности, особено внимание обрнала на криминално стопанисување со црковен имот-Шума врз основ на издадени полномошна и договори склучени помегу  членовите на групата и црковни лица од неколку Епархии при МПЦ. Со ваквите дејствија, пријавени лица оштетувајќи ја дрвната маса – шумите во државна сопственост, оствариле противправна имотна корист за злосторничкото здружение во износ од 2.250.240 денари (7032 м3 х 320 денари за еден м3-вкупно за сите одобренија- согласно допис од УЈП), а на штета на Република Македонија, односно шумите во Република Македонија, за износ од 14.642.600, оо денари (2091,8 м3 х 7000 денари-пресметано по Правилник за висината на цената за штети во шума објавен во Службен весник на РМ). 
Врз основа на наредби од Основен суд Скопје I Скопје, извршени се претреси во дом и други простории и на работното место во ЈП Македонски шуми ПШС Караџица на, при што се одземени лап - топ компјутери, таблет, куќиште од компјутер, печат со натпис МЕГАМАК ДРВО ДООЕЛ, повеќе УСБ, мобилни телефони, СИМ картици, мемориска картица, надворешна меморија, чекан со жиг, како и разна материјално финансиска документација, важни за кривичната постапка.
Исто така, извршени се прегледи во три патнички моторни возила и едно товарно моторно возило, при што од ТМВ и едно ПМВ е одземена документација.
На четири од пријавените лица одредена им е мерка притвор во траење од по 30 дена.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk