Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

08.02.2015 Од денес на веб страна на МВР
Стартува апликацијата “Црвено копче“ за “он-лајн“ пријавување на кривични дела

Министерството за внатрешни работи од денес започнува со практична имплементација на новиот проект “Ред Батон“, или “Црвено Копче“, апликација која изминатиов период беше дизајнирана и подготвена за официјалната веб страница на министерството www.moi.gov.mk

Со оваа сега веќе функционална апликација на официјалната веб страници на МВР им се овозможува на граѓаните можност преку интернет страната на МВР и електронски да пријават одредено дело, сознание или информација кои се однесуваат на областите на злоупотреба на деца, трговија со луѓе и криминал од омраза, односно повикување на насилство.

Пријавувањето на апликацијата “Црвено Копче“ на кое било од посочените кривични дела не мора да биде само од страна на жртвата, туку и од страна на некој што има какви било сомненија или информации за случајот, и при тоа пријавите може да се доставуваат и анонимно, односно без да се открива идентитетот на пријавителот. Бидејќи станува збор за исклучително сериозно сомненија, секоја намерна злоупотреба на апликацијата ќе биде дополнително истражена и соодветно санкционирана. За секоја од областите апликацијата нуди детални објаснувања за опфатот и описот на кривичните дела, а користењето е максимално поедноставено.

По однос на злоупотребата на деца, апликацијата нуди можност да се пријавуваат конкретни случаи на злоупотреба или случаи на злоупотреба на интернет. Во зависност од пријавеното, информацијата од граѓаните веднаш ќе биде доставена на постапување во соодветната организациска единица на МВР. Инаку, согласно Законот за правда за децата, дете е секое лице на возраст до 18 години, а децата – жртви  уживаат засилена заштита и поддршка и со нив се постапува со почитување на нивното достоинство.

Согласно Кривичниот законик забрането е полови дејствија со дете кое не навршило 14 години, наведување  дете на вршење  полови  дејствија, наведување поттикнување или посредување на дете заради  вршење проституција, прикажување порнографски материјал на дете, производство и дистрибуција на детска порнографија, намамување и закажување средба со дете кое не навршило 14 години по пат на компјутерско-комуникациски средства, физичко и психичко малтретирање  на дете, запоставување  и економско  искористување на дете, напуштање на дете со цел негово трајно ослободување, формирање  вонбрачна заедница со дете и точење и продавање алкохолни пијалоци на дете.

Во однос пак на пријавувањето на случаи со трговија со луѓе проектот опфаќа повеќе сегменти. Подобрување на системот на идентификација преку изготвување на стандардни оперативни процедури за идентификација и постапување со потенцијални жртви на трговија со луѓе помеѓу илегалните мигранти и изготвување на индикатори за идентификација на жртви на трговија со луѓе и деца по видови на експлоатација. Потоа, воспоставување на централизирана интерна база на податоци за лица жртви и стoрители на трговија со луѓе заради зајакнување на системот за одговор на институциите во случаите на трговија со луѓе и изготвување програма за помош и поддршка при реинтеграција на жртви на трговија со луѓе и деца.

Последниот сегмент од апликацијата „Црвено копче“ се однесува на пријавувањето на криминал од омраза и повикувањето на насилство. Со оглед дека ова е понова област, ги информираме граѓаните дека согласно законите тоа е криминал мотивиран од нетолеранција кон одредени групи во општеството, заснован на предрасуди.

Инаку со воведувањето на можноста за „он-лајн“ пријавување, не престанува досегашната пракса на користење на телефонската линија “192“, односно тааи натами останува отворено за постојан контакт со граѓаните.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk