Вчера, СВР Скопје-Единицата за насилен криминал, до надлежното ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против три лица Ќ.Н.(34), Ќ.Н.(34) и Ј.Ј.(33) сите од с. Кондово, поради основано сомневање дека на 24.10.2014 година во с.Кондово, двајцата браќа кои се првоосомничени, сториле кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, а Ј.Ј. сторил кривично дело „Предизвикување општа опасност“.
На кривично правниот настан претходело меѓусебно нетрпение помеѓу браќата од двете семејства, кое резултирало со меѓусебна престрелка, при што тешки телесни повреди се здобиле Ј.Ј и З.Ј., а браќата Ќ.Н. и Ќ.Н. се здобиле со телесни повреди.
Имено, на 24-10-2014 г., околу 17:00 часот, во с. Кондово, поточно пред чајџилницата „Њу Лајф“, со возило пристигнале првоосомничените браќа Незири, влегле во чајџилницата, каде биле браќата со кои и претходно имале расправии, по што ги повикале надвор за да ги расчистат меѓусебните недоразбирања. Кога излегле надвор меѓу нив веднаш почнала вербална расправија, а во еден момент сите извадиле пиштоли, испукувајќи повеќе проектили едни кон други. Од испуканите проектили браќата Ј.Ј. и З.Ј. се здобиле со тешки телесни поведи и со приватно возило се пренесени во ГОБ „8-МИ Септември“, а браќата Ќ.Н. и Ќ.Н. се упатиле во непознат правец, додека еден вработен во чајџилницата, кој се обидувал да ги смири, се здобил со телесни повреди и истиот со приватно возило е пренесен во ГОБ „8-МИ Септември“.
Во ГОБ „8-МИ Септември“, кај Ј.Ј. е констатирана една огнострелна рана во стомакот, а кај З.Ј. се констатирани три огнострелни рани во пределот на главата, стомакот и бутот и истите се задржани за понатамошно лекување, додека браќата Незири сами побарале помош во Клинички центар, каде по укажаната помош се пуштени на домашно лекување. Кај вработениот во чајџилницата е констатирана прострелна рана во пределот на бутот и по укажаната медицинска помош е пуштен на домашно лекување.
Инаку, Ј.Ј. и Ќ.Н. се припадници на АРМ, додека Ќ.Н. е вработен во МВР на РМ и сите поседуваат дозвола за оружје. Ќ.Н. во престрелката го употребил службениот пиштол, иако во моментот не извршувал службени должности и задолженија, за што е информиран и Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди кој отвори истрага за случајот.